feature

Минхен единствен кандидат за домаќин на финалето на ЛШ во 2028 година

УЕФА ја претстави листата на градови кои изразиле интерес да бидат домаќини на најголемиот континентален фудбалски спектак, финалето на Лигата на шампионите во 2028 и 2029 година.

Интересно е што засега само германскиот Минхен поднел апликација за организација на финалниот натпревар во 2028 година. Токму „Алијанц арената“ беше домаќин и на овогодинешното финале, кога Пари Сен Жермен триумфираше над Интер со убедливи 5:0.

Следното финале ќе се игра во Будимпешта на „Пушкаш арената“, а во 2027 година елитниот натпревар ќе се пресели во Мадрид, на стадионот „Метрополитано“, каде што своите натпревари ги игра Атлетико.

За финалето во 2029 година интерес покажале два фудбалски гиганта, Лондон со легендарниот „Вембли“ и Барселона со реконструираниот „Камп Ноу“.

Од УЕФА нагласуваат дека процесот на пријавување сè уште е отворен и дека сите потенцијални кандидати имаат рок до 10 јуни 2026 година да ја достават својата апликација.

Можеби ќе ве интересира


Париз го враќа Канте во Лига 1

Нголо Канте би можел наскоро да се врати во Европа и тоа во клуб од неговата Франција.

ФК Париз е клубот кој сака да го види Канте во своите редови, тие сакаат тој да биде лидер во нивниот нов проект и да внесе искуство.

Тоа би било враќање на Канте не само во Европа, туку и во неговиот град.

ФК Париз во моментов е на 12. место во Лига 1.

Актуелниот договор на Канте со Ал Итихад истекува по крајот на оваа сезона, тоа значи дека наредното лето би бил слободен играч.


Николо Булега е замената за Маркез во Дукати

Овогодишниот вицешампион во Супербајк, Николо Булега ќе го замени Марк Маркез на последните две трки од сезоната, во Портимао и Валенсија.

Маркез, деветкраен светски шампион ја заврши сезоната по инцидентот на Големата награда на Индонезија, во кој се здоби со фрактура на клучната коска и оштетување на лигаментите.

Дукати минатата недела потврди дека Маркез ќе го пропушти не само финалето на сезоната, туку и предсезонските тестови во Валенсија два дена по последната трка од сезоната.

Шпанецот беше заменет од тест возачот Микеле Пиро на трките во Австралија и Малезија, а одлуката да му се даде можност на Булега да дебитира беше донесена откако ги заврши тестовите во Херез оваа недела.


Вардар во судиското надополнување од пенал го „скрши“ Силекс

Со голот на Роџерс Мато во судиското продолжение од натпреварот, Вардар го совлада Силекс со 2-1. Интернационалецот од Уганда го реализираше пеналот кој оправдано беше досуден по игра со рака во шеснаесетникот на еден од играчите на Силекс. Со оваа победа, Вардар повторно се искачи на врвот на табелата по одиграните единаесет кола.

Стартот на мечот го одбележаа двете сериозни шанси на Дарко Додев, кој по левата страна имаше два продора, но во двата наврати беше непрецизен.

На спротивната страна, по одлична асистенција на Роџерс Мато, капитенот Азер Омерагиќ излезе сам пред голманот Џеков и прецизно реализираше за водство од 1-0.

Следуваше период во кој Вардар се обидуваше да го зголеми водството, но Силекс успеа да израмни. Во 14. минута, Силекс одигра убава акција по левата страна, дел од теренот кој беше најопасен во првиот дел. Топката стигна до Хрговиќ, кој силно биеше под пречката на голот на Талески, израмнувајќи на 1-1. До крајот на полувремето, Вардар имаше уште неколку обиди преку Бабунски, Данев и Мато, но без реализација.

Во второто полувреме, првата голема шанса ја имаше Мислав Матиќ, кој одлично реагираше по центаршут, но со глава биеше директно во Џеков. Потоа следуваа два удари на Роџерс Мато, кој иако беше активен во нападот, во тие моменти немаше свој ден и шутираше над голот. Десетина минути пред крајот, се случи еден од клучните моменти на натпреварот.

Едис Спахиу украде топка на аголот од шеснаесетникот, по што гостинскиот голман Џеков реагираше со игра со рака надвор од својот простор. Судијата правилно покажа црвен картон, а Силекс беше принуден да направи измена и да продолжи со играч помалку. Длабоко во судиското продолжение, Вардар доби пенал по игра со рака на еден од дефанзивците на Силекс.

Одговорноста ја презеде Роџерс Мато, најдобриот стрелец на „црвено-црните“ во тековниот шампионат, кој сигурно реализираше за конечни 2-1 и нова голема победа на Вардар.


Шкендија со многу мака ја совлада Брера во Струмица

Екипата на Шкендија успеа да слави победа на гостувањето во Струмица кај Брера со 3-2. На полувремето тетовскиот тим имаше предност од 0-2, но домашниот тим во вториот дел направи мечот да биде неизвесен, и на двапати дојде до еден гол негатива, но на крајот не успеа да реализира две добри шанси да постигне трет гол, и да извлече бод од овој натпревар.

АП Брера добро парираше на Шкендија на почетокот на натпреварот, меѓутоа една долга топка од Вебстер и грешката на голманот Илоски и одбраната на домашните фудбалери, Адеми ја претвори во гол за предност. Од тој момент гостите беа подобар ривал, и веднаш имаа шанса да дојдат до втор гол, ама ударот на Спахиу го одбрани Илоски.

Во 26. минута по една добра акција, Ване Крстевски од десната страна погоди во голот и ја дуплираше предноста за Шкендија, која беше актуелна на полувреме.

Во 54. минута Ндзенгуе убаво избега на одбраната на Шкендија, и успеа да намали на 1-2. Сепак, шест минути подоцна Шкендија одново доаѓа на „плус два“. Трумчи проби по десната страна, додаде до Красниќи кој од 5-6 метри успеа да го совлада Илоски.

Напаѓачот на Брера Ндзенгуе пропушти во 63. минута да намали, откако не искористи пенал, односно Гаје му го одбрани ударот од белата точка. Меѓутоа во 70. минута овој фудбалер се извади за промашениот пенал, и стрелаше во мрежата на Гаје. Голот првично беше поништен поради офсајд, но по ВАР асистенција признат, и домаќинот во финишот имаше можност за да извлече бод.

Најпрво се закани Тамба кој можеше да го реши победникот во 81. минута, одбрани Илоски во корнер.

Во судиското надополнување прво Ндзенгуе, па потоа и Величковски имаа супер шанси за реми, но првиот не се снајде по одлична акција, односно беше изблокиран од одбраната на Шкендија, додека вториот се обиде со глава, меѓутоа топката мина сантиметри крај левиот дирек, и со тоа пропадна последната можност за голем бод на АП Брера од овој натпревар со шампионот.


Европскиот поход на Јанта Волеј КВ продолжува на 4 ноември во Скопје

Македонскиот женски првак Јанта Волеј КВ откако испиша историја успешно минувајќи ја првата пречка, европската приказна во ЦЕВ Лигата на шампионите ја продолжува на почетокот на следниот месец.

Клубот објави дека во рамките од третото коло од квалификациите за елитното клупско натпреварување на 4 ноември во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во 18 часот ќе го пречека следниот предизвик – францускиот претставник Волеро Ле Кане.

Како и за првиот меч пред домашната публика, така и во овој дуел влезот во салата „Јане Сандански“ ќе биде слободен за сите симпатизери на клубот и љубители на одбојката.

Реванш дуелот од оваа фаза Јанта Волеј КВ ќе го игра на 13 ноември на гостински терен.


Пелистер Волеј во хумана мисија, в сабота сите во „Боро Чурлевски“

Одбојкарскиот женски прволигаш Пелистер Волеј објави дека натпреварот против Младост УГД од 4. коло од Првата лига жени, кој се игра на 1 ноември (сабота) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, со почеток од 17:00 часот ќе биде од хуманитарен карактер.

Во знак на сеќавање и почит кон прерано починатата кошаркарска и спортска легенда на Битола, Зоран Петковски – Петкото, клубот одлучи сите сретства од продажбата на билетите за овој натпревар да бидат донирани на семејството Петковски како симболичен чин на солидарност.

Билетите се по симболична цена од 100 денари, а клубот ќе постави и два пункта за донации во салата „Боро Чурлевски“.

„Хуманоста нема цена! Дојди, донирај – помогни“ – е пораката која ОК Пелистер Волеј ја испраќа до своите поддржувачи и сограѓани.


Суспендирани 149 судии од Турција за нелегално обложување

Во Турција денеска беа објавени нови детали за скандалот со обложување на судии во оваа земја кој беше објавен пред неколку дена.

Дисциплинската комисија суспендираше вкупно 149 судии на период од осум до дванаесет месеци поради учество во обложување, додека против уште тројца се води посебна постапка.

Според резултатите од интерната истрага, од вкупно 571 проверен судија, дури 371 имале активни профили на страници за обложување, а 152 од нив редовно се обложувале. Меѓу нив се најдоа и 22 судии кои делеле правда во Суперлигата, седум како главни и петнаесет како помошници.

„Судењето е чесна професија и секој што ќе ја наруши нејзината чест повеќе нема да биде дел од турскиот фудбал,“ изјави претседателот на Турската фудбалска федерација, Ибрахим Хачиосманоглу.

Истрагата открила и дека десетмина од казнетите судии имале повеќе од 10.000 уплати, а уште 42 направиле најмалку илјада уплати.


Мееси има убедливо највисока плата во МЛС лигата

Сојузот на играчи од американската МЛС лига (MLSPA) ја објави годишната листа на плати, а трета година по ред на врвот е Леонел Меси, ѕвезда на Интер Маями. Аргентинскиот магионичар Леонел Меси уверливо ја држи првата позиција со годишна загарантирана плата од 20.45 милиони долари, износ во кој не е вклучено неговото неодамнешно продолжување на договорот.

Играчите со највисоки примања во МЛС:
Лионел Меси, Интер Мајами, 20.45 милиони $ (≈ 18.61 милиони €)
Сон Хјунг-Мин, Лос Анџелес ФК, 11.15 милиони $ (≈ 10.16 милиони €)
Серхио Бускетс, Интер Мајами, 8.78 милиони $ (≈ 7.99 милиони €)
Мигел Алмирон, Атланта Јунајтед, 7.87 милиони $ (≈ 7.16 милиони €)
Ирвинг Лозано, Сан Диего ФК, 7.63 милиони $ (≈ 6.94 милиони €)
Кога ќе се разгледуваат вкупните буџети на клубовите за плати, Интер Мајами е класа за себе. Со потрошувачка од 48.97 милиони долари, клубот од Флорида го надминува првиот следбеник за дури 18.87 милиони долари, разлика која самата по себе е поголема од буџетот на дури 15 други клубови во лигата.


Динамо и Барса преговараат за Португалецот Варела

Барселона и Динамо Загреб си подале рака за трансфер на 17-годишниот Кардосо Варела кој летово влезе во првиот тим на хрватскиот клуб.

Минатата сезона Варела ја мина во младинската екипа на Динамо Загреб, а оваа се пресели во првиот тим иако од пред само два дена наполни 17 години. Тој веќе има пет настапи во хрватската лига и два во Лига Европа каде со гол го спаси Динамо од пораз против Малме.

Барселона за овој трансфер ќе плати пет милиони евра, плус можни уште 20 милиони евра во бонуси.

Варела би требало да остане во Динамо Загреб до крајот на оваа сезона, а потоа да се пресели во Барселона.