Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити и Барселона, Јаја Туре се врати во Англија. По тренинзите со екипата на Лејтон Ориент, некогашниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска се наоѓа во Лондон. Искусниот играч за врска сега е со тимот на КПР, но не како играч, туку како тренер. Раководството на клубот, а и тренерот на првиот тим Крис Ремзи, му укажаа доверба на Туре кој во наредниот период ќе го води младинскиот тим на КПР. Туре пред Лондон и КПР, имаше слично искуство и во Блекбурн.
Тренерска смена во Алавес, Кабељо го менува Мачин
Пабло Мачин е ослободен од функцијата тренер на Алавес. Ова беше објавено на официјалната веб-страница на шпанскиот клуб. Хавиер Кабељо, кој му беше асистент на Мачин, ќе ја извршува фунцијата на главен тренер. Пред да започне со работа во Алавес, Пабло замина на работа во Кина, каде стана шеф на Квингдао, кој стигна до елитата. Договорот со 45-годишниот тренер беше потпишан на една година. Оваа сезона беше стота во историјата за шпанскиот тим. Од 2018 до 2019 година, Мачин беше тренер на Севиља. Причината за оставката беа незадоволителните резултати на тимот. Алавес во последните 5 средби има само една победа, еден нерешен резултат и три порази, а се наоѓа на 16-то место со 18 бода.
Нојхаус интересен за Реал Мадрид и Баерн Минхен
Фудбалерот за врска на Борусија Менхенгладбах, Флоријан Нојхаус, може да го напушти тимот на крајот на сезоната. Според „Скај Германија“, 23-годишниот играч се гледа себеси во врвен клуб и сака да го напушти својот сегашен тим во летниот преоден рок. Борусија не би сакала да се раздели со Флоријан, чиј договор важи до 2024 година. Во моментов, клубот е подготвен да го ослободи играчот само за висината на надоместокот пропишан во договорот, што значително ја надминува неговата вредност. За услугите на Нојхаус се заинтересирани Баерн Минхен, против кого тој го постигна победничкиот гол на неодамнешниот натпревар во германското првенство и Реал Мадрид. Нојхаус ја започна својата кариера во Минхен 1860, а во Борусија игра од 2017 година. Оваа сезона, играчот за врска учествуваше на 14 натпревари од германската Бундес лига, постигна 3 гола и 2 асистенции и доби 6 жолти картони.
Мурињо го сака Николас Гонзалез од Штутгарт
Тотенхем е заинтересиран за крилото на Штутгарт, Николас Гонзалез, пренесуваат медумите од Англија. 22-годишниот талент беше клучна фигура во битката за пласманот на Штутгарт во Бундеслигата со 9 погодоци на своето конто во минатата сезона, а од почетокот на оваа продолжува со силни настапи, веќе има 5 гола на 10 натпревари во Бундеслигата. Ова не помина незабележано од Жозе Мурињо, кој е подготвен да го земе Аргентинецот во својот состав. Се тврди дека дури и првичните разговори веќе започнале со претставници на фудбалерот. Сепак, поверојатно е дека тој ќе биде привлечен од Тотенхем по завршувањето на сезоната, а не сега. Сепак, Тотенхем мора да има една работа на ум, бидејќи постои интерес за Гонзалез од други екипи. Пред извесно време, Аргентинецот се поврзуваше со Лидс Јунајтед, а последните информации се дека е во плановите на Јувентус.
Ливерпул пријави големи загуби од пандемијата од ковид-19
Ливерпул се очекува да објави сериозни финансиски загуби за изминатата 2020 година. Се проценува дека Ливерпул загубил 46,55 милиони евра поради пандемијата на коронавирусот и неговите последици. „Црвените“ ќе го објават својот финансиски извештај во наредните месеци, но сметководствената и консултантска агенција КПМГ веќе пресмета дека клубот претрпел сериозно финансиска штета во последните 12 месеци. Компанијата ги разгледа финансиите на шампионите на најдобрите шест лиги во Европа, а пресметките покажа дека оперативниот профит на Ливерпул падна за 47,6 милиони евра – пад од 8 проценти во однос на претходниот период, вкупно 507 милиони евра. Со оглед на тоа дека Ливерпул сè уште не ги објавил своите финансиски извештаи, КПМГ ги направи своите пресметки според податоците што им ги дадоа сопствениците на Ливерпул. Откриле дека „црвените“ оствариле оперативен приход од 82,5 милиони евра од продажба на билети, 231,9 милиони евра од телевизиски права и 242,6 милиони евра од рекламирање и други предмети. Оперативните приходи се пресметуваат врз основа на приходите во клубот, минус дневните трошоци и пред оданочување.
Витсел успешно опериран по пукнатата Ахилова тетива
Аксел Витсел беше опериран по пукнатата Ахилова тетива. Фудбалерот објави фотографија од болницата на својот Инстаграм. „Ви благодарам на сите за поддршката! Денес ми беше извршена успешна операција. Сега ќе работам напорно на закрепнување, чекор по чекор. Имам за цел да се вратам посилен. Со поддршка на пријателите и семејството, ќе се вратам“, напиша Витсел. Фудбалерот се повреди на мечот од 15. коло на германската Бундес лига со РБ Лајпциг (3-1). Претходно, неговиот татко призна дека само чудо ќе му помогне на Аксел да се настапи на Европското првенство. Репрезентацијата на Белгија во групната фаза на Европското првенство ќе игра во група со селекциите на Русија, Данска и Финска.
Михајловиќ објасни зошто ја одби српската репрезентација
Некогашниот фудбалер и сегашен тренер на Болоња, Синиша Михајловиќ потврди дека разговараше со раководството на Фудбалскиот сојуз на Србија околу можноста да го преземе националниот тим. Михајловиќ потврди дека беше прв во низата кандидате за местото на селектор со кои раководството разговараше. „Точно е дека раководството на ФСС ме контактираше во декември, како и дека бев првиот тренер со кого разговараа за преземање на селекторската функција.“ – изјави Михајловиќ. Потоа, тој објасни дека кочница за одбивањето на оваа позиција е неговата неподготвеност истовремено да работи на две места. „Би ми било драго да се вратам, би сакал повторно да соработувам со сјајни играчи какви што имаме во Србија, меѓутоа не сум подготвен истовремено да работам на две места. Им реков дека би било несериозно од мене да седам на две столчиња и затоа се заблагодарив на понудата.“ – заклучи Михајловиќ.
Покетино има „луд“ план – нема место за Мбапе!
Париз Сен Жермен ќе доживее големи промени со доаѓањето на Маурисио Покетино. Аргентинецот сака да ја форсира формацијата 4-3-3, неговиот сон е да го доведе Лео Меси, но тоа не е се, па сака да го има во тандем со Серхио Агуеро! Идејата за спојување на овие двајца не е тајна, но сега пристигна и шокантен расплет на целата ситуација. По пандемијата ниту ПСЖ не остана без голема загуба, наводно парижаните се во минус од околу 100 милиони евра за 2020. година, а за тековната планираат зголемување на трошоците. Меси и Агуеро се слободни од 30. јуни, а нивниот доаѓање ќе значи огромни примања. ПСЖ не е во ситуација да има четворица фудбалери со големи плати, заедно со Нејмар, Мбапе, Меси и Агуерно, па шпанските медиуми откриваат дека ваквиот расплет би значел и заминување на Мбапе од ПСЖ! Мбапе и понатаму одолговлекува со потпишувањето на новиот договор, се уште не се изјаснил, иако Леонардо ја испрати понудата до неговиот агент. Тој на лето влегува во последната година од договорот, а ПСЖ ќе биде приморан да го продаде, како не би го загубил како слободен играч наредната година. Мадридските медиуми уверуваат дека сето ова ја отвора вратата за Мбапе во Реал Мадрид, што за него е сон уште од детството. Сепак, Реал е исто така во незавидна финансиска состојба, така што ќе биде интересно да се следи расплетот наредното лето.
Барселона за Ел Класико подготви специјални дресови
На социјалните мрежи се појави фотографија од дресот со кој Барселона на 11. април ќе го одигра натпреварот против својот најголем ривал, Реал Мадрид. „El Clasico Special Edition“ е наречен дресот кој за прв пат ги комбинира традиционалните бои на Барселона и каталонското знаме. „Да играме такви какви што сме.“ – стои во пораката со која Барселона сака со овој дрес да ја нагласи припадноста на клубот и вредностите кои истиот ги претставува. „Ова е спој на гордоста на Барселона и нејзините корени.“ – порачуваат од каталонскиот гигант. Амбасадор на кампањата за овој дрес ќе биде легендарниот капитен на Барса, Карлес Пујол, а дресот во продажба ќе се најде до крајот на месецот.
❗FC Barcelona will wear a 5th kit in the upcoming El Clasico.#FCB#ElClasico 👕
Во текот на последното тестирање на фудбалери и членовите на стручните штабови на екипите во Премиерлигата се потврдени нови 36 случаи на коронавирус , соопштија од лигата. Во последната недела се спроведени 2.593 тестови, помеѓу 4. и 7. јануари се пронајдени 27 позитивни, а уште девет на тестирањата помеѓу 8. и 10. јануари. Играчите и членовите на екипите на сите 20 клубови се тестирани по два пати во текот на неделата. Сите кои беа позитивни мораат во изолација од десет дена, а на претходното тестирање беа пронајдени 40 случаи на вирусот. Поради КОВИД-19 беше одложен натпреварот помеѓу Астон Вила и Тотенхем, бидејќи клубот од Бирмингем има голем број на заразени. По тоа одложување, одлучено е во среда да се игра претходно одложениот натпревар помеѓу Тотенхем и Фулам.