фудбал

Две опции за нов напаѓач на Баерн од следната сезона

Баерн Минхен е сериозен за купување на нов централен напаѓач во претстојниот летен преоден рок. Од Баерн се заинтересирани за напаѓачот на Ајнтрахт, Коло Муани и напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн. 

И двајцата играчи не се против потенцијален трансфер во клубот од Минхен, но нивниот трансфер би можел да биде скап за гигантот од Минхен. Баерн би можел да потроши 100 милиони евра за да купи еден играч за прв пат во својата историја.

Сега главен централен напаѓач на Баерн е 34-годишниот Ерик Чупо-Мотинг. 24-годишниот француски напаѓач Коло Муани оваа сезона во дресот на Ајнтрахт Франкфурт на 37 натпревари постигна 19 гола и 14 асистенции.  29-годишниот Хари Кејн на 40 натпревари за Тотенхем постигна 24 гола и четири асистенции.


Манчестер Јунајтед најгледан клуб во Премиер лигата

Според последните информации, Манчестер Јунајтед е убедливо најгледаниот клуб во Премиер лигата оваа сезона.

На почетокот на април на скоро три четвртини од сезоната, Јунајтед веќе надмина еден милион навивачи на трибините на својот „Олд Трафорд“. Неколку години наназад „црвените ѓаволИ“ не се главни конкуренти за титулата и единствениот трофеј во последните шест години им е Лига Купот во Англија.

На „Олд Трафорд“ во просек има 73.913 гледачи, а капацитетот до последното место на стадионот е 74.310 што е огромен процент на исполнетост.

Посебно што е интересно е што зад Јунајтед следи Вест Хем кој сезонава го гледале вкупно 936.874 навивачи на Олимпискиот стадион во Лондон, потоа следи Арсенал со 903.073, па Тотенхем, Манчестер Сити, Њукалс, Ливерпил, Челзи…


Милан го сака најдобриот стрелец на Ремс, цената е 50 милиони

Милан е силно заинтересиран за талентираниот напаѓач на Арсенал, Фоларин Балогун.

21-годишниот младински репрезентативец на Англија оваа сезона игра на позајмица со Ремс и блеска во Лига 1. Балогун до сега на 28 настапи постигна 17 гола и 3 асистенции, па покажа дека е еден од најталентираните напаѓачи во Европа.

Тој на лето ќе се врати во Арсенал и има договор до 2025 година со „топџиите“, но Милан сака да го доведе на „Сан Сиро“ и спрема понуда.

Самиот играч е заинтересиран за овој трансфер бидејќи смета на во Арсенал нема да има голема минутажа, но „топџиите“ за неговата слобода бараат 50 милиони евра.


Халанд подготвен за Саутемптон

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека најдобриот стрелец на екипата, Ерлинг Халанд, ќе биде подготвен за премиерлигашкиот дуел со Саутемптон.

Халанд им се врати на тренинзите оваа недела откако поради повреда го пропушти натпреварот со Ливерпул кој се одигра минатиот викенд.

Гвардиола потврди дека Норвежанецот ќе биде во тимот кој во сабота ќе се игра на гостински терен со Саутемптон. Тој оваа сезона има постигнато 42 гола во сите натпреварувања и е прв стрелец на Премиер лигата со 28 погодоци.

Саутемптон е последен на табелата со 23 бода, четири повеќе од претпоследниот Нотингем Форест.


Рафаел Леао е најнова желба на Анчелоти: Реал го користи Брахим Диаз како адут

Реал Мадрид се вклучил во трката за ѕвездата на Милан, Рафаел Леао. Португалецот се етаблираше во еден од најдобрите млади фудбалери во Европа и е мета на многу европски гиганти.

Неговиот договор со Милан е до 2024 година, па доколку не го продолжи до крајот на сезоната, „росонерите“ ќе мора да го продадат на лето.

Неговиот агент, Жорж Мендеш веќе имал средба со Реал Мадрид и разговарале за евентуален трансфер на Португалецот.

Реал е во одлични односи со Милан и сака како дел од трансферот да го вклучи Брахим Диаз, кој е на позајмица на „Сан Сиро“, плус одредена сума на пари.


Јуве спремен да испрати понуда за Ансу Фати

Ансу Фати би можел на крајот на сезоната да го напушти „Камп Ноу“.

Фати важеше за најголем талент на „Ла Масија“, но оваа сезона ретко добива шанса кај тренерот Чави, па јавно го искажа своето незадоволство.

Барселона не е задоволна од тоа како се развива неговата кариера, па е спремна да го продаде на лето, бидејќи има и финансиски проблеми.

Најсилен интерес за Фати покажува Јувентус, кој веќе стапил во контакт со неговиот агент и е спремен да понуди 50 милиони евра плус бонуси.


Реал се распрашува за Коло Муани

Реал Мадрид се вклучи во трката за потписот на францускиот репрезентативец и ѕвезда на Ајнтрахт, Коло Муани.

Коло Муани игра фантастична сезона во Бундеслигата, а се покажа во одлично светло и на Мундијалот, па го привлече вниманието на многу европски гиганти. Експертите му предвидуваат блескава кариера, а од поодамна интерес за него покажуваат Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен.

Сега во трката за неговиот потпис се приклучи и Реал Мадрид, кој е во потрага по засилување во нападот.

„Кралевите“ сметаат дека Коло Муани ќе биде идеално решение бидејќи може да игра како замена за Бензема, но и како крилен напаѓач.

Ајнтрахт сигурно нема лесно да се откаже од Французинот и за неговата слобода бара 100 милиони евра.


Квадрадо најлошо мина по исклучувањата на „Дербито на Италија“

Дисциплинската комисија на Серија А ги објави казните за тројцата исклучени играчи во првото полуфинале од Купот на Италија помеѓу Јувентус и Интер, кое заврши 1-1. Станува збор за Хуан Куадрадо од тимот на Јувентус, како и Ромелу Лукаку и Самир Хандановиќ од тимот на Интер.

Очекувано најголемата санкција е за Куадрадо, која изнесува суспензија за настап на три натпревари, како и парична казна од 10 000 евра. Тој ќе пропушти два натпревари поради директниот црвен картон што го доби по расправијата со Хандановиќ и ударот што му го нанесе на противничкиот голман, а третиот меч од суспензијата е поради акумулираните жолти картони. Хандановиќ исто така беше исклучен со директен црвен картон поради ударот против Куадрадо, но доби казна од еден натпревар и парична казна од 10.000 евра.

Од друга страна, Лукаку е суспендиран само за реваншот против Јувентус бидејќи неговиот црвен картон беше резултат на две жолти. Како што е познато, вториот жолт картон дојде по провокативен гест на напаѓачот кон противничките навивачи. Во меѓувреме, Јувентус беше казнет и со делумно затворен јужен сектор за еден натпревар. Сепак, оваа санкција ќе важи во Серија А лигата за домашниот натпревар против Наполи на 23 април. Првото ниво на јужната трибина на стадионот Алијанц потоа ќе биде затворено поради навивачите кои расистички скандирале кон Лукаку што ја поттикна реакцијата на играчот.


Нов скандал на „чизмата“: Отворен процес против Рома, Лацио и Салернитана

Италијанската финансиска полиција изврши претрес во просториите на Рома, Лацио и Салернитана, како дел од истрагата за сомневања за нереално високи суми на трансфери на играчи.

Истрагата против Рома се однесува на трансфери помеѓу 2017 и 2021 година, додека истрагата за Лацио и Салернитана се занимава со продажба на играчи меѓу овие два клуба, кои до неодамна имаа ист сопственик – Клаудио Лотито. Тоа мораше да биде променето поради прописите на Серија А според кои еден човек не смее да има два клуба во ист ранг на натпреварување.

Прелиминарната истрага за Лацио и неговиот прв човек Лотито се заснова на сомневања за издавање „фактури за непостоечки трансакции“, според агенциите АГИ и Анса.

Трансферите на играчи и вештачки претставените капитални добивки се во центарот на вниманието во ситуацијата со Јувентус кој веќе беше казнет со одземање на 15 бодови.


Де Лаурентис одбил 2,5 милијарди евра за Наполи

Сопственикот на фудбалскиот клуб Наполи, Аурелио де Лаурентис, во интервју за весникот „Ил Матино“ откри дека минатата година одбил сериозна понуда да го продаде клубот.

Тој изјави дека се работело за понуда во висина од 2,5 милијарди евра, но тоа воопшто не го заинтересирало.

“Не ме интересира ни колку вреди Наполи во моментот, тој е наша семејна играчка и не размислувам да го продадам. Тоа е така и поради фактот што не би знаел што да правам ако не сум во клубот. Дали би требало да купам клуб од Премиер лигата? јас сум Наполитанец и сум среќен тука. не дозволувам никој да ме вознемирува со вакви понуди. Арапски фонд минатата година ми понуди 2,5 милиони евра но ги одбив“.

Наполи е на пат да ја освои својата трета титула во Серија А, прва после 1990.година и ерата на Диего Марадона.