фудбал

Обамејанг влезе во историјата: Прв фудбалер со хет-трик во четири од петте најсилни лиги

Напаѓачот на Барселона, Пјер-Емерик Обамејанг постави уникатно достигнување. Тој на натпреварот од 25. коло на шампионатот во Шпанија против Валенсија (4-1) постига три гола. Ова се негови први погодоци за каталонскиот тим по заминувањето од Арсенал.

Така, напаѓачот од Габон стана првиот играч во 21 век кој постигнал хет-трик во француската Лига 1, германската Бундеслига, англиската Премиер лига и шпанската Ла Лига.

Додека беше во Франција, Обамејанг играше за Дижон, Лил, Монако и Сент Етјен, во Германија за Борусија Дортмунд, во Англија за Арсенал.


Интер се договори со Брозовиќ

Скај Италија објавува дека шампионот на Серија А, Интер, се договори со Марсело Брозовиќ околу продолжување на неговиот договор на уште четири години, со што ќе остане во клубот до 2026 година.

Со новиот договор Хрватот ќе заработува 6 милиони евра по сезона, а официјална објава за соработката се очекува во наредните 24 часа. 

29-годишниот Брозовиќ во дресот на Интер е веќе шест години, а пристигна од Динамо Загреб за 18 милиони евра.


Алегри: Влаховиќ дебитира, не треба да ставаме дополнителен притисок врз него

Тренерот на фудбалерите на Јувентус, Масимилијано Алегри, вели дека напаѓачот, Душан Влаховиќ, не смее да биде под притисок бидејќи не постигна гол на градското дерби со Торино.

„Натпреварот со Торино беше тежок. Во текот на сезоната има натпревари кога не можете да реализирате шанси. Утре Влаховиќ ќе дебитира во Лигата на шампионите и не можеме да ставиме притисок врз него“, вели Алегри.

Српскиот напаѓач ќе дебитира во дресот на „старата дама“ во елитата на Европа. Италијанците за противник ќе го имаат шпанскиот тим Вилјареал.


Емери: Јувентус е фаворит, но можеме да го победиме

Екипата на Виљареал вечерва на домашен терен го игра својот прв натпревар од осминафиналната пресметка во Лигата на шампионите против Јувентус.

Иако во моментов, двете екипи располагаат со скоро изедначено силни тимови, сепак од таборот на „жолтата подморница“, фаворитската улога на натпреварот му ја препуштаат на „бјанконерите“ од Торино. Меѓутоа тренерот на Виљареал, Унаи Емери истакнува дека можат и знаат како да стигнат до победата.

„Мора да уживате додека настапувате во ЛШ. Тимот на Јувентус е фаворит на средбата, но ние покажавме дека можеме да се надигруваме со било која екипа, и заслужено стигнавме до осминафиналето. Суштината на успехот е напорната работа “,потенцира Емери.


Јуве спремен да го доведе Де Јонг од Барселона

Јувентус покажува сериозен интерес за играчот за врска на Барселона, Френки де Јонг, пренесуваат италијанските медиуми.

„Старата дама“ на лето сака да го засили средниот ред и најголема желба е токму Холанѓанецот, па веќе почнале да работат на негов трансфер во Торино.

Де Јонг во Барселона пристигна летото 2019 година за сума од 86 милиони евра. Во последно време многу често се поврзува со заминување и нема да биде чудо ако на крајот на сезоната го напушти „Камп Ноу“.

Френки Де Јонг е помеѓу фудбалерите кои Барселона ги стави на трансфер листата со цел да се подобри финансиската ситуација во клубот. Сумата која Барселона сака да ја добие од продажбата на Де Јонг е околу 75 милиони евра.


Маунт ќе биде подготвен за финалето на Лига Купот против Ливерпул

Мејсон Маунт, веројатно ќе се појави на неделното финале со Ливерпул во Лига Купот на Англија откако полека ја санирал повредата.

Натпреварот на стадионот –„Вембли“ е закажан за 27 февруари. Англискиот репрезентативец заработи повреда на скочниот зглоб во првото полувреме од финалето на Светското клупско првенство против Палмеирас.

Тој иако денеска учествуваше на тренингот на Челзи, сигурно ќе го пропушти утрешниот прв меч со Лил во 1/ 8 финалето во Лигата на шампионите.


Хуан Мата е играчот од кого Бруно Фернандеш научил најмногу

Бруно Фернандеш го потенцира соиграчот од Манчестер Јунајтед со кого најмногу се дружел и од кого научил најмногу.

Португалецот истакна дека Хуан Мата е фудбалерот кој го смета за најдобар пријател во клубот. Бруно во последниве две години научил доста работи од 34 годишниот Шпанец.

„Како најдобар пријател во Јунајтед би го посочил Хуан Мата, бидејќи тој ме прави подобар играч и човек како на теренот така и надвор од него“, истакнува Фернандеш.


Нојер повторно тренира со Баерн

Голманот Мануел Нојер повторно им се врати на тренинзите со своите соиграчи од Баерн Минхен. Ова се случи само две недели по операцијата на коленото на десната нога. Шампионот на Германија на својата веб-страница објави кратко видео на кое се гледа дел од тренингот на капитенот Нојер.

35-годишниот голман се очекува да се врати на терените најрано до средината на март.


Ѕвездите на Сасуоло подготвени за големи клубови

Со голови на Скамака и Распадори, Сасуоло го победи Интер со 2-0 и тоа на негов терен.

Берарди кој има 27 години, но важи за еден од поискусните играчи во тимот, има големи пофалби за младите Скамака и Распадори.

„Двајцата се големи фудбалери и подготвени се да направат чекор напред. Тие докажуваат од натпревар во натпревар за колку квалитетни играчи се работи и мора да продолжат да го прават тоа и на мечевите и на тренинзите“, вели Берарди.

Скамака се поврзува токму со Интер, а Распадори со Јувентус и Милан.

Берарди вели дека и тој би можел да замине во голем клуб. Претходно го одбил Јувентус, бидејќи не се чувствувал подготвен, но сега работите се сменети.


Јувентус без Дибала против Виљареал

Пауло Дибала нема да биде во тимот на Јувентус за гостувањето кај Виљареал во првата осминафинална пресметка во Лигата на шампионите која се игра во вторник.

Напаѓачот заработил повреда на бутниот мускул за време на градското дерби со Торино. Медицинските прегледи покажаа дека повредата не е сериозна, но тренерот Алегри реши да не ризикува и ќе го изостави Аргентинецот од екипата.