Некогашниот напаѓач на Ливерпул, Даниел Стариџ потпиша за австралискиот клуб Перт Глори. Договорот со 32-годишниот англиски фудбалер важи до 30 јуни 2022 година.
Стариџ е слободен агент од март 2020 година. Неговиот последен клуб беше турски Трабзонспор. Договорот му беше раскинат со заеднички договор на двете страни.
Ливерпул без Александар-Арнолд и Тиаго на дербито против шампионот
Јирген Клоп ќе остане без двајца важни фудбалери од првиот тим за големото дерби в недела против Манчестер Сити во англиската Премиер лига. Трент Александар-Арнолд ќе мора да го пропушти гдуелот поради повреда, откако пред него повреден веќе една недела е и без Тиаго Алкантара.
Дефанзивецот на „црвените“ доживеа повреда на препоните за време на тренинг во понеделникот и го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите во вторникот против Порто. Клоп откри дека 22-годишниот фудбалер нема да игра против Сити на „Енфилд“ и засега не е познато колку точно ќе му треба за комплетна рехабилитација.
Де Брујне се враќа во белгискиот состав за Лигата на нации
Кевин де Брујне се враќа во составот на репрезентацијата на Белгија откако ги пропушти квалификациите за Светското првенство минатиот месец за да и помогне на својата селекција на турнирот од Лигата на нации следната недела во Италија, изјави селекторот Роберто Мартинез.
Играчот од средниот ред на Манчестер Сити се опорави од повредата на скочниот зглоб и е вклучен во составот од 24 играчи за турнирот, каде што Белгија ќе се соочи со Франција во полуфиналето во Торино следниот четврток. Вториот натпревар екипата ќе го има за првото или третото место против европскиот првак Италија или Шпанија во недела, 10 октомври. Сепак, Мартинез рече дека секој успех нема да го ублажи разочарувањето од нивниот пораз од Италија на ЕП 2020.
„Ништо не го компензира тоа разочарување. Но, сега тоа е скоро заборавено. Мислам дека тимот реагираше на вистинскиот начин од тогаш и сега ние подготвени за прекрасна фудбалска пресметка за која моравме да работиме напорно за да се квалификуваме“, рече Мартинез на прес-конференцијата.
Чакир суспендиран од УЕФА заради грешките на натпреварот Милан – Атлетико Мадрид
УЕФА одлучи да ги суспендира турскиот судија Чакир и ВАР судијата Битиген поради грешките направени во натпревар од второто коло од групната фаза на Лигата на шампиони одигран меѓу Милан и Атлетико Мадрид, објави „Газета дело Спорт“.
Претходно, главниот тренер на Милан Стефано Пиоли го изрази своето мислење за работата на Чакир на натпреварот со Атлетико Мадрид.
„Мислам дека главниот судија на натпреварот немаше добра вечер… Бевме казнети. Јасно е дека со десетмина на теренот требаше да смениме тактика, издржавме во поголемиот дел од натпреварот, малку недостасуваше да имаме позитивен резултат. Ова е разочарувачки за нас“, рече Пиоли.
Да потсетиме, Чакир исклучи играч на Милан во 29. минута, и во судиското продолжение на натпреварот досуди пенал за Атлетико кој го реализираше Луис Суарез и му донесе победа на тимот.
Борусија од Дортмунд го посакува Мартиал како замена за Халанд
Ерлинг Халанд на крајот од сезонава со сигурност го напушта бундеслигашот од Дортмунд.
Неверојатниот Норвежанец од следното лето може да замине со одштетна клаузула која изнесува околу 80 милиони евра. Овај износ не би требало да претставува проблем за големите европски клубови како Реал Мадрид, Челзи или Баерн, кои засега покажуваат најголем интерес да го доведат во своите редови.
Челните луѓе во Борусија Дортмунд се подготвуваат за животот после Халанд, па затоа како што пишува англискиот Дејли Мејл, на терен веќе работат околу 30 скаути кои се во потрага на напаѓач кој во некој мерка би го надоместил заминувањето на Ерлинг Халанд.
Борусија е наводно прилично заинтересирана да го доведе во своите редови играчот на Манчестер Јунајтед, Антони Мартиал, кој со доаѓањето на Кристијано Роналдо во тимот од Олд Трафорд, падна во втор план.
Единствен проблем за да се случи овај трансфер е цената на Мартиал. Манчестер Јунајтед сигурно не би го продал за помалку од 50 милиони евра што претставува превисок износ за Борусија.
Останува да се види дали ќе се најде заедничко решение за Мартиал да го облече жолто – црниот дрес на тимот од Дортмунд.
Мурињо сака стар познаник од Тотенхем во Рома
Жозе Мурињо е силно заинтересиран за играчот за врска на Тотенхе, Танги Ндомбеле, пренесуваат италијанските медиуми. Мурињо одлично ги познава квалитетите на 24-годишниот Французин со кого работеше заедно во Тотенхем.
Рома е во потрага по квалитетен играч за врска, а „Специјалниот“ верува дека Ндомбеле идеално би се вклопил во тимот и сака да го донесе во јануари. Французинот не е задоволен од својот статус во Тотенхем и сака да ја промени средината.
Проблем може да биде цената бидејќи „спарси“ за неговата слобода бараат најмалку 35 милиони евра.
Лаказет понуден на Милан
На францускиот напаѓач од редовите на Арсенал, Александар Лаказет, договорот му истекува на крајот од летото, па затоа во редовите на „топџиите“ од Лондон веќе се чувствува мала доза на паника.
Арсенал започна со испитување на фудбалскиот пазар и начинот на кој би можеле да заработат од продажба на играчот уште во зимскиот преоден рок, бидејќи Лаказет нема намера да ја продолжи соработката со истиот.
Како што објавуваат медиумите од Италија, Арсенал го понудил Лаказет на калчолигашот Милан, меѓутоа фактот што „росоњерите” во нападот веќе ги имаат ветераните Жиру,Ибрахимовиќ, па и помладиот Ребиќ, под знак прашалник е дали им е потребен уште еден играч на истата позиција.
Александар Лаказет во екипата на Арсенал пристигна во 2017 година од редовите на францускиот клуб Лион, за сума од 53 милиони евра и годишна плата од 9 милиони евра. Французионот за лондонскиот премиерлигаш има постигнато 72 погодоци на 192 натпревари.
Останува да се види дали Милан ќе ја прифати понудата на Арсенал доколку истата се случи.
Дешамп првпат заедно ги повика браќата Хернандез
Денес селекторот на Франција Дидие Дешамп го објави списокот на повикани фудбалери за Ф4 во Лигата на Нации.
Интересно е што на списокот после 47 години повторно има браќа. Повик од Дешамп добија Тео и Лукас Хернандез. Во полуфиналето Франција ќе се сретне со Белгија, па тој што ќе победи ќе оди на подобриот од мечот помеѓу Шпанија и Италија.
Пред браќата Хернандез во Франција двајца браќа играа во 1974 година, тогаш повик добија напаѓачите Ерв и Патрик Равели.
Од списокот на Французите Нголо Канте отпадна поради коронавирус.
Запознајте го највозрасниот активен голман во Велика Британија
Алан Камсел е од Велс, има 88 години и сеуште е активен на позицијата голман во својот локален нисколигашки клуб Беј Столерс.
Својата кариера ја започнал во 1952 година и трае до ден денес. Алан сега игра заедно со внуците на своите поранешни соиграчи и признава дека игра само за забава.
“Во последно време увидов дека сум бавен и дека видот ми слабее. Топките минуваат покрај мене кога сеуште се фрлам по нив. Па што? Тоа е само забава. Ако ја завршам својата кариера на 90 години, тоа ќе биде сосема доволно за мене“.
„Ел Класико“ дуел за белгискиот талент Тилеманс
Реал Мадрид и Барселона се силно заинтересирани за играчот за врска на Лестер, Јури Тилеманс. Скаути на Барселона долго време ги следат настапите на 24-годишниот играч за врска и сакаат да го донесат на „Камп Ноу“. Барселона сака да го засили средниот ред, а Тилеманс може да игра на неколку позиции и сметаат дека одлично би се вклопил.
Од друга страна Реал Мадрид смета дека Белгиецот би бил идеална замена за Модриќ, кој ја игра последната сезона на „Сантиаго Бернабеу“.
„Кралевите“ започнаа со подмладување на средниот ред со доаѓањето на Камавинга, а Тилеманс е новото име на списокот на Анчелоти.