feature

Крос објасни зошто рано ја заврши кариерата

Тони Крос даде големо интервју за шпанскиот El País Semanal во кое искрено зборуваше за одлуката да ја заврши кариерата додека сè уште е на врвот, и за животот по фудбалот. Се соочи и со медиумскиот притисок, кој, според неговите зборови, може да изгради или да уништи играч.

„Поминав неколку месеци размислувајќи за тоа, не беше дека едно утро се разбудив и одеднаш си реков: ‘Мора да се повлечеш!’. Не, долго време размислував. Веќе и претходната година размислував за повлекување, но решив да продолжам уште една сезона со Реал Мадрид, кој инсистираше многу на тоа.

Додаде дека сакал сам да ја преземе контролата над својот опростој од фудбалот, пред клубот да му стави до знаење дека повеќе не е потребен.

„Најдобро е да заминеш на врвот. Заминуваш со фантастично чувство бидејќи си ти тој што ја донесе одлуката. И пред некој да ме испрати на клупата затоа што повеќе не сум доволно добар или доволно важен за тимот, како што бев до самиот крај… претпочитав сам тоа да го одлучам“, кажа тој.


Трабзонспор прати приватен авион, но Саул ја одби понудата

Трабзонспор вчера објави дека завршиле со доведување на големо засилување од Атлетико Мадрид, а станува збор за Саул Нигез. Но, денес приказната доживеа драматичен пресврт затоа што Саул не се качи на авион и објасни зошто нема да потпише за Трабзонспор.

Нигез по 17 години го напушта Атлетико Мадрид бидејќи шпанските медиуми пренесуваат дека договорил прекин на соработката со овој клуб, со оглед на тоа што Диего Симеоне повеќе не сметал на него.

Иако некогаш беше еден од најважните играчи на Атлетико, неговата кариера последните години оди надолу, а заминувањето од мадридскиот клуб најдобро го покажува тоа.

Саул минатата сезона ја помина во Севиља на позајмица, но Андалузијците не го откупија неговиот договор. И покрај тоа, ни Атлетико не го сакаше и се согласија да го раскинат неговиот договор со спогодба.

Се чинеше дека шпанскиот играч нема да биде долго без клуб, со оглед на тоа што вчера Трабзонспор потврди дека се договориле со Саул и дека тој сигурно ќе ја продолжи кариерата во турскиот клуб.

Денес Саул требаше да патува за Трабзон за медицинските прегледи и потпишувањето на договорот, а турскиот клуб веќе му резервираше лет од Мадрид за Трабзон, но случи се драматичен пресврт.

Шпанскиот фудбалер воопшто не се качи во авион за Трабзон, што ги шокираше раководителите на клубот, а подоцна тој ги контактирал и им кажал дека се премислил и дека од договорот нема ништо.


Рафиња означи крај на кариерата на 39 години

Бразилецот Марко Рафаел Фереира де Соуса, попознат како Рафиња, ја заврши својата долга и славна кариера. 39-годишниот дефанзивец, кој освои седум титули во Бундеслигата со Баерн Минхен, се расплака кога ја објави својата одлука на телевизискиот канал „Sportv“.

„Го планирав ова долго време, но денес официјално го објавувам крајот на мојата кариера како професионален фудбалер… Жал ми е за емоциите што ги покажав, но ова е многу посебен момент во мојот живот.

Беше долго патување и сакам да му се заблагодарам на Бога, пред сè, што ми даде прекрасна кариера. Не очекував да го постигнам она што го постигнав. Бев благословен, бев задоволен во мојата професија, имам прекрасно семејство. Но, денес оваа фаза завршува: повеќе нема да играм професионално. Секако, животот продолжува, но повеќе нема да одам на стадион и да го живеам животот што отсекогаш сум го водел.

Сè има почеток и крај. Успеав и го кажувам ова без никакво жалење, но со скршено срце затоа што тоа не беше лесна одлука. Ги остварив сите мои соништа во фудбалот“, рече Рафиња.


Реал подготвува терен за трансфер на Родри

Реал Мадрид го посакува официјално најдобриот фудбалер во светот, тоа е Родри, последниот освојувач на „Златната топка“.

Оваа “приказна“ е пред неколку месеци, но медиумите во Англија а посебно во Шпанија повторно ја актуелизираат.

Јасно е дека играчот за врска на Манчестер Сити и селекцијата на Шпанија, кој поради тешка повреда ја пропушти речиси цела мината сезона, веројатно дека барем засега е невозможна мисија за “кралевите“.

Токму затоа, ако не се успее со Родри, тогаш “кралевите“ имаат други опции, а тоа се Николо Барела (Интер), Енцо Фернандез (Челзи) и Алексис МекАлистер (Ливерпул).


Железничар фаворит за потписот на Дарко Велковски

Репрезентативецот на Македонија, Дарко Велковски, кариерата ќе ја продолжи во Железничар, неофицијално дознава „sportsport.ba“.

Според овој извор, детали го делат од потпишување на договор со клубот од „Грбавица“.

Велковски минатата сезона играше за унгарскиот тим Њиреѓхаза, клубот на кој му се приклучи во јануари. Раководството на клубот не го продолжи договорот со него и тој треба да им се придружи на „сините“ од Сараево како слободен играч.

Претходно го носеше дресот на Динамо Букурешт, од каде замина во јули 2024 година. Во текот на кариерата, тој беше дел и од Ал-Етифак од Саудиска Арабија, хрватската Риека, Вардар и Работнички.


Еступинан договори премин во Милан

Милан се договори за потпишување на левиот бек на Брајтон, Первис Еступинан, пишува Фабрицио Романо. Двата клуба постигнаа договор вечерва.

Росонерите ќе платат 17 милиони евра за 27-годишниот Еквадорец, со дополнителни 2 милиони евра во бонуси.

Еступинан веќе се договори за долгорочен договор со миланскиот гигант. На „Сан Сиро“, тој ќе го замени Тео Ернандез, кој беше продаден на Ал Хилал.

Еквадорецот играше за Брајтон од летото 2022 година, кога дојде од Виљареал. Тој играше и за Удинезе, Гранада, Вотфорд, Мајорка, Осасуна и Алмерија. Тој има 48 настапи и 4 гола за еквадорската репрезентација.


Комо руши рекорди: Преку сто милиони евра за засилувања летово

Комо на Сеск Фабрегас е најактивен на трансфер пазарот во Серија А, до овој момент потроши преку 100 милиони евра на засилувања.

10 засилувања и потрошени преку 100 милиони евра, ова е балансот од досегашниот настап на Комо на трансфер пазарот.

Хесус Родригез од Бетис е најзвучното име е за кого одвоија 22,5 милиони евра, за Николас Кин од Селтик беа платени 19 милиони евра, додека пак 18 милиони евра чини трансферот на Мартин Батурина од Динамо Загреб.

Џејден Адаи беше купен за 14 милиони евра од АЗ Алкмар, додека пак за Макс Пероне од Манчестер Сити беа потрошени 13 милиони евра.

Тимот предводен од Сеск Фабрегас потроши уште 13 милиони евра за да ги задржи Алекс Ваље, Ван дер Бремп и Фелипе Џек, кои минатата сезона настапуваа на позајмица.

Беа потрошени и 2 милиони евра за Лука Марцители од Фросиноне, а 2,5 милиони евра се инвестирани во ангажман на Јакобо Рамон од Реал Мадрид.


Де Геа: Штом завршам кариера ќе ви кажам за „случајот Реал Мадрид“

Легендарниот шпански голман, Давид Де Хеа се присети на една ситуација од пред деценија кога беше пред трансфер во Реал Мадрид во последните мигови од преодниот рок, но не се случи.

Тогаш Реал Мадрид силно го посакуваше Де Хеа, Манчестер јунајтед не сакаше да го продаде, но во финишот од преодниот рок под притисок на голманот и кралскиот клуб, наводно Англичаните пропуштија. Трансферот беше договорен и требаше да се реализира во последните моменти денот кога истекуваше трансфер периодот.

Но, трансферот не се реализираше навреме и пропадна. Тогаш Манчестер јунајтед се правдаше дека се расипал факсот и не можеле да ги испратат документите. Сепак, малкумина поверуваа во изговорот на Јунајтед.

„На крајот од мојата кариера, ќе кажам што се случи тој ден. Мислам дека сето тоа беше со причина, останав во Јунајтед и бев многу среќен“, најави Де Хеа.

И покрај тоа што се чувствувал добро на Олд Трафорд, Шпанецот немаше убава разделба со Јунајтед кој буквално се откажа од него и го остави без договор. Поради тоа Де Хеа паузираше една година за лани да се врати во тимот на Фиорентина со која неодамна го продолжи договорот до 2028 година.


Ретеги го сруши рекордот на Аталанта и потпиша за Ал Кадсија

Клубот од Саудиска Арабија, Ал Кадсија денес го промовираше Матео Ретеги за ново засилување, за кое тие на Аталанта ќе и платат 65 милиони евра што е највисока сума досега платена за еден Италијанец.

И покрај интересот од низа врвни европски клубови, 25-годишниот напаѓач се реши за богатата понуда од Блискиот Исток. Според договорот, во наредните три години ќе инкасира по 20 милиони евра по сезона.

Ретеги зад себе има импресивна сезона, во која со 28 постигнати голови беше најдобар стрелец во Серија А. Пред да го облече дресот на Аталанта, настапуваше за Џенова, како и за неколку клубови од Аргентина – Тигре, Талерес, Естудијантес и Бока Јуниорс.


Калин Ивановски скокна шеесет места на АТП листата

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со изборениот настап преку квалификациите на Челинџер 125 турнирот во Сан Марино успеа да напредува на АТП листата. Тој на денешното рангирање бележи скок од 60 места и се наоѓа на 793.то место на листата откако успеа да „впише“ пет нови поени и сега има вкупно 29. Горазд Србљак се наоѓа на 1442.то место и има пад од 96 позиции со 4 поени.

Во конкуренција на двојки Обрад Марковски со 12 поена се наоѓа на 1522.то место.

Кај жените Лина Ѓорческа има вкупно 215 поени и се наоѓа на 307.то место на ВТА листата што значи напредок за осум позиции, додека во конкуренција на двојки Ѓорческа е на 550.то место. Магдалена Стоилковска пак има пад за 15 позиции, со четири поени и се наоѓа на 1422.то место.