фудбал

Касиљас: Пеналот за Аргентина е неправедно досуден

Поранешниот голман на Реал Мадрид и шпански репрезентативец, Икер Касиљас, изјави дека пеналот за Аргентина во полуфиналниот дуел од Мундијалот против Хрватска е неправедно досуден.

Касиљас во изјава за шпанскиот јавен сервис рече дека Хулијан Алварез направил прекршок над голманот Ливаковиќ, а не обратно.

Пеналот кој во 34.минута од средбата беше досуден од судијата Даниеле Орсато, успешно го реализира Лионел Меси, за на крај репрезентацијата на Аргентина да се пласира во финалето од Светското првенство совладувајќи ја Хрватска со 3:0.


Влаховиќ размислува да го напушти Јуве

Напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ би можел да го напушти тимот на крајот на сезоната, според одредени информации кои ги објавија медиумите во Италија. Двете страни се согласни за таков потег. Главните причини се две: финансиските проблеми на клубот и честите повреди на српскиот интернационалец, кои го спречуваат да го открие целиот свој потенцијал.

Влаховиќ е посакуван од лондонските екипи Челзи и Арсенал. „Топчиите“ се надеваа дека ќе го купат во јануари оваа година, но тогаш самиот фудбалер инсистираше да потпише со Јувентус и покрај непријателството меѓу „бјанконерите“ и неговиот поранешен клуб Фиорентина.

Јувентус во Србинот вложи 81,6 милиони евра и мора да плати уште 10 милиони на „виолетовите“ во вид на бонуси. Влаховиќ многу силно го започна престојот во гигантот од Торино, но потоа почна да пропушта многу натпревари поради повреди. Во тековната сезона има 15 настапи и 7 голови во сите натпреварувања. Јувентус сигурно нема да го пушти Влаховиќ во зимскиот преоден рок и ќе ги разгледа можните понуди за него по завршувањето на сезоната.


Муса Диаби на радарот на Челзи

Челзи сака да го засили тимот во зимскиот преоден рок, а приоритет ќе биде засилување на нападот. Англиските медиуми пренесуваат дека прва желба е ѕвездата на Баер Леверкузен, Муса Диаби за кого Челзи спрема понуда од 50 милиони фунти.

23-годишниот крилен напаѓач игра фантастично и го привлече вниманието на многу европски гиганти, но Њукасл сака да ја победи конкуренцијата.

Французинот во досегашниот дел од сезоната има 8 гола и 4 асистенции, но Леверкузен за неговата слобода баа 75 милиони евра.


Украинецот Мудрук на радарот на Милан

Европските гиганти се силно заинтересирани за талентот на Шахтјор и новата украинска ѕвезда, Микхајло Мудрик. 21-годишниот крилен фудбалер игра одлично оваа сезона, а особено го привлече вниманието со одличните настапи во Лигата на шампиони.

Арсенал важи како фаворит за неговиот потпис, но сега во трката се приклучи и италијанскиот шампион Милан.

Малдини стапил во контакт со неговиот агент и Мудрик е отворен за преселба на „Сан Сиро“, но проблем може да биде обештетувањето.

Украинецот има договор со Шахтјор до 2026 година, а клубот за неговата слобода бара најмалку 60 милиони евра.


Почетино и Тухел фаворити за нов англиски селектор

Фудбалската репрезентација на Англија би можела да остане без селектор затоа што Герет Саутгејт размсилува за оставка, објавија медиумите на Островот. Саутгејт има договор со Фудбалската асоцијација на Англија до 2024 година, што значи до крајот на следното Европско првенство кое ќе се одржи во Германија.

Саутгејт побара време за да донесе конечна одлука, но во меѓувреме се издвојуваат двајца фаворити за негов наследник.

Прв фаворит е Маурисио Покетино, кој веќе имал контакт со Федерацијата и дал согласност за преземање на Гордиот Албион.

Исто така се споменува и Томас Тухел, кој е без ангажман после заминувањето од Челзи, а сака да остане во Англија.


Ричарлисон сериозно е повреден, го чека нова долга пауза

Напаѓачот на Бразил, Ричарлисон поради повреда на лигаментите на коленото ќе паузира еден месец. Ричарлисон повреден се вратил во Лондон од Светското првенство, па му претстои период на рехабилитација.

Ричарлисон се повреди во четвртфиналето на Светското првенство, против Хрватска. Повредата ја почувствувал на загревањето, но на теренот остана 84 минути.

Во престојниот период менаџерот Конте нема да може да смета на напаѓачот, па ќе се потпира на Хари Кејн.


Добра вест за Алегри и бјанконерите: Погба подготвен за кам-бек

Пол Погба се опоравува според планот и клубот е веќе од задоволен од тоа како се одвива се околу неговото враќање на терените. Французинот веднаш по пристигнувањето во Јувентус заработи повреда на коленото, поради што не одигра ниту една секунда во враќањето во „старата дама“, а првиот настап го очекува на почетокот на 2023.

Претходните недели Погба работеше напорно на враќањето, а потоа доби одмор кој го искористи во Мајами. Се уште не почнал да работи на теренот на Тренинг центарот „Континас“, работи во теретана и вежба рехабилитациони вежби во базен, како и физикална терапија.

Во Јувентус биле задоволни од неговиот напредок и се вели дека очекува да го има во тимот во првата половина на јануари и тој би можел да биде во игра за тимот кој ќе се соочи со Наполи на 13-ти првиот месец од годината.


Луис Енрике изненаден што нема шовеќе да биде селектор

Луис Енрике кој по елиминацијата од Мароко на Мундијалот во Катар доби отказ од шпанската фудбалска федерација, вели дека прв пат се соочува со таква ситуација.

„Првпат се случува некој да не ми го продолжи договорот. Искрено, мислев дека јас ќе бидам тој што ќе ја донесе одлуката. На крајот, не морав да носам одлука а тие не мора да ме обесштетат бидејќи секако ми заврши договорот“, изјави Енрике.


Меси и Мбапе засега се најдобри стрелци на Мундијалот

Најдобриот фудбалер на Аргентина, Лионел Меси, му се придружи на Французинот Килијан Мбапе, на врвот од листата на најдобри стрелци на досегашниот тек на Мундијалот во Катар. Меси беше стрелец на гол од пенал за Аргентина во полуфиналниот дуел со Хрватска кој заврши со резултат 3:0.

Меси и Мбапе засега имаат по пет постигнати голови, и се најдобри стрелци на ова Светско првенство. Веднаш зад нив со по четири постигнати гола се наоѓаат Хулијан Алварез од Аргентина, и Французинот Оливие Жиру.

Мбапе и Жиру имаат прилика да дадат уште голови на полуфиналниот натпревар кој го играат против Мароко. Победникот од тој натпревар во финалето на СП ќе игра против Аргентина.


Меси: Оваа екипа е неверојатна, успеавме да ја одведеме Аргентина на уште едно финале

Капитенот на фудбалската репрезентација на Аргентина, Лионел Меси, после победата од 3:0 во полуфиналниот дуел против Хрватска, изјави дека неговата екипа е неверојатна.

„Оваа екипа е неверојатна, успеавме и одиме во финале. Аргентина уште еднаш е во финале на Светско првенство. Сега не очекува последниот натпревар, и тоа е она што сите го посакувавме. Ги замоливме луѓето да ни веруваат бидејќи знаеме колку вредиме“, порачува Меси.

Капитенот на Аргентина изјави дека тимот лошо го почна Мундијалот, но сега ќе игра во финалето. Ова е момент кој сака да го подели со целиот аргентински народ.