фудбал

Седлоски: Tешко e да се зборува по оваа „црна“ серија, но нема да застанам тука

Македонија претрпе уште еден пораз во Лигата на Нации, трет по ред без постигнат гол. Шкотска со три бода си замина од Скопје, по триумфот од 0:2.

Селекторот Гоце Седлоски по мечот истакна дека се решил на рани замени поради тоа што не одело ништо во нашата селекција, и се обидел нешто да смени.

„Првите 30 минути не одеше како што треба со Лука и со Херера. Лука кога влегуваше со Словенија и со Швајцарија кога влегуваше даде живост, и мислев дека ќе биде добро. Шкотска не проби од таа страна, и затоа се решив да го заменам и Херера“, истакна Седлоски, кој рече дека триумфот на Шкотланѓаните бил целосно заслужен.

„Шкотланѓаните помоќни, поагресивни, побрзи во дуели, во скок игра, затоа играат таму каде што играат, ние оваа серија на порази, тешко е да се каже нешто, но не застанувам тука“, изјави Седлоски.

Предводникот на нашиот национален тим кажа дека Македонија единствено може да се носи со Словенија, додека Швајцарија и Шкотска се далеку пред нас.

„Единствено е што можеме да се носиме е Словенија. Другото е преголем квалитет. Со Словенија тука можеме да се носиме, но за Швајцарија не треба да се зборува. Ние треба да учиме. Покрај тие играчи кои играат во Премиерлигата, јас ставив тројца играчи од македонска лига. Ќе работам, ќе гледам, ова е процес и останувам на истото“, рече Седлоски.


Англија ја прегази Хрватска среде Ријека

Репрезентацијата на Англија ја постигна најубедливата победа сезонава во Лигата на нациите откако вечерва на гости ја совлада Хрватска со убедливи 7-0.

Натпреварот се одигра на стадионот Рујевица во Риека, а на трибините имаше публика само на деца од фудбалски школи од Хрватска, поради забраната на Хрватскиот фудбалски сојуз за организирање на навивачи.

На победата се радуваше и одредена група од околу 200 англиски навивачи.

Головите за Англија ги постигнаа: Хари Кејн и Букајо Сака по два, Џуд Белингам, Морган Роџерс и Антони Гордон по еден.

За Англија ова беше втора победа во групата каде прва е Шпанија, која вечера игра против Чешка. (


Македонија поразена и од Шкотска, серијата неуспеси продолжува

Македонската фудбалска репрезентација претрпе нов пораз во Лигата на нации, откако загуби од селекцијата на Шкотска со 0-2 на домашен терен. Гостите покажаа поголема решителност во завршницата, додека нашата репрезентација и по три одиграни кола останува без постигнат погодок.

​Раната предност за Шкотска ја донесе Киран Боуви во шестата минута со прецизен удар од 25 метри.

Македонија тешко креираше шанси, а најсериозниот обид во првото полувреме го имаше Бојан Илиевски. Тој шутираше во 22.минута, но не беше прецизен.

По полувремето, Шкотите ја контролираа играта, а победата ја потврдија преку Џон МекГин од пенал во 70. минута, досуден поради игра со рака на Миовски. По интервенција на ВАР, судијата Летесие покажа на белата точка.

Претходно, имаше момент кога тој досуди пенал по стартот на Гаштаров, но по асистенција на ВАР ја повлече одлуката.

Иако гостите ги одиграа последните десет минути со фудбалер помалку по исклучувањето на Скот МекКена, македонскиот тим не успеа да постигне погодок и Шкотска ја однесе победата.


Анчелоти останува најплатен тренер, Клоп веднаш зад него

Германскиот весник „Билд“ ги објави платите на селекторите на репрезентациите ширум светот, убедливо најплатен е Карло Анчелоти.

Селекторот на Бразил годишно заработува 10 милиони евра, тоа е за дури три милиони евра повеќе од вториот на листата, Јирген Клоп, кој добива седум милиони евра годишно.

Веднаш зад Клоп е Маурисио Почетино со 6,8 милиони евра, четврти и Томас Тухел со шест милиони евра.

Светскиот шампион, Луис де ла Фуенте заработува пет милиони евра годишно, следен е Жорге Жезус со четири милиони.

Зинедин Зидан во Франција има плата од 3,6 милиони евра. Чави Ернандез добива три милиони, а во топ 10 се уште и Лионел Скалони и Ралф Рангник.


Покоњоли: Ќе биде голем предизвик да се дојде до победа во Скопје

Себастијан Покоњоли, селекторот на Шкотска ги искажа своите очекувања од натпреварот со Македонија. Тој рече дека посакува селекцијата да игра како последните 30 минути против Словенија.

„Сакаме да покажеме она што го покажавме во минатите денови низ тренинзи, да играме како последните 30 минути против Словенија и да дојдеме до првата победа“, изјави Покоњоли.

Тој рече дека имало многу позитивни работи на теренот, иако резултатот не се според очекувањата.

„Нема притисок, затоа што одиме чекор по чекор. Имаме позитивни работи на теренот, можеби резултатите не се според очекувањата, но мислам дека после првата победа ќе биде се подобро. Против Словенија заслуживме да победиме, против Швајцарија рано останавме со играч помалку и тоа ја смени целосно сликата“, рече Покоњоли.

Селекторот на Шкотска истака дека очекува тежок натпревар, меѓутоа сака три бода.

„Секогаш го анализираме противникот, секогаш кога играме на гости се тешки натпревари. Не така одамна Македонија имаше успешен период кога имаше добри резултати. Го респектираме противникот, и предизвик ќе биде за нас да одиграме како што сакаме утре во Скопје“, рече Покоњоли.


Трапановски: Најважно е против Шкотска да играме со самодоверба!

Пред утрешниот дуел меѓу Македонија и Шкотска, за „е-магазинот“ на Фудбалската федерација на Македонија говореше Кристијан Трапановски, фудбалер кој моментално е без клуб, но зад себе има две сезони во шкотскиот фудбал, каде што го носеше дресот на Данди јунајтед.

Пред утрешниот дуел меѓу Македонија и Шкотска, за „е-магазинот“ на Фудбалската федерација на Македонија говореше Кристијан Трапановски, фудбалер кој моментално е без клуб, но зад себе има две сезони во шкотскиот фудбал, каде што го носеше дресот на Данди јунајтед.

Трапановски има 44 настапи за младинските и сениорската репрезентација на Македонија, почнувајќи од селекциите до 17, 19 и 21 година, па сè до А-репрезентацијата.

Тој очекува неизвесен и квалитетен натпревар против Шкотска, селекција која, според него, располага со јасно поставена игра и голема физичка сила.

„Очекувам тежок и квалитетен натпревар против сериозна репрезентација како Шкотска. Имаат јасен систем на игра, физички се многу силни и имаат континуитет, но верувам дека и ние имаме квалитет и карактер за да се спротивставиме. И двете селекции ќе сакаат резултат, па најверојатно деталите ќе го решат натпреварот“, вели Трапановски.

Според него, шансите за победа на двете страни се изедначени. Македонскиот репрезентативец верува дека нашиот тим има квалитет со кој може да создаде проблеми за шкотската одбрана.

„Имаме фудбалери кои во транзицијата и во офанзивата можат да направат разлика. Најважно е да играме со самодоверба и да веруваме во сопствените можности. Кога сме храбри и максимално фокусирани, можеме да изгледаме многу моќно и да се надигруваме со секого“, порача Трапановски.

Тој во моментов е во процес на рехабилитација по операцијата на коленото, која ја имаше на 1 април годинава. Според информациите, закрепнувањето се одвива во најдобар ред, а Трапановски е близу до целосно враќање на тренинзите и натпреварите.

Трапановски има 44 настапи за младинските и сениорската репрезентација на Македонија, почнувајќи од селекциите до 17, 19 и 21 година, па сè до А-репрезентацијата.

Тој очекува неизвесен и квалитетен натпревар против Шкотска, селекција која, според него, располага со јасно поставена игра и голема физичка сила.


Џеко го одигра последниот натпревар за селекцијата на БиХ

Един Џеко синоќа и официјално ја заврши репрезентативната кариера.

Капитенот на Босна и Херцеговина ги одигра последните минути за националниот тим на дуелот против Шведска, откако во 63. минута го напушти теренот и му го отстапи местото на Харис Табаковиќ. Натпреварот заврши 1:1.

Излегувањето на Џеко од теренот беше исклучително емотивно. Неговите соиграчи направија шпалир покрај аут-линијата за да му оддадат почит на капитенот, а во чест на големиот босански напаѓач им се придружија и шведските репрезентативци.

Џеко беше испратен со огромен аплауз од трибините, а целото „Билино Поље“ потоа почна да го скандира неговото име.

За 40-годишниот напаѓач ова беше крај на репрезентативната кариера која траеше речиси две децении. Џеко дебитираше за Босна и Херцеговина во 2007 година и со 151 настап и 73 гола е рекордер на националниот тим според бројот на настапи и постигнати голови.

Неговиот последен натпревар во репрезентативниот дрес беше најавен како посебен момент, а пред дуелот Џеко порача дека од националниот тим заминува среќен и задоволен, бидејќи смета дека дал максимум во дресот на својата земја.

Збогувањето, сепак, не заврши со последниот свиреж. По натпреварот на „Билино Поље“ беше подготвена посебна програма посветена на кариерата на легендарниот капитен.


Италија на Манчини извлече реми во Париз

Во европскиот класик немаше победник, Франција и Италија одиграа нерешено на „Сен Дени“, 1-1, додека Белгија беше убедлива против Турција, 3-0.

Во Париз, немаше голови во првото полувреме, иако домашните имаа повеќе од играта и неколку многу добри шанси. Особено се истакна Џанлуиџи Донарума, со неколку одлични интервенции, а се истакна и на почетокот на второто полувреме кога ги спречи Французите да поведат со две последователни одбрани.

Сепак, италијанскиот голман не можеше ништо да направи во 55-та минута. Николо Фаџоли направи прекршок врз Рајан Шерки на 18 метри од голот.

Олисе изведе фантастичен слободен удар. Топката прелета преку живиот ѕид, ја погоди долната страна од пречката и заврши во мрежата.

Италија, сепак, не се предаде. Израмнувањето дојде во 68-та минута, по големата грешка на Французите при обидот да ја исфрлат топката.

Адриен Рабио му додаде на Лукас Да Куња, кој го забележа Алесандро Бастони зад себе. Дефанзивецот на Италија му ја одзеде топката, влезе во шеснаесетникот и мирно го совлада Мајк Мењан со левата нога за 1:1.

Франција наскоро можеше да го врати водството. Рабио шутираше силно со левата нога, но Донарума повторно реагираше фантастично и ја спаси Италија.

Немаше промена во резултатот до крајот, па Франција остана без победа за прв пат откако Зинедин Зидан ја презеде репрезентацијата, по минималните триумфи над Турција и Белгија.

Многу помалку неизвесност имаше во Лиеж, каде Белгија ја победи Турција со 3:0, а главен јунак на триумфот беше Кевин де Брујне.

Капитенот на Белгија ги доведе домаќините во водство во десеттата минута.

Турција се обиде да одговори, пред сè преку Арда Ѓулер, но не успеа сериозно да го загрози домаќинот. Белгија практично го реши прашањето за победникот во второто полувреме.

Де Брујне повторно беше во главна улога, а во 59-та минута го постигна својот втор гол во натпреварот за 2:0. Ромелу Лукаку стави крај на убедливата победа во 76-та минута, со својот 95-ти гол во дресот на националниот тим.

Белгија се врати на победничките патеки по поразот од Франција, додека Турција го претрпе третиот пораз во првите три кола од Лигата на нации. Турците претходно загубија од Франција со 1:0 и од Италија со 4:1, па по три натпревари останаа без бод, со дури осум примени гола.


Голем скандал во Турција, суспендирани 448 фудбалски функционери

Турската фудбалска федерација привремено суспендираше дури 448 сегашни и поранешни функционери на клубови поради обложување. На листата се наоѓаат и имиња од водечките клубови, како претседателот на Трабзон Ертугрул Доган и потпретседател на Бешикташ Хакан Далтабан.

Сите суспендирани лица во претходните пет години имале уплати додека биде на функција во првата или втората лига. Тие се предадени на дисциплинската комисија на федерацијата, а дури 171 лице бил или уште има ангажман во клубови од елитната лига.

Турската федерација за зголеми контролата откако имаше голем скандал каде беа вмешани 129 судии од главната и помошната листа и дури 1.024 фудбалери.

Во одделни истраги приведен е еден функционер и шест членови на Централниот судиски одбор.


Стравувањата оправдани: Џејмс ќе паузира 7-9 месеци

Анадолу Ефес претрпе пораз од Црвена Звезда н натпревар кој донесе и една ужасна вест за турскиот прволигаш.

На средбата во Белград се повреди Мајк Џејмс кој мораше на носилки да биде изнесен од теренот и на сите им стана јасно дека се работи за нешто посериозно. Тој се повреди без контакт со противнички играч во третата четвртина,

Мајк го очекува пауза од 7 до 9 месеци. Ова е секако удар за самиот играч кој има 36 години и останува да се види како во иднина би бил неговиот кам-бек на терените, но и за Анадолу Ефес кој има интересна, амбициозна екипа која имаше за цел да биде во Топ 10.