фудбал

Рекордерот Анчелоти: Реал е фантастичен клуб

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, стигна до својата четврта титула во Лигата на шампионите, после победата на неговиот тим во финалето над Ливерпул со резултат 1:0. Италијанскиот стручњак истакнува дека триумфот е потполно заслужен.

„Не можам да верувам. Ова беше тежок натпревар, игравме слабо во првото полувреме, меѓутоа на крајот со оглед на комплетната игра која ја прикажавме во текот на целата сезона, мислам дека заслужено го освоивме трофејот. Фантастичен клуб и екипа со многу квалитети и јаки ментални склопови“, изјави Анчелоти.

Анчелоти во 2003 и 2007 година ја освои ЛШ со Милан, а со Реал славеше во 2014 година.


Рамос и Навас остануваат во ПСЖ

Според најавите од Франција, Париз Сен Жермен планира да ги задржи во тимот шпанскиот дефанзивец Серхио Рамос и голманот Кејлор Навас.

Актуелниот договор на Серхио Рамос со францускиот тим е до летото 2023 година. Рамос изјави дека има намера да остане во клубот и да се бори за своето место во составот.

35-годишниот Навас му се приклучи на ПСЖ во 2019 година. На 25 натпревари оваа сезона, тој прими 24 гола, а успеа да ја сочува мрежата од голот 9 пати.


Бензема: Се чувствувам горд што ја освоив титулата во својата татковина

Офанзивецот на Реал Мадрид, Карим Бензема, е еден од најзаслужните играчи на својот тим за триумфот во Лигата на шампиони, кој екипата од Мадрид го оствари со победата над Ливерпул од 1:0.

Победничкиот гол на Реал Мадрид го осигура Винициус Жуниор во 59.минута од средбата одиграна во Париз.

„Многу сум горд на овој тим. Заслужено ја освоивме титулата. Натпреварот беше тежок, но секогаш е така во Лигата на шампионите, посебно во финалето. Премногу ми значи што трофејот го освојувам во мојата татковина по втор пат“, истакнува Бензема.

Репрезентативецот на Франција е најдобар стрелец во ЛШ со постигнати 15 гола. За него ова е петти трофеј од ЛШ во кариерата.


Заниоло преговара за нов договор со Рома

Клаудио Вигорели – агентот на еден од хероите за Рома од финалето на Лигата на конференциите – Николо Заниоло, во наредните денови ќе има средба со претставници на „волците“.

На состанокот ќе се разговара за евентуалното продолжување на договорот на 22-годишниот напаѓач со „џалоросите“, а се очекува понудата да вклучува и зголемена плата, објави италијанскиот новинар Николо Шира. Актуелниот договор на Заниоло со клубот од Рим истекува во летото 2024 година.

Заниоло беше тој што го постигна шампионскиот гол во финалето со Феенорд, благодарение на што Рома победи со 1-0 во Тирана и го зграпчи првиот трофеј во историјата на европските клупски турнири, исклучувајќи го Купот на саемски градови во 1961 година.


Белгиецот Ноа Ланг на листата на желби на Милан

Милан откако ја освои шампионската титула во Серија А работи на трансфер пазарот и засилувањата за следната сезона. Првото засилување ќе биде Дивок Ориги од Ливерпул, меѓутоа „Газета дело Спорт“ пренесува и дека Милан договорил напаѓач од Клуб Бриж. Во прашање е Ноа Ланг кој на „Сан Сиро“ ќе се пресели за сума од 22 милиони евра

Ланг има 22 година и веќе зад себе има три настапи за репрезентацијата на Холандија. Потекнува од академијата на Ајакс каде што не доби премногу минутажа, но затоа се докажа во белгискиот клуб.

Холанѓанецот игра на позицијата лево крило каде што во овој момент во Милан е Рафаел Леао, меѓутоа тој може добро да се снаоѓа и на десната страна. Пиоли во тимот сака играчи кои ќе може да ги користи на повеќе позиции.


Клоп: Ќе се вратиме посилни после поразот

Тренерот на Ливерпул Јирген Клоп, изрази разочарување од поразот во финалниот дуел во Лигата на Шампиони  од тимот на Реал Мадрид, но Германецот е убеден дека екипата повторно ќе се издигне и ќе се врати посилна после поразот.

„Момците дадоа се од себе за да победат на овој натпревар. Имавме неколку добри шанси но противничкиот голман имаше одлични одбрани. Верувам дека ќе се вратиме посилни наредната сезона, бидејќи имаме одлична група на фудбалери. Се надевам дека ќе играме во финалето во Истанбул, и ако сте во можност букирајте си хотел“, истакна Клоп.


Ливерпул спремен да ја плати откупната клаузула за Гави од Барселона

Ливерпул будно ја следи ситуацијата со бисерот на Барселона, Гави, и од клубот се спремни да ја активираат откупната клаузула за негов трансфер.

17- годишниот Гави е дете на Барселона и сака да остане во клубот, но работите околу новиот договор се искомплицираа после преговорите на претседателот Лапорта и менаџерот на играчот Иван Де Ла Пења. Договорот на младиот фудбалер истекува во 2023 година, а откупната клаузула изнесува 50 милиони евра.

Наводно, Ливерпул е силно заинтересиран за ангажман на Гави и постои реална можност да достават понуда за негово доведување.


Јуве ќе го раскине договорот со Арон Ремзи

Фудбалерот од средниот ред на Јувентус, Арон Ремзи може да го напушти клубот ова лето.

Раководството на италијанскиот гигант размислува за предвремен раскин на договорот со 31-годишниот Велшанец. Договорот на Ремзи со „Старата дама“ истекува во летото 2023 година.

Платата на играчот од средниот ред е 7 милиони евра годишно.

Во јануари Ремзи беше позајмен на Ренџерс. За шкотскиот клуб одигра 13 натпревари во сите натпреварувања, постигнувајќи 2 гола и 2 асистенции. Ремзи влезе во финалето на Лига Европа како резерва со Ајнтрахт, а Велшанецот промаши одлучувачки пенал во пенал рулетот.


Меморијален турнир Пеце Матичевски

После две години повторно ќе се одржи меморијалниот турнир “Пеце Матичевски” кој поради пандемијата беше на пауза .
Оваа година ќе биде шестта по ред , на турнирот ќе има околу 30 екипи.


Ждрепката ќе се одржи на 3 јуни а официјално турнирот ќе започне на 6 јуни.


Агуеро: Втората сезона на Меси во ПСЖ ќе биде многу подобра

Серхио Агуеро е уверен дека Лионел Меси ќе има голем успех во Пари Сен Жермен. Освојувачот на седум „Златни топки“ постигна 11 гола во својата прва сезона во Париз и не играше на своето вообичаено многу високо ниво. Според неговиот поранешен соиграч во репрезентацијата на Аргентина, Меси ќе блесне посилно во втората година во клубот.

„Тоа беше неговата прва година, тој мора да се прилагоди на поинаков шампионат. Сепак, тој се претстави многу добро. Оставајќи ја Лигата на шампионите на страна, тие без проблем ја освоија шампионската титула. ПСЖ е полн со врвни играчи, а Лео е победник. Сигурен сум дека неговата втора сезона ќе биде уште подобра“, сподели Агуеро.