feature

Педри се враќа на терените во октомври

Барселона не планира да брза со враќањето на Педри. Играчот заработи повреда на крајот на август кога го повреди квадрицепсот. Се очекуваше закрепнувањето на играчот од средниот ред да трае најмалку месец и половина.

Според „Диарио Спорт“, стручниот штаб на Барселона не сака да го принуди Педри да се врати бидејќи го сметаат за клучен играч. Забележано е дека физичката кондиција на Гави , Френки Де Јонг , Ориол Ромеу и Илкај Гундоган исто така овозможува да не се ризикуваат при рехабилитацијата на Шпанецот.

Во моментов Педри вежба во теретана, а се очекува за неколку дена играчот од средниот ред да започне со индивидуални тренинзи на теренот. Се очекува Педри да биде достапен за Барселона по репрезентативната пауза во октомври – со планот на стручниот штаб да го има на располагање за натпреварот против Реал Мадрид на 28 октомври.


Монтела е главен кандидат за нов селектор на Турција

Медиумите од Италија пренесуваат дека Винченцо Монтела е еден од најсериозните кандидати за нов селектор на Турција.

Според информациите, Монтела би требало да биде замената за Штефан Кунц кој доби отказ од селекторската позиција на Турција, после поразот во пријателскиот натпревар со Јапонија.

49-годишниот Монтела има искуство со турскиот фудбал бидејќи тој претходно беше тренер на Адана Демирспор. Во својата кариера ги има водено и екипите на Рома, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Севиља.


Бартоли: Ако Ѓоковиќ беше Американец – ќе имаше статуа во својот град

Новак Ѓоковиќ често пати е тема на разговори, според многумина тој е најдобриот тенисер во историјата, некои би кажале и најдобриот спортист.

Сега се огласи поранешната победничка на Вимблдон, Французинката Марион Бартоли.

„Новак нема статус каков што заслужува. Сите ние добро знаеме да беше Американец, со сите рекорди и титули кои што ги има освоено, ќе имаше статуа во секој град. Тоа го нема затоа што е Србин. Србија е мала земја која има и тоа како бурно минато и историја“, изјави Бартоли во интервју за медиумите.


Почетино побара време за прилагодување на Мудрик

Михајло Мудрик не успева да се адаптира на условите во Премиер-лигата, вели  менаџерот на Челзи, Маурицио Почетино.

Украинецот кој беше купен за големи 88.5 милиони евра, нема постигнато гол на 19 натпревари во елитата на Англија. Затоа, аргентинскиот стратег, најави, дека ќе обрне внимание на играта на 22-годишниот напаѓач.

„Тој има што да научи бидејќи во Премиер лигата е се многу брзо. Ќе му дадам време да се подобри во сезонава“, потенцираше тренерот на „сините“.


Бетис му нуди договор на Де Геа

Давид де Геа е слободен играч околу три месеци по заминувањето од Манчестер Јунајтед, но сега го виде светлото на крајот од тунелот и наскоро би требало да добие нов клуб.

Речиси три месеци по заминувањето од Манчестер Јунајтед, Шпанецот се уште е слободен играч. Давид де Геа водеше преговори со Севиља, Баерн Минхен, со екипи од Саудиска Арабија, но никаде не потпиша договор.

Како што пренесуваат шпанските медиуми, Реал Бетис е подготвен да му подаде рака на помош на 32-годишниот голман, бидејќи Клаудио Браво е во последната година од договорот.

Очигледно, Давид де Геа е типот на голман кој Мануел Пелегрини го посакува во својот тим. Дополнително, за тимот од Севиља тоа е шанса која не сакаат да ја пропуштат, особено што фудбалерот е слободен играч.

Голманот одигра 545 натпревари за „Црвените ѓаволи“, а беше член на генерацијата која последен пат беше шампион на Англија во 2013 година.


Барса сака да го украде незадоволниот Санчо

Барселона внимателно ја следи ситуацијата околу крилото на Манчестер Јунајтед, Џејдон Санчо.

Крилниот напаѓач  беше суспендиран  од тимот на Манчестер Јунајтед откако јавно одговори на критиките од менаџерот Ерик тен Хег кој не одговори потврдно на прашањето дали Џејдон Санчо повторно ќе игра за Манчестер Јунајтед.

Спортскиот оддел на Барселона внимателно ги следи случувањата околу 23-годишниот фудбалер и размислува да го ангажира на позајмица во јануари. Во моментов Каталонците немаат преземено чекори во оваа насока – клубот едноставно внимателно следи што се случува, пишува „Диарио Спорт“.

Забележано е дека Санчо сериозно размислува за заминување од Манчестер Јунајтед.


Чеферин потврди дека Динамо нема да заработи дополнителна казна

Александaр Чеферин од позицијата прв човек на УЕФА, вели дека Динамо Загреб, не може да биде казнет за инцидентите со трагичен крај во Атина бидејќи навивачите од Хрвaтска сами отпатувале за Грција.

„Како можеше Динамо да знае дека хулигани и криминалци влегле во изнајмено комбе во два часот по полноќ и тргнале кон Грција?“. Се случи трагедија но, луѓето од Динамо Загреб не знаеја дека група навивачи отпатувала за Атина. Тоа се криминалци и идиоти кои сами се организираа. Дали би било правилно да се казнат клубот и 99,9 проценти од обичните навивачи поради неколку идиоти кои се во затвор?“, нагласи Чеферин.


Клоп: Во првиот дел со Волвс игравме како да се собравме на паркинг

Ливерпул вчера мораше да го поправа впечатокот на мечот против Волвс во второто полувреме.

Како што е познато, Ливерпул имаше резултатска негатива во првиот дел на гостувањето кај Волверхемптон, но во вториот дел се соземаа, одиграа квалитетни минути и го променија резултатот во своја корист (1-3).

Објаснувањето на Јирген Клоп на пресконференцијата по натпреварот беше следново:

„Првото полувреме изгледаше како да сме се собрале пред натпреварот на обичен паркинг. Цела среќа е што во првиот дел бевме толку лоши, што во вториот дел не можевме да бидеме полоши, напротив, само подобри од тоа“.

„Променивме дел од составот, добивме на брзина напред и го контролиравме натпреварот. Нема сомнеж дека имаме добра екипа, но дури и со таков квалитет, понекогаш може да одиграте лошо, како во првиот дел против Волвс“, истакна германскиот стратег.


Хауард се врати во НБА лигата и потпиша за Голден Стејт

Ветеранот, Двајт Хауард по пауза од една година повторно ќе заигра во НБА лигата и тоа во една од најдобрите екипи на Западот, тим кој е претендент за титулата.

Центарот настапуваше во Тајван во изминатиов период, но тоа ќе се промени затоа што ќе стави потпис на едногодишен договор со Голден Стејт Вориорс. Хауард има огромно искуство зад себе, долго време беше дел од најсилниот шампионат на светот носејќи ги дресовите на Орландо Меџик, Лос Анџелес Лејкерс, Хјустон Рокетс, Атланта Хокс, Шарлот Хорнетс, Вашингтон Визардс и Филаделфија Севентисиксерс.

Тој во таборот на „воините“ ќе ја има улогата на резервен центар, меѓутоа тоа нема да биде проблем за него.

Двајт има еден шампионски прстен, па со тим како што е Голден Стејт може да се надева на уште еден голем резултат, пехар.


Оливер Кан нов спортски директор на Ал Хилал

Oткако поставија азиски рекорд со трансферот на Нејмар и ги доведоа Милинковиќ-Савиќ, Рубен Невеш, Малком, Калид Кулибали и Боно саудискиот Ал-Хилал доведе и светска легенда.

За нов извршен директор на клубот беше назначен Оливер Кан, доскорешниот претседател на Баерн Минхен кој доби отказ по слабите резултати. Кан беше промовиран како главен оперативец и член на раководството на саудискиот клуб кој минатата сезона во Саудиска Арабија ја заврши како вицешампион.

Најавите од клубот се дека Кан ќе има задача да одржува добри контакти со европските клубови и фудбалери, но и да се продолжи праксата со доведување на големи ѕвезди. Сезонава во саудиската лига има ограничување со бројот на странци, но за наредната сезона се очекува ова правило да се укине.