feature

Штутгарт го расипа дебито на Ковач на клупата на Борусија Дортмунд

Нико Ковач неуспешно дебитираше на клупата на Борусија Дортмунд. Во рамките на 21. коло, Шутгарт победи во Дортмунд со 1-2.

Првото полувреме беше здодевно и заврши без голови, вториот дел беше значително подобар.

Гостите поведоа во 50минута, кога со несмасна интервенција Валдемар Антон ја испрати топката во сопствената мрежа.

Домашните не се ни соземаа од шокот, а следеше нов.

Само 12 минути подоцна Сабо ја удвои предноста на својот тим на асистенција на Левелинг.

Јулијан Брант им даде надеж на домашните дека барем можат да дојдат до бод, кога постигна гол во 81. минута.

Дортмунд продолжува да паѓа на табелата во Бундеслигата, сега е на 11. место со 29 бодови. По два порази, Штутгарт забележа голема победа со која се искачи на четвртото место со 35 бодови.

Во ова коло актуелниот првак Баер Леверкузен одигра без голови во Волфсбург. „Фармацевтите“ сега на второто место имаат осум бода помалку од лидерот Баерн.


Репрезентативците на Македонија од Еурофарм Пелистер на прием во Општина Битола

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес организираше прием на ракометарите од Еурофарм Пелистер, кои беа дел од македонската машка ракометна репрезентација на Светското првенство во ракомет, кое се одржа од 14 јануари до 2 февруари во Хрватска, Данска и Норвешка. На средбата, градоначалникот Коњановски, им се заблагодари за добрата ракометна игра со која како репрезентативци ја претставуваа Македонија, со што и го потврдија спортскиот напредок на ракометна Битола.

Градоначалникот Коњановски им додели плакети за особен придонес во ракометната репрезентација на Македонија на Светското првенство во ракомет 2025 година на ракометарите: Филип Кузмановски, Петар Атанасијевиќ, Павле Атанасијевиќ, Жарко Пешевски, Ненад Костески и Никола Митревски, а изрази јавна благодарност и до битолските ракометари Иван Галевски и Валентин Карасманакис, кои се дел од екипата на Алкалоид.

„Битола има голем спортски потенцијал, но и значајни ракометни успеси. Ви благодарам, што бевте дел од една силна екипа, која со својата храброст и тактичност се избори за пласман на Светското првенство, деветто во нашата историја. Вие сте наша гордост, а Вашите достигнувања се резултат на долга и напорна работа“, рече градоначалникот Коњановски на денешната средба.

Ракометарите, пренесувајќи ги своите искуства од првенството, се заблагодарија за поддршката од градоначалникот и соработката со Општината.


Крилата доминантни, Еурофарм Пелистер до врв ја наполни мрежата на Куманово

Ракометарите на Еурофарм Пелистер триумфираа против Куманово со 46-26 во првиот меч од Суперлигата во 2025 година. Куманово парираше само на почетокот, кога резултатот беше 4-4, по што битолчани ја преземаа контролата и на полувреме заминаа со предност од 25-12. Домашниот тим во Битола не му дозволи на ривалот да биде ниеднаш конкурернтен и славеше со убедлива разлика. Тренерот Раул Алонсо им даде шанса на сите ракометари да настапат, a разликата меѓу двата тима беше евидентна.

Богдан Радивојевиќ со единаесет гола беше прво име во таборот на победникот, а одличен беше и Костески со осум погодоци. Кај поразениот Куманово, Да Силва и Филипе постигнаа по пет гола.

Во следното 18. коло, следниот викенд, Еурофарм Пелистер гостува кај Охрид.


Пирели ги сподели резултатите на најдобрите формула тимови

Марио Исола, шеф на одделот за мотоспорт на Пирели, ги сподели резултатите од тестовите на гумите во Барселона, во кои учествуваа тимовите на Мекларен и Ферари.

„Овие тестови се покажаа како многу корисни. Можевме да споредиме различни дизајни на гуми за следната сезона и да експериментираме со поцврсти компоненти. Патеката во Барселона е позната како една од најпребирливите пневматици во однос на потрошувачката на енергија и абењето, така што информациите собрани во текот на овие два дена ќе бидат од витално значење за понатамошниот развој на оваа генерација гуми. Почетокот на годината беше навистина предизвикувачки, со четири тест сесии кои се одржаа пред почетокот на сезоната. Сакам да им се заблагодарам на сите тимови кои работат со нас, бидејќи знаеме колку се зафатени во моментов“, изјави Исола.

Пирели ќе тестира на патеката „Херез“ следната недела. Двата дена ќе се натпреваруваат Алпин, а по еден ден Мекларен и Мерцедес.

Сезоната 2025 во Формула 1 ќе почне во средината на март со трката за Големата награда на Австралија.


Клиперси го добија Богдан Богдановиќ

Атланта Хокс, која е деветта во поредокот на Источната конференција со 23 победи и 28 порази, решија да се разделат со некои од нивните клучни играчи со цел да соберат што е можно повеќе драфт пикови кои ќе ги користат во иднина, како и да ослободат пари за слободните агенти во текот на летото.

Атланта го испрати Де’Андре Хантер во водечкиот во Источната конференција Кливленд Кавалирс во замена за бекот Карис Леверт, крилото Жорж Нианг, три драфт пика од втората рунда и правата на две замени на пикови.

Богдан Богдановиќ беше испратен во Лос Анџелес Клиперс. За правата на Србинот, Атланта ги добива Теренс Ман, Бонс Хајланд, како и изборите за драфтот од втората рунда во 2025, 2026 и 2027 година.

Покрај тоа, Хокс се разделија и со центарот Коди Зелер, кој се сели во Хјустон Рокетс. „Ракетите“ добиваат и избор од втората рунда на драфтот во 2028 година, а Атланта ги добива правата на центарот Алфа Каба, кој играше во републичкиот шампионат на Кореја.


Симонс се раздели со Бруклен Нетс

Плејмејкерот на Бруклин Нетс, Бен Симонс, ќе го напушти тимот и ќе ја продолжи кариерата во друг тим, објави „ЕСПН“.

Австралиецот започна процес за откупување на неговиот договор, кој треба да биде финализиран во наредните часови. Ова ќе му овозможи да потпише со друг тим, најверојатно веќе следната недела.

Симонс е поранешен избор на драфтот од првиот круг. Тој беше драфтуван во 2016 година од Филаделфија 76-ерс, за кои имаше неколку силни сезони пред неговата статистика да почне да опаѓа од различни причини.

Во 2021 година тој беше префрлен од Филаделфија во Бруклин во договор што го испрати Џејмс Харден во спротивна насока. Сепак, Симонс никогаш не се претвори лидер каков што се очекуваше да биде и не успеа да формира ѕвездено трио со Кевин Дурант и Кајри Ирвинг, кои беа разменети во Феникс Санс и Далас Маверикс, соодветно.

Од почетокот на оваа сезона, Симонс има просек од 6,2 поени, 5,2 скока и 6,9 асистенции по натпревар. Бруклин се наоѓа на 12. место во поредокот на Источната конференција со 17 победи и 34 порази.

Според „ЕСПН“, фаворити за потписот на 28-годишниот Австралиец се Лос Анџелес Клиперс и Кливленд Кавалирс.


Џош Ален е МВП на НФЛ-сезоната

Квотербекот на Бафало, Џош Ален го доби МВП признанието за најдобар играч во сезоната.

Бафало го доби директниот дуел со Балтимор на Џексон, па веројатно тоа му донесе предност во гласањето. Ова е прва МВП награда за Ален.

Третото место го освоил Секвоул Баркли, кој пак е избран и за најдобар офанзивен играч.

Најдобар тренер сезонава е Кевин О’Конел од Минесота.


Салиба е прв пик за одбраната на Реал

Реал Мадрид изминатите три сезони мака мачи со повредите на фудбалерите, тие најмногу се изразени во дефанзивниот дел на тимот. Сезонава Карло АНчелоти не може да смета на Дани Карвахал и Едер Милитао ја завршија сезоната, Давид Алаба никако да се врати во тимот, повторно се повреди откако претходно отсуствуваше 13 месеци, а минатиот викенд се повреди и најстандарниот, Антонио Ридигер.

Поради големиот број повреди Карло Анчелоти мора да експериментира од натпревар во натпревар. Откако на мечот против Еспањол се повреди Германецот Антонио Рудигер, Реал остана на располагање само со Раул Асенсио.

Анчелоти поради тоа беше принуден да го користи Аурелиен Чуамени како централен бек, иако по природа е играч од средниот ред.

Флорентино Перез донел одлука да го засили тимот во летниот преоден рок токму на оваа позиција. Според шпанските медиуми, прв на листата на желби е Вилијам Салиба.

Станува збор за 23-годишен Французин кој веќе неколку години е столб на одбраната на Арсенал. „Топчиите“ му платија 30 милиони евра на Сент Етјен, каде прво го оставија на позајмица, а потоа го испратија на позајмици во Ница и Марсеј.

Конечно, од 2022 година, Салиба се наметна на „Емирати“ и прерасна во еден од најдобрите дефанзивци во светот, кој минатата година беше номиниран за „Златната топка“.

Според „Трансфермаркт“, тој вреди 80 милиони евра и сигурно е дека Реал за неговите услуги на лето би требало да плати најмалку 100 милиони евра.


Луис Енрике доби нов договор во ПСЖ

Луис Енрике го продолжи договорот со францускиот првак Пари Сен Жермен, а тоа ќе биде официјално соопштено вечерва пред дуелот против Монако во Лига 1, пренесе „Радио Монте Карло“.

Сè уште не е познато колку долго шпанскиот стручњак ќе го води францускиот гигант, но тој го водеше тимот низ тежок период и избори пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите по победите над Манчестер Сити и Штутгарт.

Нов договор со клубот ќе потпише и Нуно Мендеш. Двете страни имаа несогласувања околу платата на Португалецот, но неодамна ги усогласија ставовите. Тој ќе остане во ПСЖ до 2029 година. Мендеш ќе биде еден од десетте најплатени играчи на тимот, со тоа што дел од неговата плата ќе биде фиксна, а другиот во зависност од бројот на натпревари што ќе ги одигра.

Се очекува Ахраф Хакими и Витиња, исто така, да потпишат нови договори, а тинејџерот Ибрахим Мбаје да го потпише својот прв професионален договор со клубот. /


Депај заврши зад решетки заради возење во алкохолизирана состојба

Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и Барселона, Мемфис Депај е осуден на четири месеци затвор во Монако поради возење во алкохолизирана состојба.

Инцидентот се случил на 6 август 2024 година, кога полицијата го запрела на проверка и му открила 1,01 промили алкохол во крвта. По завршувањето на истрагата, случајот е изведен пред суд, каде Депај доби ефективна казна.

Холандскиот интернационалец во својата богата кариера има настапувано за ПСВ Ајндховен, Манчестер Јунајтед, Лион, Барселона и Атлетико Мадрид. Во моментов игра за бразилскиот гигант Коринтијанс.

Случувањата фрлаат сенка врз настапот на Депај во неговиот нов клуб и покренува прашања за неговата иднина во професионалниот фудбал. Се очекува Коринтијанс да даде официјална изјава за ова прашање во наредните денови.

Поврзани теми