feature

Реал го купи Италијанецот Прочида

Италијанскиот кошаркар Габриеле Прочида официјално е ново засилување на шпанскиот гигант Реал Мадрид.

Дваесет и тригодишниот бек, кој успешно ги покрива позициите „два“ и „три“, пристигнува од Алба Берлин, каде настапуваше изминатите три сезони.

Во минатата сезона од Евролигата Прочида имаше просек од 9,7 поени и 2,2 скокови по натпревар, со што го привлече вниманието на еден од најтрофејните европски клубови.

Со „кралскиот клуб“ потпиша тригодишен договор, кој содржи и излезна клаузула во случај да пристигне понуда од НБА. Прочида беше избран како 36. пик на драфтот во 2022 година од страна на Јута Џез, но сè уште не дебитирал во најсилната кошаркарска лига.


Тони Надал одби да го тренира Зверев

Чичкото на Рафаел Надал, Тони Надал, нема да биде новиот тренер на германскиот тенисер Александар Зверев, објави во четврток „Спорт Билд“.

Надал постариот, според весникот, ја одбил понудата, наведувајќи дека нема време. Имено, тој ја води тениската академија на Рафа во Мајорка, е директор на турнирот на тој остров и држи предавања, па затоа не може редовно да го следи Зверев на турнири.

Третопласираниот играч на АТП листата неодамна беше елиминиран во првото коло на Вимблдон, а во последните денови тренираше во академијата на Надал.

Медиумите шпекулираа и дека Рафаел Надал би можел да преземе советничка улога во тимот на Зверев.


Македонија и вторпат ја надигра Швајцарија

Кошаркарската репрезентација на Македонија го доби и вториот тест натпревар против Швајцарија со 65-52 во салата „Ноел“ во Гевгелија.

Истиот не го дочека својот крај поради договор на двата селектори, а на барање на швајцарскиот.

Во последната четвртина се играше само четири минути, а тогаш средбата беше прекината откако селекторите се договорија за такво нешто по иницијатива на лутиот швајцарски предводник.

Наш најдобар поединец на натпреварот беше Џејкоб Вајли со 12 поени, додека седум уфрли Валмир Какруки.


Заврши ЕМОФ Скопје 2025, Италија најуспешна нација

Пред спортскиот центар „Јане Сандански“, со емотивна и инспиративна церемонија, вечерва беше свечено затворен Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Изминатата недела, Скопје и Куманово беа епицентарот на олимпискиот младински дух.

Церемонијата започна со видео-анимации инспирирани од спортските дисциплини и симболиката на ЕМОФ, проследени со поздрав до сите учесници – младите спортисти, тренерите, делегациите и волонтерите – кои со својата енергија и посветеност испишаа нова олимписка приказна за Европа.

Програмата продолжи со интонирање на химната на Македонија и свечена парада на делегациите, по што на сцената се појавија 20 волонтери – симболично претставувајќи ги над 700 ентузијасти кои несебично придонесоа за реализацијата на фестивалот.

Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски им се заблагодари на сите учесници и истакна дека Македонија повторно покажа дека може да организира настан од европско значење со срце, страст и професионалност.

„Македонија беше горд домаќин на новата генерација олимписки надежи. Она што го сведочевме за време на ЕМОФ Скопје 2025 беше многу повеќе од спортски натпревари. Тоа беше прослава на младоста, на искреното пријателство, на взаемната почит и инспиративниот дух што нè обедини. Овие млади спортисти нè потсетија на вистинските олимписки вредности – единство, страст и извонредност. Горди сме што Македонија не само што покажа дека може да организира настан од ваков обем со професионалност и срце, туку уште повеќе – дека може да инспирира и да обедини луѓе од цела Европа. Ви благодариме што ја споделивте вашата енергија, вашите соништа и вашата младост со нас. Ова е наследство што ќе го носиме понатаму,“ рече Димевски.

Претседателот на Европските олимписки комитети, Спирос Капралос, официјално го прогласи фестивалот за затворен. Беше интонирана химната на Европските олимписки комитети – „Ода на радоста“, беше свечено спуштено знамето на ЕОК, а олимпискиот оган на ЕМОФ беше изгаснат.

„Каква неверојатна недела зад нас! Имавме голема привилегија да бидеме сведоци на напорната работа, страста, ентузијазмот и радоста на нашите прекрасни спортисти. Од спектакуларни настапи до незаборавни прослави – и, пред сè, вашата искрена почит едни кон други, покажавте што значи вистински спортски дух. Милиони луѓе низ Европа ги следеа вашите приказни преку нашите преноси и стриминг платформи. И тие, како и ние, беа трогнати, инспирирани и возвишени. Честитки до сите 4.000 учесници во 15 спортови,“ рече Капралос.

Маскотата Shiny последен пат ги поздрави присутните и го предаде знамето на ЕОК, кое потоа беше врачено на градоначалничката на Лињано Сабјадоро, Лаура Ѓорџи, и на Џорџо Брандолин, претседател на организацискиот одбор на следниот летен ЕМОФ – Лињано Сабјадоро 2027.

Церемонијата заврши со спектакуларен настап на Кирил Џајковски – пионерот на електронската музика на Балканот – чиј концерт создаде вистинска еуфорична атмосфера надвор од арената. Со својот уникатен спој на електро, етно и брејкбит, Џајковски ја подигна енергијата на ниво на фестивалски спектакл, обединувајќи ја младината на Европа преку музиката како универзален јазик на слободата и заедништвото. Неговиот настап беше вистинскиот завршен акорд на фестивал полн со емоции, спорт и инспирација.

На ден како 26 јули – кога пред 62 години сите европски земји се обединија во поддршка за Скопје по разорниот земјотрес – вечерва светот повторно беше сведок на единство: преку спортот, солидарноста и пријателствата што се родија за време на ЕМОФ Скопје 2025.

Со официјалното завршување на ЕМОФ Скопје 2025, финалниот пласман по број на медали ги истакнува најуспешните национални делегации на фестивалот:

Италија – 19 златни, 19 сребрени, 12 бронзени — вкупно 50 медали
Франција – 15 златни, 18 сребрени, 5 бронзени — вкупно 38 медали
Шпанија – 10 златни, 11 сребрени, 12 бронзени — вкупно 33 медали
Полска – 10 златни, 6 сребрени, 11 бронзени — вкупно 27 медали
Турција – 10 златни, 7 сребрени, 9 бронзени — вкупно 26 медал
Унгарија – 10 златни, 5 сребрени, 11 бронзени — вкупно 26 медали
Велика Британија – 10 златни, 7 сребрени, 5 бронзени — вкупно 22 медали

ЕМОФ Скопје 2025 ќе остане запаметен како фестивал на младоста, пријателството, фер-плејот и европското единство.


Ројевиќ: Мојот Охрид ќе расте ден по ден

Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ очекува неговиот тим постепено да ја достигнува формата потребна за успешен настап претстојната сезона.

„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“, изјави Ројевиќ.

Според него македонската лига е најсилна на Балканот.

„Еурофарм Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, истакна тренерот на охриѓани.


Спалети: Фудбалот ми го уништи животот

Лучано Спалети, до неодамна селектор на Италија, отворено зборуваше за работите со кои се соочува.

Италија имаше лош почеток на квалификациите за Светското првенство, загуби во Норвешка со 3:0, што беше причината Фудбалската асоцијација да се раздели со Спалети, кој сето тоа го прими тешко.

„Фудбалот ми го уништи животот. Го сакам фудбалот повеќе од себеси и жртвував некои многу блиски луѓе поради него. Никако да ми помине. Тоој натпревар сè уште ме држи буден ноќе. Има големо влијание врз мене, бидејќи моите мисли постојано се враќаат на него. Понекогаш се чувствувам среќен, но тоа брзо се менува бидејќи се сеќавам на натпреварот. Не успеав да ги убедам моите играчи дека ги сакам“, беше разочаран тренерот на трофејот.

Тој мисли дека знае каде погрешил.

„На почетокот направив грешка кога инсистирав на чувство на припадност и идентитет. Ги замолив играчите да ја пеат националната химна, да имаат мотивациски извик пред секој тренинг. Сакав да им ја покажам гордоста што ја чувствував, но тоа беше премногу.“


Исак одби понуда од Ал-Хилал, сака само во Ливерпул

Ал-Хилал од Саудиска Арабија е прв фаворит за потписот на шведскиот напаѓач Александар Исак, кој сигурно ќе се приклучи на Њукасл ова лето.

Како и претходно, саудискиот клуб има силни аргументи да ја победи конкуренцијата, за да стигне до играчот пред Ливерпул, кој сè уште е заинтересиран за голгетерот на Њукасл..

„Гардијан“ пишува за неверојатната сума пари што Саудијците ја подготвиле за Исак.

Овој англиски медиум, тврди дека Исак, доколку потпише, би заработувал 700.000 евра неделно, или 36 милиони евра по сезона.

Познато е дека Њукасл е исто така во рацете на саудискиот инвестициски фонд, истиот оној што го контролира Ал-Хилал, и не треба да има никаква „тензија“ меѓу двата клуба.

Ал-Хилал секако ќе плати и обештетување за Швеѓанецот на англискиот клуб, а според проценките тоа изнесува околу 140 милиони евра.

Од почетокот на јуни, Ливерпул инвестираше 300 милиони евра во засилувања, неодамна го доведоа напаѓачот Уго Екитике за 95 милиони, но исто така сакаат со Исак да го комплетира атомскиот напад. Меѓутоа, како што стојат работите, Саудијците сега се поблиску до Швеѓанецот.


Реал го сака Салиба, Арсенал не сака ни да преговара

Реал Мадрид наводно не се откажува од Вилијам Салиба и подготвува делегација која ќе преговара со Арсенал во врска со трансферот на францускиот дефанзивец.

Тренерот Чаби Алонсо го промени фокусот откако во клубот се појавија сериозни сомнежи за моменталната ширина на одбраната, особено по лошиот настап против ПСЖ во Њу Џерси на Светското клупско првенство. Според „Кадена СЕР“, Салиба е високо на листата на желби на „кралскиот клуб“.

Играчот на Арсенал остави силен впечаток во април, кога „топџиите“ славеа против Реал на „Сантијаго Бернабеу“, а тој натпревар, според тврдењата на шпанските медиуми, го турна на самиот врв на листата на посакувани засилувања во одбраната.

Иако Салиба има договор со Арсенал до 2027 година, Реал Мадрид нема намера да се откаже. Клубот го гледа како клучна фигура во новата генерација дефанзивци и се подготвува да отвори формални преговори со Арсенал и со самиот играч.


Кунде доби нов договор во Барселона

Барселона постигна целосен договор за продолжување на договорот со дефанзивецот Жил Кунде. По неколку неделни преговори, каталонскиот клуб е блиску до финализирање на нов договор што ќе го обврзува 26-годишниот Французин до 2030 година, објавуваат шпанските медиуми.

Продолжувањето на договорот на Кунде е поставено како приоритет за Барселона во 2025 година, поради зголемениот интерес за играчот од англиските гиганти.

Првично, Челзи и Арсенал беа заинтересирани, а во последните недели Манчестер Сити исто така се распрашувал за дефанзивецот. Сепак, Барса покажа решителност за да го задржи францускиот репрезентативец.


Аморим: Нема да ги распродаваме Санчо, Гарначо, Антони…

Тренерот на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, изјави дека заинтересираните клубови нема да можат да добијат играчите, на кои клубот повеќе не смета, по „дисконтни“ цени објави денес Би-Би-Си.

Откако Маркус Рашфорд се пресели на позајмица во Барселона, Антони, Џејдон Санчо, Алехандро Гарначо и Тирел Маласија беа изоставени од турнејата на Јунајтед во САД и се вратија на индивидуални тренинзи во тренинг центарот во Карингтон.

Бетис сака да го врати Ентони, каде што играше на позајмица минатата сезона, додека Јувентус е заинтересиран за Санчо, но тој прво мора да ослободи место во тимот. Гарначо се поврзува со неколку европски клубови.

Сепак, засега нема конкретни понуди, а се шпекулира дека клубовите ќе чекаат до последните денови од преодниот рок, надевајќи се дека Јунајтед ќе мора да ги намали цените.

„Техничкиот директор Џејсон Вилкокс, извршниот директор Омар Берада и целиот клуб јасно поставија цени за тие играчи. Доколку другите клубови не ги достигнат, тие остануваат играчи на Манчестер јунајтед, нема сомнение“, рече Аморим.