фудбал

Галтие ги смири навивачите: Мбапе не е повреден

Тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие, проговори за повредата што ја доби напаѓачот на клубот Килијан Мбапе на натпреварот со Лориент.

„Ништо сериозно. Ја видовме веста за Карим Бензема, но Килијан нема ништо сериозно. Тој игра постојано, а во овој случај е многу подобро да не ризикувате и да барате замена. Се разбира, беше можно да го оставиме на теренот, но во исто време имаше шанса да биде надвор од игра долго време“, изјави Галтие.

Да потсетиме дека натпреварот помеѓу Лориент и ПСЖ заврши со победа на парискиот клуб со резултат 1-2.


Анчелоти повеќе не рачуна на Еден Азар

Шпанскиот спортски весник Марка пренесува дека тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, повеќе не рачуна на белгискиот репрезентативец Еден Азар.

Весникот потсетува дека Азар оваа сезона за кралскиот клуб одигра само 229 минути. Тој од првиот тим беше „исфрлен“ од Родриго, а сега падна во сенка на Асенсио. Големи се шансите Азар да го напушти клубот веќе во јануари.

Еден Азар во Реал Мадрид пристигна од Челзи во 2019 година за 115 милиони евра, а според шпанските медиуми неговата моментална вредност изнесува околу 12 милиони евра. Неговиот договор со Реал истекува во 2024 година.


Гвардиола: Њукасл е конкурент за титулата

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека Њукасл Јунајтед е еден од шесте можни освојувачи на Премиер лигата оваа сезона.

Гвардиола покрај Њукасл, како главни претенденти за титулата ги наведува и Арсенал, Ливерпул, Челзи, Тотенхем и Манчестер Јунајтед.

„Њукасл има одличен тренер и топ играчи. Мислам дека ќе го задржат ова ниво на игра долго време. Имаат снажни играчи на средината од теренот и нивното движење без топка е импресивно. Нивна предност е што не играат европски фудбал што може да биде клучно на крајот од сезоната, бидејќи ќе ја зачуваат својата енергија“, изјавува Гвардиола.

Њукасл од минатата година има нови сопственици кои доведоа нов тренер и бројни квалитетни играчи. Нивен приоритет за оваа сезона е пласман во Лигата на шампионите.


Саутемптон го отпушти тренерот Хазенхитл

Англискиот премиерлигаш Саутемптон поради лошите резултати на тимот, го отпушти тренерот Ралф Хазенхитл.

Стручњакот од Австрија ќе го напушти тренерското место во Саутемптон после скоро четири години поминати на клупата, каде пристигна во 2018.година. 

Хазенхитл заминува од клубот после поразот од Њукасл со 1:4, и ја остава екипата на 18.место од табелата со 12 бода на 14 натпревари.


Барселона против Манчестер Јунајтед во нокаут фазата од Лига Европа

Фудбалерите на Барселона ќе играат против Манчестер Јунајтед во нокаут фазата од Лига Европа, одлучи ждрепката одржана во Нион.

Во останатите дуели силите ќе ги одмерат, Јувентус-Нант, Спортинг-Митјиланд, Шахтјор-Рен, Ајакс-Унион Берлин, Баер Леверкузен-Монако, Севиља-ПСВ, Салцбург-Рома.

Првите натпревари се играат на 16.февруари наредната година, а реваншите се седум дена подоцна.


Ждреб за осминафинале во Лигата на шампиони: Реал повторно против Ливерпул, а ПСЖ игра со Баерн

Ждрепката која се одржа во Нион, Швајцарија, одлучи Ливерпул и Реал Мадрид да се сретнат во осминафиналето од Лигата на шампионите. Овај дуел ќе биде реприза на финалето од минатата сезона кое се оджа во Париз, во кое Реал го победи Ливерпул со 1:0.

Во останатите натпревари ќе се сретнат: Лајпциг-Манчестер Сити, Клуб Бриж-Бенфика, Милан-Тотенхем, Ајнтрахт-Наполи, Борусија Дортмунд-Челзи, Интер-Порто и ПСЖ-Баерн.

Првите дуели ќе бидат одиграни на 14,15, 21 и 22 февруари 2023.година, а реваншите се закажани на 7, 8, 14 и 15 март.


Жиру: Уште се однесувам како мало дете

Напаѓачот на Милан, Оливие Жиру, на интересен начин го прокоментира црвениот картон кој го доби на натпреварот со Специја синоќа. Французинот го постигна победничкиот гол за својата екипа за 2-1 во 89. минута, а потоа лудо го прослави со соблекување на дресот. Ова секако му донесе жолт картон, негов втор на натпреварот.

„Тоа беше добар гол и прекрасно додавање на Сандро. Сакавме да победиме на овој натпревар. Најважно е дека утре ќе имаме уште три бода, но малку сум лут бидејќи ќе бидам казнет“, прокоментира Жиру.

Запрашан дали заборавил дека веќе има жолт картон пред да го соблече дресот, Французинот рече: „Тешко ми е да одговорам на тоа прашање бидејќи во моментов сум лут на себе. Ќе се чувствувам подобро за еден час. Бев бесен на себе. Ја завршив мојата работа, ја ставив топката во мрежата. Тоа е фудбалот, адреналинот и радоста да се обезбеди победа за твојот тим во тежок натпревар… во мојата глава јас сум уште мало дете! Морав да го прославам голот!“, дополни Французинот.


Тужба против Камерун заради мундијалските дресови

Пред стартот на Светското фудбалско првенство во Катар, се зголемува бројот на репрезентации за кои се бара да бидат исфрлени.

Откако прво на удар се најде Еквадор, а потоа Иран и Тунис, на ред дојде и Камерун и тоа поради опремата со која треба да настапи во Катар. Фудбалската федерација на Камерун влезе во конфликт со производителот на спортска опрема поради едностраното раскинување на договорот и поради тоа можно е репрезентацијата да биде дисквалификувана.

Камерун за време на квалификациите за СП во Катар играше во опрема на производителот „Le Coq Sportif“, но пред настапот на Мундијалот во Катар, Федерацијата одлучи да го промени производителот и да потпише договор со компанијата од САД, „One All sport“.

Новиот спонзор веќе дизајнира три гарнитури на дресови за репрезентативците на Камерун, а поранешниот производител одлучи да поднесе тужба.


Чилвел повреден, нема да игра на Мундијалот во Катар

Бен Чилвел поради повреда на бутниот мускул на левата нога ќе мора да паузира дури три месеци и нема да биде во составот на Англија за Светското фудбалско првенство кое од 20 ноември до 18 декември ќе се одржи во Катар.     

Чилвел се повреди во судиското продолжение на дуелот против Динамо Загреб одигран претходно оваа недела во рамки на завршното коло од групната фаза во Лигата на шампиони. Досега Чилвел има 17 настапи за Англија, а лани беше во составот на Гордиот Албион кој дојде до финалето на ЕУРО2020, но не влезе во игра. Англија на претстојниот Мундијал е во групата Б заедно со Иран, САД и Велс.


Ливерпул фаворит за потписот на Белингем

Ливерпул е фаворит за играчот од средниот ред на Борусија Дортмунд, Џуд Белингем, објави „ЕСПН“.

Неколку извори одеднаш тврдат дека „црвените“ водат во трката, пред Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Челзи и Реал Мадрид. Забележано е дека Ливерпул успеа да воспостави добри односи со преставниците и блиските на играчот, а тоа може да биде сериозен фактор.

Претходно беше објавено дека тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, се договорил со управата следното лето да тргне во трка за да го добие 19-годишен фудбалер. Борусија Дортмунд сака најмалку 150 милиони евра за играчот.Белингем оваа сезона одигра 19 натпревари во сите натпреварувања, постигна девет гола и имаше две асистенции.