feature

Митровиќ сериозно се повреди, виси неговиот настап на Европското првенство

Српскиот фудбалски репрезентативец Александар Митровиќ се повреди на последниот меч за Ал Хилал во Саудиска Арабија.

Митровиќ постигна два гола пред да ја напушти играта поради повреда во победата од 4-3 на неговиот Ал Хилал против Ал Шабаб.

Првичните информации велат дека повредата е сериозна, па Митровиќ го чека подолга ауза од фудбалските терени. Деталните лекарски прегледи треба да дадат одговор дали тој ќе може да се опорави за настап во дресот на Србија во јуни на Европското првенство 2024 во Германија.


Дани Алвеш одново ќе биде изложен на судиски процес

Откако пред неколку дена излезе од затвор во Бразил, Дани Алвеш е во нови неволји. Имено, како што пренесува шпанскиот весник „Марка“, против него е покрената нова кривична постапка.

Сега тој е обвинет за кражба на музика од двајца бразилски композитори, Џулијано Матеус и Тиаго Матеус, за песна објавена во 2020 година како дел од проект за Обединетите нации.

Алвеш ги отфрли обвинувањата, а неговите адвокати објаснуваат дека двајцата ја искористиле популарноста на играчот за незаконски да се збогатат на негова сметка.


Барса ќе испрати нова понуда за Алекс Гарсија од Џирона

Фудбалерот од средниот ред на Џирона, Алекс Гарсија, веројатно ќе добие понуда да се пресели во екипата на Барселона во текот на летото, наведуваат дел од медиумите во Шпанија.

26-годишниот фудбалер има играно за Виљареал, Манчестер Сити, Мускрон, Динамо Букурешт и Еибар пред да се врати во Жирона во 2021 година.

Каталонците сакаа да го земат Гарсија во јануари но, не испратија добра понуда. Џирона за неговиот потпис бара од 30 до 40 милиони евра.


Киеза прв пик за новиот Ливерпул

Челниците на фудбалскиот состав Ливерпул имаат желба да го ангажираат крилниот напаѓач на Јувентус, Федерико Киеза, како евентуална замена за Мохамед Салах кој со едната нога е надвор од „Енфилд“.  

26-годишниот играч кој се соочи со серија на повреди, не влегува во плановите на тренерот, Алегри и лесно може да си замине од Торино.

Трансферната сума би била околу 40 милиони евра. Киеза има 119 натпревари, 29 голови и 22 асистенции за „старата дама“ .


Тотенхем сака да го откупи Тимо Вернер

Напаѓачот на Тотенхем, Тимо Вернер, кој игра како позајмен од Лајпциг, може да остане во лондонскиот клуб, пренесуваат медиумите од – „колевката на фудбалот“.

Според изворот, управата на „Спарси“ е задоволна од настапот на 28-годишниот Германец и планира да му понуди перманентен договор.

Вернер кој одигра 23 натпревари за англискиот тим  со ефект од 4 голови и 3 асистенции, има пазарна вредност од околу 17 милиони евра.


Милитао започна со тренинзи, Анчелоти доби засилување во одбраната

Милитао доживеа тешка повреда и подолго време беше надвор од стројот, но сега конечно се враќа во тренажен процес и наскоро се очекува неговиот „кам-бек“ на терените.

„Милитао конечно се врати и тренира со тимот. Ќе биде во составот за следниот натпревар, но не знам дали ќе добие минутажа. Првичните тренинзи поминаа одлично и наскоро го очекуваме повторно со неговите вообичаени настапи“, рече Анчелоти.

Неодамна Милитао доби и нов договор од „кралевите“, што само ја потврдува довербата од управата на најтрофејниот европски клуб.


Унгарски Ѓер ја повлече „осумнаесетката“ на Аморим

Ракометарката Едуарда Аморим Талеска ќе добие уште едно признание за нејзината големина.

На почетокот на мај, Ѓер, клубот во кој мина најголем дел од својата кариера и со кој петпати во низа ја освои Лигата на шампионите ќе го „пензионира“ нејзиниот број на дрес.

„Во Ѓер ќе го повлечат од употреба мојот дрес. Тоа ќе се случува во четвртфиналето од Лигата на шампионите, на натпревар кој ќе се игра на 4 или 5 мај. Тоа е голема чест. Верувам дека ќе биде многу емотивно и убаво повторно да се биде таму“.


Колинс го освои турнирот во Мајами

Американската тенисерка Даниеле Колинс го освои трофејот во Мајами, откако славеше со 2-0 во сетови, односно 7-5 и 6-3 против Елена Рибакина.

Првиот сет беше решен со брејк во 12. гем, кога Колинс го нападна сервисот на противничката и ја искористи третата брејк-топка за да стигне до 7-5 во сетот.

Колинс и Рибакина водеа голема битка во вториот сет, но Американката со два брејка на противнички сервис стигна до 6-3 и трофејот на турнирот.


Супер глоуб по неколку години се враќа во Европа

Ракометното светско клупско првенство, Супер Глоуб, најверојатно ќе се игра повторно во Европа.

Договорот меѓу Светската ракометна федерација и Саудиска Арабија, кој беше потпишан на четири години заврши и нема да биде продолжен, а шпекулациите велат дека Супер Глоуб би можел да се игра на европскиот континент.

Со оглед на тоа што Саудијците се откажаа од можноста да организираат Мундијал, јасно е дека интересот за ракометот не се зголеми и ќе се концентираат на други спортови.

Првото издание на Супер Глоуб, кое беше и последно во Европа, се одржа во Виена во 1997 година, а потоа се играше во Доха и во Каиро во 2002 и 2007 година.

Без прекин почна да се одржува од 2010 година до 2023 година, а два домаќини беа Катар и Саудиска Арабија. Последните три трофеи на ова натпреварување ги освои бундеслигашот Магдебург.


Зидан одбил да седне на клупата на Баерн

Зинедин Зидан нема да го води Баерн на крајот од актуелната сезона, објави новинарот Флоријан Плетенберг.

Според Плетенберг, раководството на тимот од Минхен не е заинтересирано за потпис со францускиот фудбалски стручњак.

Под водство на 51-годишниот Зидан, Реал три пати ја освојуваше Лигата на шампионите, а два пати стана шампион на Шпанија. Баерн претходно објави дека главниот тренер Томас Тухел ќе го напушти клубот на крајот од сезоната 2023/24.

По 26 кола во германското првенство, тимот од Минхен е на второто место со 60 бодови. Заостатокот од водечкиот Баер Леверкузен е 10 бода.