Шифрин победи на слаломот во Леви, Атанасовска остана без пласман
Американката Микаела Шифрин е победничка на денешната трка во слалом возена во Леви, Финска.
Американката до триумфот стигна со вкупно време по двете трки 1:47.20 минута.
Втора заврши Катарина Линзбергер од Австрија, додека третото место и припадна на Лена Дир од Германија.
Трката во Леви е историска за македонското скијање. Осумнаесетгодишната Јана Атанасовска е првата Македонка со настап во Светскиот куп. За жал, таа не успеа да ја заврши првата трка и остана без пласман.
Итудис за рекордна сума потпиша за Хапоел Тел Авив
Грчкиот тренер Димитрис Итудис е новиот тренер на Хапоел Тел Авив.
Итудис ќе потпише рекорден тригодишен договор вреден 4,6 милиони долари.
Главна цел на тимот е преку Еврокупот да обезбеди пласман во Евролигата.
Досегашниот тренер Стефанос Дедас ќе остане во клубот како помошник на Итудис, односно ќе ја има истата работа како во ЦСКА и Фенербахче.
Итудис, кој ја започна својата тренерска кариера како асистент во Загреб во 1992 година, се прослави како помошник на Жељко Обрадовиќ во Панатинаикос во периодот 1999-2012 година.
Првиот голем ангажман во ЦСКА Москва го имаше од 2014 до 2022 година, а со рускиот тим двапати ја освои Евролигата.
Легендарната Линдзи Вон се враќа на скијачките терени на 40 години
Трендот на враќање на скијачките ѕвезди продолжува. По Марсел Хиршер, на патеката се враќа и 40-годишната олимписка шампионка Линдзи Вон. Американката реши да ја прекине својата пензија шест години по пензионирањето и учеството на Олимпијадата во 2018 година.
Вон е трикратна освојувачка на олимписки медали, вклучувајќи злато во спуст и бронза во супер-Џи на Игрите во Ванкувер во 2010 година и бронза во спуст на Игрите во Пјонгчанг 2018 година. Таа го освоила Големиот кристален глобус четири пати и има освоено осум медали на светските првенства.
Нејзините 82 победи на трките од Светскиот куп беа женски рекорд додека тој вкупен износ не беше соборен во јануари 2023 година од сонародничката Микаела Шифрин, која сè уште е активна со 97 победи.
Јана Атанасовски прва Македонка која ќе скија во Светскиот Куп
Јана Атанасовска на само 18 години испишува историја како првата Македонка што ќе се натпреварува во алпско скијање на ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска. Јана ќе го претстави знамето на Македонија во дисциплината слалом, на утрешната трка (16.11, сабота) со почеток во 11:00 часот.
Овој настап претставува огромен успех и достигнување не само за Јана, туку и за македонскиот спорт, поставувајќи нови стандарди и инспирација за идните генерации.
„Јана Атанасовска, која со својата посветеност, истрајност и талент успеа да го достигне светскиот врв, тренираше интензивно и со голема посветеност изминатите години, а нејзиниот успех претставува одличен пример за сите млади спортисти. Во својата кариера, Јана се истакна со бројни успеси на регионални и меѓународни натпревари, а сега таа ќе се натпреварува рамо до рамо со најдобрите светски скијачки, меѓу кои и најдобрата скијачка на сите времиња Микаела Шифрин. Јана, заедно со нејзините тренери Александар Атанасовски, кој е и нејзин татко, и Игор Загерник, се наоѓа во Леви, Финска, подготвена за своето историско деби на ФИС Светскиот скијачки куп“, информираат од Скијачката федерација на Македонија.
ФИС Светскиот скијачки куп во Леви, Финска, е еден од најочекуваните настани во алпското скијање, посебно познат по натпреварите во дисциплината слалом.
Традиционално, трките се одржуваат во ноември, со учество на светската елита во машка и во женска категорија. Леви е првата слаломска трка во сезоната на ФИС Светски куп во алпско скијање и означува официјално отворање на натпреварите.
Романците скандираа „Косово е Србија“, косовските фудбалери го напуштија теренот
Скандалозната сцена беше видена во Букурешт, каде во решавачкиот меч за прво место меѓу Романија и Косово каде до самиот крај немаше голови, имаше несреќен крај.
На теренот дошло до тепачка меѓу играчите. Откако малку се смири ситуацијата, тогаш тие ги изнервираа навивачите на Романија, кои почнаа да скандираат „Србија, Србија“ и „Косово е Србија“.
Тоа се покажа како идеална можност за играчите на Косова да направат циркус и почнаа да се жалат на судијата, а потоа решија да го напуштат теренот.
Симптоматично е дека на Косово му требаше победа од 3-0 за да ги зачува шансите за првото место. Тогаш тие одеднаш решија да го напуштат теренот и го напуштија стадионот.
Очигледно се надеваат дека на зелената маса би можеле да го добијат мечот со службени 3-0.
Раул Алонсо пристигна во Битола, викендов почнува со тренинзи
Новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, денес пристигна во Битола. Во друштво на претседателот Зоран Стерјев тој се запозна со ракометарите и вработените во клубoт и во живо го следи својот нов клуб на натпреварот против Прилеп.
Раул Алонсо ќе започне со тренинзи викендов, ќе биде официјално претставен в понеделник, а ќе дебитира в среда против Фредериција во Лигата на шампионите.
Уапсени две лица по инцидентите по натпреварот Франција – Израел
Француската полицајци уапси две лица за време и по натпреварот Франција-Израел (0-0) што синоќа се одигра во Париз во рамки на Лигата на нации, изјави денеска началникот на париската полиција Лоран Нуњез.Во Париз беа преземени вонредни безбедносни мерки во пресрет на натпреварот поради војната на Блискиот Исток и минатонеделните инциденти во Амстердам каде имаше тепачка помеѓу навивачите на Ајакс и Макаби Тел Авив.
Нуњез рече дека тепачката која се случила внатре на стадионот „Стад де Франс“ била „веднаш спречена“ од обезбедувањето.
„Тоа беше почеток на тепачката и со наша навремена реакција инцидентот многу брзо беше ставен под контрола. Полицијата веднаш го приведе едното лице, а другото го уапси веднаш по натпреварот, со помош на видео докази“, изјави шефот на париската полиција.
Физичките пресметки се случија десетина минути по почетокот на натпреварот, на делот од трибината зад еден од головите. Некои од инволвираните имаа израелски знамиња на грбот. Не е јасно што ја предизвикало расправијата, а обезбедувањето интервенирало по околу една минута.
Француската полиција ги засили безбедносните мерки за натпреварот во Париз, по насилството во Амстердам пред и по натпреварот од Лигата на Европа меѓу Ајакс и Макаби Тел Авив.
Во Амстердам минатата недела, пропалестински демонстранти ги нападнаа навивачите на Макаби на улиците, при што беа повредени меѓу 20 и 30 луѓе, што наиде на осуда од голем број западни земји.
Еурофарм Пелистер пресилен за соседот Прилеп во пелагониското дерби
Еурофарм Пелистер реши да го назначи Раул Алонсо за нов тренер на првиот тим, а шпанскиот стручњак денеска за првпат се запозна со своите нови ракометари, кои имаше можност и да ги гледа од трибините.
Македонскиот првак на домашен терен го пречека Прилеп и не покажа нималку милост кон соседниот ривал, нанесувајќи му тежок пораз со брилијантна игра во вторите триесет минути.
„Зелено-белите“ беа посебно расположение за давање голови и беа блиску до „границата 50“, односно постигнаа точно 46 гола во мрежата на Прилеп.
Резултатот 46-24 најдобро ја изразува големата разлика во квалитет која постои меѓу двата тима, а тоа особено дојде во израз во вториот дел.
Домашниот даде 23, а прими само 8 гола во вториот дел, што беше и пресудно за огромната разлика на семафорот.
За Пелистер ова е деветта победа во единаесеттиот натпревар во Суперлигата, каде досега забележа и по еден пораз од Вардар и Алкалоид.
Кристијан Илцер нов тренер на Хофенхајм
Хофенхајм и официјално го назначи Кристијан Илцер за нов тренер, соопшти бундеслигашот.
Илцер пристигнува од австриски Штурм Грац. Тој потпиша „долгорочен договор“, додаде Хофенхајм без да соопшти повеќе детали.
Весникот „Билд“ откри дека договорот на специјалистот е до 2027 година, а Хофенхајм платил трансфер од 2,5 милиони евра.
„По турбулентни неколку дена, навистина се радувам на новите предизвици и запознавање со играчите и тимот“, коментира Кристијан Илцер во изјавата.
Илцер го замени Пелегрино Матарацо, кој беше отпуштен во понеделникот по ремито 0:0 со Аугсбург. Одлуката беше реакција на 15-тото место на тимот на табелата во Бундеслигата.
Фалкао испиша историја, стана најдобар колумбиски стрелец во историјата
Колумбискиот фудбалски репрезентативец Радамел Фалкао (38) изминатата вечер го постигна 347. гол во кариерата, со што стана најдобриот колумбиски стрелец во историјата.
Својот рекорден гол Фалкао, познат во родната Колумбија под прекарот „Тигар“ го постигна голот на натпревар од колумбискиот шампионат меѓу неговиот тим Милонариос и Бојака Чико.
Со овој гол Фалкао го престигна поранешниот репрезентативец Виктор Иго Аристизабал, кој настапуваше за Атлетико Национал, Валенсија, Сао Паоло и Крузеиро.
Фалкао со 36 голови е најдобриот стрелец во историјата на колумбиската репрезентација, а во клупската кариера дојде до бројката од 311 голови, вклучувајќи 83 во четири сезони во француски Монако помеѓу 2013 и 2019 година, што е негов клупски рекорд. Тој, исто така, постигна 72 голови за Порто и 70 за Атлетико Мадрид.
По долгиот престој во Европа, оваа година му се приклучи на Милонариос, клуб од Богота чиј голем навивач е легендарниот колумбиски напаѓач.