фудбал

Тилеманс се договори за бесплатен трансфер во Арсенал

Фудбалерот од средниот ред на Лестер, Јури Тилеманс, би можел да му се приклучи на Арсенал со слободен трансфер на крајот од сезоната, тврдат утринава холандските медиуми.

Истите одат подалеку и тврдат дека 25-годишниот Белгиец веќе се договорил со лондонскиот тим за условите на неговиот договор. Договорот на Тилеманс со Лестер Сити истекува во летото 2023 година и тој барем засега одбива да го продолжи.

За играчот се заинтересирани и Барселона, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Реал Мадрид. Репрезентативецот на Белгија има 16 настапи оваа сезона, постигнувајќи 3 гола и 1 асистенција во сите натпреварувања. Порталот Трансфермаркт неговата вредност ја проценува на 40 милиони евра.


Крос постави еден услов за нов договор со Реал

Реал Мадрид се обидува да му го продолжи договорот на германскиот фудбалер Тони Крос, кој сака да остане во клубот, но само под еден услов.

Овој 32-годишен фудбалер наводно поставил услов до раководството да биде прв избор кај тренерот Карло Анчелоти и да добие доволно голема минутажа.

Договорот на Крос трае до следното лето, а постои голема можност да не се договорат за нова соработкја затоа што Анчелоти веќе зема неколку млади фудбалери, меѓу кои се Орелиен Чуамени и Едуардо Камавинга.

Крос стана еден од најважните фудбалери на „кралевите“ во последните години и досега одигра 383 натпревари за шпанскиот шампион, а притоа постигна 26 голови и 87 асистенции.


Роналдо: Манчестер Јунајтед ме предаде, некои луѓе сакаат да ме истераат од клубот

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, во ексклузивно интервју со познатиот британски новинар Пирс Морган, изјави дека се чувствува предаден од Манчестер Јунајтед и дека клубот направил црна овца од него. 

Роналдо вели дека нема почит кон тренерот Ерик тен Хаг, бидејќи ни тој нема нема почит кон него. Фудбалерот уште наведува дека некои луѓе од клубот сакаат да го истераат од Олд Трафорд.

Роналдо во интервјуто отворено проговори и за состојбите во клубот откако пристигна во Јунајтед.

„Луѓето мора да ја знаат вистината дека Јунајтед сака да ме истера. Не само тренерот, туку и некои други луѓе од клубот не ме сакаа повторно во Јунајтед. Не постои напредок во клубот откако пристигнав, и ништо не е променето после заминувањето на Сер Алекс Фергусон. Дојдов во Јунајтед затоа што сакав добри работи за клубот и имам желба да помогнам. Морам да нагласам дека клубот ќе мора да промени многу работи за да го подигне своето ниво и да дојде во ранг на Сити, Ливерпул, а сега и на Арсенал.


Шкупи ќе биде домаќин во Кичево додека трае суспензијата на ФФМ

Екипата на Шкупи вчера доби казна од Фудбалската федерација на Македонија и теренот во Чаир е суспендиран поради инцидентите.

Чаирчани поради нападот на гостинските фудбалери на Шкендија мораа да изберат алтернатива, а условоте беше да играат на 100 километри од нивниот стадион. Алтернативата е веќе пријавена.

Натпреварот против Скопје Шкупи ќе го игра на Градскиот стадион во Кичево. Натпреварот се игра в сабота од 13:00 часот.


Двата римски клуба го сакаат Србинот Лукиќ

Рома и Лацио се силно заинтересирани за плејмејкерот на Торино и српски репрезентативец, Саша Лукиќ.

Лукиќ игра одлична сезона и го привлече вниманието на многу клубови, а „Тутоспорт“ пишува дека главната битка за неговиот потпис ќе ја водат Рома и Лацио.

Мурињо е голем симпатизер на Србинот и верува дека одлично ќе се вклопи во неговиот систем на игра, а во Лукиќ гледа наследник на Матиќ.


Станковиќ пред смена од тренерското место во Сампдорија

Само еден месец откако беше назначен за тренер на Сампдорија, Дејан Станковиќ се наоѓа пред отказ, како серија на лошите резултати на некогашниот италијански шампион.

Тимот од Џенова го претрпе четвртиот пораз во низа, овојпат од Лече со 0-2 на домашен терен, а тоа предизвика тензија на стадионот „Луиџи Ферарис“.

„Навивачите беа бесни и се обидоа да ги блокираат излезите од стадионот. Сакаа да ги задржат директорите и играчите во соблекувалните, тензијата достигна највисоко ниво, а Станковиќ изгледаше нервозно додека го гледаше натпреварот од трибина поради суспензијата“, пишуваат италијанските медиуми.

Сметката за сето ова најверојатно ќе ја плати Станковиќ кој не успеа да ја крене екипата. Желба на раководството на клубот е да се донесе Клаудио Раниери, но најверојатно нема да успее во тоа бидејќи искусниот стручњак минатиот месец ја одби понудата да ја преземе екипата.


Ајван Тони разочаран што нема да биде дел од Мундијалот

Ајван Тони имаше свој блесок на „Итихад“ и успеа да го замолкне цел стадион во Манчестер, од едноставна причина што напаѓачот на Брентфорд постигна гол кој никој не го очекуваше.Длабоко во судиското продолжение, Сити фрли се на една карта откако на семафорот стоеше 1-1, но наместо гол за победа на шампионот, видовме неверојатна контра на гостите која ја круниса Тони со свој втор погодок на мечот. Истиот донесе огромна победа и големо изненадување во Премиер лигата, и тоа само два дена откако не беше награден од Герет Саутгејт за своите импресивни изданија.Тони остана без повик за Светското првенство, па денеска на новинарите се обиде да им објасни како ја примил непосакуваната вест.„Видете, единствено што ми преостанува е да продолжам да работам, да го давам најдоброто и да видам дали може да се промени ситуацијата. Јас ќе продолжам да го давам најдоброто за тимот и ќе видиме до каде ќе стигнам. Разочаран сум што не добив повик, но знам на што сум способен. Нема да дозволам тоа да ме кутне на земја, ќе продолжам напорно како и досега. Мотивацијата ми доаѓа од соиграчите во соблекувалната и од навивачите на Брентфорд кои секогаш се прекрасни“, изјави Тони


Гави најмлад Шпанец повикан на Светско првенство

Фудбалерот од средниот ред на Барселона, Гави, повикан во репрезентацијата на Шпанија за Светското првенство во Катар, стана најмладиот фудбалер во историјата на националниот тим кој ќе учествува на Мундијал, објави „Марка“.

Претходниот рекордер беше Сеск Фабрегас, кој беше повикан на Светското првенство во Германија во 2006 година еден месец по неговиот 19-ти роденден. Осумнаесетгодишниот Гави се приклучи на Барселона во 2021 година. Неговиот сегашен договор со клубот, кој го обнови во септември, трае до 2026 година. Во сезоната 2022/23, шпанскиот играч од средниот ред забележа 14 настапи за тимот предводен од Чави во шпанското првенство.


Пике негира премин во Атлетико Мадрид

Жерар Пике неодамна реши да ја заврши фудбалската кариера и да ѝ ги прости долговите на Барселона, па така ја воодушеви јавноста и навивачите на каталонскиот гигант.По повлекувањето на Пике пристигна вест во шпанските медиуми дека дефанзивецот всушност сакал да засили друг гигант, а тоа е Атлетико Мадрид.„АС“ објави дека Атлетико е заинтересиран за Пике и наводно веќе му понудиле соработка, но Пике веднаш реагираше по шпекулациите и јасно го кажа неговиот став.„Веќе кажав дека нема да носам друг дрес. Нема смисла да заминам од Барселона и да потпишам за Атлетико. Таа вест е глупава и смешна. Немам никаков проблем со Атлетико или со нивните навивачи, но јас решив да се пензионирам“, изјави Пике.


Клоп казнет со суспензија на еден натпревар

Клоп казнет со суспензија на еден натпревар

Англиската фудбалска асоцијација (ФА) му изрече казна од еден натпревар суспензија на тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Казната му е изречена поради добиениот црвен картон на средбата од Премиер лигата против Манчестер Сити.

ФА вложи жалба на одлуката на независната регулаторна комисија која претходно Клоп го казни со сума од 30 илјади фунти.

Клоп доби и предупредување да внимава на своето однесување на наредните натпревари.