feature

Астон Вила пред ангажман на Лукас Пакета

Ако по утрото денот се познава, фудбалскиот клуб Вест Хем ќе има тешка сезона, нема да биде изненадување доколку клубот се бори за опстанок во Премиер лигата. Вест Хем стартуваше во новата сезона со два убедливи порази, а во последните часови од преодниот рок ќе остане без најдобриот играч, Лукас Пакета (28).

Астон Вила е блиску да го потпише Бразилецот. Како што објави Фабрицио Романо, понуден е пакет вреден околу 55 милиони евра. Вест Хем би сакал да го задржи Пакета, но тој сака да оди во Вила и се очекува трансферот да се реализира.

Бразилецот прво би заминал на позајмица, но Астон Вила би имал обврска да го откупи неговиот договор.


Два калчолигаши го сакаат Дани Себаљос од Реал

Фиорентина останува активна на трансфер пазарот неколку дена пред неговото затворање во понеделник. Според „Фудбал Италија“, клубот добил понуда преку посредници да го потпише играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Дани Себаљос.

29-годишниот Шпанец не се смета за клучна фигура во плановите на Реал Мадрид, а според „АС“, Јувентус се обидел да го земе на позајмица претходно во текот на летото.

Во меѓувреме, Фиорентина веќе влегла во директни преговори за евентуален трансфер. Италијанскиот клуб е подготвен да дејствува за договор за Себаљос, но најверојатно ќе направи потег само ако направи неколку продажби до крајот на преодниот рок.


Тен Хаг ризикува отказ по само два натпревари во Леверкузен

Иднината на Ерик тен Хаг во Баер Леверкузен е веќе неизвесна само две кола од почетокот на новата сезона во Бундеслигата. Холандскиот тренер е критикуван по нестабилниот почеток во првенството, а клубот одби јавно да застане зад него. Поранешниот менаџер на Манчестер Јунајтед би можел повторно да остане без работа следната недела.

Стартот на Баер Леверкузен под негово водство беше хаотичен, а ремито 3:3 со Вердер Бремен во саботата, во кое тимот прими два гола во последните минути од натпреварот, дополнително ги зголеми тензиите. Според „Кикер“, раководството на Леверкузен веќе има сомнежи во врска со работата на Тен Хаг, а расположението на „БајАрена“ е опишано како критично. И покрај шпекулациите, ниту спортскиот директор Симон Ролфес ниту раководството на клубот јавно не изразија поддршка за Тен Хаг.


Вест Хем го сака Фабио Виеира од Арсенал

Вест Хем Јунајтед се вклучи во трката за потпишување на договорот со играчот од средниот ред на Арсенал, Фабио Виеира, пред затворањето на преодниот рок во понеделник, 1 септември, објави Флоријан Плетенберг од „Скај Спортс“ од Германија.

25-годишниот португалски плејмејкер, кој веројатно нема да добие многу време за игра ако остане во тимот на Микел Артета, привлече интерес и од Штутгарт.

Сепак, „швабите“ веруваат дека цената што ја бара Арсенал од 30-35 милиони евра е превисока и не се подготвени да платат повеќе од 20 милиони за Виеира.

Португалецот им се придружи на „Топџиите“ од Порто во 2022 година за 35 милиони евра плус 5 милиони во бонуси, но никогаш не успеа да импресионира на „Емирати“.


Ал Итихад ја плаќа клаузулата за супер-талентот Родриго Мора

Ал Итихад е подготвен да плати 70 милиони евра и да ја активира откупната клаузула на Родриго Мора, 18 годишното момче важи за еден од најголемите таленти во Португалија и Европа.

Се подготвува трансфер кој ќе ја разбранува фудбалската јавност, Ал Итихад сака да го ангажира Родриго Мора.

18 годишното момче важи за еден од најголемите таленти во Португалија и Европа и се наоѓа во бележникот на многу клубови ширум „стариот континент“.

Со оглед на тоа дека парите не се проблем во Саудиска Арабија, Ал Итихад сега ќе тропне на вратата на Порто со предлог од 70 милиони евра, и ќе ја активира откупната клаузула на офанзивниот фудбалер.

Останува да се види дали младото момче ќе го прифати предлогот, но со оглед на тоа какви пари се нудат во Саудиска Арабија, сигурно ќе биде ставен во големо искушение.

Пред две години, големиот талент на Селта, Габри Веига ги одби европските гиганти и се пресели во Саудиска Арабија, со што навлече многу критики и обвинувања дека ги брка парите.

Шпанецот по две години поминати во Саудиска Арабија реши да се врти во Европа, и тоа токму во редовите на Порто.


Челзи го блокираше трансферот на Николас Џексон, но Сенегалец не сака да се врати во Лондон

Челзи долго време се обидуваше да најде купувач за Николас Џексон, а кога конечно се договори со Баерн Минхен, пред самата реализација на трансферот настана проблем.

Вчера се повреди Лијам Делап, па Челзи одлучи да го стопира трансферот на Џексон и да го врати напаѓачот на Стемфорд Бриџ, иако со Баерн се беше договорено.

Повредата на Делап ги промени работите, Челзи не сака да остане без резервна опција во нападот, па го повика Џексон да се врати.

Но, неговиот агент објави дека такво нешто нема да се случи, Џексон останува во Минхен и чека реализација на трансферот.

Преодниот рок завршува утре, па наскоро ќе се види како ќе заврши оваа трансфер драма.


Шкендија ќе ја започне главната фаза од КЛ во Ваљекас

УЕФА го потврди распоредот и термините за натпреварите во главната фаза во Конференциската лига. Сезонава, во имто на Шкендија, за прв пат во историјата Македонија ќе има репрезент во ова натпреварување.

Шкендија ќе одигра шест натпревари во Конференциската лига. Првиот во Мадрид против Рајо Ваљекано на 2 октомври (18.54 часот).

Потоа Шкендија ќе одигра два натпревари на домашен терен, против Шелбурн на 23 октомври и Јагиелонија на 6 ноември. Следува гостувањето на косово кај Дрита на 27 ноември, па домашниот натпревар со Слован Братислава на 11 декември.

Главната фаза Шкендија ќе ја заврши на Кипар, против АЕК во Ларнака на 18 декември.


Цезар Аспиликуета потпиша за Севиља

Шпанскиот прволигаш Севиља го објави доаѓањето на искусниот 36-годишен дефанзивец Сезар Аспиликуета, кој во јуни ги напушти редовите на Атлетико Мадрид.

Аспиликуета доаѓа без обесштетување и потпиша едногодишен договор со Севиља, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона.

Аспиликуета беше дел од Атлетико до јули 2023 година и оттогаш одигра 54 натпревари и постигна еден гол.

Пред да дојде во мадридскиот клуб, Аспиликуета играше за Челзи 11 години, две сезони за Марсеј и три сезони за Осасуна.


Форца ги мина квалификациите и се избори за групна фаза на ЛШ

Историски успех за македонскиот футсал. Првакот на нашата земја Форца од Куманово се пласира во главната фаза, каде што се натпреваруваат најдобрите 32 екипи на континентот.

Во одлучувачкиот натпревар Форца го надигра првакот на Ерменија, Ереван со 5-0.

Третиот натпревар од групата во Куманово беше нерамноправен и, иако против себе имаше екипа која во првите две кола покажа квалитет, засилениот тим на Форца лесно се справи со ривалот.

Во првите две кола Форца ги совлада Енкамп од Андора со 4-0 и Мурата од Сан Марино со 1-0.

Своите противници во групната фаза Форца ќе ги дознае следниот месец.


Синер загуби сет, но најде начин да го совлада Шаповалов

Светскиот рекет број еден, Јаник Синер, се пласираше во осминафиналето на Отвореното првенство на САД, oткако по пресврт славеше против Денис Шаповалов. Актуелниот шампион вп Њујорк победи со 5-7, 6-4, 6-3, 6-3, по повеќе од три часа борба на „Артур Еш“.

Негов следен противник ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Александар Бублик (23) и Томи Пол (14).