Фенербахче официјално ја потврди разделбата со холандската клупска легенда Дирк Кајт, кој досега беше дел од тренерскиот штаб на истанбулскиот клуб.
Кајт привремено ја презеде функцијата главен тренер по заминувањето на Исмаил Картал и го водеше тимот на натпреварите против Гезтепе и Ливерпул.
Откако Емре Белозоглу беше именуван за нов тренер, иднината на Кајт остана неизвесна, а клубот сега и официјално потврди дека нивните патишта се разделуваат.
Фенербахче му се заблагодари за посветеноста и придонесот, нагласувајќи дека секогаш ќе има посебно место во клупското семејство. Кајт претходно настапуваше за турскиот клуб како фудбалер, освојувајќи ја шампионската титула во 2014 година.
Тресолди од Бриж е најблиску до Милан
Милан сериозно размислува за ангажман на Николо Тресолди од Клуб Бриж во јануарскиот преоден рок. Според информациите на италијанските медиуми, „росонерите“ сакаат да го засилат нападот и да создадат тандем во офанзивата составен од Тресолди и Гонзало Рамос.
Сопственикот на Милан, Џери Кардинале, е особено заинтересиран за младиот напаѓач, кој со своите настапи во дресот на белгискиот клуб го привлече вниманието на европската фудбалска јавност. Тресолди сезонава игра во одлична форма. На 15 натпревари во сите конкуренции има постигнато 13 голови, а дополнително се истакна и со хет-трикот против Интер во Лигата на шампионите. Клуб Бриж минатото лето одби понуда од 35 милиони евра од Рома, а според најновите проценки, неговата вредност сега се движи околу 50 милиони евра.
Марко Ѓорѓиевски: Верувам дека Македонија може да се врати на посакуваното ниво
Репрезентацијата на Македонија ги продолжува подготовките во рамки на подготовките за последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски ги очекуваат гостување против Шкотска во Глазгов и дуел со Словенија на домашен терен.
Своите очекувања пред завршните предизвици ги сподели напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски кој се надева дека со деби настап и свој придонес ќе помогне репрезентацијата да се врати на посакуваното ниво.
„Се надевам дека доколку добијам шанса на натпреварите, ќе имам свој придонес и дека ќе почнеме да се движиме во нагорна линија, онака како што заслужува оваа репрезентација. Во секоја репрезентација и во секој клуб доаѓа до одреден период на криза, но мислам дека е време да излеземе од неа и се надевам дека се ќе биде како што треба“, истакна Ѓорѓиевски.
Напаѓачот во националниот тим смета дека искуството и натпреварувачката форма на поискусните фудбалери можат да бидат значаен фактор во претстојните дуели. Верува дека Македонија има квалитет да му се спротивстави на силниот противник и да стигне до позитивен резултат во Глазгов.
„Поискусните фудбалери во репрезентацијата веќе се во натпреварувачка форма и мислам дека тоа ќе се покаже на натпреварите против Шкотска и Словенија. Верувам дека селекторот ќе најде начин како да се поставиме и да одиграме одличен натпревар, да и се спротивставиме на Шкотска и да оствариме позитивен резултат“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија во петок ќе гостува кај Шкотска во Глазгов, додека три дена подоцна, на домашен терен, ќе ја пречека Словенија во последниот натпревар од групната фаза во Лигата на нациите.
Успешно заврши проектот „Допри го голот“ – фудбал за секое дете
Во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје се одржа завршната конференција на проектот „Допри го голот“ (Touch the Goal) – Фудбал за секое дете, реализиран од ОУРЦ „Иднина“, со финансиска поддршка од УЕФА Фондацијата за деца.
На настанот беа презентирани активностите, искуствата и резултатите од едногодишната реализација на проектот, чија основна цел беше создавање можности за поголема вклученост на децата со атипичен развој во фудбалот и спортските активности, преку развој на инклузивни практики и унапредување на капацитетите на наставниците и стручните лица.
Со поздравни обраќања конференцијата ја отворија директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска, и Ирена Бакревска Милошевска од Одделот за социјална и еколошка одржливост при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), кои ја истакнаа важноста на проектот и потребата од создавање спортска средина во која секое дете ќе има можност да учествува, да напредува и да се чувствува прифатено.
Во рамките на конференцијата беа претставени реализираните активности во изминатата година, со посебен акцент на обуката на наставниците и стручните соработници во училиштата. Целта беше преку конкретни алатки, знаења и методологии да се создадат услови за долгорочна примена на инклузивните практики, не само во рамките на проектот, туку и во секојдневната работа на училиштата и спортските клубови.
Еден од најзначајните резултати е промоцијата на прирачникот „Практичен водич за создавање инклузивни спортски средини преку фудбал“, претставен од Катарина Величковска и Ирена Новаческа-Макалоска. Прирачникот, достапен на македонски, албански и англиски јазик, претставува практична алатка за наставниците по физичко образование, тренерите, фудбалските школи и клубовите.
Преку конкретни активности и методи, прирачникот нуди насоки како тренинзите и спортските активности да се приспособат за децата со атипичен развој, со цел нивно полесно вклучување и рамноправно учество. Истовремено, тој содржи алатки за развој на фудбалските вештини, комуникацијата и тимската соработка кај групите составени од деца со атипичен развој.
„Проектот „Допри го голот – Фудбал за секое дете“ завршува, но неговите придобивки ќе продолжат да живеат преку користењето на прирачникот создаден во изминатата година. Тој е наменет за сите фудбалски школи и тренери кои работат со деца. Со примена и приспособување на активностите и алатките што ги содржи, тренерите ќе можат да им дадат поддршка на децата со атипичен развој и да им овозможат полесно да се вклопат и рамноправно да учествуваат во тренинзите и натпреварите. Ги повикуваме сите клубови, школи и тренери да го користат прирачникот и да создаваат средини во кои секое дете ќе има можност да игра, да напредува и да се чувствува дел од тимот“, истакна Ирена Бакревска Милошевска од ФФМ.
Голема победа на Македонија до 17 години против Унгарија на квалификациите во Турција
Македонската репрезентација до 17 години оствари голема победа, 3:2 против Унгарија на натпреварот од воведното коло од првата квалификациска рунда за Европското првенство до 17 години. Нашите надежи доминираа во текот на мечот, заслужено се радуваме на голем триумф. Македонија е дел од првата квалификациска рунда, Група 11, која се игра во Трабзон, Турција, од 11 до 17 ноември 2026 година со селекциите на Турција, Унгарија и Сан Марино.
Стефан Ристиќ е херој на нашите надежи. Со хет-трик донесе победа, откако се вративме од два гола негатива. Селекцијата предводена од Иљами Исејни сега има голема шанса за пласман во втората квалификациска рунда – Лига А за пласман на Европското првенство, во следното коло се соочуваме со Сан Марино.
Противникот во 8. минута го отвори резутатот преку Арон Хорват. Нашата селекција имаше неколку солидни обиди во полувремето преку Полимац, Ристиќ и Крстевски, но не успеа да стигне до израмнување. Во продолжението, Унгарија веќе во 48. минута преку капитенот Тимот Фаркаш зголеми на 2:0, но Стефан Ристиќ во 55. минута даде гол за Македонија и ја врати неизвеснота во мечот. Во 66. минута обид за израмнување имаше и Велевски, а Ристиќ во 86. минута по додавање на Николов донесе израмнување. Стефан Ристиќ во четвртата минута од продолжението го даде својот трет гол за голема победа на Македонија.
МАКЕДОНИЈА до 17 години: Илан Мемети, Адријан Велески (82` Боби Недановски), Павлов, Масев (К), Амар Аќики, Александар Полимец (71` Рон Мемеди), Дардан Адеми, Стефан Ристиќ (96` Филип Ѓорѓиевски), Мартин Крстевски (71` Матеј Николов), Илија Аксентиев, Огнен Сивевски (71` Матеј Бочески); Петров, Ибраими, Исеини, Седлоски. Селектор: Иљами Исејни
На 14. ноември, Македонија ќе се соочи со Сан Марино во второто коло од групата. Турнирот го затвораме со меч против домашната Турција на 17. ноември.
Првопласираните две репрезентации од секоја група се пласираат во втората квалификациска рунда – Лига А. Останатите репрезентации продолжуваат во Лига Б. Во втората рунда, напролет 2027 година, 28 репрезентации во Лига А ќе се борат за седумте места на завршниот турнир. Седумте победници на групите од Лига А ќе се пласираат на ЕУРО 2027, каде што домаќин е Летонија (24 мај – 6 јуни 2027).
Ендрик во јануари оди на позајмица во Португалија?
Ендрик решил да го напушти Реал Мадрид во јануари, а кариерата би можел да ја продолжи во Спортинг Лисабон.
Младиот бразилски напаѓач не добива доволно простор за игра, па и покрај претходните најави дека е подготвен да се бори за своето место, сега е решен да побара нова средина.
„Ендрик е отворен за заминување од Реал Мадрид. Подготвен е за трансфер, а не само за позајмица“, објавува мадридскиот весник „АС“.
Според истиот извор, Реал би можел да задржи дел од правата на фудбалерот или да договори клаузула што би му дала предност при евентуален откуп на неговиот договор.
Чуамени се повреди и го напушти кампот на француската репрезентација
Орелиен Чуамени официјално го напушти кампот на француската репрезентација еден ден по приклучувањето, сето тоа како поселдица на повреда која ја заработил на денешниот тренинг.Чуамени дефинитивно отпаѓа од комбинација за настап на двата натпревари кои следат во Лигата на нации, а потоа ќе подлегне на детални лекарски прегледи во Мадрид.
Чуамени ги пропушти претходните собири во септември и октомври за да ја врати целосната физичка подготвеност по повредата на бутниот мускул заработена на Светското првенство во 2026 година, па ова значи дека се уште нема да може да се запознае со методологијата на новиот селектор.
Бауман е изборот за прв голман по пензионирањето на Нојер
Легендарниот голман на Баерн, Мануел Нојер, според тврдењето на „Скај Спорт Германија“, треба да ја заврши својата играчка кариера на крајот од тековната сезона.
Според истиот извор, Баерн веќе подготвува промени во хиерархијата на голманите. Јонас Урбиг ќе ја преземе улогата на прв голман од следната сезона, додека клубот бара искусен голман кој би бил негова замена, но и сериозен конкурент.
Шампионот на Германија „подвлече“ две имиња и еден од тие двајца голмани треба да пристигне во Минхен на лето.
Прв избор на менаџерот на Баерн е Оливер Бауман од Хофенхајм.
Бауман има договор со својот клуб до 2028 година и има уште една голема цел пред себе. Тој моментално има 532 настапи во Бундеслигата, а за да го сруши рекордот на легендарниот Карл-Хајнц Корбел, кој одигра 602 натпревари, треба да брани на уште 71 натпревар.
Бидејќи има 36 години, ќе му биде тешко да го постигне ова во Баерн, додека останувањето во Хофенхајм би му овозможило да го сруши споменатиот рекорд.
Друга опција на Баерн е Бернд Лено, кој е под договор со Фулам до 30 јуни 2027 година и наводно е многу заинтересиран за преселба во Минхен.
Македонија е во третиот шешир во пресрет на ждрепката за квалификациите за ЕП 2028
Познати се проектираните шешири за ждрепката за квалификациите за ЕП во 2028 година, која ќе се одржи во декември 2026 година.
Распределбата е направена врз основа на привремениот пласман во ЛН а конечниот изглед ќе зависи од резултатите во преостанатите натпревари.
Македонија со сигурност се наоѓа во третиот шешир, заедно со Романија која исто така е сигурна.
Според моменталните резултати таму се наоѓаат Украина, Полска, Шкотска, Грузија, Израел, Словачка, Црна Гора, Албанија и Исланд.
Во првиот шешир се наоѓаат најквалитетните европски селекции, сигурни се Шпанија, Португалија, Франција, Холандија, Англија, Грција и Италија, а таму се очекува да бидат и Белгија, Данска, Германија, Норвешка и Хрватска.
Почетино прв фаворит за клупата на Манчестер Јунајтед
Маурицио Покетино ќе биде новиот предводник на Манчестер јунајтед. Раководството на клубот донесе одлука за разделба со менаџерот Мајкл Карик поради катастрофалните резултати и фактот што клубот се наоѓа на 18. место во Премиер-лигата.
Според информациите, Манчестер јунајтед ќе мора да му исплати 10 милиони долари, односно околу 7,4 милиони фунти, на Фудбалската федерација на САД за да го ослободи Покетино од договорот кој трае до 2030 година. Во игра беа и други кандидати како Антонио Конте, Еди Хау, Јулијан Нагелсман, Дидие Дешамп и Унаи Емери. Извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс разговараа со косопственикот Сер Џим Ретклиф во Монако.
Карик изминатиот период оствари реми 4:4 против Астон Вила, додека во натпреварите претходно забележа победа од 3:2 против Рома во Лигата на шампионите. Покетино во моментот се наоѓа во Националниот тренинг-центар на фудбалската репрезентација на САД во Фајетвил, Џорџија, каде што го подготвува тимот за четвртфиналните натпревари од Лигата на нации на КОНКАКАФ против Хаити, со прв дуел закажан во Мајами и реванш во Синсинати.