feature

Удар за Барса: Левандовски го пропушта дербито со Атлетико

Играчот на Барселона, Роберт Левандовски, седи на клупа

Медицинскиот тим на Барселона во неделата потврди дека Роберт Левандовски дефинитивно нема да настапи на претстојниот клучен дуел против Атлетико Мадрид. Иако 37-годишниот напаѓач го одигра целиот натпревар против Виљареал, па дури и постигна гол, дополнителните клинички прегледи открија сериозни последици од дуелот. Тестовите дијагностицираа фрактура на левата очна шуплина, повреда која поради својата специфичност и деликатност бара итен одмор за да се избегнат трајни компликации.

Оваа вест доаѓа во лош момент за Ханси Флик. Каталонците се подготвуваат за реваншот од полуфиналето на Копа дел Реј, каде се соочуваат со огромна негатива од четири гола по дебаклот во првиот натпревар. Отсуството на фудбалер со таков авторитет и голгетерски инстинкт дополнително ги намалува шансите за евентуална „ремонтада“. Во отсуство на полскиот интернационалец, најверојатно Феран Торес ќе ја преземе централната улога во нападот, опкружен со Ламин Јамал и Рафиња.

И покрај сериозната дијагноза, првичните прогнози не се целосно песимистички. Додека настапот против тимот на Диего Симеоне е отпишан, Левандовски веќе е фокусиран на камбек против Атлетик Билбао следниот викенд. За таа цел, клубот веќе подготвува специјална заштитна маска. Приоритет на медицинскиот персонал останува неговото целосно закрепнување за осминафиналниот судир во Лигата на шампионите против Њукасл.


Пресврт за паметење: Ветеранот Обамејанг го запали Велодром во епското Олимпико

Играчот на Марсеј, Пјер Емерик Обамејанг, слави гол

Ова беше натпревар кој потсети зошто Choc des Olympiques е еден од најскапоцените бисери на францускиот фудбал. Во пулсирачка победа од 3:2 на стадионот Велодром, Марсеј успеа да го скрши отпорот на борбениот Лион, подарувајќи му на навивачите натпревар за паметење.

Дуелот пламна уште во 3. минута кога Корентан Толисо го замолкна Велодром, крунисувајќи ја акцијата иницирана од високиот пресинг на Ендрик. Лион, под водство на Пауло Фонсека, на почетокот на вториот дел постигна и втор гол, но интервенцијата на ВАР поради офсајд му го даде на Марсеј потребниот „кислород“. Само две минути подоцна, Игор Паишао тактичкото засилување на Марсеј по паузата, со вистински проектил од далечина во горниот агол донесе израмнување. Иако гостите повторно поведоа во 76. минута преку резервистот Реми Имбер, сцената беше подготвена за ветеранот кој на светот му покажа дека неговата класа е вечна.

На помалку од десет минути до крајот, Пјер-Емерик Обамејанг целосно ја презеде контролата врз наративот. Во 81. минута со прецизен волеј по центаршутот на Паишао израмни на 2:2, а кога часовникот влезе во првата минута од судиското продолжение, 36-годишниот Габонец најбрзо реагираше на ниската топка од тинејџерската сензација Итан Нванери за делириум на трибините. . Овој „дабл“ не само што ја прекина серијата од четири меча без триумф, туку го доближи Марсеј на само два бода зад големиот ривал на табелата.

И покрај болниот резултат за „Лавовите“, младиот Ендрик, кој е на позајмица од Реал Мадрид, го продолжи својот метеорски подем. Бразилското чудо од дете беше убедливо најдобриот поединец кај гостите, запишувајќи две асистенции. Неговиот креативен учинок беше на елитно ниво со четири креирани „големи шанси“ – најмногу на натпреварот заедно со Пјер-Емил Хојбјерг. На само 19 години, способноста на Ендрик да диктира темпо во дерби од ваков калибар наговестува дека неговиот престој во Лига 1 е само увертира за глобална доминација.


„Топчиите“ го покорија Челси: Корнерите на Арсенал се нерешлива енигма

Дуел меѓу играчите на Арсенал и Челси

Лондонското дерби на Емиратите уште еднаш докажа зошто корнерите се едно од најмоќните оружја во современиот фудбал. Арсенал извојува клучна победа од 2:1 над Челси, со што ја зголеми предноста на врвот на табелата во Премиер лигата на пет бода пред Манчестер Сити.

Од самиот старт, избраниците на Микел Артета ја покажаа тактичката дисциплина која стана нивен заштитен знак во трката за титулата. Мртвата точка беше скршена во 21-вата минута по веќе воиграна акција: Букајо Сака центрираше од корнер, Габриел Магаљаеш ја врати топката во петерецот, каде што Вилијам Салиба со прецизен удар со глава го постигна својот прв сезонски погодок. Сепак, Челси под водство на Лиам Росениор покажа карактер. Пред самиот крај на првиот дел, гостите одговорија со истото оружје. Остриот центаршут на Рис Џејмс предизвика хаос во шеснаесетникот, по што топката несреќно се одби од Пиеро Хинкапи за израмнување на резултатот.

Второто полувреме почна со иницијатива на „Сините“, а Давид Раја мораше да интервенира во неколку наврати за да ги сопре ударите на Енцо Фернандез и Жоао Педро. Сепак, во 66-тата минута, „кралевите на прекините“ повторно стапија на сцена. Деклан Рајс испрати перфектна топка од корнер, која ја дочека Јуриен Тимбер и со силен удар со глава го совлада Роберт Санчез. Работата за Челси стана уште потешка само четири минути подоцна, кога Педро Нето доби втор жолт картон поради фаул над Габриел Мартинели, оставајќи ги своите соиграчи со фудбалер помалку до крајот на мечот.

Овој триумф за „Топчиите“ не е само обична победа, туку и запишување во историјата. Арсенал сезонава постигна дури 16 голови по корнер, со што го израмни рекордот во Премиер лигата. Иако финишот донесе драма и поништен гол на Лиам Делап поради офсајд, Арсенал издржа и стигна до 64-тиот бод. Додека Челси продолжува да се бори за европски пласман, овој резултат јасно покажува дека Арсенал, за разлика од минатите години, е посериозен за оваа титула.


Родриго ќе биде подготвен за натпреварот со Сити

Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбеола, повторно не изнесе конкретен датум за враќањето на Килијан Ембапе, но потврди дека Родриго е подготвен да се врати во тимот.

Французинот останува во фокусот поради новата повреда, бидејќи Реал Мадрид не објави детали за сериозноста. Се шпекулираше дали ќе биде подготвен за двата натпревара против Манчестер Сити или само за реваншот.

Алваро Арбеола зборуваше за повредата на Мбапе пред утрешниот натпревар против Хетафе.

“Кога се враќа Мбапе? Не можеме точно да кажеме. Сѐ зависи од неговото закрепнување. Ќе игра кога ќе биде 100% подготвен. Од клучно значење е да разбереме за што станува збор и да имаме јасен план за опоравувањето. Планираме целосно враќање во фома пред враќањето на теренот,” изјави Арбеола.

Арбеола исто така потврди дека Родриго е подготвен за натпреварите со Сити.

“Родриго ќе биде наш важен играч. Тој знае како да влијае на натпреварите и ја потврди својата вредност за Реал Мадрид претходните години. Може да игра на сите позиции во нападот и е тежок за чување. Возбуден сум за неговото враќање,” рече Арбеола.

Се очекува Родриго да добие минути против Хетафе во понеделник и против Селта во петок, за да биде во вистинска форма за дуелот против Манчестер Сити во Лигата на шампионите.

Реал Мадрид ќе го пречека Гетафе во понеделник во 21:00 часот, а потоа во истото време во петок ќе гостуваат кај Селта, за да имаат доволно време за подготовка за Сити, кој доаѓа на 10 март.


Керик: Да не летаме високо, уште ништо не сме направиле

Манчестер Јунајтед продолжува со својот забележителен напредок под водството на Мајкл Керик, забележувајќи уште една важна победа. Црвените ѓаволи го совладаа Кристал Палас со резултат 2:1, што им овозможи да се искачат на третата позиција во табелата на Премиер лигата.

Сепак, тренерот предупреди дека екипата не треба да се занесе поради овој успех и ги пофали играчите за карактерот и пресвртот кој го покажаа за време на натпреварот.

На полувремето разговаравме со момците за позицијата во која се наоѓаме, како да реагираме и да покажеме индивидуалност и верба. Фудбалот понекогаш знае да биде тежок, а оваа лига е исклучително барана, па не секогаш сè оди лесно. Но, да се вратиме на таков начин и да го свртиме натпреварот во наша корист е најголемото нешто кое го носам од денешниот ден – изјави Керик.

Потоа се осврна на искачувањето на екипата на третата позиција на табелата.

„Во моментов тоа нема многу значење. Убаво е и сакаме да продолжиме да напредуваме. Се справивме со рано примен гол и правилно одговоривме, но не смееме да се заборавиме“, заклучи стратегот на Црвените ѓаволи.


Филаделфија три натпревари без Ембид

Кошаркарот на Филаделфија 76ерс, Џоел Ембид, ќе пропушти најмалку три натпревари во НБА лигата поради повреда на десниот мускул, потврди неговиот клуб.

Ембид се повреди пред два дена на натпреварот против Мајами Хита по дополнителните прегледи е одлучено да паузира на три натпревари во серија.

Лекарскиот тим препорача мирување од најмалку три натпревари, за да не се комплицира ситуацијата и да дојде до уште подолга пауза.

Во досегашниот дел од сезоната, Ембид одигра 33 натпревари, со просек од 26,6 поени, 7,5 скокови и 3,9 асистенции по натпревар.


Талант во продблеми, се повреди Алекс Душебаев

Киелце во клучниот дел од сезоната се соочи со огромен проблем, откако Алекс Душебајев заработи незгодна повреда на ногата во финишот од последниот меч во Лигата на Шампионите против Фулсе Берлин.

Десниот бек остана да лежи на теренот и веднаш стана јасно дека проблемот не е наивен – што беше потврдено и со деталните лекарски прегледи по враќањето во Полска.

Киелце преку клупско соопштение објави дека станува збор за кинење на мускулни влакна во пределот на бицепсот на ногата, за што препорачаната пауза изнесува најмалку шест седмици.


Емре Чан сериозно се повреди, го чека долга пауза

Борусија Дортмунд објави дека капитенот на тимот Емре Чан има скинати предни вкрстени лигаменти на левото колено за време на натпреварот од Бундеслигата против Баерн (2:3). Се очекува фудбалерот да отсуствува подолго време.

Спортскиот директор на Дортмунд, Себастијан Кел, ја коментираше ситуацијата: „Повредата на Емре е многу несреќен настан, не само за него, туку и за целиот клуб. Тој е наш капитен, секогаш посветен на тимот и важен дел од клубот. Емре ќе ја добие нашата целосна поддршка во наредните месеци за да се осигури неговото целосно закрепнување“, изјави Кел за прес-службата на клубот.

Оваа сезона, Емре Чан одигра 16 натпревари и постигна три гола.


Дали „Финалисима“ ќе го промени местото на одржување на натпреварот

Планираниот натпревар помеѓу актуелните европски и јужноамерикански шампиони, познат како „Финалисима“, кој требаше да се одигра на 27 март во Катар, е одложен поради ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток, кои зафатија повеќе азиски земји.

Катарските власти објавија дека натпреварот е одложен откако и оваа земја стана мета на напади поврзани со регионалните воени дејствија.

Катар беше погоден од иранските напади, бидејќи на неговата територија се наоѓаат воени бази на САД.

„Поради актуелната безбедносна состојба, сите фудбалски настани во земјата се одложени до натамошно известување“, соопштија од Фудбалската федерација на Катар.

САД и Израел започнаа координирана воена операција против Иран, при што, според извештаите, е елиминиран врховниот духовен водач на таа земја, ајатолахот Хамнеи. Како одговор, Иран изврши воздушни напади на териториите на ОАЕ, Катар, Бахреин, Јордан и Кувајт, што дополнително ја дестабилизира безбедносната состојба во регионот.


Италијанката Софија Гоџа најбрза на супервелеслаломот, додека машкиот супер-џи откажан

Италијанската скијачка Софија Гоџа победи на супервелеслаломот во Солдеу во Андора. Таа до победата стигна со време 1:25.95 минута. Второто место и припадна на Германката Ема Рајхер, која имаше 24 стотинки заостанување зад победничката, а како третопласирана заврши Кајса Викхоф Ли, која имаше 31 стотинки заостанување зад Гоџа.

Во пласманот за супервелеслалом Гоџа е прва со 420 бода, додека Алис Робинсон од Нов Зеланд е втора со 336 бодови. Инаку денешната трка ја заврши на седмото место. Во генералниот пласман водечка е Микаела Шифрин со 1.133 бодови, Камил Раст од Швајцарија со 963 бодови.

Машкиот супервелеслалом што требаше да се одржи во Гармиш Партенкирхен е откажан поради магла и ќе се одржи на 13. март во Куршавел.