фудбал

Каспер Шмајхел е нов голман на Ница

Данскиот голман Каспер Шмајхел е нов член на фудбалскиот клуб Ница, соопштуваат од францускиот клуб.

Шмајхел претходните 11 години настапуваше за екипата на премиерлигашот Лестер, а во кариерата меѓу другите бранеше за Манчестер Сити и Лидс.

Со екипата на Лестер во сезоната 2015/16 ја освои Премиер лигата, а за тој клуб имаше преку 500 настапи.


Алекс Телеш се сели од Манчестер Јунајтед во Севиља

Севиља и Манчестер Јунајтед постигнаа договор за трансфер на Алекс Телеш во шпанскиот клуб на позајмица за една сезона, објави новинарот Фабрицио Романо.

До неодамна не беше јасно дали во договорот ќе има откупна клаузула, а според информациите – нема.

Ова значи дека, доколку не се промени нешто меѓувреме, 29-годишниот Бразилец ќе ја помине сезоната 2022/23 во Севиља, а потоа ќе се врати на „Олд Трафорд“.

Манчестер Јунајтед пред две години го зеде од Порто за 15 милиони евра.


Навредите кон Лацио го чинеа Заниоло парична казна

Фудбалерот од средниот ред на Рома, Николо Заниоло е казнет поради навреди кон Лацио.

За време на славеничката парада во чест на освојувањето на Конференциската лига, фудбалерот со мегафон во рака од покривот на автобусот скандираше навреди кон градските ривали на „волците“.

Адвокатите на Рома не ги оспорија обвиненијата, туку се договорија. Така Заниоло и клубот ќе платат казна од по 4.000 евра. Парите ќе одат во хуманитарни цели.

Рома го победи Феенорд со 1-0 во финалето на Конференциската лига во мај. Стрелец на единствениот гол беше токму Заниоло.


Ериксен: Јунајтед ме сакаше и порано, разговарав со секој нивни менаџер по Фергусон

Данскиот играч од средниот ред, Кристијан Ериксен разговарал со „секој“ менаџер на Манчестер Јунајтед од Алекс Фергусон и за време на неговиот престој во Тотенхем, пред конечно да слета на „Олд Трафорд“ на слободен трансфер од Брентфорд ова лето.

Тој помина речиси седум години во „Спарс“ и забележа повеќе од 300 настапи за тимот, а во тој период Јунајтед беше раководен од Дејвид Мојс, Луис ван Гал, Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјаер.

Ериксен, кој го напушти Интер во 2020 година, минатата недела изјави дека визијата на Ерик Тен Хег го убедила да се приклучи на гигантот од Манчестер.

„Разговарав со секој менаџер на Јунајтед додека бев дел од Тотенхем. Но во тоа време не можев да се замислам себеси во друг англиски клуб. Едноставно не мислев дека е време за таква промена. Бев во Тотенхем толку долго време, а сакав да играм и во странство. Мојот престој во Интер беше навистина многу пријатен“, рече тој.

Ериксен додаде дека е подготвен да игра на која било позиција што ја сака Тен Хег и дека не би имал ништо против да биде на теренот покрај Бруно Фернандеш.


Погба нема да го оперира повреденото колено

Италијанскиот клуб Јувентус соопштува дека Пол Погба нема да го оперира повреденото колено.

Францускиот играч кој ова лето пристигна во Торино после шестгодишен престој во Манчестер Јунајтед одлучи да не ја санира повредата на коленото по хируршки пат, за да не го загрози своето учество на Мундијалот во Катар.

Пол Погба се здоби со повреда за време на тренинг во предсезонските подготовки во Лос Анџелес, после што се чинеше дека ќе биде потребна операција, но после консултациите со лекари од Лион беше одлучено тој да биде подложен на конзервативна терапија во траење од пет недели.


Њукасл испрати нова понуда за Медисон

Англиските медиуми објавуваат дека фудбалскиот клуб Њукасл испрати втора понуда до Лестер за играчот Џејмс Медисон вредна околу 50 милиони фунти.

Претходно челниците на Лестер ја одбија првата понуда за 25 годишниот фудбалер од средината на теренот.

Медисон дресот на Лестер го носи од 2018 година, а според информациите тој би можел да добие дозвола за напуштање на клубот ако пристигне понуда од 60 милиони фунти.

Џејмс Медисон минатата сезона одигра 53 натпревари за Лестер и постигна 18 гола и запиша 12 асистенции.


Милан плати преку 30 милиони и го доведе Белгиецот Де Каталер

Италијанскиот првак Милан го објави потпишувањето на договориот со новото летно засилување, Чарл Де Кетелар од белгиски Бриж.

Играчот потпиша договор до 30 јуни 2027 година и во новата сезона ќе настапува со дресот со број 90.

Де Кателер е младинец на Бриж и своето деби за клубот го имаше во 2019 година. Оттогаш одигра 120 настапи и постигна 25 гола за еден од најголемите белгиски клубови, освојувајќи ја белгиската лига три пати, а двапати го освои и  Суперкупот.


Диого Жота ја продолжи соработката со Ливерпул

Вицешампионот на Англија и Европа фудбалскиот клуб Ливерпул, соопшти дека го продолжи договорот со португалскиот напаѓач Диого Жота до 2027 година.

Претходниот договор на 26 годишниот Жота со клубот од Енфилд беше со важност до 2025 година. Португалецот после објавата за продолжувањето порача дека е горд што и во иднина останува во Ливерпул.

„Одлуката беше едноставна за мене. Ова е еден од најголемите клубови на светот. Минатата година беше добра и за мене и за тимот. Тоа е доказ дека добро работевме и се надевам дека така ќе продолжиме“, вели Жота.


Сити и Фоден договорија долгорочна соработка

Манчестер Сити постигна договор со играчот од средниот ред Фил Фоден за нов договор, објави новинарот Мајк Киган.

Новиот договор на англискиот интернационалец ќе биде долгорочен, но се уште не е јасно за кој точен временски период ќе се работи.

„Ова се одлични вести за клубот во пресрет на новата сезона“, напиша Киган на својот официјален профил на Твитер.


Шпанецот Корберан нов тренер на Олимпијакос

Грчкиот прволигаш Олимпијакос објави денеска дека Шпанецот Карлос Корберан е нов тренер на местото на Португалецот Педро Мартинс.   

Корберан изминатите две сезони беше тренер на англискиот второлигаш Хадерсфилд, а претходно му беше помошник на Аргентинецот Марсело Биелса во Лидс. По освојувањето три шампионски титули и еден трофеј во грчкиот Куп, Мартинс неодамна го продолжи договорот со Олимпијакос на две години. Но, беше сменет по минатонеделниот понижувачки пораз од 0-4 од Макаби Хаифа во квалификациите во Лигата на шампиони. 

Олимпијакос е рекордер во Грција со освоени 48 шампионски и 28 куп титули.