feature

Севиља се продава на почетокот на 2026 година

Шпанскиот фудбалски клуб Севиља се наоѓа пред продажба, истата добива на интензитет и се очекува да се забрза до крајот на оваа година, а зделката се очекува да биде завршена до почетокот на 2026 година, објави „АС“.

Неколку странски инвестициски фондови изразија интерес за купување на клубот, кој со години е во борба за превласт меѓу своите главни акционери. Потребен е договор меѓу нив за продажбата да се случи до 2027 година.

Идниот купувач ќе мора да се справи со огромниот долг на клубот. Проценките се движат од 100 милиони евра за кои клубот тврди дека му ги должи, па сè до над 200 милиони евра.

Севиља ја водат семејствата Гујаро, Карион, Алес и Кастро, а актуелен претседател е Хозе Марија дел Нидо Караско.


Вардар во финишот го „скрши“ Тиквеш

Тимот на Вардар повторно е лидер на прволигашката табела. Попладнево на Арената во Скопје, Вардар го совлада Тиквеш 3-1 и се врати на лидерската позиција на табелата.

Домаќинот на овој меч имаше повеќе од играта, создаде многу шанси од кои три ги претвори во погодок, а најзаслужен зошто “црвено-црните” не забележаа поубедлива победа беше гостинскиот голман, Стевковски кој и покрај примените голови имаше одличен ден и со извонредни интервенции спречи противникот да дополнително да ја затресе неговата мрежа.

Домаќините уште од самиот почеток тргнаа офанзивно кон голот на Тиквеш, а првата можност за погодок ја имаше Азер Омерагиќ кој што биеше со глава покрај дирекот од голот на Стевковски. За да потоа во 17.минута Немања Босанчиќ со удар од слободен удар откосо ја погоди гредата од противничкиот гол.

Во 19. Минута Вардар дојде до водство. Акцијата од лево ја донесе топката до Ворен, кој што од линијата на шеснаесетникот се реши да шутира. Топката удри во некој од дефанзивците на Тиквеш и го измами Стевковски и таа заврши во неговиот гол.

На спротивната страна Иван Ивановски најопасен за голот на Вардар. Ситуација, две, во која беше за сантиметри кус за да ја зафати топката и да создаде опасност.

Сепак, во самиот финиш на првиот дел, грешката на Закариќ на средината на теренот создаде шанса за Тиквеш. Во која, Ивановски биеше откосо, а во блокот направен со лизгачки старт Јанкулов играше со рака. По ВАР проверката, главниот судија Доне Ристовски покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше токму Иван Ивановски.

Стартот на вториот дел го одбележа ситуацијата во која нововлезените Димитар Тодоровски и Едис Спахиу прекрасно комбинираа, но напаѓачот во својот обид беше осуетен од Христијан Стевковски.

Во 78. минута, Вардар имаше уште една екстра шанса. Роџерс Мато тргна сам од својата половина, мина педесетина метри и прекрасно асистираше за Талевски, кој беше сам пред Стевковски но шутираше преку голот.

Во 82. минута конечно Вардар доаѓа до толку посакуваното водство. Одлично нафрлување за Едис Спахиу, кој што изби сам пред Стевковски и постигнува гол за водство од 2-1.

Во 86. минута, Роџерс Мато става крај на сите дилеми околу победникот на овој меч. Рутински реализира од непосредна близина, пласирајќи во долниот лев агол.


Ален Рустемовски во финалето на Европското првенство во бокс

Битолскиот бокс и БК Пелистерски јунак ќе се врати со два европски медали од Европското првенство за помлади сениори (У23) во Ерменија. Ален Рустемовски со перфектна добро водена борба против Артрур Аветикјан од Ерменија се избори за европско финале.

Рустемовски славеше со едногласна одлука на судиите, бидјеќи во сите три рунди ја диктираше борбата, успешно бранејќи се и во даден момент пласираше крошеа и аперкати.

Вториот македонски адут, Адријан Рустемовски, загуби од рускиот боксер Хамзат Матиев со прекин во третата рунда. Адријан ќе се задоволи со бронзен медал, но покажа дека може да се носи и со најсилните боксери, но ќе мора да работи на физичката подготвеност.


Керим човек на одлука, Пелистер целосно ја надигра Брера

Откако прокнижи две победи во второто и третото коло од ПМФЛ, битолскиот тим дури по пауза од десет кола или вкупно 77 дена, повторно се враќа на победничките патеки, славејќи минимално со 1-0 против Брера.

Ова е прв триумф на Пелистер на стадионот „Петар Милошевски“, затоа што една од споменатите две победи беше на гости (против Брера), а другата (против Шкупи) се случи кога екипата беше домаќин на стадионот во Кавадарци, бидејќи нивниот стадион се реновираше.

Како што во повеќе наврати се виде во последните мечеви, битолскиот тим најчесто создава шанса од прекин на играта или од шутеви и центаршутеви од далечина, па така и овој пат го започнаа натпреварот: првата шанса дојде по центаршут на Мрмачовски, кога Петковски биеше со глава, но преку голот, за подоцна Булатовиќ од работ на теренот и покрај двајца чувари да го пронајде Керим во казнениот простор (меѓу четири противнички играчи) за овој со глава да го постигне водечкиот гол, кој всушност ја одлучи и средбата.

Брера во првиот дел имаше само еден удар кон голот на Јовчевски, а шутот го упати Нзенге. Истиот играч во вториот дел успеа да ја затресе мрежата на Пелистер, но голот беше поништен поради недозволена позиција.

Пелистер својата иницијатива најмногу ја претвори во освоени удари од аголот, а повеќе играчи се најдоа во полу шанси при вакви ситуации. Дефанзивецот Здравковиќ се закани на два пати кон крајот на првиот дел, додека Стефан Спировски имаше иста шанса, но неговиот удар со глава по корнерот отиде над пречката. До крајот можат да се спомнат уште две шанси: центаршут на Ристевски до Петковски кој биеше во голманот, како и удар на глава од Белиќ по корнерот што го изведе Спировски.

Во куси црти, битолскиот клуб повеќе ја посакуваше победата во денешниот меч, играчите дадоа свој максимум (при што заработија и четири жолти картони, наспроти еден за гостите) и успеаја да го контролираат овој важен натпревар. Апатичната игра на Брера беше казнета во овој случај, а новите три бода му даваат живот на Пелистер во борбата за опстанок, особено по поразот на директниот ривал Тиквеш од Вардар, во вториот првенствен натпревар одигран денеска во Скопје.

Во следните три кола, Пелистер игра дуели со најзагрозените екипи од дното на табелата, Работнички и Шкупи, а до крајот на ноември ќе гостува и на Арсими, поради што оваа победа има големо психолошко значење за битолскиот клуб.


Шешко не е сериозно повреден, Аморим може да здивне

Медицинскиот персонал на Манчестер Јунајтед се надева дека повредата на коленото што ја претрпе напаѓачот Бенџамин Шешко против Тотенхем не е сериозна, а првичните скенирања покажуваат знаци на подобрување.

Менаџерот на Јунајтед, Рубен Аморим, потврди дека Шешко го повредил коленото, по што бил принуден да излезе од теренот на стадионот во Лондон.

Шешко влезе како замена во 58-та минута, но падна на земја три минути пред крајот додека бркаше долга топка и веднаш беше јасно дека нема да може да продолжи. Ова е уште еден неуспех за напаѓачот, кој имаше тежок почеток на кариерата на „Олд Трафорд“. Тој постигна само два гола за „црвените ѓаволи“ од неговиот трансфер.

И покрај загриженоста, разни извори тврдат дека Шешко веќе ги поминал првичните тестови на коленото, кои „укажуваат дека повредата не е сериозна“.

Скенирањата не покажале ништо загрижувачко. Сепак, играчот ќе се подложи на магнетна резонанца пред да се постави конечна дијагноза.

Веднаш по натпреварот во Лондон, Рубен Аморим изјави дека повредите на коленото секогаш се загрижувачки.


Лех Познањ го сака Имран Фетаи од Шкендија

Шкендија сезонава се претставува повеќе од солидно во Конференциската лига, а покрај бодовите и добрите игри, тетовскиот клуб би можел да заработи и на трансфери.

Според информациите на албанскиот портал „Опен-ТВ“, интерес за дефанзивецот Имран Фетаи покажува полскиот великан Лех Познањ, кој внимателно ги следи неговите настапи.

Фетаи повторно беше меѓу најдобрите и на вчерашниот натпревар против Јагелонија, во кој Шкендија беше на чекор од победа — водеше 1:0 до последните моменти, кога полскиот тим израмни од својата прва посериозна шанса.

Како што пишува порталот, скаути на Лех биле присутни на трибините и оставиле позитивен извештај за младиот дефанзивец. Освен Полјаците, за Фетаи интерес се споменува и од неколку други европски клубови, но токму Лех се смета за најконкретна дестинација.

Пред да пристигне во редовите на Шкендија, Фетаи настапуваше за Беса, Тиквеш, Гостивар, како и за албанската Аполонија, каде ги мина младинските категории.


Совет од Анчелоти до Нејмар: Поблиску до голот, подалеку од крилата

Карло Анчелоти, тренерот на бразилската фудбалска репрезентација, му советуваше на Нејмар да ја промени својата позиција за да се врати во врвна форма.

Советот доаѓа откако легендарниот Бразилец беше изоставен од составот по четврти пат откако италијанскиот стручњак ја презеде клупата на „Селесао“.

Формата и физичката подготвеност на Нејмар се под големи прашања во Сантос, а 34-годишникот е во опасност да го пропушти својот четврти настап на Светското првенство во Северна Америка следната година, пишува Goal.com.

Нејмар повторно е изоставен од составот на Бразил за претстојните пријателски натпревари, четврти пат Анчелоти да не го повика од неговото доаѓање ова лето. Тој го имаше својот последен настап за Бразил во октомври 2023 година, кога претрпе скинати лигаменти на коленото во натпревар против Уругвај.

Следеше долго закрепнување од 12 месеци, а проблемите со повредите продолжија, поради што тој е без настап за репрезентацијата две години. Иако беше поканет во март оваа година, мораше да го откаже настапот поради нова повреда.

Коментирајќи го изоставувањето на Нејмар, Анчелоти откри за PLACAR што најмногу дискутирал со печатот. „Да, да, прашањето што најмногу го слушнав досега е за Нејмар, но тоа е нормално бидејќи тој е легенда на бразилскиот фудбал. Знам дека сите сакаат Нејмар да се врати во својата најдобра физичка состојба.

И федерацијата и тренерот и техничкиот персонал се надеваат дека тој може да се врати на своето најдобро ниво. Вистина е дека денешниот фудбал бара многу. Не само талент, туку и физичка подготвеност, интензитет… се надеваме дека Нејмар ќе биде на своето најдобро ниво.“

Италијанскиот стратег понуди и конкретно решение. „Мислам дека треба да се игра поцентрално, а не како крило, бидејќи во денешниот фудбал, крилата мора да помагаат и во одбраната. Кога играте малку поцентрално, одбранбената работа е многу помала. Исто така, мислам дека многу талентиран играч, поблиску до голот, има повеќе можности да постигнува голови. Лажната деветка би можела да биде неговата идеална позиција.“


Казахстанката Рибакина го освои завршниот Мастерс

Тенисерката од Казахстан Елена Рибакина го освои Завршниот турнир кај тенисерките откако во финалето во Ријад ја победи првата тенисерка на светот Арина Сабаленка со 2-0 во сетови. Финалниот меч траеше 1 час и 48 минути.

Во финалниот меч имаше само еден брејк и тоа во честиот гем кога Рибакина поведе со 4-2 и сетот го освои 6-3 во гемови.

Во вториот сет немаше ниту еден брејк и сетот беше решен во 13-тиот гем. Но, токму во „завршната игра“ имаше три мини брејка за Рибакина која сетот го доби со 7-6 во тај брејкот беше 7-0 на поени за победничката.


Конгрес на ЦЕВ: Европската лига ќе ги замени квалификациите за ЕП

Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на 46. Конгрес во Париз ја презентираше револуционерната промена, со која класичните квалификации за континенталните собири ќе заминат во историја, а Европската лига ќе го замени тој процес.

Првиот човек на европската одбојка, Роко Сикириќ во своето обраќање до претставниците на 55 од вкупно 56 Федерации, меѓу кои и претседателот на ОФМ, Петар Јовановски (кој е и член на Бордот на ЦЕВ) како и генералниот секретар, Филип Деспотовски, соопшти дека циклусот за пласман на ЕвроВолеј 2028 ќе се одвива преку изданијата на Европската лига 2026 и 2027 година.

Од следната година Европската лига ќе биде единствена лига во која пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите четири репрезентации од двете изданија (вкупно осум), заедно со четирите земји-домаќини на првенството, шампионот од ЕП 2026 година, како и 11 селекции според ранкингот на ЦЕВ по завршувањето на Европската лига 2027.

Во пресрет на Конгресот на ЦЕВ, исто така во Париз беше одржан состанок на Балканската одбојкарска асоцијација (БВА), на кој главна тема на разговор беше календарот за Балканските првенства следната година.

Следниот, 47. Конгрес на ЦЕВ ќе се одржи на 24 септември следната година во Милано.


Упамекано заминува, Баерн ќе го менува со Конате

Баерн Минхен е во контакт со централниот дефанзивец на Ливерпул, Ибрахима Конате , чиј договор со тимот од „Енфилд“ истекува ова лето. Ова го објавија медиумите во Германија, цитирајќи го „Билд“.

Според извор, клубот од Минхен го разгледува 26-годишникот како можна замена доколку Упамекано си замине. Тимот на Конате, наводно, е во преговори и со Реал Мадрид и ПСЖ.

Оваа сезона, дефанзивецот на Ливерпул настапи на 15 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи еден гол. Според „Трансфермаркт“, неговата пазарна вредност е 55 милиони евра.