feature

Голем спортски настан во Охрид, започна Европскиот Куп во параглајдинг

Околу педесетина натпреварувачи од Европа од четиринаесет земји ќе настапат на Европскиот Куп во параглајдинг, кој од денес до недела се одржува во Охрид.

На терените на на СРЦ „Билјанини извори“ параглајдеристите пред полните трибини со ученици од основните и средни училишта од Охрид го развиореа знамето на Охрид во чест на Денот на ослободувањето на градот.

„Ова случување го направи денов уште повеличествен ако се земе во предвид дека европската фела од областа на параглајдерството е токму во Охрид. Неколку десетици параглајдеристи од земјава и странство ќе прелетаат над охридското небо и ќе го направат денов, посебен, незаборавен. Во ремен или во кожурец како „мешун“ виси под крилото од ткаенината спортистот со исклучителен авантуристички дух. Лесни, слободно летачки, едрилици со пешачки авион без цврста примарна структура денес ќе ја красат небесната шир и ќе крадат многу воздишки од сите нас. Посакувам сите вие да се рекреирате и забавувате, но нека победи најдобриот оној кој „најмудро“ ќе соработува со ветрот“, рече претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

На Европскиот куп во параглајдинг учесниците ќе се натпреваруваат во индивидуална и тимска категорија, во машка и женска конкуренција.


Леонардо Жардим го менува Креспо во Ал Аин

Поранешниот предводник на Монако, Леонардо Жардим, ќе биде нов тренер на Ал Аин од Обединетите Арапски Емирати, објави денеска италијанскиот новинар Фабрицио Романо.

Жардим на клупата на Ал Аин ќе седне на место на Ернан Креспо, кому во средата клубот од Абу Даби му го раскина договорот. Според информациите, Жардим ќе потпише договор до јуни 2025 година.

Поранешниот аргентински репрезентативец Креспо, беше отпуштен по поразот саудиски Ал Наср од 5-1 во последното коло од азиската Лига на шампиони, што беше четврти последователен натпревар во кој неговата екипа не успеа да забележи победа


Турската федерација го казни Жозе Мурињо

Професионалната фудбалска дисциплинска комисија на Турската фудбалска федерација (ТФФ) го суспендираше тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо на еден натпревар. Тој е казнет и со приближно 2.600 евра.

Мурињо во изјава за телевизијата „Беин спортс“ ги критикуваше судијата Огужан Чакир и ВАР судијата – Атила Караоглан.

„Ги обвинувам луѓето од Фенербахче кои ме доведоа овде. Ми кажаа само половина вистина. Не ми ја кажаа целата вистина бидејќи да ми ја кажеа целата вистина немаше да дојдам. Но, со половина вистина и моите момци се бориме против противникот и системот. Тој (Караоглан) беше подготвен да досуди два пенали кои судијата не ги досуди, а потоа пиеше турски чај кога беше чист пенал за нас, а тој не го досуди“, изјави Португалецот по дуелот со Трабзонспор.

Фенер моментално е на третото место во турската прва лига со пет бода помалку од лидерот Галатасарај.


Заврши голготата, Алаба започна со тренинзи во Мадрид

Австрискиот дефанзивец Давид Алаба се врати на тренинзите со топка и влезе во нова фаза на опоравување, речиси 11 месеци откако ги скина вкрстените лигаменти на коленото во декември минатата година.

Целосното закрепнување се уште се очекува да биде за неколку недели и може да се очекува тој да се врати на терените до стартот на 2025 година. Враќањето на играчот на теренот треба да биде постепено, како што секогаш се препорачува по такви повреди, а исто така земајќи ги предвид компликациите што ги претрпе Алаба.

32-годишниот фудбалер имаше две операции на коленото.


Криза во Пери, уапсен првиот човек на фудбалската федерација

Претседателот на Перуанската фудбалска федерација е уапсен поради создавање криминална група. Агустин Лозано е обвинет дека ја водел криминалната група Галактикос, во која има и други функционери од федерацијата.

Групата се товари за криминални активности во врска со имотот на правното лице, како и за незаконско прикривање на информации за работата во спортското село Чаклакајо. Директорот на полицијата Нилтон Сантос Вилалта изјави дека 17 имоти во Лима и провинциите биле конфискувани како дел од истрагата за активностите на групата.


Нејмар наскоро се враќа во Сантош?

Откако почна да се зборува за раскинување на договорот меѓу Нејмар и саудискиот клуб Ал Хилал, сега почнаа и шпекулации за негово враќање во Бразил. 32-годишниот напаѓач го повреди колкот на мечот со Естеглал (3:0), откако одигра само два меча по опоравувањето од повредата на вкрстените лигаменти на коленото.

Нејмар моментално е во преговори со Ал-Хилал за постигнување договор за спогодбено заминување. Неговиот поранешен клуб Сантос се обидува да го добие назад во своите редови, и според информациите тоа може да се случи во јануари. Бразилскиот клуб веќе доби позитивен сигнал од Нејмар дека сака да се врати дома. Раководството на Сантос планира да му понуди договор кој „го надминува вообичаеното“, со највисока можна загарантирана плата.


Мората ја повреди главата на дуелот во Мадрид

Алваро Мората се здоби со тешка повреда на главата и е примен во болница по сударот со соиграчот Страхиња Павловиќ на денешниот тренинг.

Мората за време на утринскиот тренинг се здоби со сериозна повреда на главата при судирот. Брзо беше пренесен во болница, а прегледот со магнетна резонанца беше негативен. Алваро е подобар, но ќе остане на опсервација во болница, како што налага протоколот во слични ситуации“, се вели во соопштението за медиумите на Милан.

Италијанските медиуми објавија дека Мората се повредил во судир со српскиот дефанзивец Страхиња Павловиќ.

Мората ќе го пропушти претстојниот првенствен натпревар против Каљари во сабота.

Мората му се приклучи на Милан од Атлетико Мадрид во текот на летото и оттогаш постигна три гола на 12 натпревари во сите натпреварувања, вклучувајќи ја и победата во вторникот со 1-3 над Реал Мадрид во Лигата на шампионите.


Убедлив пораз на кошаркарките од Украина

Македонската женска кошаркарска репрезентација загуби вечерва во Скопје од Украина со 98-49 во рамки на квалификациите за Европското првенство 2025.

За избраничките на селекторот Александар Ашаданов ова е трет пораз во третиот натпревар по кој се последнопласирани во квалификациската група Г.

Најефикасни во македонските редови беа Митрашиновиќ со 17 и Хемпе со 16 поени,

Во следното четврто коло, македонските кошаркарки в недела ја пречекуваат Португалија.

Европското првенство за кошаркарки во 2025 година ќе се одржи во Чешка, Германија, Грција и Италија.


Српските У15 репрезентативци вторпат подобри од македонските

Младата репрезентација на Македонија до 15 години денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски” во Скопје, загуби со 3-1 од соодветната селекција на Србија во вториот контролен натпревар одигран помеѓу овие две селекции.

На почетокот на средбата во 4. минута Крстевски одлично проби по левата страна, биеше, но неговиот удар завшри покрај стативата. Во 26. минута, репрезентацијата на Србија преку Илиќ доаѓа до предност. Истиот играч постигна нов гол во 36. минута за предност од 2:0. Следниот напад Македонија имаше можност брзо да се врати во игра, но Стојанов пропушта голема прилика.

Во продолжението од средбата, нашите млади фудбалери преку Спироски во 51. минута го намалуваат водството на Србија. Во 55. минута Стојанов испраќа одличен удар кон противничкиот гол, но голманот на Србија одлично интервенира. Во 60. минута Матановиќ постигна погодок, со кој ги постави конечните 3-1.

Во првиот контролен натпревар одигран помеѓу овие две репрезентации, Србија забележа победа со 4-2.


Емери: Побизарен пенал од нашиот не сум видел во кариерата

Клуб Бриж и го нанесе првиот пораз на Астон Вила сезонава во Лигата на шампионите. Бриж победи со 1:0, со голот што го постигна Ванакен од пенал. На пеналот му претходеше неверојатната грешка на Мингс.

„Неговата грешка е многу чудна. Тоа е најголемата грешка што сум ја видел во мојата кариера. Ова се случи само еднаш во мојот живот и тоа се случи вечерва”, изјави тренерот на Вила, Унаи Емери, кој претходно ги водеше Валенсија, Севилја, ПСЖ, Арсенал и Виљареал. .

Астон Вила имаше гол-аут во 51. минута, голманот Емилијано Мартинез мирно ја додаде топката до Мингс, а дефанзивецот на Вила неразбирливо наместо да ја прими топката со нога се наведна и ја зеде топката во раце.

Фудбалерите на Бриж веднаш кренаа раце и побараа пенал, но јасно беше дека и самите не се сигурни што бараат, не им се веруваше дека Мингс навистина направи ваква грешка.

Главниот судија Германецот Тобијас Штилер веднаш досуди пенал.