фудбал

Вест Хем испрати понуда за Филип Костиќ

Медиумите од Англија објавуваат дека клубот Вест Хем испратил понуда до Ајнтрахт Франкфурт за ангажман на фудбалерот Филип Костиќ.

Српскиот фудбалер веќе подолго време се поврзува со заминување од Бундеслигата, а досега како најсериозен кандидат за негов трансфер се споменуваше Јувентус, кој очигледно се откажа од оваа намера.

Премиерлигашот Вест Хем во Костиќ гледа идеален кандидат за засилување на левата бековска линија на екипата. Минатата сезона Костиќ со Ајнтрахт беше освојувач на трофејот во Лига Европа, откако во финалето славеше над Глазгов Ренџерс. 


Миовски пристигна во Абердин

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски и официјално пристигна во својот нов клуб Абердин.

Миовски ја заврши процедурата околу добивањето на работна дозвола за Велика Британија, и му се стави на располагање на стручниот штаб на шкотскиот клуб.

Претходно македонскиот напаѓач ги одработи припремите со своите соиграчи кои се одржаа во Шпанија, по што чекаше завршување на постапката околу добивањето на виза.

Своето деби во Абердин, Миовски ќе го има во недела  на куп натпреварот против Реит Роверс.


Германија втор полуфиналист на женскиот Европски шампионат

Фудбалерките на Германија се пласираа во полуфиналето на Европскот првенство во женска конкуренција кое се игра во Англија, откако синоќа ја совладаа во четвртфиналето Австрија со 2-0 (1-0).

Головите за Германија ги постигнаа Лина Магул во 25. минута и Александра Поп (89). Германија во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Франција и Холандија.

Во средата пласман меѓу четирите најдобри репрезентации на Европското првенство избори и домаќинот Англија со триумфот од 2-1 над Шпанија, и во полуфиналето ќе игра против победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Шведска и Белгија.


Дани Алвес ќе игра за клуб од Мексико

Поранешниот фудбалер на Барселона, Бразилецот Дани Алвес во наредната сезона ќе игра во мексиканскиот клуб Пумас.

39-годишниот искусен дефанзивец во Пумас ќе пристигне како слободен играч, откако си замина од Барселона која не му понуди продолжување на договорот.

Алвес во својата кариера има настапувано за голем број клубови и освои 38 трофеи.


Рома пред ангажман на Вајналдум

Фудбалскиот клуб Рома најавува дека е во завршни преговори со ПСЖ за ангажман на Џини Вајналдум.

Тимот предводен од Жозе Мурињо е на добар пат во период од само неколку дена да добие двајца екстра играчи. Во Рома претходно стигна и Аргентинецот Пауло Дибала.

31-годишниот Вајналдум пред само една година го напушти Ливерпул и се пресели во ПСЖ, каде не доби скоро никаква шанса за редовни настапи со тимот. Неговиот договор со клубот од Париз е до 2024 година, а најверојатно тој во Рома ќе пристигне како позајмен играч.


Брајтон одби 30 милиони фунти за Кукуреља

Англискиот премиерлигаш Брајтон, ја одби понудата од Манчестер Сити за шпанскиот фудбалер Марк Кукуреља, вредна 30 милиони фунти.

Според медиумските информации, челниците на Брајтон бараат дури 50 милиони фунти за својот фудбалер.

23-годишниот Кукуреља е играч на Брајтон од минатата година кога за 15 милиони фунти пристигна од Хетафе. Неговиот договор со актуелниот клуб истекува во јуни 2026 година.


Роналдо остана со две можни сценарија

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, има само две можности за продолжување на својата кариера. Едната е да остане во клубот од Олд Трафорд, а другата е да замине во Атлетико Мадрид, пренесува францускиот Л`Екип.

Португалскот напаѓач сака по секоја цена наредната сезона да игра во Лигата на шампионите, но тоа не може да го реализира со Манчестер Јунајтед  кој ќе настапува во Лига Европа.

Менаџерот на Роналдо, Жорж Мендеш проба да најде ангажман за својот клиент во Баерн, Интер и Челзи, меѓутоа овие клубови се откажаа од трансфер.

Весникот пренесува дека поголеми се шансите Роналдо да остане во Манчестер Јунајтед отколку да го напушти клубот. Друга варијанта која се споменува е заминување на Роналдо во Атлетико Мадрид, па за таа цел тој бил подготвен и на намалување на износот на платата која би ја добивал. 

Роналдо има договор со Манчестер Јунјатед до јуни наредната година.


Шмајхел: Ериксен ќе биде новиот лидер на Манчестер Јунајтед

Откако фудбалерот, Кристијан Ериксен, деновиве потпиша за Манчестер Јунајтед, легендата на тимот,  Питер Шмајхел, верува дека Данецот може да има блескави партии на „Олд Трафорд“.

„Кристијан Ериксен ќе добива шанса од самиот почеток на многу натпревари. Ќе мора да се докажува како и сите други. Тој е доволно добар и може да се справи со тоа. Ериксен веројатно ќе стане суперѕвезда во Јунајтед“, порача легендарниот голман.


Лингард го засили Нотингем Форест

Англискиот фудбалер Џеси Лингард е нов играч на Нотингем Форест, соопштуваат од премиерлигашот.

Офанзивниот фудбалер доаѓа во Нотингем после поминати 22 години во Манчестер Јунајтед, играјќи за младите категории и за првата екипа. Тој во дресот на Јунајтед одигра 230 натпревари и постигна 35 гола.

Со Нотингем Форест кој се врати во Премиер лигата после 23 години, Лингард потпиша едногодишен договор. 

Првиот натпревар во Премиер лигата, екипата на Нотингем Форест ќе го одигра на 6.август на гостувањето против Њукасл.


Мојс побара засилувања од управата на Вест Хем

Менаџерот на Вест Хем, Дејвид Мојс, изрази жалење поради недостигот на доволно нови играчи во клубот од почетокот на преодниот рок. Тој призна дека преговорите со другите клубови одат доста тешко и тоа е една од причините за слабото трансфер лето.

„Имавме понуди за голем број играчи и се обидуваме да ги доведеме. Сепак, во моментов се покажува исклучително тешко. Според она што можам да го видам во контролите, мислам дека итно треба да го засилиме составот што го имаме. “, изјави Мојс.

Вест Хем досега беше засилен со Најеф Агер од Рен, но тој се повреди и ќе отсуствува извесно време, а можеби ќе го пропушти почетокот на сезоната.

Другото ново засилување е Флин Даунс од Свонси, а клубот ги откупи и правата на Алфонс Ареола, кој беше позајмен од ПСЖ.

Последните гласини сугерираат дека „Чеканите“ се блиску до потпис на Џеси Лингард како слободен агент.