фудбал

Зеки Челик бара поголема плата за да остане во Рома

Дефанзивецот на Рома, Зеки Челик, може да си замине од италијанскиот состав, најавија дел од медиумите.

Сегашниот договор на Челик предвидува нето плата од 2 милиони евра плус бонуси, но тој и неговите агенти бараат многу поголема сума 4 милиони евра нето по сезона што клубот ја гледа како превисока.

Доколку не се постигне договор, не може да се исклучи можноста играчот да замине како слободен агент на крајот од сезоната.


Следниот Суперкуп на Англија ќе се одигра во Велс

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), на својата веб-страницата објави дека натпреварот од Суперкупот во 2026 година ќе се одржи на 16 август во Кардиф.

Велшкиот стадион има капацитет од над 73.000 гледачи.

Стадионот беше домаќин на Суперкупот од 2001 до 2006 година, по што трофејот се пресели во Лондон на реновираниот стадион „Вембли“, со исклучок на 2012 и 2022 година.

Причина за промена на локацијата годинава се концертите закажани на „Вембли“ на 15 и 16 август. ФА, исто така, забележа дека поради промените во календарот, новата сезона во Премиер лигата ќе започне на 22 август.

Актуелен освојувач на Суперкупот е Кристал Палас, кој го освои трофејот за прв пат по победата над Ливерпул во август 2025 година. Рекордер по бројот на трофеи е Манчестер јунајтед (21).


Осимен успешно опериран, Галатасарај долго без првиот напаѓач

Фудбалерот на Галатасарај, Виктор Осимен е успешно опериран, објави прес-службата на турскиот клуб на социјалните мрежи.

Нигериецот се повреди во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул (0:4) при еден дуел со дефанзивецот на Ливерпул, Ибрахима Конате.

Тој се здоби со скршеница на десната рака. Претходно беше објавено дека по натпреварот, Конате почнал да добива расистички навреди на социјалните мрежи од навивачите на турскиот клуб.

На истиот натпревар се повреди и крилниот напаѓач на Галатасарај, Ноа Ланг. Тој беше успешно опериран откако на бизарен начин го повреди палецот на раката при пад и допир на рекламен билборд.


Капинковски: Големо искуство за оваа талентирана генерација на фудбалери

Репрезентацијата до 19 години оваа недела ќе настапи во првата рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство. Составот предводен од Димитар Капинковски е дел од групата во која покрај Македонија ќе партиципираат селекциите на Фарски Острови, Молдавија и домаќинот Холандија,

„Преку турнирите и тренинг камповите што ги организиравме во текот на изминатиов период имавме доволно време да се подготвиме за она што не очекува. За жал на овој турнир ќе настапиме без Ненад Дамјановски кој паузира поради потешка повреда, а во идентична ситуација се Александар Грашески и Стоилов кои се уште се рехабилитираат. Во моментов на располагање ги имаме најдобрите од оваа генерација и ќе направиме се за да се покажеме најдобро издание. Настапот во овие квалификации е одлична можност преку играње на натпревари со квалитетни противници да го стекнат потребното искуство кои многу ќе им помогне во текот на кариерата“, изјави Капинковски.

Прв противник ни е селекцијата на Фарски Острови, натпреварот се игра на 25 март со почеток во 17 часот. Три дена подоцна се соочуваме со домаќинот Холандија додека на 31 овој месец противник ни е Молдавија.


Реал ќе го обжали црвениот картон на Валверде

Реал Мадрид поднесе жалба против казната на својот играч Федерико Валверде, кој доби црвен картон и беше исклучен при победата од 3:2 против Атлетико Мадрид во Примера.

Во 77-мата минута, Валверде беше отстранет од игра по прекршок над Алекс Баена на средината од теренот.

Весникот „Марка“ објави дека судијата Хосе Монтеро му покажал директен црвен картон бидејќи „прекршокот е санкциониран како силен удар по нозете одзади“, што било наведено и во судискиот извештај.

Според правилникот, ваквата казна значи дека 27-годишниот Уругваец ќе пропушти два натпревара. Во следните две кола од Ла Лига, Кралевите ќе играат против Мајорка и Жирона.

Во Реал Мадрид не се согласуваат со каква било санкција за Валверде и токму поради тоа ќе го обжалат црвениот картон.


Решат Рамадани: Свесни сме за значењето на мечот против Данска

Македонската репрезентација утринава на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ги завршува подготовките во Скопје за првиот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство.

Фудбалерот од средниот ред, Решат Рамадани, истакнува дека тимот е целосно фокусиран на предизвикот што следи.

„Свесни сме за значењето на овој натпревар за нас. Ја знаеме вредноста што ја има овој дуел за Македонија и затоа ќе влеземе на теренот подготвени да го дадеме максимумот. Каков и да биде исходот, тоа е составен дел од спортот, а конечниот резултат ќе биде вистински одраз на прикажаното.“

Рамадани додава дека атмосферата во тимот е на високо ниво:

„Мотивацијата кај фудбалерите е на максимум. Подготвени сме да го дадеме најдоброто од себе во секоја минута, со висока тактичка дисциплина, а резултатот ќе биде показател за нашиот труд и залагање.“


Скандал во чешкиот фудбал, најавени жестоки казни

Чешкиот фудбал се најде во центарот на огромен скандал, откако властите покренаа широка полициска операција насочена кон корупција, измама и сомнително обложување поврзано со натпревари.

Според обвинителот Радим Драхун од Високото јавно обвинителство во Оломоуц, десетици лица се приведени во акција која се спроведува на повеќе локации низ земјата, но и во странство. Полицијата извршила претреси на домови и други објекти, а случајот го водат специјализирани единици за борба против организиран криминал.

Истрагата, според локалните медиуми, траела дури три години и е насочена главно кон регионот Моравија, опфаќајќи натпревари од највисоката лига, но и од пониските рангови и младинските категории. Меѓу осомничените се и познати имиња, градоначалникот на Каравина Јан Волф, како и фудбалерот Самуел Сигут.

Во случајот се вмешани и судии, а според информациите, во акцијата се вклучени и Европол и Интерпол, што дополнително ја потврдува сериозноста на истрагата.

Фудбалската асоцијација на Чешка, веднаш реагираше и свика итен состанок. Претседателот Давид Трунда откри дека дури 47 дисциплински постапки се веќе отворени против играчи, судии, функционери и клубови


Колев: Да играме на највисоко ниво и да сме рамноправни со фаворизираните противници

Репрезентацијата до 17 години е дел од елитните квалификации за пласман на Европското првенство. По одличните настап во претходната фаза, составот предводен од селекторот Влатко Колев го очекуваат нови, големи предизвици.

На турнирот што ќе се одржи во Словенија, нашите надежи ќе се соочат со исклучително тешки противници каде покрај мечот со домаќинот се среќаваме со селекциите на Германија и Франција.

„Самиот пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство, оваа генерација постигна голем успех. И покрај фактот што имаме исклучително тешки противници ќе се обидеме да направиме изненадување и нашата цел е да освоиме што е можно повеќе бодови. На турнирот ќе се соочиме со великаните на европскиот фудбал Германија и Франција, а тука е и домаќинот Словенија. Верувам дека фудбалерите кои ќе настапат на овој турнир ќе одиграат на највисоко ниво и дека ќе бидеме рамноправни во дуелите со фаворизираните противници. Момците се максимално подготвени за следните предизвици и дека претстојните три натпревари ќе бидат уште едно големо искуство за оваа талентирана генерација”, изјави Колев.

Прв противник во квалификациите ни е репрезентацијата на Германија, а натпреварот се игра утре, a почетокот е закажан за 16 часот. На 28-ми во истиот термин се среќаваме со Франција, а на 31. играме со домаќинот Словенија.


Трајков именуван за нов тренер на Еуромилк

Фудбалскиот состав на Еуромилк Горно Лисиче го именуваше за нов тренер, Јован Трајков, кој има работено во Локомотива и Маџари а сега е дел од младинската школа на Вардар.

Лидерот во третата лига- Север, објави, дека спогодбено ја прекинал соработката со досегашниот стратег, Зоран Божиновски и дека во продолжението на шампионатот ќе има нов предводник од клупата.

Скопскиот состав до крајот на сезоната ќе биде главен кандидат да обезбеди место во баражот за пополнување на второлигашката конкуренција.


Крај на шпекулациите: Мбапе потврди дека е 100% подготвен и за Реал и за Франција

Играчот на Франција и Реал Мадрид, Килијан Мбапе

Килијан Мбапе никогаш не бил поддржувач на компромиси, а како што се приближува Светското првенство, капитенот на француската репрезентација реши да стави крај на шпекулациите за неговата физичка подготвеност. По краткиот период на неизвесност поради болки во коленото, суперѕвездата на Реал Мадрид објави свој манифест: неговата подготовка за планетарниот собир ќе се одвива исклучиво преку максимална минутажа на Сантијаго Бернабеу. За Мбапе, интензивниот ритам на натпревари не е товар, туку неопходно гориво.

По неодамнешниот страв од повреда на коленото, што ги вознемири навивачите на Мадрид и на „Триколорите“, Мбапе брзо ги смири тензиите. Во изјава за шпанските весници, напаѓачот потврди дека е во полна сила, притоа заблагодарувајќи се на прецизната дијагноза што ја добил во Париз. „Моето колено е одлично, закрепнат сум 100%“, изјави тој, отфрлајќи ги идеите дека повредата бара претпазливост или поштеда во клупските настапи.

Додека спортската јавност дебатира за пренатрупаниот календар и заморот кај играчите, Мбапе останува имун на овие аргументи. Додека стручњаците советуваат „менаџирање на минутажата“, Французинот на таквите разговори гледа како на непотребно говорење. Неговата логика се потпира на докажани факти: светската титула во 2018 и историскиот хет-трик во финалето во 2022 година беа постигнати затоа што тој не забави на клупско ниво. Тој планира да го повтори истиот „челичен“ пристап и во Мадрид, инсистирајќи дека само преку игра може да ја задржи својата препознатлива форма.

Мбапе не штедеше зборови кога се осврна на предлозите за негова поштеда. Нарекувајќи ја дебатата за одмор „смешна“, тој потенцираше дека неговиот најдобар фудбал произлегува од жарот на натпреварувањето, постигнувањето голови и борбата до последната секунда. Со одлуката да ги одигра сите натпревари за Реал Мадрид, тој не само што ги тестира сопствените граници, туку поставува и нови лидерски стандарди.