фудбал

Гвардиола: Ако се заситиме, нема да го исполнам договорот и ќе си заминам

Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, откри кога ќе го напушти клубот.

Шпанецот неодамна потпиша нов договор до 2025 година, а до тогаш ќе исполни точно девет години на „Етихад“.

„Во моментот кога ќе почувствувам дека нешто е скршено, ќе си заминам или нема да потпишам повторно. Постојано велам дека нема да останам како Алекс Фергусон или Арсен Венгер. Договорот е само на хартија. Повторно потпишав бидејќи јас чувствувам дека се уште можеме да играме добар фудбал. Но, на крајот резултатите се важни. Ако се заситиме едни од други, нема да го исполнам мојот договор”, изјави Гвардиола.


Анчелоти го пофали настапот на Камавинга против Ваљадолид

Реал Мадрид вчера славеше на гостувањето кај Ваљадолид со двата гола на Карим Бензема, но медиумите се едногласни дека играч на мечот беше младиот, Едуардо Камавинга.

Тој со влегувањето во 69-та минута го подигна темпото на „кралевите“ и кумуваше на пресвртот. За тоа доби пофалби и од Карло Анчелоти.

„Камавинга прави поголема разлика кога ќе влезе од клупата. Тој е многу млад и треба да учи за поставеноста на теренот“, изјави Анчелоти.


Сити спремен да понуди 120 милиони за Рафаел Леао

Манчестер Сити нема да жали пари на „Етихад“ да ја донесе ѕвездата на Милан и португалски репрезентативец, Рафаел Леао.

Најголема желба на Гвардиола е најдобриот играч од Серија А и ѕвезда на Милан, Рафаел Леао, па „граѓаните“ веќе спремиле понуда. Англиските медиуми пренесуваат дека Сити испратил понуда од 120 милиони евра за неговиот потпис, а на Португалецот му нуди плата од 12 милиони евра по сезона.

Доколку Леао не стави потпис на нов договор, тогаш Милан е спремен да ја прифати понудата. „Росонерите“ му нудат нов договор и плата од 7 милиони евра по сезона.


Арсенал ќе испрати повисока понуда за Украинецот Мудрик

Англиските медиуми пренесуваат дека лидерот во Премиер лигата, Арсенал, е подготвен да испрати нова, повисока понуда за звездата на Шахтјор, Михаило Мудрик.

Првата понуда која популарните топџии ја испратија за младиот украински фудбалер изнесуваше 45 милиони фунти, но истата беше веднаш одбиена од челниците на Шахтјор.

21-годишниот Мудрик има голема желба да заигра во Арсенал, но украинскиот клуб за негова продажба бара 80 милиони фунти.


Фјури: Јас сум лажго и измамник, спиев со преку 500 жени

Тајсон Фјури за многумина е најдобриот боксер на денешницата, а во минатото имал бурен живот со кој не се гордее премногу. Фјури во овој момент е во брак со Париз од 2008 година и има шест деца, меѓутоа во интервјуто откри дека во животот спиел со над 500 жени, но за него тоа е нешто за кое се кае.

„Јас сум лажго и измамник. Во животот направив многу глупави работи. Сакам да ја избришам таа епизода од мојот живот. Спиев со 500 жени можеби и повеќе…Не знам одамна престанав да бројам. Не сум религиозен, но престанав да бројам, не ги правам тие лоши работи повеќе“, изјави Фјури.

Пред неколку недели Британецот го нокаутираше Чисора и така ја одбрани титулата светски шампион во тешка категорија.


Меси е најдобар светски спортист по избор на новинарите

Меѓународното здружение на спортски новинари, го избра Лионел Меси за најдобар светски спортист за 2022 година.

Во гласањето од новинарите, во машка конкуренција Меси освои најмногу бодови и се најде пред рекордерот во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис и францускиот фудбалер Килијан Мбапе.

Во женска конкуренција за најдобра спортистка е избрана шпанската фудбалска звезда Алексија Путељас, пред американската пливачка Кети Ледецки и светската рекордерка во троскок Јулимар Рохас од Венецуела.

Во гласањето учествувале 420 спортски новинари од 113 земји.


Челзи го нуди Зијеч за да го добие Думфрис

Челзи е силно заинтересиран за холандскиот репрезентативец и играч на Интер, Дензел Думфрис.

26-годишниот десен бек минатото лето пристигна во Интер за 12 милиони евра и одигра одлична сезона. Оваа сезона се етаблираше во еден од најдобрите десни бекови, а одигра одлично и на Мундијалот.

Интер има финансиски проблеми, па доколку пристигне понуда повисока од 50 милиони евра е спремен да го продаде.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Челзи е спремен покрај пари да го понуди и Хаким Зијеч, кој е на излезна врата од „Стенфорд Бриџ“.


Клоп: Борбата за место во ЛШ во Премиер лигата ќе биде пеколна

Јирген Клоп е свесен дека иако Премиер лигата се уште не е стигната ни до половина, неговиот тим нема шанси за титулата оваа година.

„Црвените“ имаа лош старт на сезоната и играа „топло-ладно“ па во моментов се далеку од врвот на табелата и годинава им преостанува борба за пласман во Лигата на шампионите.

Тоа го знае и самиот Клоп кој истакна дека Арсенал и Сити ќе се борат за титулата во Премиер лигата, а дека дури пет клубови ќе се борат за останатите две места кои ќе водат во Лигата на шампионите.

„Оваа сезона ќе имаме топ 7 тимови затоа што знаеме дека Њукасл е голем конкурент од оваа сезона. Само четири ќе успеат да стигнат до целта, а се чини дека во овој момент само две места се останати. Арсенал има неверојатна сезона, Сити е Сити, а Манчестер Јунајтед е јасно дека се враќа. Тотенхем секогаш се бори до крај, а Челзи е се уште тука.

Ќе биде тешко, треба да играме специјално во вториот дел од сезоната за да имаме шанса да се пласираме во Лигата на шампионите, што е и наша цел“, изјави Јирген Клоп.


Пливачот Поповичи е балкански спортист на годината

Романскиот пливач Давид Поповичи го понесе признанието за најдобар спортист на Балканот во 2022 година, во изборот кој традиционално го организира бугарската новинска агенција БТА.

Младиот, 18-годишен Поповичи оваа година освои златни медали на 100 и 200 метри слободно на Светското првенство во Будимпешта, а во истите дисциплини ги освои и европските титули во Рим. Воедно го подобри и светскиот рекорд во дисциплината 100 слободен стил.

Во 40-ти по ред избор на најдобар балкански спортист во организација на БТА, во кој учествуваа десет регионални новински агенции, Поповичи освои 64 бодови, три повеќе од српскиот тенисер Новаќ Ѓоковиќ на второто и капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ на третото место (48).

Избор на најдобар спортист на Балканот, 2022:

Давид Поповичи (Романија, пливање) 64 бодови

Новак Ѓоковиќ (Србија, тенис) 61

Лука Модриќ (Хрватска, фудбал) 48

Милтиадис Тентоглу (Грција, атлетика) 46

Тијана Бошковиќ (Србија, одбојка) 31

Никола Јокиќ (Србија, кошарка) 27

Јанис Антетокумпо (Грција, кошарка) 23

Александар Везенков (Бугарија, кошарка) 21

Лана Пудар (БиХ, пливање) 20

Таха Акгул (Турција, борење) 20.


Тотенхем испрати понуда за Франк Кеси од Барселона

Фудбалскиот клуб Тотенхем испрати понуда од 15 милиони евра за играчот на Барселона, Франк Кеси.

26-годишниот Кеси во екипата од Камп Ноу пристигна минатото лето како слободен играч од Милан, но тој досега не ги исполни очекувањата на тренерот Чави кој оваа сезона многу ретко му дава шанса за настап.

Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте, досега на неколку пати има истакнато дека на екипата му се потребни нови играчи кои би пристигнале во екипата за поволна цена. Според некои најави Тотенхем може да се обиде да го ангажира Кеси како позајмен фудбалер до крајот на сезоната со право на откуп од следното лето.