фудбал

Нејмар не сака да си замине од Париз

Француските медиуми веќе подолго време пишуваат дека ПСЖ сака да се ослободи од Нејмар на крајот на сезоната.

„Паризиен“ откри дека ПСЖ веќе започнал преговори со Челзи и е спремен значително да ја намали отштетата само да се ослободи од Бразилецот. Нејмар има цврст договор со парижаните до 2027 година и нема намера да си замине од Париз.

Желбата на Нејмар не зависи од тоа дали Лионел Меси ќе го продолжи договорот со ПСЖ и тој воопшто не размислува за промена на клубот.

Раководството смета дека Нејмар ја нарушува атмосферата во соблекувалната и ќе направи се за да се ослободи од него.


Тотенхем го сака Андре Онана од Интер

Луѓето од Тотенхем соочени со серијата на грешки на голманот Уго Лорис, планираат во догледно време да пронајдат негова замена.

Затоа популарните „спарси“, наводно ќе се насочат кон голманот на Интер, Андре Онана. Италијанскиот тим се соочува со големи финансиски проблеми и нема да биде изненадување ако во текот на летото се ослободи од дел од фудбалерите. 

Интернационалецот од Камерун пред да се пресели во Италија бранеше за Барселона и за Ајакс.


Себаљос од јуни се сели во Баерн Минхен

Баерн Минхен е силно заинтересиран за плејмејкерот на Реал Мадрид, Дани Себаљос, пренесуваат шпанските медиуми.

За Себаљос повеќе нема место во Реал Мадрид и на лето ќе си замине од клубот како слободен агент. Себаљос во последно време добива шанса кај Анчелоти и покажа дека е играч со голем квалитет, но на лето сака да ја промени средината.

Најсилен интерес за него покажува Баерн Минхен, кој бара засилување за средниот ред и во Шпанецот гледа одлична можност.

Баварците наскоро ќе стапат во контакт со агентот на Себаљос и ќе започнат преговори за да ја победат конкуренцијата од италијанските клубови.


Интер нема да го откупи Лукаку на крајот од сезоната

Интер планира на крајот на сезоната да се раздели со Ромелу Лукаку и веќе му нашол замена на Белгиецот, пренесува „Калчомеркато“.

Лукаку е на позајмица од Челзи, но Белгиецот оваа сезона не игра на препознатливото ниво, па Интер планира да се раздели со него на лето. Како замена „нероаѕурите“ работат на трансферот на 25-годишниот напаѓач на Борусија Мехенгладбах, Маркус Турам. Французинот на лето ќе биде слободен агент и може да пристигне без обештетување, а Интер сака да ја победи конкуренцијата.

Интер спремил петгодишен договор со плата од 5 милиони евра по сезона и е во пол-позиција за неговиот потпис.


Хендерсон: Реал ја казни секоја наша глупост

Капитенот на Ливерпул Џордан Хендерсон беше многу разочаран по поразот со 2-5 од Реал Мадрид во првото осминафинале од Лигата на шампионите на „Енфилд“. Тој смета дека неговата екипа направила премногу грешки, од кои секоја беше казнета од противникот.

„Тешко е да се направи проценка веднаш по натпреварот. Големи периоди во првото полувреме игравме добро и не беше фер што резултатот беше израмнет на полувремето. Направивме премногу грешки и Реал казнуваше секоја од нив. Во многу моменти решавачка беше нивната класа. На почетокот имавме предност и создадовме добри шанси. На 2-0 имавме шанса и тоа на самата гол линијата. Ако влезеше топката во гол ќе беше сосема друго, вториот гол беше по грешка, но по треттиот гол ја испуштивме играта“, изјави Хендерсон.

„Реваншот е за неколку недели. Мораме брзо да се опоравиме од овој пораз. Пред тоа имаме натпревари во Премиер лигата на кои треба да се фокусираме“, додаде играчот од средниот ред.


Нејмар има оштетување на лигаментите

Од фудбалскиот клуб Париз Сен Жермен соопштуваат дека Нејмар има оштетување на лигаментите од повредата на скочниот зглоб.

Нејмар се повреди на натпреварот од Лига 1 против екипата на Лил, кога Бразилецот на носилки беше изнесен од теренот.

„Новите прегледи кои се извршени денес ја потврдуваат повредата на скочниот зглоб со оштетување на лигаментите. Новите прегледи над Нејмар ќе бидат извршени следната недела“, соопштуваат од ПСЖ. Од клубот не прецизираат можен датум кога Нејмар ќе се врати на теренот.

Повредата на Нејмар и неговото отсуство е на две недели пред реванш дуелот со Баерн Минхен во осминафиналето од Лигата на шампиони. Првата средба во Париз заврши со победа на Баерн 0:1.


Елнени го продолжи договорот со Арсенал

Англискиот ББЦ пренесува дека фудбалерот на Арсенал и репрезентативец на Египет, Мохамед Елнени го продолжи договорот со клубот до 30.јуни следната година.

Елнени во моментот е надвор од терените поради повредата која ја заработи на крајот од јануари после тренинг со тимот и ќе паузира до крајот на сезоната.

30-годишниот Елнени е играч со најдолг стаж во редовите на популарните топџии. Тој во екипата од Лондон пристигна во 2016.година од Базел, и досега има одиграно 155 натпревари.


Канте ќе потпише нов договор со Челзи

Англиските медиуми објавија дека францускиот фудбалер Нголо Канте се опоравил од повредата и наскоро се очекува негово враќање на теренот.

Играчот за врска е надвор од фудбалските терени од август минатата година, и според информациите тој конечно ќе се врати на тренинзите со соиграчите од Челзи. Освен податокот за неговото опоравување од повредата, англиските медиуми пренесуваат дека Канте наскоро ќе потпише нов договор со клубот од Стенфорд Бриџ.

Канте е играч на Челзи од 2016.година, а претходно има настапувано за Лестер, Булоњ и Кан.


Нкунку под знак прашалник за натпреварот против Сити во Лигата на шампиони

Францускиот напаѓач во редовите на РБ Лајпциг, Кристофер Нкунку поради повреда е незвесен за настап на вечерашниов осминафинален дуел во Лигата на шампионите против Манчестер Сити.

Нкунку повредата ја доби на тренинг со својата екипа пред натпреварот со шампионот на Англија.

Тренерот на Лајпциг Марко Розе, најави дека Нкунку сигурно нема да биде во стартниот тим, и сеуште не се знае дали ќе биде вклучен во остатокот од екипата. Французинот одработил само дел од последниот тренинг поради реакции на неговата повреда.


Де Брујне и Лапорт го пропуштаат дуелот со РБ Лајпциг

Фудбалскиот клуб Манчестер Сити потврди дека Кевин де Брујне и Емерик Лапорт ќе го пропуштат вечерашниот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите против РБ Лајпциг.

Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола, информира дека двајцата фудбалери се болни и не се чувствувале добро после натпреварот во Премиер лигата против Нотингем Форест, па поради тоа тие нема да бидат во тимот кој ќе гостува во Германија.

Гвардиола го пренесува својот респект за тимот на РБ Лајпциг потенцирајќи го нивниот дефиниран систем на игра и нивната одлична регрутација на млади играчи. Шпанскиот стручњак очекува тежок двомеч со еден од подобрите тимови од Бундеслигата.