фудбал

Прага ќе биде домаќин на второто финале на Конференциската лига

Финалето на Конференциската лига на УЕФА во 2023 година ќе се одржи на 7 јуни на „Еден Арена“ во Прага, соопшти УЕФА.

Одлуката беше одобрена од Извршниот комитет на УЕФА по состанокот во Виена. Овогодинешното финале меѓу Рома и Феенорд во истото натпреварување ќе се одигра на 25 мај на „Арена Комбетаре“ во Тирана, Албанија.

Конференциската лига, третиот по големина европски клупски фудбалски турнир по Лигата на шампионите и Лигата на Европа, ја забележа својата прва сезона токму оваа година.


Наполи ја одби првата понуда на Њукасл за Осимен

Њукасл се обиде да го ангажира напаѓачот на Наполи, Виктор Осимен, но првата понуда на англискиот клуб беше одбиена од Италијанците.

Според изворот, „наполитанците“ не биле задоволни од сумата што англискиот клуб ја понудил за 23-годишниот нигериски напаѓач. Наполи е подготвен да ги разгледа сите понуди за Осимен за најмалку 100 милиони евра.

Актуелниот договор на нигерискиот напаѓач со наполитанците е до летото 2025 година.


Бензема останува во Реал Мадрид до 2024 година

Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, ќе ја продолжи верноста со Реал Мадрид, потпишувајќи нов договор со важност до 2024 година.

Според информациите од Шпанија, сите детали околу новиот договор се усогласени, и се очекува негово официјализирање после финалето од Лигата на шампионите. Кралскиот клуб во финалето на 28 мај во Париз за противник ќе го има англискиот премиерлигаш Ливерпул.

Францускиот голгетер без дилема е главниот играч на Реал, и е најзаслужен за успесите на клубот  оваа сезона.


Велковски на крајот од сезонава заминува од Риека

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Дарко Велковски, по завршувањето на сезонава дефинитивно ќе ја напушти екипата на Риека.

Велковски е член на хрватскиот клуб од 2018 година, а неговиот договор завршува овој јуни. Неговото заминување не е изненадување за спортската јавност, а оваа вест ја потврди и весникот „Спортске Новости“. 

Во текстот се најавува голема реконструкција на тимот на Риека, и се истакнува фактот дека македонскиот дефанзивец не се вклопува во идните планови на челниците на клубот.


Васоски поднесе оставка по ремито со Железничар

Александар Васоски поднесе оставка на функцијата тренер на ФК Сараево по вчерашниот дерби дуел со Железничар кој заврши нерешено 1-1. Нашиот стручњак решил да ја напушти клупата на Сараево и тоа и го соопштил и на управата на клубот.

Васоски на прес-конференцијата по мечот истакнал дека чувствува одговорност за лошите резултати на тимот и решил да си замине.

„Чувствувам одговорност и решив да поднесам оставка. Им благодарам на клубот и на навивачите за се“, изјави македонскиот стратег.

Васоски минатата зима пристигна на клупата на Сараево. Тој го предводеше тимот на 15 натпревари и има учинок од четири победи, три нерешени и четири порази.


Погба доби понуда од Јуве, можен е кам-бек во Торино

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, ќе добие понуда да се пресели или подобро речено да се врати во редовите на Јувентус.

29-годишниот Французин кој има договор до јуни, ќе мора да прифати намалување на платата за околу 50% доколку се определи да замине во Торино. Играчот од средниот ред во англискиот клуб добива околу 15 милиони евра годишно а Јуве ќе му дава максимално 7-8 милиони со бонуси.

Погба во сезонава постигна еден гол и направи девет асистенции на 27 натпревари одиграни во сите конкуренции.


ЕУРО 2024 ќе започне во Минхен, а ќе финишира во Берлин

Извршниот комитет на УЕФА, потврди дека финалето на Европското првенство во фудбал во 2024 година, ќе се одржи на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, а првиот официјален натпревар ќе се одигра на „Алијанц арена“ во Минхен.

Сите дуели на ЕП во Германија ќе се играат во три таканаречени зони или кластери на градови. Северната зона се градовите Берлин, Хамбург, и Лајпциг, јужен кластер се Франкфурт, Минхен и Штутгарт, додека западен се Дортмунд, Дизелдорф, Келн, Франкфурт и Гелзенкирхен.

На турнирот ќе учествуваат 32 репрезентации а ќе се одржува од 14 јуни до 14 јули 2024 година.


Чави се ослободува од 10 фудбалери на Барселона

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, го информирал раководството на клубот, дека започна со планирањето на составот за наредната сезона.

Се очекува Чави да прави голема реконструкција на екипата, па така се споменуваат имињата на дури 10 фудбалери кои ќе треба да го напуштат „Камп Ноу“.

На играчите за кои повеќе нема место во Барселона, Чави во наредните денови ќе им го каже својот став и тие ќе можат да бараат нови клубови. Во списокот на фудбалери кои ќе мора да заминат од Барса се Нето, Ленгле, Умтити, Депај, Мингуез,Пјаниќ и Братвајт.

Лук де Јонг и Адама Траоре ќе бидат вратени во клубовите од каде пристигнаа како позајмени играчи, додека Пуиг ќе замине на позајмица во друг клуб.


УЕФА изгласа промени на форматот на ЛШ

УЕФА донесе одлука за промена на форматот во елитниот ранг на европското фудбалско натпреварување.

Двете најголеми промени се зголемувањето на бројот на клубови од 32 на 36 и самиот систем на натпреварување. Од четирите нови места, едно место ќе и припадне на петтата лига на листата на УЕФА.

Второто место е резервирано за „шампионскиот пат“ на квалификациите. Досега четворица шампиони стигнуваа во групите преку тие квалификации, сега ќе бидат пет.

Последните две места ќе им припаднат на лигите кои минатата сезона освоија најмногу бодови на ранг-листата на УЕФА.


Александар Васоски поднесе оставка во Сараево

Македонскиот фудбалски тренер, Александар Васоски си поднесе оставка од клупата на Сараево, после ремито од 1:1 во градскиот дерби натпревар со Железничар.

Својата оставка, Васоски ја соопшти на прес-конференцијата после дуелот.

„Чувствувам одговорност и одлучив да поднесам оставка. За овој потег размислував уште после дуелот со Борец, но мислев дека ќе победиме против Радник и Железничар. На последните четири натпревари запишавме три порази и едно реми, и поради тоа ја преземам мојата одговорност. Им благодарам на сите, новинарите, навивачите и на сите лица во клубот му посакувам се најдобро во иднина“, изјави Васоски.