фудбал

Ајван Тони во јуни заминува од Брентфорд

На една година пред истекот на договорот напаѓачот Ајван Тони ќе го напушти Брентфорд. Тони ќе го напушти клубот во летото кое следи, потврди менаџерот на Брентфорд, Томас Франк.

„Очигледно е дека ќе се разделиме. Него му истекува договорот летото 2025 година и најверојатно ќе биде продаден на лето. Оваа зима имавме многу понуди за него и ќе бидам изненаден ако во јули нема и повеќе. Мислам дека во овој момент не постојат многу напаѓачи кои се подобри од него“, изјави Франк.

Тони има 27 години и за Брентфорд игра од 2020 година, досега настапи на вкупно 113 натпревари во кои постигна 65 голови. Зад себе има и еден настап во репрезентацијата на Англија.

Но, во прашање е и контроверзна личност, неодамна се врати на терените по суспензијата од осум месеци поради обложување на натпревари во кои и самиот играл. Минатото лето се шпекулираше дека Арсенал е заинтересиран за неговите услуги, а останува да видиме во наредниот период кои клубови ќе се борат за неговиот потпис.


Лука Станковски позајмен во турскиот второлигаш Тузласпор

Македонскиот интернационалец Лука Станковски заминува на нова позајмица од редовите на Газиантеп.

Офанзивниот играч за врска до крајот на сезоната ќе настапува за турскиот второлигаш Тузласпор. Станковски во потрага по минутажа пак замина од елитата во Турција, а во претходната сезона запиша само три настапи во првенството и купот за Газиантеп.

Ова е втора позајмица за 21-годишникот од Газиантеп, откако ланската втора полусезона играше за словенечка Горица.


Јунајтед бара нов дефанзивец: Бремер или Тодибо опции на пазарот

Новиот сопственик на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ретклиф веќе подготвува планови за освежување на тимот во текот на летото. Тој сигурно ќе вложи сериозни инвестиции за засилување на составот за следната сезона, бидејќи според информациите милијардерот веќе ја добил и првата приоритетна цел.

Станува збор за дефанзивецот на Јувентус, Глисон Бремер. 26-годишниот Бразилец има уште една силна сезона во тимот на „бјанконерите“ и тоа го привлече вниманието на Ретклиф, кој во него гледа решение за проблемите на „црвените ѓаволи“ во центарот на одбраната. Сепак, газдата ќе мора да ги олабави ќесето бидејќи играчот неодамна потпиша нов договор и неговата цена е над 70 милиони евра.

Покрај тоа што е заинтересиран за Бремер, Манчестер Јунајтед веќе подолго време е поврзуван и со дефанзивецот на Ница, Жан-Клер Тодибо.


Ворнок: Миовски ќе постигне 30 гола, мило ми е што остана во Абердин

Откако синоќа го постигна и својот тринаесетти гол во шкотската Премиерлига, нашиот Бојан Миовски доби пофалби и од новиот тренер на тимот, Ник Ворнок. Миовски погоди во поразот на неговиот тим на тешкото гостување кај Глазгов Ренџерс со 2-1.

„Мило ми е што ниту еден друг клуб не го купи Миовски. Јасно е дека клубот ќе добие многу пари од него. Типувам дека ќе постигне 30 гола оваа сезона, му го кажав тоа по крајот на мечот. Тој ќе постигне уште десет погодоци, бидејќи ќе креираме многу повеќе шанси за него кога ќе врземе континуитет како тим. Сигурен сум дека ќе креираме шанси за него“, изјавил Ворнок.


Тијаго Мота ќе биде нов тренер на Милан?

Италијанскиот Кориере дело Спорт пренесува дека тренерот на Болоња, Тијаго Мота, на крајот на сезоната би можел да ја преземе клупата на Милан.

41-годишниот Мота е тренер на Болоња од септември 2022 година каде има договор до јуни оваа година, а претходно ги водеше екипите на Специја и Џенова.

Италијанските медиуми наведуваат дека актуелниот стратег на росонерите Стефано Пиоли најверојатно на лето ќе го напушти клубот, па за очекување е дека во иднина ќе има и други имиња како кандидати за негов наследник.


Бензема си подаде рака со челниците на Ал Итихад, останува во Саудиска Арабија

Како што изгледа едномесечниот хаос помеѓу Карим Бензема и неговиот клуб Ал Итихад заврши.

Францускиот напаѓач е вратен на тренинзите не екипата и ситуацијата би требало да е нормализирана откако интервенирале луѓе од државниот врв на Саудиска Арабија.

Бензема не тренираше со Ал Итихад од новогодишните празници, задоцни две недели на подготовките, а тренерот Марсело Гаљардо одби да го врати во тимот пред продолжение на сезоната. Се шпекулираше дека Бензема може да замине во друг клуб од Саудиска Арабија, а имаше и понуди од европски и американски клубови.

Сепак, властите во земјата се вклучиле и го решиле проблемот помеѓу Бензема и Гаљардо. Сега двајцата ќе соработуваат за да не се наруши угледот на земјата која многу вложува во спортот и фудбалот во последниот период.


Милан ја одреди цената за продажба на Леао

Фудбалерот на Милан, Рафаел Леао е достапен за трансфер за сума од 175 милиони евра, пренесува новинарот Себастиен Денис на социјалната мрежа Х. Според Денис, ослободителната клаузула од договорот на Португалецот со миланезите е активна од 5 јули до 15 јули 2028 година.

Самиот Леао би сакал да настапува во Англија или Шпанија. Тој верува дека неговиот циклус во Милан е при крај.

Беше објавено дека ПСЖ го разгледува играчот како опција да го замени напаѓачот Килијан Мбапе, кој би можел да замине во Реал Мадрид.

Дваесет и четиригодишниот Леао игра за Милан од 2019 година. Сезонава одигра 27 натпревари за „Росонерите“, постигна шест гола и имаше седум асистенции.

Порталот „Трансфермаркт“ ја проценува вредноста на Леао на 90 милиони евра. Неговиот договор со Милан е до летото 2028 година.


Саки: Титулата во Серија А уште е отворена

Поранешниот селектор на Италија, Ариго Саки, вели дека ништо не е решено околу титулата вo фудбалска Италија иако Интер го совлада Јуве и направи 4 бодови предност во однос на „старата дама“.

„Има уште отворени прашања за титулата. Интер одигра добро против Јувентус и заслужено победи. Не треба да заборавиме дека Интер има и натпревар помалку“, вели легендарниот тренер.


Арсенал ќе го откупи договорот на Осимен во Наполи

Арсенал е силно заинтересиран за напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен.

Приоритет на Артета ова лето ќе биде доведување на врвен напаѓач, а прва желба е токму Осимен. „Гардиан“ пренесува дека „топџиите“ веќе стапиле во контакт со агентот на напаѓачот.

Осимен иако го продолжи договорот со Наполи сепак најави дека на лето ќе ја промени средината, а сака кариерата да ја продолжи во Премиер лигата.

За него интерес од поодамна покажува Челзи, а сега и Арсенал се вклучи во битката за неговиот потпис и е спремен да ја плати откупната клаузула од 110 милиони евра.


Црвена Звезда договори продажба на Осман Букари

Црвена Звезда во последно време се покажува како пример како треба да се работи на овие простори кога во прашање е продажбата на фудбалери.

Црвено-белите со продажбите на Недељковиќ и Мијатовиќ во Астон Вила, односно Њујорк Сити инкасираа вкупно 20 милиони евра, а сега би можеле да продадат и трет фудбалер по цена од десет милиони евра.

Според последните информации во српските медиуми тимот на Чикаго Фајр исто така од МЛС лигата испратил понуда вредна десет милиони евра за Осман Букари. Во Звезда засега не донеле конечна одлука за продажбата на репрезентативецот на Гана. Но, преодниот рок во МЛС лигата е отворен дури до 23-ти април, па ситуацијата може да се промени.

Доколку се случи продажба и на трет играч за 10 милиони евра, тогаш јасно е дека Звезда ќе формира солиден буџет за овие простори.