feature

Луис Фелипе од Лацио се сели во Бетис

Стоперот на Лацио Луис Фелипе кариерата ќе ја продолжи во Шпанија во редовите на Бетис.

Иако во претходната година Фелипе имаше бројни понуди сепак Бетис беше најупорен. Овој 24-годишен стопер на лето ќе стане слободен играч бидејќи одбиваше да потпише нов договор со Лацио, а со Бетис се договори за потпис на четири години.

Се обидуваше Бетис да го доведе и во текот на летото, но Лацио ги одби сите понуди. Сега повеќе нема препреки Бразилецот пристигнува без оштета како слободен играч.


Исланѓанецот Елисон е замена за Манасков во Веспрем

Тимот на Веспрем доведе замена за Дејан Манасков.

Репрезентативецот на Исланд Бјарки Мар Елисон ќе го замени Манасков. Договорот на македонскиот репрезентативец му истекува на лето и истиот нема да биде продолжен.

Медиумите наведуваат дека во игра биле повеќе имиња, но на крајот изборот падна на Елисон. Ќе потсетиме Манасков веќе подлго време се опоравува од повредата на коленото, надвор од терените е уште од месец октомври минатата година.


Претседателот на Ла Лига: Суперлигата не е „мртва“

Претседателот на Шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, смета дека идејата за Суперлигата не е „мртва“ и во блиска иднина темата повторно ќе биде актуелна.

„Не, идејата не е мртва. Флорентино Перез никогаш не губи. Го познавам долги години. Суперлигата не е турнир, туку концепт за многу години, според кој големите клубови во Европа мора да одлучуваат и да управуваат со светскиот фудбал“, изјави Тебас.

Шефот на шпанската лига смета дека претседателот на Реал Мадрид се уште има „адути во ракавот“ и ќе се обиде уште еднаш да ја реализира својата идеја.


Агуеро во стручниот штаб на Аргентина

Аргентинската легенда Серхио Агуеро, кој неодамна беше принуден да ја заврши кариерата поради проблем со срцето, најави дека ќе патува со репрезентацијата на својата земја, на претстојното Светско првенство во Катар.

Агуеро ќе се приклучи на стручниот штаб на Аргентина. Тој самиот сподели дека веќе имал разговор со селекторот Лионел Скалони.

„ Сакам да бидам на Светското првенство во Катар. Веќе разговарав со тренерот Лионел Скалони. Идејата е да бидам дел од стручниот штаб“, изјави Агуеро.


Конте не се согласува со трансфер политиката на Тотенхем

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте е незадоволен од трансфер политиката на лондонскиот клуб.

„Во јануари четворица важни играчи си заминаа, двајца дојдоа. Дури и нумерички на хартија сме ослабени наместо да се засилиме. Тотенхем бара млади играчи кои можат да се развиваат, а не кои се подготвени. Во тоа е поентата“, изјави Конте.

Во зимскиот трансфер период Тотенхем го изнајми Дејан Кулушевски од Јувентус и за 19 милиони евра го купи играчот за врска Родриго Бентанкур.

Тимот го напуштија Деле Али (Евертон), Џовани Ло Селсо (Виљареал), Брајан Хил (Валенсија) и Танги Н’Домбеле (Лион).


Американци ја купуваат Аталанта

Аталанта најверојатно ќе стане уште еден италијански клуб кој за сопственици ќе има Американци.

Според „Скај Спорт Италија“, следната недела тимот може да биде продаден на американскиот инвестициски фонд ККР, кој ќе купи 85 отсто од акциите за сума од 350 милиони евра. Лука Перкаси ќе ја задржи функцијата извршен директор на тимот од Бергамо.

Така, Аталанта, која бележи импресивни резултати во последните неколку години, ќе стане седмиот клуб во Серија А со американски сопственици по Милан, Рома, Фиорентина, Џенова, Специја и Венеција, додека сопственикот на Болоња е од Канада.


Борусија Дортмунд се договори со Адејеми

Играчот на Ред Бул Салцбург, Карим Адејеми, својата кариера ќе ја продолжи во тимот на Борусија Дортмунд.

Иако како најсериозни кандидати за негово доведување се споменуваа екипите на Баерн Минхен и Барселона, сепак според информациите од германските медиуми, 20-годишниот Адејеми се договорил за негов трансфер во Борусија Дортмунд. 

Младиот Адејеми се очекува да го замени Ерлинг Халанд во нападот на тимот, кој најверојатно ќе ја напушти екипата по завршетокот на сезоната.


Реал се насочил кон Халанд и го договорил неговиот трансфер

Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд направил прелиминарен договор со Реал Мадрид, објавија шпанските медиуми.

Според изворот, претставници на Норвежанецот се сретнале со претставници на шпанскиот клуб во Монако. Таму се договорија играчот да не може да преговара со други клубови. Во исто време, Ерлинг Халанд може да го напушти тимот на Борусија Дортмунд по свое барање. Сепак, доколку сака да менува тим ова лето, Реал Мадрид ќе биде неговата единствена опција.

Халанд се приклучи на Борусија Дортмунд во јануари 2020 година, откако се пресели од Салцбург за 20 милиони евра. Оваа сезона норвешкиот напаѓач настапи на 14 натпревари во Бундеслигата, на кои постигна 16 гола и шест асистенции. Халанд постигна три гола на три натпревари од Лигата на шампионите. Договорот на Халанд со германскиот клуб истекува во летото 2024 година. Пазарната вредност на играчот се проценува на 150 милиони евра.


Ван де Бек решен да остане во Евертон

Холандскиот фудбалер, Дони ван де Бек планира да ја продолжи својата кариера во екипата на Евертон.

Играчот пристигна во Евертон минатиот месец како позајмен играч од Манчестер Јунајтед, но веќе е решен да потпише постојан договор со „сините“ од Ливерпул доколку клубот избегне испаѓање од Премиер лигата.

Дони ван де Бек е презадоволен од новиот клуб и од тренерот Френк Лампард, кој најави дека тој ќе биде редовен првотимец во екипата, за разлика од периодот во Манчестер Јунајтед каде претежно беше резерва.


Интер го продава Лаутаро Мартинез ова лето

Интер е спремен да слушне понуди за големата ѕвезда на тимот Лаутаро Мартинез, пренесува „Газета дело Спорт“.

Аргентинецот пред само неколку месеци потпиша договор дп 2026 година и стана најплатен фудбалер во тимот со годишна плата од 7,5 милиони евра.

Лаутаро оваа сезона  не игра на своето ниво, па во Интер сметаат дека сега е идеален момент за негова продажба бидејќи за Лаутаро интерес покажуваат неколку европски гиганти.