фудбал

Роналдо остана со две можни сценарија

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, има само две можности за продолжување на својата кариера. Едната е да остане во клубот од Олд Трафорд, а другата е да замине во Атлетико Мадрид, пренесува францускиот Л`Екип.

Португалскот напаѓач сака по секоја цена наредната сезона да игра во Лигата на шампионите, но тоа не може да го реализира со Манчестер Јунајтед  кој ќе настапува во Лига Европа.

Менаџерот на Роналдо, Жорж Мендеш проба да најде ангажман за својот клиент во Баерн, Интер и Челзи, меѓутоа овие клубови се откажаа од трансфер.

Весникот пренесува дека поголеми се шансите Роналдо да остане во Манчестер Јунајтед отколку да го напушти клубот. Друга варијанта која се споменува е заминување на Роналдо во Атлетико Мадрид, па за таа цел тој бил подготвен и на намалување на износот на платата која би ја добивал. 

Роналдо има договор со Манчестер Јунјатед до јуни наредната година.


Шмајхел: Ериксен ќе биде новиот лидер на Манчестер Јунајтед

Откако фудбалерот, Кристијан Ериксен, деновиве потпиша за Манчестер Јунајтед, легендата на тимот,  Питер Шмајхел, верува дека Данецот може да има блескави партии на „Олд Трафорд“.

„Кристијан Ериксен ќе добива шанса од самиот почеток на многу натпревари. Ќе мора да се докажува како и сите други. Тој е доволно добар и може да се справи со тоа. Ериксен веројатно ќе стане суперѕвезда во Јунајтед“, порача легендарниот голман.


Лингард го засили Нотингем Форест

Англискиот фудбалер Џеси Лингард е нов играч на Нотингем Форест, соопштуваат од премиерлигашот.

Офанзивниот фудбалер доаѓа во Нотингем после поминати 22 години во Манчестер Јунајтед, играјќи за младите категории и за првата екипа. Тој во дресот на Јунајтед одигра 230 натпревари и постигна 35 гола.

Со Нотингем Форест кој се врати во Премиер лигата после 23 години, Лингард потпиша едногодишен договор. 

Првиот натпревар во Премиер лигата, екипата на Нотингем Форест ќе го одигра на 6.август на гостувањето против Њукасл.


Мојс побара засилувања од управата на Вест Хем

Менаџерот на Вест Хем, Дејвид Мојс, изрази жалење поради недостигот на доволно нови играчи во клубот од почетокот на преодниот рок. Тој призна дека преговорите со другите клубови одат доста тешко и тоа е една од причините за слабото трансфер лето.

„Имавме понуди за голем број играчи и се обидуваме да ги доведеме. Сепак, во моментов се покажува исклучително тешко. Според она што можам да го видам во контролите, мислам дека итно треба да го засилиме составот што го имаме. “, изјави Мојс.

Вест Хем досега беше засилен со Најеф Агер од Рен, но тој се повреди и ќе отсуствува извесно време, а можеби ќе го пропушти почетокот на сезоната.

Другото ново засилување е Флин Даунс од Свонси, а клубот ги откупи и правата на Алфонс Ареола, кој беше позајмен од ПСЖ.

Последните гласини сугерираат дека „Чеканите“ се блиску до потпис на Џеси Лингард како слободен агент.


Мане е најдобар африкански фудбалер

Сенегалскиот напаѓач Садио Мане по втор пат во својата кариера е прогласен за најдобар африкански фудбалер.

Второто место по изборот му припадна на Мохамед Салах, а третото на Едуард Менди.

Новиот фудбалер на Баерн Минхен, Садио Мане, оваа престижна награда за прв пат ја доби пред три години, а овогодинешната награда ја заслужи со одличните игри во дресот на Ливерпул минатата сезона.

Мане со Сенегал ја освои и титулата првак на Африка, која беше прва во историјата на таа земја.


Бруно Фернандеш: Ни недостигаше дисциплина минатата сезона

Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш смета дека во текот на минатата кампања дисциплината во тимот не била на потребното ниво и веројатно тоа е причината за неубедливите игри и резултати на „црвените ѓаволи“. Тимот остана шести во Премиер лигата и нема да учествува во Лигата на шампионите. Летото беше направена тренерска смена со доаѓањето на Ерик тен Хаг, под кого тимот веќе забележа три победи од три натпревари во контроли.

„Дисциплината е важна и мислам дека тоа ни недостигаше одреден период. И дисциплината не треба да значи само како се однесувате на теренот, туку и како се снаоѓате надвор од него – да не доцните на тренинг, да не доцните во ресторанот за храна. Ако некој доцни, треба да биде казнет“, продолжи Фернандеш.


Тен Хаг носи уште еден Холанѓанец на „Олд Трафорд“

Манчестер Јунајтед го следи дефанзивецот на Интер, Дензел Дамфрис како потенцијална замена за Арон Ван-Бисака. Иднината на 24-годишниот Англичанец останува нејасна, а новиот менаџер Ерик тен Хаг не е сигурен дали на него ќе се смета за новата сезона. Тренерот повеќе би сакал во својот тим да го има неговиот поранешен миленик Дензел Дамфрис/

„Манчестер Јунајтед ќе потпише нов десен бек доколку Ван-Бисака замине. Тен Хаг моментално ги проценува неговите квалитети, како и другите играчи за време на претсезоната. Колку што знам Диого Далот останува во плановите на менаџерот, на кого му се допаѓаат неговите квалитети. И покрај гласините, Џонатан Клаус никогаш не бил во плановите на Јунајтед и тој исто така наскоро ќе потпише за Олимпик Марсеј. Дензел Дамфрис е миленик на Хаг, но не се водени разговори со Интер“, откри новинарот Фабрицио Романо.

Дамфрис (26) му се приклучи на Интер пред само една година, импресионирајќи во својата прва сезона на Сан Сиро, забележувајќи 45 настапи, 5 гола и 7 асистенции. „Нероазурите“ сигурно нема лесно да се разделат со него и ќе мора да добијат некаква неодолива понуда за да го дадат на „Олд Трафорд“.


Гвардиола: Зинченко беше пример за сите во клубот

Тренерот на фудбалерите на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, јавно му се заблагодари на Зиченко кој за 32 милиони евра ги напушти „граѓаните“ и кариерата ќе ја продолжи во екипата на Aрсенал.

„Сакам да ја искажам сета моја благодарност до Зинченко за неговото однесување како на теренот така и надвор од него“, вели Гвардиола.

Украинецот кој во текот на летово се пресели кај „топчиите“, може да игра на неколку позиции и ќе биде големо засилување за четата на Артета.


Лацио е можен нов клуб на Марсело

Газета дело Спорт пренесува дека фудбалскиот клуб Лацио започнал преговори со Бразилецот Марсело.

Марсело е слободен играч откако ова лето му заврши договорот со Реал Мадрид каде настапуваше долг период.

Според информациите, понудата на Лацио за ангажман на бразилскиот фудбалер изнесува 2,5 милиони евра годишна плата. Иако за Марсело постојат и понуди од други клубови, големи се шансите својата кариера да ја продолжи во Серија А и Лацио.


Крстајиќ е нов фудбалски селектор на Бугарија

Бугарската фудбалска федерација и официјално го претстави Србинот Младен Крстајиќ како нов селектор на репрезентацијата на Бугарија.

48-годишниот Крстајиќ има искуство како тренер од водењето на клубовите Макаби Тел Авив и ТСЦ, а во периодот од 2017 до 2019 година беше селектор на српската репрезентација.

Неговото деби на селекторската позиција во Бугарија ќе биде на 23.септември против Гибралтар на домашен терен, а веднаш потоа ќе гостува во Скопје против македонската репрезентација.