фудбал

Костиќ се прости со фановите на Ајнтрахт, договори премин во Јувентус

Филип Костиќ е на чекор од потпис со Јувентус. Денес пристигнуваат нови информации кои ги објави Фабрицио Романо. Познатиот новинар тврди дека Костиќ ги договорил личните услови со Јувентус и дека тука нема никаков проблем. Во Торино Костиќ го чека плата од 2.5 милиони евра и договор на три години.

Преостанува уште клубовите да ги договорат конечните детали, а наводно се работи за бонусите. Според информациите договорена е оштета од 15 милиони евра, Ајнтрахт сака бонуси кои ќе бидат врзани за настапите на Костиќ и неговиот учинок.

Објавено е дека Костиќ имал понуда и од Вест Хем кој му нудел повеќе пари, меѓутоа негова желба е Јувентус. Во Јувентус тој ќе игра и заедно со неговиот соиграч од репрезентацијата Душан Влаховиќ.


Баерн Минхен ги објави платите на фудбалерите

Баерн од Минхен со години важи за клуб чии играчи имаат убедливо највисоки плати во Бундеслигата. Тоа е една од причините поради која клубот носи звучни засилувања како Мане и Де Лихт кои пристигнаа во клубот ова лето.

Гигантот од Германија јавно ги објави петте најплатени свои играчи а тоа се Садио Мане со плата од 22 милиони евра, Мануел Нојер 21 милиони евра, Томас Милер заработува 20,5 милиони евра, Кингсли Коман 20 милиони и Лерој Сане 19,5 милиони евра.


Нагелсман: Мојот Баерн одигра извонреден натпревар

Тренерот на фудбалерите на Баерн Минхен, Јулијан Нагелсман, не штедеше на комплименти за неговите избраници по вчерашната убедлива победа кај Ајнтрахт Франкфурт со 1-6 на стартот на Бундес-лигата.

„Одигравме извонреден натпревар и покажавме многу енергија. Фудбалерите се среќни. Сите во тимот се амбициозни и мотивирани. Одлично е што головите доаѓаат од различни играчи. По разделбата со Левандовски, моравме да промениме нешто. Се надевам така ќе продолжиме“, вели младиот тренер на клупата на Баварците.


Откажан пријателскиот дуел помеѓу Јувентус и Атлетико во Израел

Фудбалскиот клуб Јувентус преку својата официјална веб страна соопшти дека пријателскиот натпревар против Атлетико Мадрид кој требаше да се одигра во Тел Авив, Израел се откажува поради безбедносни причини.

Фудбалерите на Јувентус не сакаа да патуваат во Израел поради тензичната атмосфера во тој регион, а таквата одлука ја поздравија и од Атлетико Мадрид.

Според Кориере дело Спорт, Јувентус и Атлетико разгледуваат нова локација за одигрување на натпреварот.


Клоп: Мундијалот во Катар се игра во погрешно време

Јирген Клоп даде коментар и за Мундијалот кој ќе се игра во ноември и декември оваа година.

Клоп истакна дека неговата екипа и покрај тоа што на сред сезона има Мундијал се подготвувала како и во претходнтите години.

„Не се подготвуваме поинаку, подготовките беа како и ви претходните години. Ако сите играчи имаат пауза, не е проблем, тоа е добро. Тоа е како зимската пауза кога бев во Германија. Но, играњето Мундијал во сред сезона е сосема поинаку, тоа не е во ред. Некој ќе одмора, некој ќе игра натпревари. Играчите ќе бидат фокусирани на овој турнир што е и нормално. Овој Мундијал се игра во погрешно време“, изјави Клоп.


Де Роси го презема Палермо во Серија Б

Поранешниот фудбалер од средниот ред на Рома и на италијанската репрезентација, Даниеле Де Роси ќе го преземе Палермо.

Де Роси е на листата на кандидати за функцијата главен тренер на италијанскиот клуб. Клубот, кој влезе во Серија Б, доби нов сопственик во холдинг компанијата „Фудбал Сити Груп“, која е сопственик и на Манчестер Сити и голем број други клубови.

Де Роси сака да започне соло тренерска кариера по неговото искуство како помошник на Роберто Манчини со италијанската репрезентација. Тој е поранешен капитен на Рома, светски шампион со Италија во 2006 година, и вицешампион на ЕП во 2012 година.


Румениге: Премиер лигата доминира во Европа

Германската фудбалска легенда, Карл-Хајнц Румениге, кој на времето настапуваше за екипата на Интер, се осврна на враќањето на Ромелу Лукаку во редовите на миланскиот состав. 

„Добро направи што се врати таму каде што имаше голем успех. Мојот пријател Марота направи голема работа. Го продаде пред една година по исклучителна цена и го врати за речиси ништо. За жал на Серија А и Бундеслигата, се чини дека Премиер лига е на повисоко ниво. Италија и Германија да се обидат да се доближат до англискиот модел“, изјави Румениге за медиумите на „чизмата“.


Переира поради повреда ќе паузира шест месеци

Тренерот на премиерлигашот Лестер, Брендан Роџерс, објави дека фудбалерот Рикардо Переира ќе биде надвор од терените до шест месеци после операцијата на Ахиловата тетива.

Десниот бек се повреди минатата сабота на пријателски натпревар против Севиља.

Истиот фудбалер во 2020 година отсуствуваше девет месеци откако ги скина вкрстените лигаменти од коленото.

Лестер во првото коло од новата сезона ќе игра во недела на свој терен против екипата на Брентфорд. 


Руни го доведе Бентеке во Америка

Клубот Ди-Си Јунајтед кој настапува во американската МЛС лига објави дека го доведе напаѓачот Кристијан Бентеке од Кристал Палас.

Тренерот на Ди-Си Јунајтед Вејн Руни многу добро ги познава квалитетите на повремениот белгиски репрезентативец и бивш играч на голем број премиерлигашки екипи.

31-годишниот напаѓач се очекува да биде огромно засилување за екипата со која потпиша договор до 2024 година со опција за продолжување на уште една сезона.


Вест Хем се засили со Максвел Корне од Барнли

Досегашниот фудбалер на Барнли, Максвел Корне, потпиша петгодишен договор со Вест Хем.

Договорот на 25-годишниот фудбалер е вреден 17,5 милиони фунти. Вест Хем се залагаше да го позајми Корне, но на крајот се согласи да ја плати откупната клаузула.

Корне е петтото засилување за лондонскиот клуб ова лето. Тој во дресот на Барнли кој испадна од Премиер лигата, на 26 натпревари постигна девет гола и една асистенција.