фудбал

Легендата Болд го напушти Арсенал по 33 години

Aрсенал ја отпушти легендата на клубот Стив Болд после 33 години.

Како фудбалер Болд беше член на Арсенал, а по завршувањето на кариерата се врати во Арсенал. Започна како тренер во младите категории за потоа да биде помошник на Арсен Венгер. Претходно долго време работеше како тренер на дефанзивците во стручниот штаб на Венгер.

Кога Венгер замина во 2019 година тој го презема резервниот тим. На крајот на оваа сезона управата на клубот реши да не ја продолжат соработката.

Менаџерот на академијата на Арсенал, Пер Мертезакер изјави дека Болуд секогаш ќе биде важна фигура во историјата на клубот.


Пандев дел од идеалниот тим на групната фаза на Европското првенство

Холандскиот веб портал „НОС Спортс“ направи избор на играчи кои дадоа белег на групната фаза од ЕП во фудбал.

На 36 одиграни натпревари во првата фаза свој добар настап според „НОС Спортс“ имале играчи од врвот на Европскиот фудбал, а меѓу нив се најде и нашиот Горан Пандев. Пандев е во иделаниот состав на групната фаза, не само поради својот фудбалски квалитет на теренот, туку и поради односот надвор од теренот.

Македонската фудбалска легенда на најдобар можен начин се прости од репрезентативниот дрес, а со своите одлични игри на Европското првенство не остана незабележан и од страна на странските медиуми.

Во најдобриот состав на „НОС Спортс“, Пандев е во друштво на Роналдо, Бејл, Де Бруин, Вајналдум, кои исто така ги предводат своите репрезентации.

Вчера елитниот „Би-Би-Си“ во својот избор го смести нашиот Езџан Алиоски во идеалниот тим од првата фаза на Европското првенство.


Пандев доби понуда да игра уште една сезона во Џенова

Горан Пандев на Европското првенство ги одигра последните натпревари во дресот на македонската репрезентација, но Пандев не објави крај на кариерата и остави простор дека можеби ќе одигра уште една сезона на клупско ниво.

Пандев како што е познато најголемиот дел од кариерата го помина во Италија и со Интер во 2010 година стигна до триплета и Лигата на шампионите, а е и најдобар стрелец во македонската репрезентација со 38 гола на 122 натпревари.

Актуелниот договор со Џенова му истекува на 30. јуни, а вечерва италијанските медиуми објавија дека Џенова веќе ја доставила понудата до Пандев за продолжување на соработката, сега на Гоче е да одлучи дали ќе продолжи или не.

Според информациите на медиумите во Италија понудата за нов договор на Пандев е до 2022 година.


ФФМ го назначи Милевски за нов селектор на сениорската репрезентација

Позицијата селектор нема да биде новите, бидејќи Милевски кормилото во А селекцијата ќе го преземе од У21 репрезентацијата.

Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи. Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила“, изјави првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.

Сејдини му се заблагодари на Игор Ангеловски за успехот и пласманот на Европското првенство. Местото на Милевски во У21 селекцијата ќе го заземе Драган Канатлароски-Цапар.


Откриено зошто Мурињо ја прифати понудата на Рома

Португалскиот фудбалски тренер, Жозе Мурињо објасни зошто прифатил да биде на клупата на Рома, истакнувајќи дека сопствениците на клубот биле искрени и објективни кон него.

„Откако добив отказ во Тотенхем, веднаш ми се јавија сопствениците на Рома. Во разговорот со нив сфатив дека многу ме сакаат на клупата на Рома. Тие се свесни дека нивното доаѓање во Рома е нешто  ново во нивните животи, како и дека им треба некој со големо искуство. Беа искрени и објективни“– изјави Мурињо за италијанските медиуми.

„Во текот на кариерата сум правел грешки, бирав погрешни проекти затоа што луѓето со кои разговарав беа неискрени. Во Манчестер Јунајтед дојдов кога клубот беше во транзициска фаза, а потоа го преземав Тотенхем, клуб кој со години е без вистински успех. Но, кога е во прашање Рома ми се допадна пристапот на сопствениците на клубот и не размислував многу, веднаш ја прифатив понудата“– рече „Специјалниот“и додаде:

„Сега ме чека уште една „невозможна мисија“, затоа што луѓето кога сум јас во прашање мислат дека сум успешен само додека победувам. Но, оваа работа повторно ја разбуди страста во мене.“


Јувентус го доведува хит играчот од ЕУРО

Најбараниот играч на италијанската репрезентација, која дава одлични партии на ЕУРО, е 23-годишниот играч на Сасуоло, Мануел Локатели.

Локатели ја помина младинската школа на Милан и за росонерите во три сезони одигра 63 натпревари, пред да се пресели во Сасуоло, каде веднаш стана стандарден првотимец. За италијанската репрезентација настапува од минатата година, а досега во 12 настапи постигна три гола.

Неговиот договор со Сасуоло има важност до 2023. година, а италијанскиот стручњак за трансфер, Џанлука Ди Марцио објави дека веќе започнаа преговорите помеѓу Јувентус и Сасуоло. Јувентус веројатно ќе плати 40 милиони евра за него, колку што и бара Сасуоло, но ќе го доведе на двегодишна позајмица со обврска на откуп. Таквиот трансфер ќе помогне на Јувентус да не стави толку голем товар врз овосезонскиот буџет.



Зошто на ЕУРО не се игра натпревар за бронзен медал?

Европското првенство е единственото големо фудбалско натпреварување каде нема натпревари за бронзен медал.

Оние кои го следат фудбалот знаат дека натпреварот за третото место не се игра на ЕУРО, така што тој натпревар нема да го гледаме ниту оваа година.

Но, во историјата се играа натпревари за трето место, од првото Европско фудбалско првенство во 1960. година во Франција, па се до 1980. година и ЕП во Италија. Сепак, УЕФА потоа го промени форматот на натпреварувањето и ја откажа борбата за третото место, бидејќи навивачите многу слабо го следеа натпреварот и немаше интерес.

На Светското првенство, Копа Америка и Африканскиот куп на нации, овој натпревар обично се игра еден ден пред финалето.



Супер-талентот Кајо Жорге се сели во Серија А

Милан и Јувентус се силно заинтересирани за младата бразилска ѕвезда на Сантош, Кајо Жорге.

Овој 19-годишен напаѓач важи за најголен талент во Бразил, а „Тутоспорт“ открива дека Јувентус и Милан веќе ја започнале битката за негов потпис.

Кајо игра за репрезентацијата на Бразил до 19 години каде на 10 настапи постогна 6 гола. Неговиот договор со Сантош истекува во декември, па затоа неговата цена во моментов е „само“ 10 милиони евра.

Милан и Јувентус веќе започнаа преговори со неговиот агент, па останува да видиме кој ќе ја добие битката за потписот на младиот Бразилец.



Три премиерлигаши го сакаат Брајтвајт од Барса

Мартин Брајтвајт би можел да се пресели на Островот.

Интерес за Брајтвајт покажуваат Вест Хем, Барнли и Норвич, кои веќе стапиле во контакт со неговиот агент и сакаат да го донесат во своите редови.

Данецот беше мета на Вест Хем и минатото лето, меѓутоа тогаш остана „Камп Ноу“, но јасно е дека повеќе за него нема место во Барселона.

Каталонците за неговата слобода бараат 10 милиони евра, сума која споменатите клубови се спремни да ја платат.



Вајналдум најавува дека Холандија ќе напушти терен во случај на расизам во Будимпешта

Жоржињо Вајналдум ја повика УЕФА да преземе посилни мерки против расизмот. Вајналдум се закани дека ќе го напушти теренот во знак на протест доколку стане жртва на расистички навреди од публиката во Арената „Пушкаш“ во Будимпешта за време на неделниот натпревар од осминафиналето на Евро 2020 против Чешка.

„Размислувам внимателно за таков потег. Веќе најавив дека сум подготвен да го напуштам теренот во случај на расизам. Но, тогаш беше лесно затоа што не се соочив со овој проблем. Но, сега си реков, Жоржи, ќе играш во Унгарија, што ќе сториш ако те навредат? Што ќе се случи ако играте против послаба екипа и навивачите на овој тим ве испровоцираат да го напуштите теренот и да го загубите натпреварот?, Прокоментира Вајналдум.

Тој додаде дека одговорноста паѓа на судиите и водечките фактори во УЕФА. „Мислам дека ќе се жалам на судијата, но искрено не сум сигурен каква ќе биде мојата реакција во вакво време. Никогаш не сум бил жртва на расизам и се надевам дека нема да ми се случи , но ако тоа се случи, УЕФА треба да реагира“, рече Вајналдум.