фудбал

Мурињо: Џуд е најдобар играч за врска во светот, вистински уникат

Жозе Мурињо е познат како стручњак кој знае да го извади најдоброто од големите ѕвезди кои стандардно ги тренирал во својата кариера.

Реал победи против АЕК во самата завршница, но претходно остана во игра благодарение на Џуд Белингам, фудбалер кој Мурињо го нарече најдобар играч за врска во светот во овој момент.

Англичанецот режираше импресивна штикла-магија кога израмни на 1-1, а потоа ја осмисли акцијата по која Реал израмни на 2:2 пред завршниот гол на Валверде.

„Џуд Белингам е вистински уникат. Не постои сличен играч за врска во светот, тој е најдобар.

Навистина е извонреден, вложува труд на секој дел од теренот, а притиа поседува страшен квалитет. Одличен е во секој поглед и во секоја смисла“, изјави Мурињо.


Емери добива нов договор во Астон Вила

Астон Вила започна позитивни разговори со Унаи Емери за продолжување на соработката, со можност шпанскиот стратег да остане на „Вила Парк“ и по 2029 година.

Емери има уште три години од актуелниот петгодишен договор, потпишан во 2024 година, но раководството на клубот веќе работи на плановите за долгорочна иднина.

На состанокот со тренерот присуствувале претседателот Насеф Савирис, претседателот за фудбалски операции Роберто Олабе и директорот Дамиан Видагани.

Од клубот се оптимисти дека ќе постигнат договор за продолжување на соработката, а разговорите доаѓаат во период кога Емери се поврзува и со менаџерската позиција во Манчестер Јунајтед.

Астон Вила официјално потврди дека разговорите минале во позитивна атмосфера и дека амбицијата е долгорочен развој на клубот под водство на шпанскиот стручњак.


Баерн го продолжи договорот со Хари Кејн до 2029 година

Баерн Минхен официјално ја продолжи соработката со англискиот напаѓач Хари Кејн, кој ќе остане во германскиот гигант до 30 јуни 2029 година.

Триесет и тригодишниот капитен на англиската репрезентација пристигна во Минхен во 2023 година од Тотенхем за трансфер вреден 95 милиони евра и во изминатиот период се наметна како еден од најважните фудбалери на тимот.

Кејн досега одигра 161 натпревар во дресот на Баерн, постигнувајќи 156 голови и забележувајќи 41 асистенција.

Со баварскиот клуб освои две титули во Бундеслигата, еден Куп на Германија и два Суперкупа на Германија. Дополнително, во 2026 година ја освои и Златната топка, со што ја потврди својата позиција меѓу најдобрите светски фудбалери.

Продолжувањето на договорот е важен потег за Баерн, кој ја обезбеди иднината на својот најдобар стрелец и еден од клучните играчи во проектот на тренерот Венсан Компани.

Англичанецот, кој долго време беше поврзуван со можноста за враќање во Премиерлигата, очигледно е подготвен и во наредните години да продолжи да освојува трофеи со германскиот шампион.


Брера со дебакл во Германија го заврши настапот во младинската ЛШ

Младинците на Брера загубија со 0-9 на гостувањето кај Хофенхајм во реваншот од Лигата на шампионите за фудбалери до 19 години, струмичкиот тим беше поразен и дома со 0-3, па овој двобој го заврши со 0-12.

Германскиот тим уште еднаш потврди дека со квалитетот е многу далеку од македонскиот и обезбеди преубедлива победа.

Крамер и Хасфелд беа двојни стрелци, додека Крета, Дугду, Бругман, Мес и Појатос по еднаш ја затресоа мрежата на струмичани.

И покрај убедливата елиминација, Брера Струмица ќе ја памети оваа сезона по историскиот настап, во кој македонски клуб за првпат оствари победа и успеа да мине едно коло во младинската Лига на шампионите.


АЕК го намачи Реал, но Валверде во финишот го реши дуелот

АЕК и Реал Мадрид одиграа извонреден натпревар на стадионот „Аја Софија“ во Атина, пресметката од четвртото коло на Лигата на шампионите заврши со 2:3 (1:1) по пресвртот на гостите од шпанската престолнина.

Избраниците на српскиот тренер Марко Николиќ поведоа во 12-тата минута кога репрезентативецот на Мавританија, Абубакари Коита, ја погоди мрежата, на асистенција на поранешниот играч на Реал, Лука Јовиќ.

Потоа Џуд Белингам постигна гол, но прославата беше краткотрајна бидејќи голот беше поништен по проверката на ВАР. И покрај ова, англискиот ас многу брзо постигна уште еден гол, во во 32-тата минута, на асистенција на Марк Кукуреља.

25-годишниот Ставрос Пилиос е „одговорен“ за вториот гол на АЕК. Албанскиот репрезентативец, роден во Родос, му донесе водство на грчкиот првак, по втор пат против шпанскиот гигант, на асистенција на Коита во 75-тата минута.

Одговорот дојде многу брзо, три минути подоцна, Дензел Дамфрис го пронајде, Килијан Мбапе, а француската мегаѕвезда ладнокрвно ја затресе мрежата за израмнување.

За крај, вистинска бомба испрати Федерико Валверде. Уругваецот „испука“ неодбранлив удар надвор од шеснаесетникот и му донесе три бода на тимот на Жозе Мурињо.


Фонсека го презеде Спортинг, Лион доби пет милиони евра

Лион го објави заминувањето на Пауло Фонсека од функцијата главен тренер и неговиот трансфер во Спортинг.

Се наведува дека португалскиот клуб ќе му плати на францускиот клуб пет милиони евра отштета за предвремено раскинување на договорот на 53-годишниот тренер со Лион.

„Во последните денови, го побара клуб кон кој е особено поврзан, а Пауло Фонсека го информираше раководството за неговата желба да го напушти Лион. Ова е неочекувана одлука, за која клубот длабоко жали, особено имајќи предвид дека е донесена на средина од сезоната. Соочен со оваа јасно изразена желба, раководството одлучи дека не е во најдобар интерес на клубот да продолжи соработка која повеќе не може да гарантира ниво на целосна посветеност потребно за успехот на проектот. Во толку клучен момент од сезоната, Олимпик Лион верува дека сите негови напори мора да бидат целосно мобилизирани и фокусирани на целите на клубот“, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Лион.

Поранешниот помошник на Фонсека, португалскиот тренер Хорхе Масиел, е назначен за привремен главен тренер за претстојните натпревари на Лион во Лигата на Европа (против Реал Сосиедад на 5 ноември) и француската Лига 1 (против Брест на 8 ноември).

Лион е трет во француската Лига 1 по девет натпревари, со 17 бода. Тие се три бода зад лидерот ПСЖ.

Спортинг Лисабон е исто така трет во португалската Лига 1, со 21 бод од 10 натпревари. Португалскиот клуб се натпреварува во Лигата на шампионите оваа сезона.


Франк Шмит заминува од Хајденхајм

Една од најдолгите тренерски приказни во европскиот фудбал ќе заврши во летото 2027 година. Франк Шмит одлучи по речиси две децении да го напушти Хајденхајм, откако соопшти дека нема да го продолжи договорот со клубот.

52-годишниот тренер самостојно ја донел одлуката, иако раководството на Хајденхајм имало голема желба соработката да продолжи.

„Во изминатите неколку недели созреа мојата одлука. По речиси 20 години на клупата на Хајденхајм, едноставно сакам да направам пауза“, објасни Шмит.

Тој го презеде тимот во 2007 година и стана едно од најпрепознатливите имиња во историјата на клубот. Под негово водство, Хајденхајм постепено се искачуваше низ германските лиги, сè до историскиот пласман во Бундеслигата, а потоа и настапите на европската сцена.


Арсенал и Атлетико Мадрид преговараат за Алекс Баена

Арсенал подготвува голем трансфер за јануарскиот преоден рок, а на листата со желби на лондонскиот клуб се најде Алекс Баена од Атлетико Мадрид.

Шпанскиот офанзивец пристигна во Атлетико во летото 2025 година од Виљареал, но и покрај добрите настапи, неговата авантура во Мадрид би можела да заврши побрзо од очекуваното.

Баена оваа сезона игра во одлична форма и на 14 натпревари учествувал во девет погодоци, со пет постигнати гола и четири асистенции. Неговите настапи го привлекле вниманието на неколку европски клубови, а Арсенал наводно е особено заинтересиран за неговиот потпис.

Атлетико за неговите услуги на Виљареал му плати 45 милиони евра, а со договорот го врза до летото 2030 година. Сепак, мадридскиот клуб би можел да се согласи на продажба доколку добие соодветна понуда.

Наводно, Атлетико за слободата на шпанскиот репрезентативец бара дури 80 милиони евра. Останува да се види дали Арсенал е подготвен да издвои толкава сума за да го реализира трансферот во јануари.


Ламин Јамал сруши уште еден рекорд во Лигата на шампионите

Ламин Јамал испиша нова страница во историјата на Лигата на шампионите. 19-годишниот фудбалер на Барселона стигна до 14 голови во елитното европско натпреварување, со што го надмина досегашниот рекорд на Килијан Мбапе меѓу тинејџерите, кој изнесуваше 13 погодоци.

Јамал го постигна историскиот гол во седмата минута од натпреварот против Астон Вила, во четвртото коло од лигашката фаза.

Со тоа, младиот шпански репрезентативец стана најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите кога станува збор за фудбалери кои сè уште немаат наполнето 20 години.

Интересно е што Јамал до ова достигнување стигна по 37 натпревари, додека Мбапе своите 13 гола ги постигна на 23 средби.


Исаксен добива нов договор во Лацио

Данскиот фудбалер Густав Исаксен го игра можеби најдобриот период од досегашниот престој во Рим, а раководството на Лацио сака да го награди со нов договор. Планот е соработката да биде продолжена најмалку до 2030 година, со значително подобри финансиски услови.

По репрезентативната пауза, Исаксен одигра пет натпревари во кои забележа четири гола и една асистенција. Дополнително, му беше поништен и гол против Парма поради минимален офсајд. Во Лацио сакаат да ја обезбедат неговата иднина затоа што актуелниот договор на Данецот истекува во јуни 2028 година, но клубот веќе работи на продолжување на соработката најмалку до 2030 година.