feature

Младост УГД и Работнички слават гостински победи во Битола и Скопје

Одбојкарките на Младост УГД ја запишаа третата победа во четвртото коло во Првата лига жени, откако во натпревар во пет сета се радуваа на гостувањето во „Боро Чурлевски“ во Битола, кај Пелистер Волеј. Натпреварот кој имаше хуманитарен предзнак во чест на прерано починатата спортска битолска легенда, Зоран Петковски, понуди одлична одбојка пред околу 1.500 гледачи. Битолскиот состав иако има епитет на дебитант во најсилното женско одбојкарско друштво втор викенд во низа игра натпревар во пет сета, потврдувајќи ги неговите сериозни амбиции. Младост УГД одигра на искуство и успеја да си замине како победник. 

Нашиот претставник во ЦЕВ Челинџ Купот, Работнички Скопје имаше успешна последна проверка на силата со максимална победа над Вардар ЕМ во пресрет на двомечот во естонски РАЕ Спордикол, кој го игра на 4 и 5 ноември на гостински терен.

Два натпревари беа одложени, Јанта Волеј КВ и Фит Фан Волеј поради настап на шампионот во квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите, додека средбата Наковски Волеј против Ускана беше предвидено да се игра викендов, но е одложена. 

Прва лига (ж)
Четврто коло::

Вардар ЕМ – Работнички Скопје    0-3 (20-25, 16-25, 22-25)
Пелистер – Младост УГД    2-3 (25-22, 22-25, 19-25, 25-20, 12-15)
Газели – Струмица жени    02.11.2025
Јанта Волеј КВ – Фит Фан Волеј     одложена
Наковски Волеј – Ускана    одложена

В понеделник во СЦ „Форца“ од 20:15 часот се игра дуелот меѓу Газели и Струмица жени.


Познати деветте олимписки стипендисти на МОК

Управниот одбор на Македонскиот Олимписки комитет ја одржа својата редовна седница на која едногласно беа донесени низа клучни одлуки за успешното работење и идниот развој на олимпизмот. Во главните точки спаѓаа усвојувањето на извештајот за ЕМОФ, именувањето на нов менаџерски тим и одобрувањето на новите олимписки стипендии за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, по што беа свечено потпишани и договорите со стипендистите.

Одобрени се девет стипендии, со вкупен месечен износ од 9.000 американски долари, кои ќе се исплаќаат директно на спортистите. По завршувањето на седницата, беа и свечено потпишани договорите со стипендистите.

Стипендисти за Олимписките игрри во Лос Анџелес во 2028 година:
•    Дејан Георгиевски (1.600 УСД) – Теквондо
•    Мила Рељиќ (1.600 УСД) – Теквондо
•    Дарио Ивановски (1.200 УСД) – Атлетика
•    Ангел Петрушев (1.200 УСД) – Кајак
•    Анастасија Мојсовска (800 УСД) – Спортско стрелаштво
•    Магомедгаџи Нуров (800 УСД) – Борење
•    Владимир Егоров (800 УСД) – Борење
•    Душица Бреслиева (600 УСД) – Таеквондо
•    Никола Ѓуретановиќ (400 УСД) – Пливање

Седницата ги потврди успешните резултати од изминатиот период и постави јасни насоки за иден раст и модернизација на Олимпискиот комитет.


Зверев последен полуфиналист на Мастерсот во Париз

Германскиот тенисер Александар Зверев е последниот полуфиналист на АТП Мастерсот од серијата 1000 во Париз, откако синоќа по голема борба го победи Русинот Данил Медведев со 2-6, 6-3, 7-6(5).

Зверев до пласманот во полуфиналето во кое ќе игра против Италијанецот Јаник Синер, дојде со пресврт и воедно спаси две меч топки на 4-5 во третиот сет.

Медведев сè уште има голема предност во меѓусебните натпревари против Зверев (14-8), но со победата во Париз, германскиот тенисер ја прекина серијата од пет порази во меѓусебните пресметки.

Полуфиналето меѓу Зверев и Синер ќе биде реприза на финалето од минатата недела во Виена, каде Италијанецот славеше победа по неизвесни три сета.

Во второто полуфинале на Мастерсот во француската престолнина ќе играат Казахстанецот Александар Бублик и Канаѓанецот Феликс Оже Алиасим.


Шенгелија е МВП на колото во Евролигата

Кошаркарот на Барселона, Торнике Шенгелија, е најкорисен играч (МВП) на осмото коло од Евролигата, објавено е денеска на официјалната веб-страница на натпреварувањето.

Барселона синоќа го победи Партизан (78-76) во Белград, а Шенгелија постигна 24 поени за 30 минути, а додаде и пет скокови, пет асистенции, четири украдени топки и девет изнудени прекршоци за индекс на корисност од 42.

Грузискиот репрезентативец оваа сезона има просек од 14 поени и 4,8 скокови во Евролигата. За Шенгелија ова е деветто признание за најкорисен играч во едно коло во Евролигата во кариерата.


Реал од коло во коло поубедлив, Валенсија декласирана во Мадрид

Реал Мадрид продолжи со победничката серија во Примера и вечерва без многу мака ја совлада Валенсија со убедливи 4-0 на „Сантијаго Бернабеу“ во натпревар од 11. коло. Тимот на Чаби Алонсо со оваа победа ја запиша шестата во низа и потврди дека се наоѓа во врвна форма.

Килиан Мбапе повторно беше главен протагонист, откако со два гола во првото полувреме го трасираше патот до нов триумф. Французинот прво реализираше пенал во 19. минута за 1-0, а потоа со уште еден прецизен удар во 31. минута ја удвои предноста на „кралевите“. Винициус Жуниор подоцна промаши пенал, но до паузата Џуд Белингем во 44. минута погоди за убедливи 3-0.

Во второто полувреме Реал без притисок го контролираше натпреварот и не дозволи изненадување. По серијата замени и падот на интензитетот, младиот Карерас во самиот финиш го постави конечниот резултат 4-0.

Со оваа победа Реал стигна до 30 бода, второпласиран барем моментално е Виљареал со 23, а Барселона следи со 22 и меч помалку.


Виеира доби отказ од клупата на Џенова

Поранешниот француски репрезентативец Патрик Виеира повеќе не е тренер на Џенова, објави во саботата клубот кој моментално е последен во Серија А.

Од почетокот на новата сезона, Џенова освои само три бода во три нерешени натпревари и шест порази, што е нивниот најлош почеток на сезоната.

За среќа, по девет кола во Серија А има дури четири клуба кои сè уште не знаат за победа, па работите сè уште можат да се поправат.

Виеира ја презеде Џенова во ноември 2024 година откако Алберто Џилардино беше отпуштен. Тој го презеде тимот кога беше 17-то место на табелата, а на крајот од сезоната ги доведе до 13-то место. Иако се шпекулираше дека Рома и Интер го сакаат, тој ова лето потпиша нов договор до летото 2027 година.

Виеира е легендарен француски играч од средниот ред со 107 настапи за „Триколорите“, со кои го освои светското првенство.

Тој ја заочна тренерската кариера во 2016 година, а дотогаш ги водеше младинските тимови на Манчестер Сити. Пред италијанскиот клуб ги тренираше Њујорк, Ница, Стразбур и Кристал Палас.


Лудо баскиско дерби, Реал Сосиедад во последната секунда го доби Атлетик Билбао

Фудбалерите на Реал Сосиедад го победија Атлетик Билбао со 3-2 во 11. коло од шпанската Ла Лига.

Дербиот на Баскија се играше во Сан Себастијан, на стадионот „Реале Арена“ пред околу 30.000 луѓе. Натпреварот беше интензивен, Атлетик два пати се враќаше во натпреварот, на крајот херој на Сосиедад е Горотачеги.

Во 38-та минута Браиз Мендес ја затресе мрежата на Билбао, но радоста на домашните траеше само четири минути. Горока Гурусета изедначи на 1-1.

На почетокот од вториот дел од натпреварот, веднаш по почетниот удар, Португалецот Гонзало Гуедеш, со прекрасен потег се ослободи од својот чувар и им ја врати предноста на домашните.

Сепак, половина час подоцна, откако беше поништен голот на Закаријан за 3-1, Наваро успеа да погоди за 2-2 и да внесе дополнителна драма во баскиското дерби.

Реал Сосиедад победата ја обезбеди во втората минута од судиското надополнување на времето, на асистенција на Ојарсабал, Горочатеги го постигна голот за победа од 3-2.

Сосиедад го забележа третиот триумф, со 12 бодови се наоѓа на 13. место. Атлетик го доживеа третиот пораз во последните пет натпревари, со 14 бодови на табелата се наоѓа на 10-то место.


Кузмановски и Митревски главни лауреати за ракометната 2025 година

Ракометната федерација на Македонија вечерва на гала вечера организирана во хотелот „Хилтон“ во Скопје ги избра најдобрите за сезоната 2024/2025 година. За најдобар македонски ракометар е избран Филип Кузмановски од Еурофарм Пелистер, додека признанието за најдобра кај дамите го доби Катерина Дамјановска од Ѓорче Петров.

Церемонијата почна со громогласен аплауз за прерано починатите Александар Јовиќ и Илија Темелковски. Исто така, Темелковски постхумно е добитник на наградата за посебен придонес во ракометот, за сето она што го стори за овој спорт во својот живот, најпрвин како играч, а потоа и како тренер и селектор. Големото признание на бината го прими сопругата на Темелковски заедно со неговите двајца внуци.

Признанија за најдобрите за сезоната 2024/25:
Најдобар ракометар и ракометарка: Филип Кузмановски и Катерина Дамјаноска
Најдобар тренер во машка и женска конкуренција: Кирил Лазаров и Симе Симовски
Најдобар млад ракометар и ракометарка: Димитар Узунчев и Марија Јанкуловска
Најдобри странци: Дмитро Хориха и Ана Вранчиќ
Најдобри стрелци: Давид Димевски и Марија Анчева
Најдобар ракометар и ракометарка (социјални мрежи): Никола Митревски и Теодора Гулицоска
Најдобри судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов


Лазаров: Јапонците играат речиси совршен ракомет, попладнево заслужено победија

Лазаров: Јапонците играат речиси совршен ракомет, попладнево заслужено победија

ајдобрата машка ракометна репрезентација на Македонија е поразена од Јапонија во вториот контролен натпревар, а во рамките на ЕХФ неделата. Откако пред два дена во Скопје, зад затворени врати, Македонија славеше со 29:27, денеска пред кумановската публика загуби со 31-32.

Селекторот Кирич Лазаров по натпреварот во Куманово рече:

„Сакам да кажам дека имавме екстра квалитетен противник за тестирање пред Европското првенство и самите се уверивте во нивниот квалитет. Се одигра натпревар во висок ритам сите шеесет минути, а Јапонците покажаа дека играат речиси совршен ракомет без разлика на своите физички предиспозиции. Еден натпревар победивме, а сега загубивме. Се обидов да ги освестам момците дека ова е сериозна репрезентација која секогаш игра на Олимписки игри. Со самото тоа што ќе се погледнат имињата на кој е или бил селектор докажува дека вложуваат и сакаат да одат напред. Можам слободно да кажам дека дури и заслужено победија според прикажаното”.

Пријателските дуели со Јапонците се дел од подготовки за настап на Европското првенство што ќе се одржи во јануари следната година. Селекторот Лазаров преку овие натпревари се стреми да го изгради најдобриот можен состав за континенталниот собир.


Јапонија за еден гол подобра од Македонија на тестот во Куманово

Македонската машка ракометна репрезентација загуби од Јапонија со 31-32 во вториот пријателски натпревар одигран во Куманово. Ова беше втор дуел, по првиот затворен натпревар одигран во Скопје на 30 октомври, кој Македонија го доби со 29-27.

Во еден динамичен, израмнет дуел гостите од Азија излегоа како победници на оваа втора контролка на двете селекции со тоа што првата беше затворена за јавноста и истата им припадна на избраниците на Кире Лазаров.

Двете репрезентации имаа свои моменти, минути на пресметката со Куманово, ние успеавме да го добиеме првиот дел со 17-16, меѓутоа „самураите” одговорија во вторите 30 минути, направија серија по кои македонските ракометари потоа бркаа, се обидуваа да останат барем непоразени, но тоа не го остварија иако го имавме последниот напад преку Кузмановски.

Најефикасни во македонската репрезентација беа Серафимов со седум и Костески со пет гола, а кај Јапонија се истакна Енамото со седум погодоци.