фудбал

ПСЖ подготвен да слушне понуди за Меси

Некои од Француските медиуми ја пренесуваат веста дека раководството на Париз Сен Жермен е подготвено да слушне понуди за Меси во текот на претстојниот летен преоден рок.

Според информациите ,ПСЖ ќе се насочи кон обновувањето на договорот со Килијан Мбапе. Парижаните ќе мора да смислат нов договор кој ќе го запре неговото заминување во Реал Мадрид за кој се шпекулира дека веќе има преддоговор со француската ѕвезда.

ПСЖ ја смета продажбата на Меси и на Нејмар ова лето како важен дел од нивните напори за обновување на договорот со Мбапе, бидејќи Аргентинецот и Бразилецот  трошат голем дел од буџетот за плати во клубот.


Александар Арнолд се бори со времето да заигра на дербито на „Итихад“

Фудбалерот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд, можеби ќе се опорави за дербито со Манчестер Сити на стадионот „Итихад“.

Јирген Клоп пред десетина дена откри дека англискиот репрезентативец се здобил со повреда на тетивата и ќе биде надвор од терените неколку недели. Александер-Арнолд поради повредата го пропушти кампот на „трите лава“.

Тој сигурно нема да му биде на располагање на Клоп за саботниот натпревар против Ватфорд, како и за гостувањето кај Бенфика во четвртфиналето од Лигата на шампионите.


Арсенал подготвува нов договор за Букајо Сака

Специјалистот за фудбалски трансфери, Фабрицио Романо, открива дека Арсенал веќе работи на нов договор за крилниот напаѓач Букајо Сака.

20-годишниот англиски репрезентативец продолжува со својот успешен фудбалски развој под раководство на тренерот Микел Артета и станува се поважен играч за популарните Топџии. Поради ова,клубот сака да оствари долгорочна соработка со фудбалерот и да го задржи во своите редови.

Актуелниот договор на Сака е до летото 2024 година. Оваа сезона игра во одлична форма, има 9 гола и 5 асистенции на 28 натпревари во Премиер лигата. Интерес за него покажуваат и конкурентите Манчестер Сити и Ливерпул, но се чини дека сепак предност за обновување на договорот ќе има неговиот сегашен клуб, Арсенал.


Руни: Имам голема желба да бидам тренер на Манчестер Јунајтед

Легендата на Манчестер Јунајтед Вејн Руни изјави дека единствената причина поради која започнал со тренерската професија е тоа што еден ден сака да го води тимот од „Олд Трафорд“.

„Единствената причина зошто станав тренер беше Манчестер Јунајтед. Добив понуда за интервју за работа во Евертон, но ја одбив бидејќи сакам да го водам Манчестер Јунајтед. Знам дека сега не сум подготвен, но имам план и ќе дадам се од себе еден ден тоа да се случи“, изјави Руни.

Поранешниот напаѓач на „црвените ѓаволи“, за 13 години поминати во клубот, освои 5 титули во Премиер лигата, еден ФА Куп и една титула во Лигата на шампионите. Тој е најдобар стрелец во историјата на Јунајтед со постигнати 253 гола, а во моментот е тренер на Дерби Каунти во Чемпионшип.


Пакета е прва цел на Артета ако Арсенал се квалификува во ЛШ

Приоритет на Арсенал во летниот преоден рок ќе биде квалитетно засилување во средниот ред.

Најголема желба на „топџиите“ е бразилскиот репрезентативец и член на Лион, Лукас Пакета, за кого силен интерес покажува и ПСЖ.

24-годишниот плејмејкер игра фантастично во дресот на Лион и до сега сезонава постигна 8 гола и запиша 5 асистенции. Артета верува дека Бразилецот идеално би се вклопил во неговиот стил на игра, но ќе треба да ја победат конкуренцијата од ПСЖ.

Лион за неговата слобода бара 60 милиони евра, бидејќи 20% од правата на играчот се уште ги има Милан.


Трент Александер–Арнолд е голем фан на Барселона

Играчот на Ливерпул, Трент Александер-Арнолд, во интервју за англиските медиуми откри дека уште од дете е голем фан на Барселона. 

Се разбира, негова прва љубов останува клубот од „Енфилд“, каде тој и ја започна својата фудбалска кариера и досега има забележано преку 200 настапи во црвениот дрес. Сепак, Трент потенцира дека покрај Ливерпул огромен респект има и за Барса.

„Би рекол дека мојот втор омилен клуб е Барселона. Мислам дека Барса ги споделува истите вредности како Ливерпул. Тие сакаат да создаваат свои играчи во нивната академија. Пораснав гледајќи го тој фантастичен тим со Лионел Меси, Андрес Иниеста, Чави Ернандез,Тиери Анри и Самуел Ето“, открива Александер-Арнолд.


Нандо де Коло поради повреда ќе паузира од настапите за Фенербахче

Кошаркарскиот клуб Фенербахче, преку официјално соопштение истакна дека играчот Нандо де Коло, заработи повреда поради која најмалку три недели ќе биде надвор од теренот.

Повредата на играчот од Франција, е голем удар за тренерот на екипата Александар Џорџевиќ, пред продолжението на сезоната, бидејќи тимот од Истанбул во наредниов период го очекуваат многу важни натпревари како во домашниот шампионат, така и во Евролигата.

35-годишниот Французин, оваа сезона во Евролигата, бележи учинок од 11,9 поени и 3,8 асистенции.


Манчини останува селектор на Италија

Роберто Манчини потврди дека останува селектор на фудбалската репрезентација на Италија до Европското првенство во 2024 година.

„Последниве денови разговарав со претседателот на фудбалската федерација Габриеле Гравина и увидов дека споделуваме исти идеи. Ќе разговараме повторно во наредните денови. Иако доживеавме пораз во баражот со Македонија, убеден сум дека тимот што го имаме во моментов располага со одлични играчи и поседува топ квалитет. Сега мора да гледаме кон Европското првенство. Во иднина ќе вклучиме и помлади фудбалери кои би стекнале искуство во своите клубови“, коментира Роберто Манчини.


Дракслер најави заминување од ПСЖ

Јулијан Дракслер е на излезна врата од ПСЖ, а последните информации се дека Германецот може да се врати во Бундеслигата.

Германските медиуми пренесуваат дека Борусија Дортмунд е силно заинтересирана за потписот на Јулијан Дракслер. 28-годишниот играч има договор со Пари Сент Жермен до 2024 година, но не добива голема минутажа и не е задоволен од својот статус.

„Ситуацијата во клубот не е лесна, ми недостасува ритам. Среќен сум што одиграв 90 минути за репрезентацијата“, изјави Дракслер.

Германецот сака да се пресели во клуб каде ќе има поголема минутажа за да може да влезе во ростерот за Светско првенство.


Јунајтед го обнови интересот за Хари Кејн

Хари Кејн може да се пресели во друг клуб од Островот, објавија медиумите во Англија.

Според истите, напаѓачот може да ја продолжи кариерата во Манчестер Јунајтед. Раководството на Манчестер Јунајтед е подготвено на лето да започне преговори со претставниците на Англичанецот. Претходно беше објавено дека газдите на „црвените ѓаволи“ ја разгледуваат опцијата за купување на напаѓач.

Хари Кејн е дел од Тотенхем уште од почетокот на кариерата, а за првиот тим дебитираше во 2011 година, а неколку пати одеше и на позајмица. Кејн оваа сезона има 28 настапи во Премиер лигата, постигна 12 гола и имаше пет асистенции. По 29 одиграни кола, Тотенхем се наоѓа на петтото место во Премиер лигата со 51 бод.