Ѕвездата на Борусија Дортмунд, Серху Гираси, ќе биде подготвен за дербито во Бундеслигата следниот викенд против Баерн Минхен. Самиот напаѓач го напушти кампот на репрезентацијата на Гвинеја, но ќе биде достапен за натпреварот против Баварците, изјави портпаролот на клубот.
Гираси претходно се пожали на проблем со тетивата, што доведе до загриженост кај навивачите на Дортмунд дека нема да биде достапен за натпреварот од врвот на табелата во сабота. Сепак, портпаролот на клубот изјави дека неговото учество не е во опасност и дека се во контакт со 29-годишниот играч, кој зел неколку дена одмор.
Џерард одбила да се врати во Ренџерс
Стивен Џерард се повлече од трката за нов менаџер на Глазгов Ренџерс, јавуваат британските медиуми.
45-годишниот поранешен истакнат англиски фудбалски репрезентативец беше главен фаворит да го замени отпуштениот Расел Мартин, но по конструктивни разговори со раководството на клубот, одлучил дека моментот не е соодветен за враќање на „Ајброкс“.
Според информациите, разговорите поминале во позитивна атмосфера и двете страни се договориле да „ја остават вратата отворена“ за иднината.
Мартин беше отпуштен минатиот викенд, по само четири месеци на клупата. Под негово водство, Ренџерс има само една победа во првите седум кола од шкотската Премиер лига. За Ренџерс настапува македонскиот репрезентативец Бојан Миовски.
Џерард, кој во јануари ја напушти клупата на саудискиот Ал-Етифак, е вистински херој за навивачите на Ренџерс. Тој ја предводеше екипата до шампионската титула во сезоната 2020/21, единствената освоена по финансискиот колапс на клубот во 2012 година.
Анчелоти добива нов договор со Бразилската фудбалска федерација
Италијанскиот стратег Карло Анчелоти е подготвен да потпише нов и продолжен договор со Бразил до 2030 година, водeјќи ја селекцијата во уште еден циклус за Светското првенство. Ова ја покажува големата доверба што Бразилската федерација ја има кон Анчелоти, откако долго време се обидуваа да го убедат да ја прифати функцијата.
Според весникот „О’Глобо“, планот е да се обезбеди присуство на поранешниот тренер на Реал Мадрид, без разлика на резултатите на Светското првенство во САД, Мексико и Канада во 2026 година.
Анчелоти неколку пати изјави дека тој и семејството се задоволни со улогата што ја има и дека би бил подготвен да прифати подолг договор.
Досегашниот негов ефект на клупата на „Селесао“ е три победи, еден пораз (0-1) од Боливија и едно реми (0-0) со Еквадор.
Анчелоти останува единствениот тренер во историјата што освоил петте најсилни европски првенства, Серија А, Ла Лига, Премиер Лига, Бундеслига и Лига 1.
Покоњоли е нов тренер на Монако
Францускиот клуб Монако, го назначи 38-годишниот поранешен белгиски репрезентативец Себастијан Покоњоли за нов тренер на тимот. Тој го наследува Австриецот Ади Хутер, кој го напушти клубот на 10 октомври, соопшти официјалниот сајт на клубот.
Како играч, Покоњоли настапуваше за Генк, АЗ Алкмар, Стандард, Хановер, Вест Бромич Албион, Брајтон и Унион Сен Жил.
По завршувањето на играчката кариера, тој започна тренерска кариера со младинскиот тим на белгискиот Унион Сен Жил во 2021 година. Потоа работеше со младинските тимови на Генк и белгиската репрезентација до 18 години.
Од летото 2024 година, Покоњоли беше старши тренер на првиот тим на Унион Сен Жил, а сега го презема предизвикот во Монако.
Мирковиќ ќе ја води српската репрезентација во Андора
Фудбалскиот сојуз на Србија ја прифати оставката на селекторот Драган Стојковиќ по поразот од Албанија во Лесковац. Пикси нема да патува со тимот во Андора.
Тимот ќе го предводи Зоран Мирковиќ, селекторот на младата репрезентација. Тој веќе се приклучи на тимот во Ниш заедно со стручниот штаб.
„По поразот на репрезентацијата од Албанија во Лесковац, селекторот Драган Стојковиќ понуди оставка од својата функција и нема да патува со екипата на квалификацискиот натпревар за Светското првенство против Андора. В.Д. предводник на српската репрезентација во следниот квалификациски натпревар за Светското првенство ќе биде стратегот на нашата млада селекција, Зоран Мирковиќ, кој веќе се приклучи на репрезентацијата во Ниш во недела наутро, заедно со членовите на стручниот штаб Страхиња Пандуровиќ, Лазар Томиќ, Александар Кировски, Дејан Одавиќ и Богдан Милиќевиќ“, се вели во соопштението на ФСС.
Извршниот одбор на ФСС ќе се состане во петок, 19 октомври. Тогаш ќе се одлучи кој ќе го наследи Стојковиќ. Засега главен кандидат е Вељко Пауновиќ, иако постои можност и Зоран Мирковиќ да продолжи како селектор на сениорскиот тим на Србија.
Постекоглу пред отказ, Форест веќе го знае името на наследникот
Англискиот премиерлигаш Нотингем Форест веќе бара замена за менаџерот Анге Постекоглу. Главен кандидат е Шон Дајш, јавуваат британските медиуми.
Дајш е поранешен играч од академијата на клубот и живее во градот. Има големо искуство со тимови во Премиер лигата. Последно го водеше Евертон, но беше отпуштен по завршувањето на минатата сезона и сега е слободен за нов предизвик.
Постекоглу беше назначен на 9 септември, но сè уште нема победа во седум последовни натпревари. Трпението на сопственикот Евангелос Маринакис е при крај.
Двата натпревари по репрезентативната пауза ќе бидат клучни. Нотингем Форест ќе игра против Челси во Премиер лигата и против Порто во Лига Европа на „Сити Граунд“.
Влаховиќ: Овој пораз е најтешкиот во мојата кариера
Напаѓачот Душан Влаховиќ ја коментираше тешкиот пораз на Србија од Албанија (0-1). Фудбалерот на Јувентус зборуваше отворено за емоциите по мечот.
„Ова не е лесно. За мене е најтежок пораз од кога сум во репрезентацијата, и верувам дека другите момци се чувствуваат исто. Тежок ден, тешка вечер. Нема што друго да кажам“, изјави Влаховиќ.
И покрај необичната, речиси „театрална“ атмосфера на стадионот, тој нагласува дека тимот останал концентриран.
„Бевме фокусирани на играта на теренот. Атмосферата ја чувствуваш само кога топката не е кај нас. Но кога си концентриран, ретко го слушаш тоа што се случува на трибините. Мислевме дека мора да победиме. За жал, не успеавме. Сега треба да играме во Андора – ќе биде тешко, но мораме да се опоравиме за следниот меч и да победиме, затоа што сè уште имаме надеж.“
Влаховиќ призна дека најтешки моменти биле двете големи шанси кои не ги реализирал и ја превзема целосната одговорност.
„Најмногу сакав да постигнам гол, повеќе од било кој друг. Не успеав и многу жалам. Кажав во соблекувалната – не барав алиби. Сè можеше да биде различно ако постигнев гол во првото полувреме. Мечот можеше да тргне во друга насока и можеби ќе победевме. Сепак, загубивме и многу ни е тешко“, истакна Влаховиќ.
Дани Олмо се повреди и ќе го скокне дуелот со Олимпијакос
Барселона остана без еден од своите клучни играчи, само неколку дена пред дуелот од Лигата на шампиони против Олимпијакос.
Проблемите со повредите не стивнуваат за Барселона, а Ханси Флик го доживеа ударот кога Дани Олмо се приклучи на списокот на отсутни, токму пред важниот натпревар во Лигата на шампиони против Олимпијакос во третиот круг на најсилното европско натпреварување.
Иако се очекувањата големи околу закрепнувањето на Ламин Јамал, со надеж дека младиот талент ќе биде подготвен за натпреварот против грчкиот тим, вестите за Дани Олмо не се воопшто охрабрувачки.
Каталонскиот офанзивен играч за врска го напушти тренингот на својата репрезентација поради непријатност во мускулот, предизвикувајќи загриженост и во шпанскиот и во таборот на Барселона. Поради повредата на Олмо, селекторот Луис де ла Фуенте е принуден да ги преиспита своите планови за квалификацискиот натпревар за Светско првенство против Грузија.
27-годишниот ас ќе биде подложен на медицински прегледи за да се утврди сериозноста на повредата, а неговото учество во натпреварите со репрезентацијата е многу неизвесно. Неговото отсуство претставува значаен удар, бидејќи Олмо се смета за клучен играч и за Шпанија и за Барселона, благодарение на неговата креативност и способност за постигнување голови.
За Ханси Флик, можната загуба на Олмо доаѓа во особено напорен период, со тежок распоред на тимот во Ла Лига и Лигата на шампиони.
Охрид го декласира Баки на стартот на својата европска приказна
Ракометарите на Охрид се веќе со едната нога во следната рунда од ЕХФ Европскиот Куп. „Гладијаторите“ приредија вистинска ракометна лекција за Баку и на првиот меч славеа со неверојатни 44-11.
Од самиот старт беше јасно кој е господар на теренот. Охрид поведе со 5-1, потоа зголеми на 10-3, а на полувремето веќе имаше убедливи 24-7.
Голманот Чаневски одигра меч за паметење – одбрани 22 удари и заврши со 68 % успешност, што беше дополнителен удар за азербејџанскиот тим.
Тренерот Ројевиќ во второто полувреме им даде шанса на сите ракометари, но разликата само растеше. На крајот – 33 голови предност за македонскиот претставник.
Најефикасен беше Иванковиќ со девет погодоци, додека Ојлески и Ѓукиќ постигнаа по шест. Кај гостите се истакна Мамадов со четири гола.
Реваншот кој се игра утре од 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе биде само формалност – јасно е дека Охрид патува меѓу најдобрите 32 екипи во ЕХФ Купот.
Пикси поднесе оставка по поразот од Албанија
Фудбалската репрезентација на Србија доживеа пораз од Албанија со 0-1 во Лесковац, сериозно загрозувајќи ги шансите за пласман на Светското првенство. Навивачите на трибините скандираа „Пикси, оди си“, а селекторот Драган Стојковиќ ја прифати одговорноста.
„Јас сум виновен, јас сум предводник на селекцијата и ја преземам целата одговорност. Апелирам да не ги критикувате фудбалерите, вината е целосно моја. Ни на крај не ни доаѓаше во мислите дека ќе го загубиме мечот од Албанија. Примивме гол по прекин на играта, во второто полувреме се обидовме да израмниме, но не успеавме. Албанија беше добро организирана во одбраната“, изјави Стојковиќ по мечот.
Следен натпревар за Србија е против Андора, но останува неизвесно дали Стојковиќ ќе остане на селекторската позиција.