фудбал

Суарез како Златан и Кристијано; Има голови во сите минути од натпреварот

На мечот од шестото коло на шпанската Ла Лига, напаѓачот на Атлетико Мадрид, Луис Суарез, му донесе победа на тимот од 2-1 постигнувајќи два гола.

Уругваецот постигна голови во 78. минута и 90+1 минута, што му овозможи да стигне до нов статистички рекорд. Според „Ел Паис“, Луис Суарез успеа да постигне гол секоја минута од натпреварот во кариерата. 78. минута од играта беше единствената во која Уругваецот претходно не успеал да постигне гол, но еве и тоа се случи. Така сега Луис Суарез има постигнато голови од првата до 90+7 минути од натпреварите. Инетересен е податокот дека вакво достигнување во карирата досега имаа само, Кристијано Роналдо и Златан Ибрахимовиќ.

Луис Суарез досега има одиграно 661 натпревар во сите клубови и натпреварувања во текот на неговата кариера, постигна 427 гола и даде 238 асистенции.


ФИФА го понуди на маса предлогот за Мундијал на секои две години

ФИФА ги повика водечките фудбалски федерации и организации на состанок на крајот од овој месец на кој ќе се разговара за меѓународниот календар на натпреварувања, вклучувајќи го и предлогот Светското фудбалско првенство да се одржува на секои две години.

Повикот за онлајн состанок на 30 септември е испратен до националните федерации, претставници на фудбалските клубови, лигите, конфедерациите, УЕФА, како и Синдикатот на професионални фудбалери (FIFpro), пренесе денеска британската телевизија Скај Спорт.

Постои широк консензус во фудбалскиот свет да се реформира и подобри меѓународниот календар на натпреварувања. Ова е една од неколкуте можности да се воспостави конструктивна отворена расправа на светско и регионално ниво, соопшти ФИФА.

УЕФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) се заканија со бојкот доколку Мундијалот се одржува на секои две години, додека Азиската фудбалска конфедерација и КОНКАКАФ (Конфедерацијата на Северна и Централна Америка и Карибите) го поддржуваат предлогот за промена на форматот на Светското првенство.


Официјално: Американци го купија најстариот италијански клуб

Американскиот инвестициски фонд „777 Партнерс“ го купи најстариот италијански фудбалски клуб Џенова за 150 милиони евра, објавија италијанските медиуми.

Медиумите пренесоа информација дека Американците и претседателот на Џенова, Енрико Прециоси постигнаа договор, а официјалното соопштение се очекува во најскор можен рок.

777 Партнерс е приватна инвестициска компанија со седиште во Мајами. Основана е во 2015. година, а во своето портфолио имаат и мал дел акции во шпанскиот прволигаш Севиља.

Италијанскиот стопанственик Прециоси од 1998. до 2003. година беше претседател на Комо, а во 2003. година ја купи Џенова по испаѓањето на клубот во Серија Ц1.

Интересно, тој повеќепати беше казнуван и суспендиран. Беше вмешан во скандалот со лажните сметководства (Биланчополи), во кој клубовите манипулираа со цените на фудбалерите и други лажни трикови како би ги поминале финансиските тестови. Прециоси беше суспендиран на четири месеци и казнет со 15.000 евра.

Џенова е основана на 7. септември 1893. година и е најстар италијански клуб, а во моментот нивниот дрес го носи Горан Пандев.


Украински Мариупол е новата средина на Стефан Спировски

Стефан Спировски ја продолжува кариерата во Украина во екипата на Мариупол.

После кратката епизода во Кипар битолчанецот ќе игра во Украина. Очекувањата се Мариупол во тековната сезона да се бори за опстанок ов најсилната украинска лига.

За Спировски ова ќе биде уште едно искуство плус, претходно го носеше дресот на Борац Чачак, Берое, Ференцварош, Хапоел Тел Авив и АЕК Ларнака. Потекнува од школата на Пелистер.


Големи нереди во Франција, повредени 16 хулигани! (видео)

Воочи синоќешниот натпревар помеѓу Монпеље и Бордо дојде до голема тепачка помеѓу навивачите на клубовите.

„Ле Парисиен“ пишува дека автобусот со навивачи на Бордо беше нападнат од педесетина навивачи на Монпеље на автопат. Дојде до голема тепачка помеѓу хулиганите кои беа наоружани со палици и факли. Полицијата по неколку минути успеа да ја смири ситуацијата.

Беа повредени 16 навивачи, а натпреварот и покрај нередите беше одигран и заврши со резултат 3:3.


Тухел „фрлил око“ на дефанзивецот на Јуве

Челзи е во потрага по квалитетен дефанзивец, а прв на листата желби е Матијс де Лихт од Јувентус. „Сините“ до последниот момент од летниот преоден рок се обидуваа да го донесат Жил Кунде од Севиља, но сега ќе се насочат кон Де Лихт.

Неговиот агент Мино Рајола најави дека Холанѓанецот може да го напушти Јувентус на крајот на сезоната. Медиумите на Островот тврдат дека раководството на Челзи веќе започнало преговори и работи на трансферот на Де Лихт.

Јувентус за потписот на Де Лихт плати 70 милиони евра и сигурно нема лесно да се откаже од него, но проблем за „бјанконерите“ е што самиот фудбалер сака да ја промени средината.

Медиумите тврдат дека Челзи е спремен да понуди 80 милиони евра за потписот на 22-годишниот дефанзивец.


Артур го искршил своето Ферари во сообраќајна незгода во Торино

Фудбалерот од средниот ред на Јувентус, Артур, утрово имал сообраќајна несреќа со своето Ферари.

Бразилецот, кој во моментов се опоравува од повредата, доживеа сообраќајна несреќа во Торино, но поминал без сериозни повреди. Играчот од средниот ред патувал во базата на Јувентус за медицински прегледи во моментот кога ја доживеал несреќата.

Според информациите во медиумите, фудбалерот не е виновен за инцидентот. Се очекува Артур да се врати на терените по паузата за репрезентациите во октомври.


Алегри: Јувентус мора да биде подобар!

Јувентус во супер интересен натпревар ја победи Специја на гости со 3:2. Во натпревар со многу пресврти, Јувентус водеше со 1:0, па губеше со 2:1, за на крај со „блицкриг“ да го реши домашниот тим.

Тренерот Масимилијано Алегри е задоволен од резултаот, иако Јувентус се мачеше да стигне до победа.

„За среќа победивме, се мачевме да стигнеме до победата. Можеби тоа е добро, бидејќи ќе мислевме дека сме одиграле одлично и дека нема ништо што друго да се направи. Има многу работи кои треба да се поправат. Имаме играчи кои мора да бидат подобри при нивните одлуки за завршниот пас и кога да шутираат во целта.“ – изјави Алегри.


Мурињо го сака Далот во Рома

Италијанските медиуми пренесуваат дека Мурињо е силно заинтересиран за десниот бек на Манчестер Јунајтед, Диого Далот.

Далот минатата сезона ја помина на позајмица во Милан, одигра солидно и се врати на „Олд Трафорд“, но не добива голема минутажа.

Португалецот сака да ја промени средината, а Јунајтед е спремен да го пушти во јануари, па Мурињо сака да ја искористи таквата ситуација.

Во 2018 година токму Мурињо го донесе Далот на „Олд Трафорд“ и одлично ги познава неговите квалитети. Рома сака да го донесе на позајмица со право на откуп.


Милан ќе атакува на Скудетото – тргнува по ѕвездата на Рома!

Милан има големи амбиции за титулата во Калчото, а за тоа им се потребни засилувања.

Италијанските медиуми пишуваат дека изборот веќе паднал на играчот на Рома, Лоренцо Пелегрини.

Играчот за врска има уште една година од договорот со „волчицата“, а засега преговорите за нова соработка не течат во вистински правец.

Жозе Мурињо не сака да го изгуби Италијанецот, затоа што се работи за одличен фудбалер, но се чини дека нема избор, а Милан ја следи будно ситуацијата во Рим.

„Росонерите“ планираат да го ангажираат фудбалерот на Рома, а тоа ќе се обидат да го направат уште во јануари, трансфер период кој би можел да биде последна шанса за Рома да заработи нешто од трансфер на Пелегрини.