feature

Бесплатен влез за натпреварот на кошаркарките со Данска

Влезот за воведниот натпревар на македонската женска кошаркарска репрезентација против Данска во рамки на квалификациите за пласман на Европското првенство ќе биде бесплатен.

Дуелот е закажан за утре со почеток во 17 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје.

„Ги повикуваме сите искрени љубители на кошарката, и фанови на нашата најдобра женска репрезентација да дојдат во „Кале“, и да им дадат поддршка на девојките во овој натпревар, за кој влезот ќе биде слободен“, соопшти македонската кошаркарска Федерација (КФСМ).

Македонските кошаркарки се дел од квалификациската група Ф во која се и репрезентациите на Грција и Хрватска.


Трајков: Имаме потенцијал и верувам дека ќе освоиме нови бодови

Македонската репрезентација од 21 година во Охрид се подготвува за претстојните два натпревари во квалификациите за Европското првенство.

Во овој циклус избраниците на селекторот Горан Станиќ ќе одиграат два меча и тоа на домашен терен. Прв противник в четврток ни е Шведска, а пет дена подоцна следува соочувањето со Полска.

“Очекувам два тешки натпревари, но играме дома и тоа многу значи. Ќе дадеме сè од себе да ги искористиме шансите и да освоиме бодови пред нашата публика. Мислам дека одигравме коректно, имаше добри делови во нашата игра, но и моменти кога не реагиравме најдобро. Сепак, покажавме дека имаме потенцијал и дека можеме да се носиме со секоја екипа. Можевме да освоиме повеќе бодови, но за жал на тие натпревари не ги искористивме шансите. Правевме грешки кои противниците ги казнуваа. Ќе работиме на тоа, важно е да учиме и да напредуваме од секој натпревар”, изјави Димитар Трајков

Двата натпревари се играат во Битола, а почетокот е закажан за 17 часот.


Трајковски: Победа против Летонија како увертира за дуелот против Велс

Македонската фудбалска репрезентација втор ден се подготвува за завршните два натпревари во оваа година.

Првиот в четврток против Летонија е контролен и тоа ќе биде одлична можност за селекторот Благоја Милевски да ја провери формата на играчите кои се во комбинација и за клучниот натпревар во квалификациите против репрезентацијата на Велс.

“Секој натпревар има свој важност без разлика дали тој е контролен или квалификациски. Наша примарна цел како и секогаш е да се прикажеме во најдобро светло особено кога знаеме дека дуелот против Летонија е проверка пред исклучително важниот дуел со Велс”, истакна Александар Трајковски.

Ова е шести меѓусебен дуел, а во претходните пет имаме исто толку победи. На последните три на Летонците не им дозволивме да постигнат ниту еден погодок додека ние шест пати ја затресовме мрежата на противникот.

“Не треба да се потценува ниту еден противник. Секоја репрезентација има свои предности и недостатоци. Летонија е вистинска селекција која за еден квалитетен тест пред гостувањето во Кардиф. Овој натпревар треба да го искористиме за подобрување на одредени сегменти во нашата игра и да бидеме на уште повисоко ниво во однос на претходните натпревари”, продолжи нашиот репрезентативец.

Според моменталната ситуација на табелата во нашата квалификациска група за освојување на втората позиција ќе ни треба најмалку нерешен резултат против Велс, но овој тим никогаш не се занимавал со калкулации и секогаш одел на победа,

“Сите фудбалери и членовите на стручниот штаб на секој натпревар размислуваме само за победа. Прво сакаме триумф на мечот со Летонците и тоа ќе биде одлична увертира пред клучниот натпревар со Велс. Овој период треба максимално да го искористиме за подготовка и за соочување во Кардиф на кое ќе дадеме се од себе да одиграме најдобро што можеме и да стигнеме до резултат што ќе ни овозможи да го задржиме второто место го групата”, заврши Трајковски.


Летонија последна проверка пред најважниот натпревар во годината

Фудбалската репрезентација на Македонија влегува во завршната фаза од подготовките за првиот од двата дуели што ќе ги одиграме во следниве десет дена.

Пред патувањето за Кардиф каде следниот вторник против Велс ќе го одиграме решавачкиот натпревар за освојување на второто место во групата, нашите најдобри фудбалери в четврток ги очекува контролниот меч со Летонија.

“Без разлика што натпреварот против Летонија не е во рамките на квалификациите ние сакаме да победиме. Дуелот в четврток е сосема различен во она што не очекува на гостувањето во Кардиф, но мечот со Летонците е одлична проверка во пресрет на најважниот натпревар во оваа година”, изјави Тихомир Костадинов.

Оваа селекција веќе има искуство во играње на клучни натпревари во одредувањето на редоследот на табелата во некој квалификациски циклус или настап во Лигата на нации.

Според моменталната ситуација се чини дека на натпреварот во Кардиф ќе ни треба најмалку бод за потврда на втората позиција која ни носи пласман во баражот за учество на Светскиот шампионат.

“Без разлика на резултатот на Велс на гостувањето против Лихтенштајн, ние во последниот натпревар во квалификациите влегуваме со намера да се надигруваме и нормално дека сакаме да победиме. Во минатото сме играле вакви мечеви, знаеме како да се подготвиме не само на тактички туку и на психолошки план и верувам дека против Велс ќе забележиме позитивен резултат”, заврши Костадинов.


Сменет генералниот менаџер на Далас Маверикс

Нико Херисон повеќе не е генерален менаџер на Далас Маверикс.

Дека Херисон ќе добие отказ, вчера најави добро информираниот новинар Марк Штајн. Навивачите на Далас се израдуваа на оваа информација, Херисон е човекот кој решида го размени Лука Дончиќ.

Во февруари 2025 година, шокантни информации се проширија низ целиот свет, Далас Маверикс го разменија Лука Дончиќ во Лос Анџелес Лејкерс во замена за пакет во кој се беше Ентони Дејвис.

Мавс, притиснати со повредите беа ужасни в вториот дел од минатата сезона, но имаа среќа и го добија правотот да први да бираат на драфтот. Се решија за генерацискиот талент Купер Флег.

Многу луѓе сè уште мислат дека Далас направи голема грешка што го пушти Дончиќ да си замине, затоа што Лука во моментов ги води Лејкерси до фантастичен почеток со 7 победи во нивните први девет натпревари, додека Маверикс се на дното на Западот со две победи и седум порази.

Далас Маверикс не ги распродадоа сите билети за првиот натпревар на домашен терен оваа сезона за прв пат од 2001 година.


Де Лаурентинс искажа безрезервна поддршка за Конте

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, категорично ги негираше шпекулациите дека може да се раздели со тренерот, Антонио Конте.

„Ги прочитав приказните за оставката на Конте. Ги сакам социјалните медиуми затоа што се модерен и брз начин да ги изразите вашите мисли“ – објави Де Лаурентис.

„ Горд сум што до мене, Наполи и играчите, има вистински човек како Антонио Конте, кој е способен да ја жртвува секоја секунда од својот живот за својата професија со екстремна посветеност“ – напиша првиот човек на Наполи на социјалните мрежи.


Драгушин спремен за враќање на терените по девет месеци

Фудбалерот на Тотенхем, Раду Драгушин, кој по девет месеци конечно ќе се појави на терените и тоа на пријателски натпревар, нема да биде дел од селекцијата на Романија на мечевите со БиХ и Сан Марино.

Медиумите во Англија наведуваат дека тренерот на „спарси“ , Томас Франк, потенцирал, дека играчот ќе помине само краток период во трениг-кампот на Романците и потоа ќе се врати во Лондон.

Ќе потсетиме дека Драгушин имаше операција на коленото и долг период беше надвор од ростерот.


Хаидарирад: Фановите ќе видат борбен тим со желба за победа

По три недели се враќа Лигата на шампионите и натпреварот на неделата меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед. На еден од последните тренинзи пред дуелот во среда навечер со новинарите зборуваа тренерот и голманот на шампионот на Македонија.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Ќе имаме нов тежок меч во Лигата на шампионите, Сегед е одличен тим со неверојатни играчи на сите позиции. Одбраната им е гранитна, шутираат од секаде, особено од далечина. Во екипата е еден одличен голман и можеби едно од најдобрите крила во натпреварувањето, но ние ќе се обидеме да им ги поматиме сметките. Се надевам дека тимот наскоро ќе биде комплетен, тоа ќе биде одлично за нас. Против ПИК Сегед ќе го дадеме нашиот максимум, мојата порака до фановите е дека ќе видат борбен тим со желба за победа.

Саид Хаидарирад
(РК Еурофарм Пелистер)

Се вратив бргу, најмногу благодарение на медицинскиот тим, кој заврши одлична работа. Повредата е во минатото, сега се фокусираме на мечот со Пик Сегед. Очекувам добар резултат и со голем оптимизам го очекуваме дуелот. На сите противници им е тешко во пеколната атмосфера пред нашите гледачи. Нашиот дом е тешко освоив за сите ривали, а тоа ќе го докажеме и на следниот натпревар против Сегед. Мислам дека сме на добар пат, одлично тренираме, тимот е расположен и се наоѓа во позитивен моментум. Не го гледав дербито во Унгарија помеѓу Веспрем и ПИК Сегед затоа што и ние игравме во истиот термин, но од тоа што чув, следниот ривал прикажал извонредна игра. Таму има многу добри и искусни ракометари, затоа мора да сме свесни дека овој меч ќе биде исклучително тежок за нас.

Двете екипи за осум дена во Унгарија ќе играат во рамките на осмото коло на групната фаза на Лигата на шампионите.


Атанасовски: Играњето за Македонија е привилегија, можеме да се надигруваме со секого

Македонската фудбалска репрезентација до 19 години со почеток од 15:00 часот, го игра првиот дуел од квалификацискиот турнир кој што се одржува во Португалија. Нашиот национален тим ќе се сретне со Белгија заедно со домаќинот е фаворит за освојување на првите две места.

Избраниците на селекторот Ерхан Селими во претстојните мечеви влегуваат со максимална подготвеност и мотивираност да забележат што е можно подобар резултат. Репрезентативците имаа квалитетни подготовки за овој предизвик, а последната проверка беа двата дуели со Црна Гора.

„Секако дека сме подготвени за она што следува. Играњето за националниот дрес секогаш е голема привилегија и одговорност. Имаме добра генерација, добро се подготвуваме, како сега така и на изминатите неколку пријателски средби. Противниците се квалитетни но сметам дека можеме да се надигруваме со секого“, изјави Лука Атанасовски пред утрешниот дуел во Гимараеш.


Слободен влез за натпреварот Македонија – Летонија

Македонската репрезентација во четврток, 13 ноември, со почеток во 18:00 часот, ќе го одигра последниот домашен натпревар оваа година.

На Националната арена „Тодор Проески“, нашата најдобра селекција ќе одигра контролен натпревар против Летонија.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека влезот за овој натпревар ќе биде слободен за сите навивачи.

„Ова е наш начин да изразиме благодарност до сите поддржувачи за нивната безрезервна поддршка во текот на целата година. Истовремено, сите оние кои веќе купиле влезница за овој натпревар ќе добијат бесплатен билет за следниот домашен натпревар на репрезентацијата, без разлика дали ќе се работи за бараж за пласман на Светското првенство или за натпревар од друг карактер. Ве покануваме заедно да создадеме уште една убава атмосфера и да им дадеме силна поддршка на нашите фудбалери на последниот натпревар пред домашната публика оваа година и поттик за последниот квалификациски меч против Велс во Кардиф“, велат од ФФМ.