feature

Изак сеуште бунтува – решен да го напушти Њукасл за Ливерпул

Александар Изак го направи најрешителниот чекор досега во својата намера да го напушти Њукасл Јунајтед, со јасна желба да се пресели во Ливерпул. Шведскиот напаѓач, кој има договор со клубот до 2028 година, јасно стави до знаење дека не сака повеќе да игра за Њукасл.

Ливерпул веќе ја направи првата понуда, околу 110 милиони фунти со бонуси, но истата беше одбиена. Њукасл останува на својата проценка од 150 милиони фунти. И покрај тоа, интересот на Ливерпул не стивнува. Тренерот, Арне Слот, наводно е силно заинтересиран да го донесе Изак на „Енфилд“, дури и по потпишувањето на Хуго Екитике за 95 милиони евра – трансфер кој дополнително ја комплицира финансиската слика.

Ставот на Изак предизвика тензии во Њукасл. Менаџерот Еди Хау призна дека напаѓачот моментално не е дел од неговите планови и повика на професионализам додека ситуацијата се разреши. Сепак, остави мала можност за реинтеграција. Од друга страна, блиски извори до играчот велат дека Изак ја смета својата кариера во Њукасл за завршена. Клубот веќе бара замена, но неколку главни цели веќе им избегаа.

Со затворањето на трансфер-пазарот закажано за 1 септември, времето истекува за да се најде решение. Навивачите на Ливерпул внимателно следат, надевајќи се на нова, подобрена понуда. Поранешниот дефанзивец на „црвените“, Џејми Карагер, изрази уверување дека Изак на крајот ќе заврши на „Енфилд“, но предупреди дека тој сам нема да биде гаранција за титула. Следните неколку недели би можеле да ја одредат судбината на една од најголемите трансфер приказни ова лето.



Симиќ: Со добар пристап до позитивен резултат

Тео Симиќ ќе биде дел од селекцијата на Македонија на следниот дуел со Романија на гостински терен.

Како предуслов за успех, високиот кошаркар го гледа оној правилен пристап на сите кошаркари кои ќе бидат во конечниот ростер на селекторот Марјан Илиевски:

“Романија е добро позната репрезентација за нас бидејќи пред десетина дена се сретнавме со нив во Куманово на наш терен каде што бевме многу блиску до победа, а натпреварот беше одлучен во последните две минути. Мислам дека со вистински пристап од почеток на натпреварот до крајот може да се надеваме на добар резултат. Во Куманово покажавме дека можеме да играме против секоја репрезентација мислам дека и овде во Орадеа имаме големи шанси за победа. Пристапот кон мечот, и енергијата која ја краси оваа, доста подмладена репрезентација, треба да ни дадат поголема шанса за успех на ова второ по ред гостување во претквалификaциите. И искрено се надевам дека со нашата енергија, желба и борба ќе излеземе како победници од овој натпревар“, изјави Симиќ.

Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра во среда од 19:00 часот


Атлетико Мадрид го претстави Распадори

Денес беше објавен новиот играч на Атлетико Мадрид. Џакомо Распадори потпиша договор со клубот од Ла Лига до 2030 година, по трансферот вреден 26 милиони евра од италијанскиот шампион Наполи.

Италијанскиот репрезентативец е одлично засилување на сите напаѓачки позиции.

Тој својата кариера ја започнал во Сасуоло академијата во 2009 година, а неговото деби со првиот тим дошло десет години подоцна во мечот против Аталанта.


Баерн Минхен создава ракометна секција

Минхен ќе стане нов центар на ракометот во Германија и тоа преку потенцијалното учество на еден од најголемите спортски брендови – фудбалскиот клуб Баерн Минхен.

Во пресрет на Суперкупот на Германија кој ќе се одржи на 23 август во Минхен, спортскиот директор на шампионот Фуксе Берлин, Стефан Кречмар, изјави дека ракометот би имал голема корист доколку Баерн одлучи да инвестира во овој спорт.

„Ако некој во Баерн развие страст кон ракометот, тоа би било огромна добивка за нашиот спорт. Не е дека никогаш не сме се обиделе да ја отвориме оваа тема. Тоа е клуб што знае како да започне ваков проект“, изјави Кречмар.


Ѓоковиќ доаѓа на УС Опен без ниту еден турнир

На Мастерс турнирите во Торонто и Синсинати се забележа голем број откази од страна на врвни тенисери и тенисерки, што го загрозија нивниот статус како главна подготовка за Грен слем турнирот во Њујорк.

Директорот на Мастерсот во Торонто, Карл Хејл, изјави дека Новак Ѓоковиќ и Скот Дрејпер го пропуштија турнирот поради повреди, што според него не претставува проблем. Но, отсуството на други ѕвезди како Карлос Алкараз, Јаник Синер и Арина Сабаленка ја создава непријатна ситуација која не е за поздравување. Хејл потенцира дека играчите треба да имаат целосен увид во значењето на турнирите и да размислуваат за „целата слика.

Интересен е и фактот дека кога Ѓоковиќ во минатото пропуштал Мастерс турнири, не успевал да освои титула на УС Опен, што го прави неговото отсуство од овие подготовки особено забележливо.


Ињиго претчувствувал понуда од Саудиска Арабија

Ињиго Мартинез ја напушти Барселона и се пресели во Ал Наср. Целата работа околу трансферот беше завршена за 48 часа.

Мартинез, пред две години, како слободен играч дојде во Барселона од Атлетик Билбао. Во првата сезона поради повредите не успеа да се наметне, во во втората блескаше и беше незаменлив во одбраната.

Медиумите во Шпанија открија како фудбалерот експресно успеа да го реализира трансферот и да замине без обесштетување во Ал наср.

Кога пред две години го ставил својот потпис на договорот со Барселона, Мартинез инсистирал да биде вметната клаузула, според која има право да го напушти клубот доколку добие понуда од Саудиска Арабија.

Очигледно, Ињиго имал желба кон крајот на својата кариера да ја зголеми сметката во банката и се подготвил сè за потенцијален трансфер.


Донарума не е во комбинација за Суперкупот против Тотенхем

Иднината на Џанлуиџи Донарума во Пари Сен Жермен е под голем знак прашалник.

Италијанскиот голман не е вклучен во составот на „Светците“ за натпреварот во среда против Тотенхем во Европскиот Суперкуп.

Донарума имаше една од клучните улоги во освојувањето на Лигата на шампионите, но Луис Енрике и клупските челници решија да го отстранат откако тој одби да го продолжи договорот. Договорот на Донарума со ПСЖ истекува наредното лето.

За 40 милиони евра, ПСЖ го донесе Лукас Шевалие од Лил, кој ќе биде прв избор, а тука се и Матвеј Сафонов и Арно Тенас.

Менаџерот на Донарума, Енцо Раиола е во контакт со гиганти како Манчестер јунајтед, Челзи и Интер, кои внимателно ја следат ситуацијата.

Минатата сезона, Донарума прими 43 гола на 47 натпревари, а во 17 од нив не прими гол.


Барса и Виљареал ќе играат за бодови во САД

Натпреварот од 17. коло од шпанската Ла Лига помеѓу Виљареал и Барселона треба да се игра на 20 декември во Мајами, беше објавено на официјалната веб-страница на натпреварувањето.

„Одборот на директори на Шпанската фудбалска федерација (RFEF) денес го одобри барањето на Виљареал и Барселона натпреварот од 17-то коло од Ла Лига да се игра во Соединетите Американски Држави“, се вели во соопштението.

Формален домаќин на овој дуел ќе биде Виљареал. „Марка“, известува дека по ова одобрување, RFEF ќе поднесе барање до Европската фудбалска унија (УЕФА) за започнување на процесот на одобрување од страна на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) натпреварот помеѓу Виљареал и Барселона да се игра на 20 декември оваа година на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, во согласност со меѓународните прописи на ФИФА и имплементациските прописи одобрени од RFEF.

Истиот извор понатаму наведува дека ова ќе биде прв пат во историјата натпревар од Ла Лига да се игра надвор од Шпанија.


Дебакл на Брера со играч помалку во Кратово

Силекс оствари убедлива победа од 5-0 против АП Брера во последниот меч од првата рунда во Првата лига, кој се одигра во Кратово.

Гостите се држеа едно полувреме, а се чини дека пресуден момент беше 28. минута, кога останаа со играч помалку поради грубиот старт на Никола Величковски над Ѓорѓе Џеков.

АП Брера издржа со мирна мрежа до крајот на првото полувреме, но потоа комплетно потона. Португалскиот интернационалец Мигел Пиреш го отвори резултатот со удар со глава во 47. минута, по центаршутот на Рајков од десната страна. Кристијан Ефтимов зголеми на 2-0 шест минути по една одлична соло акција од левата страна, а третиот гол беше дело на Илија Донов во 57. минута.

Во финишот, уште два гола. Кристијан Велиновски се запиша меѓу стрелците во 85. минута, а во 90. минута, Мигел Пиреш со удар од далечина ги постави конечните 5:0 за Силекс.


Тотенхем во преговори со Сити за Савињо

Тотенхем Хотспур официјално започна преговори со Манчестер Сити околу можниот трансфер на бразилскиот крилен играч Савињо. Клубот од Северен Лондон сака да ја зајакне офанзивната линија ова лето, а Савињо се наметна како приоритетна цел. Разговорите меѓу двата клуба се во тек, а Спурс се надеваат дека ќе постигнат договор во наредните денови.

Иако Манчестер Сити не е решен да го продаде 21-годишниот фудбалер, клубот е подготвен да разгледа понуда доколку е доволно висока. Сити го вреднува Савињо на повеќе од 50 милиони фунти. Играчот е наводно отворен за трансфер, доколку клубовите се договорат, но досега нема официјално побарано заминување.

Менаџерот на Тотенхем, Томас Франк, има јасна намера да внесе нова креативност и офанзивна енергија во тимот, особено поради последните повреди и промени во напаѓачката линија. Франк верува дека Савињо добро се вклопува во неговите тактички замисли и може да донесе свежина и брзина во нападот на Спурс пред почетокот на новата сезона во Премиер Лигата.