Еден од најдобрите македонски ракометни репрезентативци, Марко Митев по само неколку минути поминати на теренот го заврши натпревар со Словенија вчера во Копер. Организаторот на играта на Македонија и член на Алкалоид, во една транзиција лошо стапна и го повреди десното колено.
Според информациите кои доаѓаат од Словенија, 22-годишниот Митев има скинат вкрстен лигамент на десното колено.
За закрепнување од ваква повреда се потребни најмалку шест месеци месеци, па сезоната 2024/25 за Марко Митев е завршена.
Митев заедно со репрезентативните колеги утре се враќа во Скопје по што ќе му биде извршена операција.
Одбојкарските натпревари одложени за следната недела
Одбојкарската федерација на Македонија ги одложува натпреварите од редовните кола предвидени за престојниот викенд (22/23 март) во сите натпреварувачки категории, како и заостанатите натпревари коишто требаше да се одиграат во текот на оваа работна недела, во знак на сочувство и солидарност кон семејствата на загинатите и настраданите во трагедијата во Кочани.
Владата на вчерашната седница донесе одлука за седумдневна жалост на територијата на цела држава по страшната трагедија која се случи во Кочани.
Предвидените натпревари, согласно Календарот за натпреварување, како и заостанатите натпревари ќе се одиграат во средината на следната недела во договор со клубовите, информираат од Федерацијата.
Сабицер ќе го скокне баражот меѓу Австрија и Србија
Австрискиот репрезентативец Марсел Сабицер нема да игра против Србија во бараж натпреварите за да опастанк во А дивизијата во Лигата на нации.
Фудбалерот на Борусија Дортмунд се повреди во саботата на натпреварот на неговиот тим против Лајпциг.
Тој мораше да ја напушти играта во 33. минута поради повреда на коленото, па на негово место во игра влезе Бенсебаини.
„Марсел Сабицер доживеа повреда на коленото и ќе оди на рехабилитација во следните четири недели. Ти посакуваме брзо закрепнување Заби“, се вели во соопштението на Дортмунд.
Тоа значи дека селекторот на Австрија, Ралф Рагник нема да може да смета на него за двата плејоф натпревари за опстанок во А дивизијата од Лигата на нации.
Првиот натпревар ќе се игра на 20 март во Виена, а вториот три дена подоцна во Лесковац.
Пикси предложи хуманитарен натпревар Македонија – Србија
Србија оваа недела ќе одигра два натпревари со Австрија, во борбата за опстанок во А дивизијата во Лигата на нации.
Во пресрет на гостувањето во Виена, прес конференција одржа селекторот на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси.
Пред почетокот на прес конференцијата, Стојковиќ изрази сочувство до семејствата на загинатите во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Пред да започнеме со конференцијата во врска со натпреварите, вчера се случи страшна несреќа. Невидена трагедија во Македонија. Би сакал да изразам сочувство до луѓето и семејствата на жртвите. Ќе предложам ФСС да стапи во контакт со Фудбалскиот сојуз на Македонија за да можеме во иднина да играме натпревар. Секако натпреварот би бил од хуманитарен карактер. По нашите трагедии, ова е уште една“, рече Стојковиќ.
Србија гостува во Виена на 20.март, реваншот во Лесковац е три дена подоцна.
Огура дисквалификуван по трката во Аргентина
Возачот на Трекхаус, Аи Огура, е дисквалификуван од трката за ГН на Аргентина, откако неговиот тим користел софтвер кој претходно не ја поминал хомологацијата.
Јапонскиот возач го зазеде импресивното осмо место на втората трка од сезоната, откако стартуваше од 15-та позиција.
„Огура користеше нехомологирана верзија на софтверот (V21 b102), која не е одобрена во Светскиот шампионат. Ова е спротивно на членот 2.4.3.5.3 за електрониката од правилникот на Светското првенство“, се вели во соопштението на Дирекцијата за трка.
Тимот нешто подоцна излезе со соопштение во кое се наведува дека иако Огура не добил никаква предност од грешката, ја прифатиле казната.
Дисквалификацијата на Огура од втората трка во сезоната му овозможи на неговиот тимски колега Раул Фернандез да освои еден бод, откако се искачи на 15. место.
Пеп: Ни следат девет финалиња и треба да бидеме подготвени за нив
Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола ги процени шансите на Манчестер Сити да стигне меѓу четирите најдобри во Премиер лигата.
По 29 натпревари, Манчестер сити се наоѓа на петтото место на табелата.
„Секако, секој од нас го чувствува притисокот. Мора да играме подобро. Секогаш сум сигурен во себе. Се разбира, има моменти кога можеби се сомневам, но во сè наоѓам нешто позитивно и правилен пристап. Знам дека ќе биде тешко од многу причини, бидејќи ни претстојат девет натпревари – девет финалиња“, изјави менаџерот на Манчестер сити.
„Граѓаните“ вчера на свој терен одиграа 2-2 со Брајтон и не успеаја да дојдат до трите бода, иако на два пати имаа водство.
Одложени пријателските натпревари на У16 селекцијата против Естонија
Владата на Република Македонија на вчерашната седница прогласи седум дена жалост по големата трагедија која се случи во дискотека во Кочани каде над 59 лица го загубија животот во голем пожар.
Сите домашни спортски активности се одложени, а од Фудбалската федерација на Македонија денеска известија дека медиумските активности на македонската репрезентација ќе бидат сведени на минимум, поточно ќе се вршат неопходните обврски. ФФМ информира дека се одложени и пријателските мечеви на Македонија У16 со Естонија во Скопје.
„Поради големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе, Фудбалската федерација на Македонија, во знак на почит и солидарност, праќа информација дека медиумските активности со фудбалерите од репрезентацијата на Македонија ќе бидат сведени на минимум, односно само на неопходните обврски.
Исто така, одложени се пријателските натпревари на Македонија до 16 години кои требаше да се одиграат со Естонија во Скопје.
Ви благодариме за вашето разбирање во овие тешки моменти“, велат од ФФМ.
На повидок ново правило во НБА лигата
На терените во најсилната кошаркарска лига во светот, се помалку има организирани напади за шутеви за два поени, а доминираат ударите од далечина, тие за три поени.
Бостон селтикс е тимот кој предничи со шутевите од далечина. Овој тим во просек упатува 48,3 шутеви за три поени, а во просек погодоуваат 17,9 тројки. Тоа значи дека Бостон има реализација за три поени од 37 отсто.
Тимот кој најмалку го користи ова „оружје“ за три поени е Денвер. Играчите на нагетс, во просек шутираат 31,8 удари за три поени, а погодуваат 38,2 отсто, односно 12,2 тројки на меч.
Поради овие бројки, еден од легендарните НБА кошаркари, Ајзеа Томас упати критики и даде идеја да се воведе ново правило.
„Постои една работа која би сакал да се промени во НБА лига. Сите зборуваат за шутевите за три поени. Сите играчи сега се фокусирани да дојдат до линијата за три поени и да шутираат. НБА лига стана шутерска лига, а имаме многу повеќе промашуваа отколку погодоци. Тоа не е добро“, вели Томас кој е сместен меѓу најдобрите 50 кошаркари во историјата на НБА.
Луѓето зборат за тоа дека шутот за три поени вреди повеќе од шутот за два поени. Тоа е точно, но ако гледате како играат професионалци, сакате да гледате повеќе да има погодени шутеви отколку промашени. А токму тоа се случува во нашата лига. Има повеќе промашувања од погодени, а тоа влијае на изгледот на лигата. Би поставил да има минимум и максимум шутеви да тројка. Максимумот би бил меѓу 25 и 30 шутеви, а минимумот би бил од 10-15 удари за три поени. Така и тренерите повеќе би размислувале кога и кој ќе шутира“, ја објасни својата идеја легендарниот Томас.
Слот: Њукасл апсолутно ја заслужи победата
По поразот кој екипата на Ливерпул го доживеа во финалето на Карабао купот против Њукасл со 2-1, Арне Слот го даде своето мислење за натпреварот.
„Натпреварот помина онака како што сакаше противникот. Ние не успеавме да го наметнеме нашиот ритам и тоа на крајот не чинеше победа. Тие беа многу агресивни и одлично се бранеа. Фудбалерите на Њукасл одлично играа еден на еден под голем притисок, тие имаат многу силни играчи кои се добри во играта еден на еден. Мислам дека Њукасл заслужено победи, бидејќи тие беа навистина подобри од нас“- изјави холандскиот стратег.
Ова беше прв трофеј за „страчките“ по 70 години пауза.
Алкараз разочаран од својот настап во Индијан Велс
Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз 16 меча во низа не знаеше за пораз на Индијан Велс, но рано утрово беше надигран од Џек Дрејпер и остана пократок за ново финале во калифорниската пустина.
„Овој пораз навистина пече и боли……. Никој не сака да губи на еден меч, но овој беше специјален за мене, навистина сакав да играм трето финале во низа. Сепак, не бев воопшто блиску до најдоброто издание, бев нервозен цел ден“, изјави Алкараз по поразот од 6-1, 0-6 и 6-4.
„Сакав трета титула во нзиа, но не можам да очекувам дека секогаш ќе победувам тука. Не ме боли поразот, колку што ме боли мојата игра. Начинот на кој го дочекав мечот е она што посебно ме нервира. Факт е дека не успеав да се опуштам, првиот сет е еден од најлошите кои ги имам одиграно во кариерата, а тоа беше последица на нервозата која ја чувствуав пред мечот,“ изјави Алкараз.