фудбал

Рамос доби суспензија од три натпревари по црвениот картон во Ремс

ПСЖ во натпреварот од 10. коло во француската Лига 1 ремизираше против Ремс 0-0.

Од 41. минута ПСЖ имаше играч помалку откако исклучен беше Серхио Рамос. Шпанскиот дефанзивец прво заработи жолт картон, а веднаш потоа доби и втор поради протестите кај судијата. Дисциплинската комисија на Фудбалскиот сојуз на Франција му ја одреди казната и Рамос може да биде задоволен што помина со суспензија од три натпревари.

Така нема да го гледаме во дербито против Марсеј за три дена, потоа на гостувањето кај Ајачио и на уште еден домашен дуел против Тројес. Во Лига 1 Рамос би требало да заигра на 6. ноември кога ПСЖ ќе гостува кај Лориент.

Со оглед на тоа дека ќе одмара во првенството Галтие веројатно ќе го користи во натпреварите против Макаби Хаифа и Јувентус на 25. октомври и 2. ноември. Рамос може да биде задоволен со добиената суспензија од три натпревари бидејќи за навреди кон судијата му се закануваше суспензиja од седум натпревари.


Чави: Лигата на шампионите е многу сурова кон нас сезонава

Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, е крајно разочаран по ремито со Интер (3-3) кое може да биде пресудно за елиминација на неговиот тим во Лигата на фудбалските шампиони.

Во групата, Баерн Минхен е сигурен патник во наредната фаза додека на „нероаѕурите“  им треба победа против Викторија Плзен за да одат понатаму. Доколку тоа се случи, шпанскиот тим ќе испадне од елитата. 

„ Сите работи се сурови за нас, од стартот во Минхен, потоа во Милано и сега тука на „Камп Ноу“. Тоа е фудбалот на највисоко ниво, сите грешки се плаќаат“, вели Чави.


Лотито: Цената на Сергеј Милинковиќ – Савиќ изнесува 120 милиони евра

После шпекулациите дека српскиот фудбалер во редовите на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, во јануари ќе го напушти римскиот клуб и ќе потпише за Јувентус, свое видување даде и претседателот на лацијалите Клаудио Лотито.

Лотито за италијанските новинари потврди дека нема договор за трансфер на Србинот во Јувентус или пак во било кој друг клуб. Тој изјавува дека цената на Сергеј расте од месец во месец и дека во моментот тој вреди 120 милиони евра.


Чеферин: Нема причина за исфрлање на Белорисија од квалификациите за ЕУРО 2024

Претседателот на УЕФА Александар Чеферин изјави дека не постои причина Белорусија да биде исфрлена од квалификациите за Европското првенство во 2024. година, како што тоа беше сторено со Русија.

Министерката за внатрешни работи на Германија неодамна испратила писмо до УЕФА со кое бара Белорусија како сојузник на Русија во војната која се води во Украина, да биде исклучена од меѓународните натпреварувања.

„Ова барање за исклучување на Белорусија делува популистички. Во овој момент не гледаме причина за такво нешто. Ако состојбите се променат тогаш сигурно ќе реагираме. Политичарите би требало да го почитуваат нашето право на одлучување“, изјавил Чеферин за Спорт Билд.


Пред 29 години првпат навивавме за македонската фудбалска репрезентација!

Македонската фудбалска репрезентација на 13 октомври 1993 година го имаше дебито, и тоа на пријателски меч со Словенија во Крањ, кога триумфираа со 4-1.
Селекторот Андон Дончевски ги предводеше фудбалерите до убедлив триумф од 4-1, а првиот гол беше дело на Зоран Бошковски – Чоко.
Во листата на стрелци за Македонија се запишаа и Дарко Панчев, Чедомир Јаневски и Драги Канатларовски.


Антонио Рудигер поради повреда го пропушта дербито со Барселона

Шпанските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Реал и германски репрезентативец Антонио Рудигер најверојатно ќе го пропушти Ел класико дуелот со Барселона.

Рудигер се повреди на натпреварот од Лигата на шампионите против Шахтјор кој се одигра во Варшава. Тој постигна гол за изедначување во 95.минута од дуелот, при што доби удар со лакт во главата од противничкиот голман. Германецот после ударот го напушти теренот и беше забележливо обилно крварење.

Според информациите, лекарскиот тим на Реал Мадрид му препорачал на Рудигер неколку дневно мирување поради што би можел да го пропушти „Ел класико“ дуелот со Барселона кој се игра на 16.октомври во Мадрид.


Кејн: Баерн е врвен клуб, но фокусиран сум само на Тотенхем

Хари Кејн е еден од најдобрите светски напаѓачи, а како таков дефинитивно е интересен за Баерн Минхен кој во летниот преоден рок остана без Роберт Левандовски и притоа не донесе соодветна замена за таа позиција.

Медиумите сметаат дека „баварците“ ќе ја искористат шансата ако можат да дојдат до потписот на членот на Тотенхем кој има договор до 30 јуни 2024 година. Секако многу ќе зависи од тоа што „петлите“ ќе направат во оваа кампања, па барем засега Кејн останува фокусиран на Тотенхем иако признава дека бундеслигашот е голем клуб.

„Фокусиран сум на Тотенхем и се обидувам да дадам се од себе за нас. Баерн е врвен, топ клуб – но целата моја концентрација е на Тотенхем и се обидувам да победам утре вечер“, порача Хари кој со колегите ќе се соочи против Ајнтрахт Франкфурт.


Лестер спремен да испрати понуда за Дони ван де Бек

Екипата на Лестер е заинтересирана за фудбалерот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Дони ван де Бек.

25-годишниот Холанѓанец останува во континуитет на клупата а тоа сакаат да го искористат „лисиците“ и да го ангажираат во текот на зимскиот преоден рок. Тренерот,  Брендон Роџерс, не крие дека сака да го ангажира ВанДе Бек и дека е подготвен да им понуди на „црвените ѓаволи“  15 милиони евра. 

Играчот од средниот ред беше купен од Ајакс во 2020 година за големи 40 милиони евра.


Павард ќе добие втора понуда да премине во Челзи

Весникот „Билд“ наведува дека луѓето од Челзи остануваат на идејата да го ангажираат фудбалерот на Баерн Минхен, Бенџамин Павард.

Лондончани се обидоа да дојдат до потписот на  Французинот во текот на летото но, не успеаја да се договорат со колегите од Германија. Договорот на Павар истекува во 2024 година.

26-годишниот дефанзивец беше купен од Штутгарт за 35 милиони евра во 2019 година. Павар во сезонава има 11 настапи и 2 гола.


ПСЖ за Мбапе барал обештетување од 400 милиони евра

Француските медиуми пренесуваат дека наводно челниците на Париз Сен Жермен во летниот преоден рок сакале да го продадат францускиот репрезентативец Килијан Мбапе за 400 милиони евра.

Според пишувањата, адвокати и менаџери на Мбапе за време на летото преговарале со водечките луѓе на ПСЖ. Разделбата била договорена, но францускиот клуб барал обештетување од 400 милиони евра, а во исто време клубот ја одбил можноста играчот да биде продаден во Реал Мадрид. Во еден момент се јавила и можноста Мбапе да ја продолжи кариерата во Ливерпул, меѓутоа Французинот бил советуван од соработниците да остане во редовите на ПСЖ. Мбапе својот договор со клубот од Париз го продолжи до 2025.година.

Француските медиуми тврдат дека Мбапе нема намера да остане во ПСЖ и планира да го напушти клубот во јануари. Тој имал мислење дека е жртва на лажни ветувања и притисоци од клубот.