фудбал

Почетино џентлменски и со желби за победи и успеси го напушти ПСЖ

Аргентинскиот стручњак Маурисио Почетино и официјално се прости од ПСЖ. ПСЖ вчера официјално ја објави разделбата со тренерот.

„Сакам да им посакам на сите во ПСЖ најдоброто во иднината: сопствениците, управата, играчите, целиот персонал и поддржувачите.

Насер, сакам да ви кажам благодарам што ми дадовте можност повторно да бидам дел од семејството на ПСЖ.

Уживавме во неверојатни моменти и големи победи заедно и нашиот стручен штаб, како и секогаш, ќе учиме од искуството за да продолжиме да се развиваме. Горди сме што станавме шампиони на Франција во клуб кој ми значеше толку многу на мене и на моето семејство кога бев тука како играч и капитен, а сега и како тренер“, напиша Почетино на социјалните мрежи.


Познати деталите: Погба потпишува четиригодишен договор со Јуве

Пол Погба ќе потпише договор на 4 сезони со Јувентус. 

Се очекува играчот да пристигне во Торино на 9 јули и да ги помине медицинските прегледи пред да го потпише договорот.

Погба е добро познат во Јувентус. Тој играше за „бјанконерите“ помеѓу 2012 и 2016 година и забележа 177 настапи. Играчот од средниот ред ќе добива 8 милиони евра по сезона плус уште два милиони во вид на бонуси, тврди новинарот Николо Шира.

Според Фабрицио Романо, единствената желба на играчот била да се врати во Јувентус и поради оваа причина практично немало сериозни преговори со други потенцијални кандидати. Инаку, се зборуваше дека за привлекување на Погба биле заинтересирани Пари Сен Жермен, Реал Мадрид и Манчестер Сити.


Тудор претставен во Марсеј, ќе му помага Мауро Каморанези

Игор Тудор ќе биде нов тренер на Олимпик Марсеј. Хрватскиот стратег потпиша двегодишен договор откако минатата сезона ја водеше Верона во италијанското првенство.

„Сите знаеме колку е ова голем клуб. Разговарав со пријателот Ален Боксиќ кој играше тука и ми кажа само убави работи. Го познавам тимот и пресреќен сум што ќе станам тренер на овој клуб“, изјави 44-годишниот хрватски тренер.

„Секој тренер е поинаков. Јас сакам напаѓачки, интезивен фудбал, но не ја заборавам одбраната. Мојата цел е публиката на стадионот да не биде разочарана“, изјави Тудор на претставувањето.


Дивок Ориги и официјално е нов играч на Милан

Белгискиот напаѓач Дивок Ориги и официјално е нов фудбалер на Милан, соопштуваат од шампионот на Италија.

Доскорешниот член на Ливерпул на Сан Сиро пристигна како слободен играч и потпиша договор до 2026 година.

27-годишниот Ориги претходните осум години беше член на Ливерпул, но беше и на две позајмици во Лил и Волфсбург.

За репрезентацијата на Белгија, Ориги има одиграно 32 натпревари и постигнати три гола.


Реал Мадрид позајми два напаѓачи во Серија А

Двајца фудбалери на Реал Мадрид, Лука Јовиќ и Марио Гила, кариерата ќе ја продолжат во Серија А.

„Кралевите“ ќе ги потпишат документите за трансфер на двајцата оваа недела. Јовиќ ќе се пресели во Фиорентина со постојан договор, со 50% од сопственоста во случај на нов трансфер.

Марио Гила ќе добие со траен договор ќе му се приклучи на Лацио од каде Реал ќе има добивка од околу шест милиони евра.


Мутињо го продолжи договорот со Вулверхемптон

Фудбалерот од средниот ред на Вулверхемптон, Жоао Мутињо, потпиша нов договор со англискиот состав.

Португалскиот интернационалец со тоа стави крај на шпекулациите дека сака да си замине. 35-годишниот ветеран  беше купен од Монако во 2018 година што значи дека сега ќе ја реализира и петата сезона во Премиер-лигата.

Мутињо в среда ќе му се приклучи на тимот кој треба да ги реализира летните подготовки.


Португалецот Нуно Еспирито Санто го презеде Ал-Итихад од Саудиаска Арабија

Нуно Еспирито Санто кој долго време работеше и во Премиер лигата реши да ја прифати понудата од Саудиска Арабија.

Тој ќе биде нов тренер на клубот Ал-Итихад кој ќе го предводи во новата сезона. Веста беше потврдена на официјалните профили на клубот на социјалните мрежи. Португалецот без работа беше откако доби отказ на почетокот на ноември минатата година.

Во минатата сезона Ал-Итихад заврши на второто место во саудиската Премиер лигата, а со доаѓањето на Санто амбициите се секако шампионска титула.


Родриго, Милитао и Винициус остануваат во Реал до 2028 година

Познатиот фудбалски новинар Фабрицио Романо објави дека бразилските фудбалери Родриго, Едер Милитао и Винициус Жуниор ќе ги продолжат договорите со Реал Мадрид до 2028 година.

Тројцата фудбалери во своите нови договори ќе имаат откупна клаузула од милијарда евра. Челниците на Реал одлучија на овај начин да ги наградат бразилските фудбалери за нивните одлични игри во минатата сезона.

Винициус требаше да го продолжи договорот до 2026 година, но претседателот на Реал Флорентино Перез инсистирал тој да остане во Мадрид до јуни 2028 година, бидејќи го смета за еден од најдобрите фудбалери во тимот.


Англија ги враќа трибините за стоење на фудбалските стадиони

Фудбалските клубови од англиската Премиер лига и Чемпионшип во претстојната сезона ќе можат да поставуваат трибини за стоење на своите стадиони, известуваат од надлежните институции во Велика Британија.

За време на минатата сезона Челзи, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед и Тотенхем беа дел од пилот проект за постепено воведување на трибини и места за стоење на навивачите.

Овај проект се покажа како успешен и британската влада донесе одлука со која им се дозволува на клубовите во Премиер лигата и Чемпионшипот да достават барање за стално користење на места за стоење.

Ваквите трибини во Англија беа забранети од 1994 година, после пресудата од трагедијата на Хилзбороу во 1989 година кога 97 навивачи на Ливерпул ги загубија животите во стампедо пред полуфиналето од ФА купот со Нотингем Форест.


Аканџи од Борусија Дортмунд е замената за Шкрињар во Интер

Челниците на фудбалскиот состав Интер  не се откажуваат од идејата да го купат Мануел Обафеми Аканџи од екипата на  Борусија Дортмунд, тврдат денеска медиумите во Германија.

Се шпекулира дека швајцарскиот репрезентативец ќе биде замена за Милан Шкрињар кој е многу блиску до преселба во Пари Сен Жермен. Италијанскиот состав планира да плати 30 милиони евра за дефанзивецот иако „милионерите“ бараат најмалку 50 милиони.

Аканџи пред да потпише за Борусија Дортмунд беше еден од најдобрите играчи на Базел.