feature

Баерн Минхен се откажа од доведување на Рудигер

Според новинарот Фабрицио Романо, Баерн Минхен се откажа од намерата да го привлече дефанзивецот на Челзи, Антонио Рудигер.

28-годишниот германски репрезентативец има договор со Челзи до крајот на сезоната и се уште не го обновил.

Баварците искажуваа голем интерес за него и сакаа да го доведат во својот тим, но Рудигер веќе не е опција за нив. Причината е високата плата што ја побарува дефанзивецот. Баерн Минхен отсекогаш водел строга финансиска политика и не планира да отстапи од неа.

Во моментов Челзи сеуште преговара со Рудигер за обнова на неговиот договор. Германскиот репрезентативец сака да добива 200.000 фунти неделно. За него е заинтересиран и Реал Мадрид.


Карим Адејеми со една нога во Борусија Дортмунд

Борусија Дортмунд речиси се договори за трансферот на напаѓачот на  РБ Салцбург, Карим Адејеми.

Преговорите за потпишување на договор со напаѓачот траат од ноември. Клубот е уверен дека ќе постигне целосен договор со Салцбург во наредните недели. Адејеми е главната цел на Борусија по потпишувањето на договорот со Никлас Зуле. Претходно беше објавено дека Барселона понудила 40 милиони евра за напаѓачот на австрискиот клуб, а Борусија пак е подготвена да плати 35 милиони евра плус бонуси за Адејеми и сака да му понуди 5 милиони евра годишно за 5-годишен договор.

Договорот на Адејеми со Салцбург е до 30 јуни 2024 година.


Астон Мартин го покажа болидот за новата сезона во Формула 1

Тимот на Астон Мартин го претстави својот нов болид за сезоната 2022 во Формула 1, кој ќе го носи името AMR22. 

Автомобилот беше промовиран во фабриката Гејдон каде Астон Мартин ги произведува своите спортски модели.

Новиот болид се одликува со аеродинамичен дизајн во темно зелена боја, но со карактеристични неонски жолти ленти.

Возачи за тимот за претстојната сезона повторно ќе бидат Себастијан Фетел од Германија и Ленс Строл од Канада.


Дејан Георгиевски: Никогаш парите не ми биле мотив, мотивот ми е Македонија

Фала му на Господ тренирам како никогаш до сега, живеам за моментот кога повторно ќе ја израдувам Македонија, роднините, пријателите, целиот народ !

Тренерите, клубските другари сите сме фокусирани на Париз, ние сме одлучни, Господ ќе реши.

Овој пат сакам да се обратам токму на мојот народ, на новинарите, на сите оние кои се радуваа заедно со мене кога стигнавме до историскиот сребрен медал, се обраќам до сите оние кои конечно по долгиот олимписки мрак видоа светлина за македонскиот олимписки спорт.

До сите што се почуствуваа горди и исполнети, до сите оние кои кога го видоа македонското знаме на олимпискиот трон се почуствуваа македонски !

Очекувано бев прогласен за најдобар спортист во 2021 година, но ни малку не очекувано денес дознав дека спортските ваучери кои ги доделува АМС т.е вчерашната одлука за ваучери се надевам не свесно цели да го понижи мојот НАШИОТ олимписки успех.

Мојот олимписки сребрен медал, прв во историјата на независна Македонија.

Никогаш нема да си дозволам да нападнам било чив спортски успех, најпрво затоа што така ме воспитале моите трнери а потоа затоа што многу добро знам што значи спортскиот витешки мегдан, без разлика за кој спорт станува збор.

Но никако не можам да раберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно !

Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично.

Само сакам уште денеска оваа неправда да биде решена, ова го барам исклучително од принципиелни причини, барам за да го одбранам со крв донесениот историски сребрен медал од Токио. Јас Дејан Георгиевски олимпискиот сребрен медалист, но сакам заедно со мене да побарате и СИТЕ ВИЕ затоа што овој успех, овој олимписки медал, овој остварен олимписки сон ни припаѓа на СИТЕ НАС, и никој, апсолутно никој нема право да фрли сенка на истиот.

Од принцип сега за сега не сакам да навлезам и да посочам на јавноста низ какви премрежија од институциите поминував пред да го освојам олимпискиот медал, веројатно ќе дојде момент и за тоа.

Почитувани,

Никогаш парите не ми биле мотив, мотивот ми е Македонија !

Одиме во Париз, одиме по ЗЛАТО !


Лидс Јунајтед веќе бара замена за тренерот Биелса

Голема е веројатноста дека тренерот на Лидс Јунајтед, Марсело Биелса ќе го напушти клубот после истекот на неговиот договор ова лето.

По тој повод раководството на Лидс веќе размислува за можни опции со тренерски имиња кои би го замениле легендарниот Биелса.

Како прв фаворит се издвојува поранешниот тренер на Барселона, Ернесто Валверде. 57-годишниот Валверде е најпознат по неговиот тригодишен престој на „Камп Ноу“ во периодот помеѓу 2017 и 2020 година. Под негово водство, Каталонците на два пати ја освоија Ла Лига, и по еднаш Купот на кралот и Шпанскиот Суперкуп. 

Како друга можна опција се споменува и името на Џеси Марш, кој пред неколку месеци доби отказ од тренерското место во бундеслигашот РБ Лајпциг.


Рој Кин го одби тренерското место во Сандерленд

Англиските медиуми пренесуваат дека Рој Кин ја одбил можноста повторно да биде тренер на екипата на Сандерленд.

50-годишниот Ирец, изминатиов период водеше разговори со челниците на третолигашот Сандерленд за седнување на тренерската клупа, но на крајот двете страни не постигнаа конечен договор.

Поранешниот капитен на Манчестер Јунајтед, ја водеше екипата на Сандерленд во периодот од 2006 до 2008 година, кога успеа да ги внесе во Премиерлигата.


Гут Бехрами олимписка победничка во супервелеслалом

Швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами победи на денешната трка во супервелеслалом.

На зимските олимписки игри ЗОИ во Пекинг, освојувајќи го првиот златен олимписки медал во својата импресивна кариера.

Бројот 7, кој Кинезите го сметаат за многу среќен, и донесе огромна радост на 30-годишната Швајцарка, ја потврди доминацијата во дисциплината во која е актуелен светски првак. Гут – Бехрами триумфираше со време 1:13:51 минути пред Австријката Миријам Пуцхнер, а бронзата ја освои нејзината сонародничка Мишел Гисин. За Гут – Бехрами, која сега е главен фаворит за златното одличје и во спуст, ова е трет олимписки медал, а втор на Игрите во Пекинг, откако ја освои бронзата во велеслаломската трка.


Цветановска 95-та на олимпскиот крос-кантри

Нашата олимпијка, Ана Цветановска, го освои 95-то место во нордиско скијање на трката 10 километри на Зимските игри во Пекинг откако оствари време од 39.57.7 минути.

Ќе потсетиме дека Цветановска не настапи во скијатлон на 7.5+7.5 километри поради одлуката на Меѓународната скијачка федерација да има само лимитиран број на нордијки поради ситуацијата со Ковид-19.

До крајот на Игрите,  Ставре Јада на 19 февруари ќе трча 50 километри слободно додека Дардан Дехари во алпско скијање ќе настапи на 13 февруари во слалом и три дена потоа во велеслалом.


Евролигата го одложи дуелот на Фенербахче и Баерн

Кошаркарската Евро-лига потврди дека поради Ковид-19 е одложен натпреварот од 26 коло меѓу Фенербахче и Баерн Минхен кој требаше да се одигра на 11 февруари.

Германскиот тим има неколку заразени и не може да го обезбеди потребниот минимум од 8 кошаркари.

Според правилата на Евролигата, еден натпревар може да се одложува максимум  три пати доколку има слободни термини.


Штролц го повтори златниот скијачки успех на својот татко

Австрискиот скијач, Јоханес Штролц, го освои златниот медал во алпска комбинација на Игрите во Пекинг.

29-годишниот Штролц забележа најдобро вкупно време по трките во спуст и слалом, и успеа да ја забележи најголемата победа во кариерата повторувајќи го успехот на својот татко Хуберт Штролц, кој ја освои комбинацијата на Зимските олимписки игри во Калгари одржани во 1988 година.

Хуберт и Јоханес Штролц се запишаа во историјата како првиот татко и син што освоиле златни олимписки медали во алпска комбинација.