фудбал

Милан ги задржува Диаз и Месијас

Фудбалскиот гигант Милан после 11 години повторно стана шампион на Серија А, па сега желба на раководството е да обезбеди појачувања за наредната сезона. Планот е освен доведување на нови имиња, да се задржат играчите кои што имаа одлична шампионска сезона.

Милан веќе го обезбеди доаѓањето на Дивок Ориги, а пред трансфер е и Ренато Санчез. Имаше шпекулации дека фудбалерите Брахим Диаз и Жуниор Месијас кои настапуваат на Сан Сиро како позајмени играчи ќе бидат вратени во своите клубови, но спортскиот директор Малдини одлучи дека двајцата играчи ќе останат во тимот и наредната сезона.

Договорот на Месијас ќе биде откупен од Кротоне за сума од 5,4 милиони евра, додека Диаз ќе  одработи уште една година од позајмицата на Реал, а на крајот од сезоната ќе се одлучи дали Милан ќе го плати откупот од 22 милони евра на клубот од Мадрид.


Марсело Биелса е блиску до враќање во Билбао

Медиумите во Шпанија и Англија пренесуваат дека искусниот аргентински тренер Марсело Биелса е блиску до враќање во Атлетико Билбао.

Познатиот тренер го предводеше тимот од Билбао од 2011 до 2013 година, и беше еден од најзаслужните за едни од најдобрите сезони во историјата на клубот.

Атлетико Билбао со Биелса на клупата во 2012 година стигна до финалето на Лига Европа каде беше поразен од Атлетико Мадрид, а изгуби и од Барселона во финалето од Купот на кралот.

Марсело Биелса е без ангажман од февруари кога доби отказ во Лидс Јунајтед после серијата на лоши резултати.


Барселона испраќа нова понуда за Левандовски

Германскиот весник Билд ја пренесува веста дека Барселона планира нова повисока понуда до Баерн Минхен за напаѓачот Роберт Левандовски.

Новата понуда за полскиот напаѓач би можела да се очекува до крајот на викендов. Првата понуда која Барселона ја испрати до клубот од Минхен изнесуваше 32 милиони евра, но челниците на Баварците истата ја одбија. 

Иако во Баерн Минхен немаше расположение за да дозволат заминување на Левандовски од клубот, изгледа дека сега за вистинската сума трансферот ќе биде реализиран.


Манчестер Јунајтед започна преговори со Кристијан Ериксен

Англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед започна преговори со данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен за негов трансфер на „Олд Трафорд“.

Официјалниот договор на Ериксен и екипата на Брентфорд истекува на 30 јуни, и доколку се одлучи за премин во Јунајтед, тој би пристигнал како слободен играч.

„Имам различни понуди и опции кои ги разгледувам, и потоа ќе донесам конечна одлука. Би сакал повторно да настапувам во Лигата на шампиони, знам колку е возбудливо тоа натпреварување, но истото не е пресудно за мојот избор“, изјавува Ериксен.


Конте го сака Џед Спенс во Тотенхем

Тренерот на фудбалерите на Тотенхем, Антонио Конте, сака да го ангажира младинскиот репрезентативец на Англија, Џед Спенс.

Десниот бек беше меѓу најдобрите играчи на Нотингем Форест кој успеа да ја оствари долгогодишната цел и да се врати во Премиер лигата.

Спенс кој има 21 година е во сопственост на Мидлсброу и настапуваше како позајмен. Се претпоставува дека „спарси“ на инсистирање на Конте ќе испратат понуда за него.


Реал спремни нов подобрен договор за Винициус

Винициус Јуниор после фантастичната сезона става потпис на нов договор со Реал Мадрид, пренесуваат шпанските медиуми.

Тој има договор со Реал до јуни 2024 година, но клубот сака да го награди за добрите партии и да му понуди подобар договор.

Бразилецот ќе се обврзе на верност до „кралевите“ до 2026 година, а во новиот договор на ќе има откупна клаузула од 1 милијарда евра. Шпанските медиуми пренесуваат дека Винициус во моментов заработува 3,2 милиони евра, а со новиот договор ќе добие тројно поголема плата.


Сити ќе инкасира 200 милиони евра од продажби ова лето

Манчестер Сити планира да собере околу 200 милиони фунти од продажбата на своите играчи.

Пеп Гвардиола сака да направи промени и да го освежи својот тим во потрага по повеќе успеси во следните неколку сезони, иако освои четири титули со Граѓаните во последните пет сезони. Како потенцијални играчи кои ќе бидат продадени се споменуваат имињата на Рахим Стирлинг, Габриел Жесус, Александар Зинченко, Нејтан Аке и Илкај Гундоган. Сите овие играчи имаа повеќе или помалку периферна улога во последната сезона, а некои од нив уште имаат и кратки рокови од нивните договори.

Манчестер Сити веќе го привлече Ерлинг Халанд од Борусија Дортмунд, а следна голема трансфер цел во наредните денови се очекува да биде Калвин Филипс од Лидс.


Кејн: Доаѓањето на Халанд и Нуњез е добра работа за Премиер лигата

Англискиот репрезентативец и голгетер на Тотенхем, Хари Кејн, е на мислење дека доаѓањето на Ерлинг Халанд и Дарвин Нуњез е добра работа за Премиер лигата.

Првите два големи трансфери во Премиер лигата ги реализираа двата најдобро пласирани клубови од минатата сезона. Халанд од Дортмунд прејде во Манчестер Сити, додека Ливерпул се засили со Нуњез од Бенфика.

За Хари Кејн доаѓањето на одлични нови напаѓачи е здрава конкуренција која му помага да напредува во играта.

„Ми помага како на играч да имам добра конкуренција. Тоа ме тера да напредувам и да бидам се подобар. Јас се фокусирам на себе си, и пред почетокот на секоја сезона си поставувам свои цели кои сакам да ги постигнам“, изјавува Кејн.


Асенсио би останал во Реал ако добие повисока плата

Марко Асенсио би можел да го напушти Реал Мадрид на лето доколку не го продолжи договорот. Според „Марка“, претставниците на играчот и раководните лица на Реал Мадрид ќе се сретнат наскоро за да започнат преговори за нов договор.

Марко Асенсио би сакал да остане во Реал Мадрид, но не е подготвен да го стори тоа по секоја цена – сака договор со зголемување на платата, бидејќи смета дека го заслужил тоа со својот настап минатата сезона. Асенсио сега е на последната третина од листата на најплатени играчи на Реал Мадрид, а тој верува дека тоа не се совпаѓа со неговиот статус како трет стрелец на тимот зад Винисиус Јуниор и Карим Бензема. Шпанецот има 12 гола на 42 меча во изминатата сезона. Ситуацијата со минутажата може да влијае и на одлуката на Асенсио – пред Светското првенство во 2022 година, играчот од средниот ред би сакал да игра редовно. Тој не е секогаш повикан во шпанската репрезентација, а тоа влијае на позицијата на фудбалерот, кој минатата сезона стана 15-ти во Реал Мадрид по бројот на одиграни минути.

Асенсио не ги оправдува очекувањата и стагнира. Марко повеќе не важи за многу важен играч на тимот, па не е сигурно дека понудата на Реал Мадрид ќе ги исполни барањата на играчот. Доколку не може да се постигне нов договор, Реал Мадрид ќе го продаде 26-годишниот играч ова лето за близу 40 милиони евра. Доколку Асенсио одбие да замине и реши да остане во клубот до истекот на неговиот договор кој е со важност до летото 2023 година, тогаш најверојатно нема да оди на Светското првенство во 2022 година. Најголем интерес за Асенсио покажуваат Милан, Јувентус и Арсенал.


Чуамени: Мбапе и Клоп ме повикуваа во своите екипи, но јас сакав само во Реал

Французинот Орелиен Чуамени и официјално беше претставен како нов играч на Реал Мадрид. 22-годишниот фудбалер во Мадрид пристигна од Монако во вкупен трансфер од околу 100 милиони евра.

Чуамени изјавува дека висината на трансферот воопшто не го интересира и размислува само за што подобри игри во дресот на Реал. 

„Точно е дека имаше контакти и повици од други екипи. Имав разговори со Килијан Мбапе кој ме прашуваше за можноста да заиграм за ПСЖ. Исто така имав директен разговор и со тренерот на Ливерпул Јирген Клоп, но мојата желба одсекогаш била да заиграм за Реал Мадрид и мојот избор беше лесен уште од самиот старт“, потенцира Чуамени.