feature

Јуве и Порто договорија откуп на Чико Консеисао

Франциско Консеисао ќе биде нов фудбалер на Јувентус. „Старата дама“ постигна договор со Порто за траен трансфер на португалскиот офанзивец.

Како што објави Фабрицио Романо, зделката е вредна над 30 милиони евра, а плаќањето ќе се одвива во четири рати. И покрај интересот од клубови од Премиер лигата, Консеисао инсистирал на преселба во Торино каде што играше веќе како позајмен и не сакал да чуе за други понуди.

Со ова е исполнета големата желба на тренерот Игор Тудор кој јасно побара задржување на Консеисао во тимот.


Португалецот Кеирош е нов селектор на Оман

Португалскиот стратег Карлос Кеирош е нов селектор на фудбалската репрезентација на Оман.

Еминентниот португалски тренер доаѓа на местото на Рашид Џабер, кој го предводеше Оман до четвртото место во групната фаза од третиот квалификациски круг и со тоа ги одржа надежите за пласман на Светското првенство 2026.

„Кеирош има богато тренерско искуство, ги водеше репрезентациите на Португалија, Иран, Колумбија, Египет и Катар. Тој беше и помошник тренер во Манчестер Јунајтед под водство на Сер Алекс Фергусон“, објави синоќа Фудбалската асоцијација на Оман на социјалната мрежа Икс.

Оман на 17 јули ја очекува жрепката за четвртото коло од квалификациите за Светското првенство во конкуренција со Ирак, Катар, Саудиска Арабија, Индонезија и Обединетите Арапски Емирати.

Шесте репрезентации ќе бидат поделени во две групи од кои победниците ќе добијат мундијалска виза. Јапонија, Јужна Кореја, Узбекистан, Иран, Јапонија и Австралија веќе се квалификуваа за Светското првенство.


Шпанецот Суфиентес нов менаџер на Лестер Сити

Шпанскиот фудбалски стратег Марти Сифуентес е нов тренер на Лестер објави синоќа тимот од Чемпионшип лигата. Лестер се раздели со поранешниот тренер Руд ван Нистелрој минатиот месец откако клубот испадна од Премиер лигата.

На негово место седнува 43-годишниот Шпанец кој изминатите две години беше на клупата на Квинс Парк Ренџерс.

Во својата тренерска кариера Сифуентес ги предводеше и норвешки Сандефјорд, дански АаБ и шведски Хамарби, како и тимови од шпанските пониски лиги.


Пол Џорџ успешно го оперираше левото колено

Пол Џорџ, во понеделникот беше подложен на артроскопска операција на левото колено, кое го повреди за време на тренинг, објави НБА тимот.

Постапката ја изврши Џонатан Л. Глашоу во Ортопедскиот центар за спортска медицина на Универзитетот Њујорк Лангон, а се очекува 35-годишникот да се опорави.

Неговата состојба ќе биде повторно оценета во септември, кога се закажани подготовките за новата НБА сезона.

Џорџ се мачеше со повреди во последните години и играше само 41 натпревар минатата сезона, што е петти пат во последните шест сезони да одигра помалку од 60 натпревари.

Пред да заврши сезоната за него и Сиксерс во март, Џорџ доби инјекции во левата препона и левото колено. Неговите 16,2 поени по натпревар минатата сезона беа најниски во една деценија и повеќе од пет поени зад следниот најнизок.


Хрватски тенисер заработи осумгодишна суспензија

Хрватскиот тенисер Лауро Милановиќ беше суспендиран на осум години и казнет со 10.000 долари за сериозни прекршувања на Програмата за борба против корупцијата во тенисот (TACP), објави Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA).

Милановиќ, кој моментално не е рангиран на АТП- листата, се најде во центарот на скандал откако ITIA откри дека уште во 2018 година тој ставил 15 добитни облози на тениски натпревар во кој бил вклучен негов близок соработник. Со тоа, тој директно го прекршил правилото D.1.a од TACP, кое забранува обложување на тениски натпревари.

Кон крајот на 2023 година, кога доби ITIA извештај за неговите постапки, тој негираше какво било местење во текот на сослушувањето, на почетокот од 2024 година. Сепак, тој не дозволи да биде анализиран неговиот мобилен уред, што дополнително ја комплицира истрагата.

Поради неговото континуирано одбивање да соработува, неговите суспензија и казна беа изречени како автоматски санкции. Сепак, тој поднесе жалба до независниот службеник за борба против корупцијата. Доколку не успее жалбата, тој ќе биде надвор од терените до 29 мај 2033 година.


Американците го повикаа Џериан Грант

Кошаркарот на грчки Панатинаикос, Џериан Грант, доби покана да игра за кошаркарската репрезентација на САД ова лето. Имено, 32-годишниот дефанзивен специјалист добил покана да и се приклучи на репрезентацијата на САД за ФИБА Американ Купот, кој ќе се одржи кон крајот на август во Никарагва.

Во текот на изминатите две сезони, Грант ја зацврсти својата улога како еден од клучните кошаркари на Панатинаикос во Евролигата.

Оваа сезона во Евролигата, тој имаше просек од 8,6 поени, 3,2 асистенции и 2,1 скока, помагајќи му на Панатинаикос да стигне до второто учество на Фајнал Фор во исто толку години.

Грант има искуство играјќи во НБА, каде помина пет сезони во редовите на Њујорк, Чикаго, Орландо и Вашингтон.


Наполи се откажа од Дарвин, главна цел сега е Лоренцо Лука

Италијанскиот шамшион Наполи, се откажува од идејата да го ангажира напаѓачот на Ливерпул, Дарвин Нуњес, тврди денеска – „Скај Италија“.

Шампионот на Серија „А“, сега ќе се насочи кон потписот на Лоренцо Лука од Удинезе кој имаше одлична сезона.

Според непотврдени информации, двата тима се во напредни преговори за 24-годишниот Италијанец. Според проценките, трансферот нема да ја надмине сумата од 35 милиони евра.


Сандерленд испрати понуда за Џака

Екипата на Сандерленд која се врати во Премиер-лигата, ќе се обиде да го ангажира искусниот фудбалер, Гранит Џака, објавија дел од медиумите во Англија.

Играчот од средниот ред на Баер Леверкузен добил понуда за три сезони. Германскиот тим пак, ќе инкасира околу 10 милиони доколку Џака се согласи да се врати во островскиот фудбал.

Ќе потсетиме дека неодамна се појави шпекулација дека за 32 годишниот играч се заинтересирани и екипи од Саудиска Арабија.


Атлетико го капариса Тиаго Алмада

Атлетико Мадрид направи сериозен трансферски погодок. „Јорганџиите“ ја победија конкуренцијата за аргентинскиот репрезентативец Тиаго Алмада и обезбедија 50% од неговите права за 21 милион евра. Од Атлетико објавија дека постигнале договор со Ботафого, а трансферот ќе стане реалност откако офанзивниот халф ќе ги помине задолжителните медицински прегледи.

Кариерата на Алмада се разви молскавично во последната година и половина. На почетокот на 2024-та тој го смени Атланта Јунајтед со Ботафого за малку под 20 милиони евра и ги скрши трансферските рекорди како во Мејџор Лиг Сокер, така и во бразилското првенство.

Во јануари оваа година, халфот се приклучи на Лион како заем до крајот на сезоната и се претвори во клучен играч во составот на „лавчињата“. Во меѓувреме, Алмада се утврди во репрезентацијата на Аргентина и постигна голови во светските квалификации против Уругвај и Колумбија.

24-годишниот фудбалер е светски шампион од Мундијал 2022, иако во тој период имаше споредна улога во тимот на Лионел Скалони. Со Ботафого Алмада стана шампион на Бразил и триумфираше во Копа Либертадорес.


Ливерпул ја одреди цената за Ибрахима Конате

Раководството на Ливерпул ја одредило цената на Ибрахима Конате, чиј договор со клубот истекува следната година.

Според „Ас“ од Мерсисајд бараат 50 милиони евра за Французинот. Централниот дефанзивец за сега одбива да го продолжи договорот, бидејќи според медиумите во Шпанија, одлучил да направи нешто слично на она што го направи Трент Александар Арнолд.

Имено, да го чека истекот на договорот и да премине во Реал Мадрид како слободен агент.

Се појавија информации дека кралскиот клуб може да се обиде да го ангажира Конате уште ова лето. Токму поради тоа, Ливерпул ја постави оваа цена на 26-годишниот Французин. Според „Ас“ на „Енфилд“ се категорични дека или оваа сума ќе биде платена, или Конате ќе остане до истекот на неговиот договор. Изворот тврди дека во Реал се подготвени да платат меѓу 20 и 25 милиони евра, но не и повеќе.