feature

Нејмар ослободен од обвиненијата за корупција

Судот во Барселона ги ослободи од обвиненијата бразилскиот фудбалер Нејмар, неговиот татко, поранешниот претседател на Сантос , како и бившите директори на Барселона, Сандро Росел и Жозеп Бартомеу. Сите наведени лица беа обвинети за корупција во врска со трансферот на Нејмар од Сантос во Барселона кој беше реализиран во 2013 година.

Бразилската компанија ДИС ги обвини Нејмар и останатите дека намерно го сокриле износот на неговиот трансфер со цел да го избегнат плаќањето на делот кон оваа компанија која беше еден од носителите на играчките права на Нејмар.

Шпанскиот суд во соопштението истакнува дека нема доволно докази дека постоел лажен договор, или дека компанијата ДИС е намерно оштетена.


Голем интерес за Софијан Амрабат по одличниот Мундијал

Англиските медиуми пренесуваат дека Ливерпул спрема понуда за ѕвездата на Мароко, Софијан Амрабат. Имено, Клоп сака да го засили средниот ред во јануари, па останал импресиониран од настапите на Амрабат на Мундијалот.

26-годишниот фудбалер на Фиорентина игра одлично на Мундијалот, а Клоп има потреба токму од таков профил на фудбалер.

Ливерпул нема многу алтернативи во средниот ред, па е во потрага по квалитетен играч за врска. „Црвените“ спремиле понуда од 30 милиони евра и сакаат да го доведат во јануари.


Џовани Реина ризикувал исклучување од Мундијалот

Медиумите во САД открија дека фудбалерот на Борусија Дортмунд, Џовани Реина, за малку ќе бил избркан од репрезентацијата на СП во Катар .

Тој со однесувањето на тренинзите и на пријателските натпревари го налутил стручниот штаб. Реина доби шанса во вториот дел против Холандија откако испратил извинување до сите во националниот тим. 

Фудбалерот објави и изјава на социјалните мрежи, во која потенцира дека изненаден што информацијата околу целата ситуација протекла во медиумите.


Кејн доби еднонеделен одмор по мундијалската елиминација

Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, ќе добие една недела одмор пред да им се приклучи на лондончани на мини подготовките за продолжението на сезоната.

29-годишниот фудбалер беше капитен на „Гордиот Албион“ на 5 натпревари во Катар. Тој постигна 2 гола и направи 3 асистенции. Тотенхем на 26 декември го очекува натпреварот против Брентфорд во рамките на 17. коло од Премиер лигата.

Пред тоа е предвидено тимот да одигра пријателски меч против Ница на 21 декември.


Тен Хаг: Само Мбапе е подобар од Рашфорд

Ерик тен Хаг изјави дека напаѓачот на неговиот тим Маркус Рашфорд е еден од двајцата најдобри во светот. Јунајтед ќе ја искористи можноста да го продолжи договорот на Рашфорд на уште една година и со тоа да го спречи неговото евентуално заминување без обештетување, а во оваа прилика англискиот напаѓач доби пофални зборови од својот тренер Ерик тен Хаг.

„Од првиот момент на моето пристигнување препознав огромен потенцијал во него. Кога Маркус ќе ја добие топката во просторот зад противничката одбрана, речиси и да нема играч на светот кој може да го реши тоа подобро од него.

Навистина е тешко да го запре. Само Мбапе е подобар од него во моментов во тој сегмент. Многу се подобри“, задоволен е Тен Хаг.

Рашфорд на Светското првенство во Катар на петте одиграни натпревари постигна три гола.


Дешамп останува селектор на Франција и по Мундијалот

Францускиот селектор Дидие Дешамп одлучи да остане на функцијата до крајот на Европското првенство во 2024 година. Француските медиуми најавуваа дека Дешамп ќе ја напушти функцијата по Светското првенство во Катар, а на негово место ќе дојде Зинедин Зидан, кој одби неколку понуди, бидејќи чекаше да ја преземе селекцијата на Франција.

Сепак, челниците на Француската фудбалска федерација (ФФФ) го оставиле Дешамп сам да одлучи. Тој призна дека договорот меѓу него и првиот човек на федерацијата бил да се исполни целта за пласман во полуфиналето и Светското првенство, а потоа да се зборува за неговата иднина.

Франција синоќа во четвртфиналето на Мундијалот ја совлада Англија (2-1), а во полуфиналето ќе се сретне со Мароко.

„Одлуката за иднината ја имам во мои раце, па наскоро ќе одлучам. Ќе играме во полуфинале, па ќе видиме што ќе се случи. Убаво е да се постигне целта, која ја постави федерацијата и претседателот Ноел ле Грае. Сакам само да уживам во оваа победа“, одговори Дешамп на прашањето дали ќе остане селектор на Франција и по натпреварот со Англија.


ФИФА го скрати изборот на судии за завршницата на Светското првенство

За време на паузата во националните првенства поради СП во Катар, Антонио Конте беше во Торино, што ги натера навивачите на Јувентус да го замолат да се врати во нивниот клуб, особено што неговиот договор со Тотенхем му истекува.

Тренерот сè уште има куќа во градот, откако голем дел од играчката и менаџерската кариера помина во Јуве. Среде паузата за Светското првенство во Катар, Конте се врати во Торино и беше забележан како јаде во еден од неговите омилени ресторани.

Неговиот договор со Тотенхем е до крајот на сезоната и преговорите за продолжување се чини дека се во мирување. Конте го презеде Тотенхем од ноември 2021 година.


Ига Швјонтек е прогласена за тенисерка на годината

Женската тениска асоцијација – ВТА, соопштува дека Ига Швјонтек е прогласена за тенисерка на годината.

Тенисерката од Полска сезоната ја заврши на врвот од ВТА листата, а оваа година успеа да го освои Ролан Гарос, и УС Опен. Швјонтек исто така беше победничка на турнирите во Доха, Индијан Велс, Мајами, Штутгарт, Рим и Сан Диего.

Оваа сезона таа оствари скор од 67 победи и девет порази.

Ига Швјонтек на првото место од ВТА листата се наоѓа од четврти април оваа година.


Фердинанд: Меси игра како Бог

Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед и репрезентативец на Англија, Рио Фердинанд, изрази воодушевеност од настапите на Лионел Меси во дресот на Аргентина на Мундијалот во Катар.

„Меси е најдобриот играч досега на Светското првенство. Тој игра речиси како Бог. Никогаш не сум видел такво нешто“, изјави Фердинанд.

Меси на претходните пет натпревари на Светското првенство во Катар постигна четири гола и запиша две асистенции. Тој беше директно вклучен во шест од вкупно деветте гола на Аргентина.

Лео Меси пред стартот на Мундијалот во Катар изјави дека ова ќе биде негово последно СП. 35-годишниот Меси се надева дека ќе успее да ја освои светската титула која е единствената која му недостига во кариерата.


30 чартер летови од Мароко за Катар

Државната мароканска авио-компанија одлучи да воведе 30 нови чартер летови помеѓу Казабланка и Доха за да ги пренесе навивачите на Мароко на полуфиналето од Светското првенство каде ќе се сретнат репрезентациите на Мароко и Франција.

Авио компанијата во своето соопштение наведува дека ќе реализира воздушен мост за да им овозможи на бројните Мароканци кои сакаат да ја поддржат репрезентацијата во нејзиниот најголем фудбалски успех во историјата, да ја доживеат емоцијата на полуфиналето од Светското првенство.

Според извештаите, се очекува да се обезбедат скоро 30 авионски летови пред и на денот на одигрување на полуфиналниот дуел помеѓу Мароко и Франција кој се игра во среда од 20:00 часот.