feature

Рафиња добива нов договор, Лидс го прави најскапоплатен во тимот

Англискиот Лидс Јунајтед планира да го задржи напаѓачот Рафиња во својот тим . Од оваа екипа се подготвени да го направат Бразилецот најплатен играч во тимот.

Според изворот, од Лидс се уверени дека играчот ќе го продолжи договорот со клубот. Во блиска иднина ќе биде најавено продолжување на договорот. Рафиња (25) е во Лидс Јунајтед од октомври 2020 година, откако се пресели од француски Рен за 18,6 милиони евра.

Рафиња оваа сезона на 19 натпревари во Премиер лигата постигна осум гола и имаше две асистенции. Договорот на бразилскиот фудбалер истекува во 2024 година, а Трансфермаркт го проценува Рафиња на 40 милиони евра.


Френк Лампард признава дека го чека тешка задача во Евертон

Новиот тренер на Евертон, Френк Лампард, призна дека ќе се соочи со тешка задача во обидот да ја заживее екипата која ја презеде после отказот на Рафа Бенитез.

Лампард го наследи тимот на Евертон на 16. место во табелата во Премиер лигата, на само четири бода од зоната за испаѓање. Но, бившиот тренер на Челзи е убеден дека може да ги задржи „карамелите“ надвор од битка за испаѓање и постепено да го направи тимот кандидат за повисок пласман.

 „Разбирам дека на краток рок работата е да ја подобриме нашата позиција на табелата. На долг рок, јасно е дека ова е клуб со големи амбиции, голема историја, огромна база на навивачи и желба за напредок. Има многу работа да се заврши, но јас сум многу горд што ја имам оваа можност“, истакнува Лампард.


Чеферин: Европскиот фудбал покажа единство во периодот на пандемија

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ги сподели своите очекувања за иднината на европскиот фудбал во годишниот извештај на организацијата насловен „Европскиот клупски фудбалски пејсаж“.

„Една од лекциите од последните две години е дека само со покажување солидарност и заедничка работа европскиот фудбал може да ги надмине егзистенцијалните предизвици како пандемијата. Оваа лекција се научи и од таканаречениот проект „Супер лига“. Себичните постапки на неколку пклубови беа спречени со единството на европскиот фудбал – навивачи, клубови, играчи и национални асоцијации.

Овој извештај содржи отрезнувачки детали за постпандемиските предизвици кои се пред нас, но исто така ја илустрира неверојатната издржливост на европскиот фудбал со неговиот унифициран пристап. На крајот на краиштата, пандемијата само ќе не направи посилни.

Кризата со коронавирус покажа и до кој степен фудбалот е дел од европскиот живот. Фудбалот за многумина стана вистински спас. Нема да давам смели прогнози за следната година, но ќе кажам дека без разлика дали пандемијата ќе остане или ќе замине, европскиот фудбал ќе остане силен, стабилен и обединет во 2022 година“, напиша Александар Чеферин.


Ал Џазира лесно до четвртфиналето на Мундијалот за клубови

Шампионот од ОАЕ, Ал Џазира обезбеди четвртфинале на Светското клупско првенство откако денес со 4-1 победи против Пирае од Тахити, аматерскиот клуб кој доби шанса да игра на овој клупски Мундијал.

Малиот клуб од островите на француска Полинезија немаше сила за сензација, квалитетот беше очигледен, па победникот беше решен уште во првото полувреме кога Ал Џазира постигна три гола.

Во сабота се игра првото четвртфинале меѓу Ал Ахли и Монтереј.


Алфа Ромео ќе го претстави новиот болид на 27 февруари

Алфа Ромео официјално го објави датумот за претставување на новиот болид за сезоната во Формула 1 2022 година.

Прес-службата на Твитер соопшти дека новиот автомобил ќе биде прикажан на 27 февруари. Така, тимот ќе одржи промоција по првите претсезонски тестови, кои ќе се одржат од 23 до 25 февруари во Барселона.

Вторите тестови ќе се одржат од 10 до 12 март во Бахреин. Првата трка од сезоната 2022 во Формула 1 ќе се одржи во Бахреин на 20 март.


Приоритет на Барселона е нов договор со Гави

Откако завршија трансферите во јануарскиот преоден рок, Барселона сега има нов приоритет, а тоа е потпишување на нов договор со големиот талент на тимот, Гави.

17-годишниот играч има договор со каталонскиот клуб до 2023 година, но Барса сака да го задржи долгорочно во своите редови. Тој веќе стана еден од клучните играчи во тимот од Камп Ноу и има редовни настапи под водство на тренерот Чави.

Челните луѓе во Барселона се убедени дека преговорите со Гави ќе бидат успешни бидејќи тој во повеќе наврати ја потврди желбата да остане во клубот и да му помогне на екипата да се врати во врвот на шпанскиот фудбал.


Ултрасите на Лацио протестираа пред тренинг базата на клубот

Околу 300 револтирани навивачи на Лацио се појавија пред тренинг базата на екипата за да протестираат против претседателот на клубот Клаудио Лотито. Ултрасите го изразија своето незадоволство од пасивноста на управата во зимскиот трансфер период.

Бесните навивачи истакнаја транспарент со натпис „Уште една промашена трансфер кампања, Лотито! Вие не сте на нивото на овој клуб!“.

Тренерот на екипата, Маурицио Сари од управата на клубот бараше да бидат купени најмалку тројца нови играчи, напаѓач, централен дефанзивец и играч за врска, но во исто време беше доведен само крилниот напаѓач Џовани Кабрал. Поради овие причини, во медиумите кружат информации дека Сари не сака да го продолжи договорот со Лацио.


РК Металург заработи суспензија за настап од ЕХФ

Ракометниот клуб Металург по барање на ЕХФ е суспендиран од настапи во домашното ракометно првенство поради неплатени обврски кон поранешниот играч Александер Шпенде и бившиот тренер на екипата Зоран Кастратовиќ.

Раководството на клубот од Скопје, на неколку пати бил опоменат од надлежните структури во ЕХФ бидејќи веќе подолг период не успеал да ги плати заостанатите обврски кон Шпенде и Кастратовиќ. 

Доколку Металург не ги исплати посочените обврски тогаш се соочува со исклучување од натпреварите на национално и европско ниво. 


Нагелсман: Не се грижам за Милер, тој ќе ја заврши кариерата во Баерн

Тренерот на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман не е загрижен за иднината на ѕвездата на Баерн Минхен, Томас Милер, иако напаѓачот и светски шампион со репрезентацијата на Германија наскоро ќе влезе во последната година од договорот.

„Разговорите за нов договор не се итни, затоа нема да ги започнеме денес или утре. Томас Милер игра на секој натпревар, тој е стартер и многу одговорен човек. Тој е лице на Баерн долго време и е почитуван во Минхен, јас би бил среќен доколку остане тука долго време“, изјави Нагелсман. Томас Милер има 32 години и има договор со Баерн до летото 2023 година.


Нејмар темпира да влезе во форма за двомечот против Реал

Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар е блиску до враќање на терените по повредата.

Резултатите од прегледот, кој Бразилецот го направи во понеделникот, покажаа дека играчот може да започне со индивидуални тренинзи. Вчера тој се загреваше пред индивидуалниот тренинг и имаше кратка сесија со колегите од ПСЖ.

Од клубот веруваат дека Нејмар ќе може да игра против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, дури и ако нема време да се врати во форма. Натпреварот е закажан на 15 февруари.