фудбал

Ал Наср со понуда од 36 милиони евра за Бускетс

Фудбалерот на Барселона и поранешен шпански репрезентативец, Серхио Бускетс, доби понуда од Ал Наср за продолжување на својата кариера во Саудиска Арабија.

„Мундо Депортиво“ пренесува дека челниците на Ал Наср му понудиле на Бускетс двегодишен договор со кој ќе заработува 18 милиони евра по сезона.

34-годишниот Бускетс својата фудбалска кариера ја започна во Барселона, и за првиот тим на каталонците има одиграно 707 натпревари со постигнати 18 гола.

Прва звезда во екипата на Ал Наср е Португалецот Кристијано Роналдо.


Раул одбил да го преземе Лидс Јунајтед

Раул Гонзалез одби да биде тренер на Лидс Јунајтед.

Англискиот клуб се раздели со Американецот Џеси Марш поради катастрофалните резултати, па поради тоа се во потрага по негов наследник. Спортскиот директор Виктор Орто го посакуваше Раул кој работи одлично во Мадрид и има забележителни резултати.

„Б“ тимот на Реал Мадрид се бори за промоција во Сегунда што за овој клуб ќе биде од големо значење затоа што младите фудбалери би се развивале во посилна лига пред да добијат шанса во најсилната екипа.

Раул не сакаше на половина од сезоната да го напушти тој проект и така да влезе во потенцијално лоши односи со клубот каде што е вистинска легенда и сака еден ден да стане главен тренер.

Ова не е првпат Раул да има понуди од странски клубови. Претходно го посакуваа Шалке и Ајнтрахт, но исто така ги одбиваше поради Реал. Медиумите блиски до клубот истакнуваат дека Раул многу напредувал како тренер и неколку одлични млади фудбалери на Реал останале само поради него.


Карло Анчелоти доби ултиматум од Реал Мадрид

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, наводно се соочува со отказ од клубот кој би следувал наредната недела.

Според информациите од шпанските медиуми, италијанскиот стручњак добил ултиматум од управата на „Кралскиот клуб“, и ќе мора да го освои Светското клупско првенство, доколку сака да ја зачува својата позиција.

Реал Мадрид во полуфиналето од ова натпреваување ќе се сретне со египетскиот клуб Ал Ахли, и ако забележи победа ќе игра со подобриот од второто полуфинале помеѓу Фламенго и Ал Хилал.

Анчелоти прави напори за да го извлече Реал од резултатска криза, но во исто време има примедби до управата на клубот кој не го поддржа неговото барање за доведување на нови засилувања во јануарскиот преоден рок.


Обамејанг пред трансфер во МЛС лигата

Пјер-Емерик Обамејанг може да се пресели во ЛА Галакси, објавија медиумите на Островот.

Интернационалецот од Габон неодамна беше исклучен од составот на Челзи за Лигата на шампионите, па дефинитивно нема да учествува во осминафиналето на турнирот против неговата поранешна екипа, Борусија Дортмунд, од кој првиот меч ќе се одигра на 15 февруари.

Обамејанг во јануарскиот преоден рок беше интересиран за Барселона од која се пресели во лондонскиот клуб. Каталонците го ослободија Мемфис Депај во Атлетико и требаше да ја засилат напаѓачката линија, но договорот на крајот не се оствари.

Обамејанг оваа сезона настапи на 17 натпревари во сите натпреварувања, постигна три гола и имаше две асистенции. Тој се пресели во Челзи во септември 2022 година, заминувајќи од Барселона, каде што играше од јануари истата година.


Матеус: Нојер не е веќе соодветен за капитен на Баерн

Мануел Нојер во изминатиов период доста е актуелен во Баерн Минхен, а причината за тоа се неговите потези кои дефинитивно го разлутија раководството на клубот и навивачите на оваа екипа.

Искусниот голман мораше предвеме да ја заврши оваа сезона откако заработи потешка повреда за време на одморот при скијање за да пред неколку денови бурно реагира откако клубот реши да се раздели со долгогодишниот тренер на голманите, Тони Тапаловиќ.

Сето ова донесе лавина критики за Нојер од сите страни, па легендарниот Лотар Матеус отиде дотаму и порача дека тој повеќе не смее да биде капитен на баварците.

„Нојер веќе не е прифатлив како капетан на Баерн! Тој се скијаше невнимателно и сега дава неовластено интервју во кое жестоко го напаѓа клубот. Зарем не рече пред неколку недели дека никој не е над клубот? И сега ова“, порача Матеус.


Дани Алвес ќе остане во каталонскиот затвор додека трае судискиот процес

Шпанското обвинителство се спротивставува на жалбата на одбраната на Дани Алвеш да го ослободи со кауција, додека истрагата против фудбалерот продолжува по наводите за сексуален напад.

Адвокатите на Алвеш ја поднесоа жалбата минатата недела, велејќи дека Бразилецот се согласил да го предаде пасошот и да носи уред за следење доколку биде ослободен.

Обвинителите во понеделникот изјавија дека Алвеш е во опасност да побегне доколку биде ослободен, па затоа ќе остане зад решетки.


Алекс Фрај заработи отказ, Базел ќе добие нов тренер

По деветнаесет одиграни натпревари, Базел се наоѓа на разочарувачкото седмо место во швајцарската лига, а тоа беше и причината отказ да добие тренерот Алекс Фреј.

Швајцарскиот клуб утрово потврди дека 43-годишниот стратег добива отказ. Отказот доаѓа по четири натпревари без победа во домашното првенство.

Во моментов Базел е на само три бода над зоната за испаѓање, поради што клубот реагираше со смена на тренерот. Фреј го презеде тренерското столче во Базел на стартот на сезоната. Хајко Фогел привремено ќе седне на кормилото на тимот, а од Базел најавија дека бараат постојано тренерско решение.


Италијанските гиганти го носат Марсијал во Серија А налето

Јувентус и Милан покажуваат сериозен интерес за напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Антони Марсијал.

Французинот ова лето се врати на „Олд Трафорд“ после позајмицата во Севиља, но не добива голема минутажа. Тен Хаг одлучи да го задржи, но Марсијал не е задоволен од својот статус и сака да ја промени средината. 

„Црвените ѓаволи“ се спремни да го продадат на лето, а најсилен интерес за Французинот покажуваат италијанските гиганти.


Ралф Хазенхитл е фаворит за тренерската позиција во Хофенхајм

„Скај Германија“ известува дека Ралф Хазенхитл е фаворит за тренерската позиција во бундеслигашот Хофенхајм, откако клубот го отпушти досегашниот тренер Андре Брајтенрајтер.

Од Хофенхајм се на мислење дека Хазенхитл е идеален кандидат за водење на тимот, и дека двете страни веќе ги започнале официјалните разговори.

Австрискиот стручњак има претходно искуство од Бундеслигата, каде помина две сезони водејќи ја екипата на РБ Лајпциг, а беше тренер и на Инголштад. Тој е без тренерски ангажман од Ноември минатата година кога доби отказ во Саутемптон.


Џошуа Кимих ќе ја добие капитенската лента во Баерн од Мануел Нојер

Голманот на Баерн, Мануел Нојер може да ја загуби капитенската лента. Според „Билд“, главниот тренер на тимот од Минхен, Јулијан Нагелсман може да го назначи играчот од средниот ред Џошуа Кимих за нов предводник на тимот.

Се очекува Кимих да стане нов капитен во блиска иднина. Сепак, оваа промена во структурата на тимот може да остане на сила по враќањето на Нојер во тимот. Да потсетиме дека во моментов голманот продолжува да се опоравува од тешката повреда на ногата добиена на скијање во ски-центар.

Точниот датум за враќање не е објавен, но се очекува играчот да може да започне со тренинзи на почетокот на следната сезона.