фудбал

Брајтон инсистира на 50 милиони фунти за Кукуреља

Иако Брајтон ја одби првата понуда од 32 милиона фунти за Марк Кукуреља, луѓето од Манчестер Сити не се откажуваат од намерата да го ангажираат  24-годишниот Шпанец.

Познато е дека Брајтон бара околу 50 милиони фунти за фудбалерот што значи дека тимот од  „Етихад“ ќе мора драстично да ја зголеми понудата.

Кукуреља имаше одлична прва сезона на стадионот Амекс, забележа 38 настапи со еден гол и две асистенции. Тој беше прогласен за играч на сезоната во клубот.


Наполи е новата дестинација на Роналдо?

Откако станува јасно дека Роналдо не сака да го продолжи својот престој во Манчестер Јунајтед, бидејќи Португалецот сака настап во Лигата на шампионите, се појави најнова информација дека Наполи покажува интерес за доведување на напаѓачот во своите редови.

Откако отпаднаа опциите за трансфер на Роналдо во Баерн, Челзи, Атлетико Мадрид и некои други клубови, шпанските медиуми пренесуваат дека првиот човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис наводно изјавил дека сака да го донесе Роналдо во Наполи, и дека ќе започне преговори со неговиот менаџер. Се очекува Роналдо да се одлучи и за намалување на својата плата само да заигра за клуб кој настапува во овогодинешната сезона од ЛШ.


Сити ќе тргне по Грималдо ако пропадне трансферот на Кукуреља

Манчестер Сити би можел да го ангажира дефанзивецот на Бенфика, Алехандро Грималдо. Англискиот клуб го разгледува Шпанецот како алтернатива на Марк Кукурела, доколку ненадејно пропадне договорот со вториот.

Алехандро ја започна својата кариера во фудбалската школа на Валенсија. Во 2008 година, тој влезе во младинскиот систем на Барселона. Тој стана најмладиот играч (15 години и 349 дена) кој некогаш играл во Сегунда.

Во декември 2015 година, Грималдо се согласи да се пресели во португалска Бенфика за 1,5 милиони евра и му се приклучи на новиот клуб во јануари следната година. Минатата сезона, дефанзивецот постигна шест гола и даде девет асистенции на 47 настапи за Бенфика во сите натпреварувања. Порталот Трансфермаркт ја проценува цената на овој фудбалер на 20 милиони евра.


Атлетико Мадрид го доведе првото летно засилување

Аргентинскиот фудбалер Науел Молина е нов играч на Атлетико Мадрид, потврди шпанскиот клуб.

Молина во Атлетико пристигна од Удинезе, а со клубот од Мадрид потпиша петгодишен договор. Италијанските медиуми пренесуваат дека Атлетико за услугите на аргентинскиот бек плати околу 27 милиони евра.

Молина за Удинезе одигра 67 натпревари во сите натпреварувања, а за репрезентацијата на Аргентина има одиграно 17 меча.


Гвидо Родригез на чекор до потпис со Евертон

Евертон е заинтересиран за фудбалерот  од средниот ред на Бетис, Гвидо Родригез. Англичаните  ја испратиле првата понуда до 28-годишниот Аргентинец и сега го чекаат неговиот одговор.

Доколку фудбалерот се согласи да ја промени средината, популарните „карамели“ ќе ги започнат преговорите со шпнаскиот состав.

Трансферната сума треба да биде околу 25 милиони евра.


Повредата не е наивна, Погба може да го пропушти Мундијалот?

Пол Погба може да го пропушти Светското првенство во Катар годинава, информираше „Газета дело спорт“. Францускиот играч за врска летово се врати во Торино и пред само неколку недели почна да тренира со тимот, но заработи повреда на латералниот менискус. Првичните прогнози беа многу пооптимистички и се веруваше дека со конзервативен третман ќе може да закрепне за неколку недели.

Сепак, дополнителните испитувања покажаа дека повредата е посериозна и допрва ќе се направат голем број консултации со специјалисти, по што ќе биде донесена конечна одлука, но речиси сигурно е дека ќе се изврши хируршка интервенција.

Се очекува тој да биде опериран во Лос Анџелес, каде ќе остане на дел од опоравувањето. Тоа значи дека Погба ќе закрепнува минимум помеѓу 40 и 60 дена, по што доколку се биде во ред, ќе мора постепено да се враќа на тренинзите. Ова е дел од причината зошто челниците на Јувентус сериозно размислуваат да отворат преговори за Леандро Паредес од ПСЖ, кој беше актуелен во последните денови.


Вест Хем ја зголеми понудата за Зиелински од Наполи

Вест Хем продолжува да се обидува да го ангажира играчот од средниот ред на Наполи, Пјотр Зиелински и ја подобри својата прва понуда, но играчот не е подготвен да се пресели во Лондон, според „Кориере дело Спорт“.

Минатата сезона „чеканите“ му понудија на Наполи 25 милиони евра плус бонуси за полскиот играч за врска, што е многу под цената од 40 милиони евра што ја поставија „наполитанците“.

Вест Хем наводно ја подобрил својата понуда. Сега клубот е подготвен да плати до 36 милиони евра за Зиелински, што е многу блиску до барањата на Наполи. Договорот меѓу двете страни би можел да биде постигнат до крајот на оваа недела.


Кунде на чекор до трансфер во Барселона

Фудбалерот на Севиља и француски репрезентативец, Жил Кунде, е на прагот од трансфер во Барселона, пренесуваат шпанските медиуми.

Според информациите, Севиља се согласила за продажба на дефанзивецот Кунде во Барса за цена од 60 милиони евра со вклучени бонуси.

23-годишниот Кунде е член на Севиља од 2019 година, а пред тоа играше за Бордо.

Шпанските медиуми истакнуваат дека иако Барселона доведува нови фудбалери, клубот нема да може да изврши нивна регистрација доколку не продаде неколку играчи поради израмнување на финансиската состојба.


Луис Суарез се врати дома

Уругвајскиот фудбалски клуб Национал соопшти дека потпиша петмесечен договор со досегашниот играч на Атлетико Мадрид, Луис Суарез.

Претседателот на Национал потврди дека поранешниот играч на Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико, ќе пристигне во Монтевидео претстојниот викенд и дека ќе биде спремен за настап на првиот натпревар со екипата.

Суарез е најдобар стрелец на репрезентацијата на Уругвај со постигнати 68 гола, а својата играчка кариера ја започна токму во Национал.


Ериксен: Дојдов во Манчестер Јунајтед заради Тен Хаг

Кристијан Ериксен, засилувањето на Манчестер Јунајтед, за првпат се огласи по пристигнувањето на „Олд Трафорд“.

Данецот неодамна пристигна како слободен играч од Брентфорд и потпиша тригодишен договор со Јунајтед.

Наскоро ќе има можност да дебитира во црвениот дрес и признава дека тоа ќе му биде малку невообичаено, бидејќи е навикнат да игра за противничките екипи во Театарот на соништата.

„За мене е чудно што сум во Јунајтед, мислев дека тоа нема да се случи. Да се ​​биде играч на Манчестер Јунајтед е нешто навистина посебно. Мојата кариера, пред тој инцидент на Евро 2020, воопшто не беше поврзана со враќањето во Велика Британија, така што тоа што сум овде сега ме прави среќен. Чувството е навистина добро“, призна Ериксен.