фудбал

Грците открија скандал: Паје играл допингуван против ПАО

Грчките медиуми пренесуваат дека поранешниот репрезентативец на Франција, Димитри Паје играл допингуван во четвртфиналето од Конференциската лига, а УЕФА сето тоа го криела.

Медиумите во Грција пишуваат дека Паје паднал на допинг тест на 24 часа пред натпреварот против солунскиот гигант, но иако имал позитивен допинг-тест сето тоа било премолчено во Франција, па и во Нион. Така фудбалерот без проблеми играл во првиот натпревар на 7. април и во реваншот седум дена подоцна во Солун.

„Не ни е јасно зошто УЕФА молчи за скандалот. Ова е голем преседан, а како УЕФА постапува со малите екипи големи се шансите воопшто да не бидат казнети“, се жалат во Грција.


Кајл Вокер неизвесен за дуелот со Реал Мадрид

Еден од главните дефанзивни играчи на Манчестер Сити , Кајл Вокер е под знак прашање за настап на првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Реал Мадрид следната недела. Вокер се повреди на реваншот со Атлетико Мадрид, и викендов не играше против Ливерпул.

Тренерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола призна дека Вокер ќе го пропушти натпреварот со Брајтон во Премиер лигата, и засега не знае кога ќе може повторно да настапи.

 Пред враќање во игра е Рубен Диас кој поради повреда ги пропушти последните 9 натпревари на Манчестер Сити.


Барса ги нуди Пјаниќ и Депај за Лаутаро Мартинез

Лаутаро Мартинез беше еден од најдобрите играчи на Интер во петокот при победата на неговата екипа од 1-3 на гости против Специја, но неговата иднина во Интер е неизвесна.

Барселона може да ја искористи оваа ситуација со купување на играчот во следниот преоден рок, пишува „Кориере Дело Спорт“.

Според оваа информација во договорот за Мартинез би можеле да бидат вклучени Миралем Пјаниќ, кој моментално е позајмен во Бешикташ и Мемфис Депај, кој не е во плановите на тренерот на Барселона, Чави.


Меси пропушта првенствен натпревар поради повреда

Ѕвездата на Париз Сен Жермен, Лионел Меси ќе го пропушти натпреварот од францускиот шампионат против Анжер, соопштуваат од клубот.

Во соопштението на ПСЖ  се вели дека на 34-годишниот Аргентинец му е дијагностицирано воспаление на левата нога, и дека следната изјава за состојбата на играчот ќе биде дадена за два дена.

Натпреварот со Анжер кој се игра утре ќе го пропуштат и Верати, Кимпембе, Паредес, Дракслер, Ерера, Курзава и Диало.


Фановите на Челзи не го сакаат повеќе Ромелу Лукаку

Навивачите на Челзи на социјалните мрежи го критикуваа напаѓачот Ромелу Лукаку, откако тој промаши чиста шанса во победата од 2-0 над Кристал Палас во полуфиналето на ФА Купот.

Лукаку не беше во стартниот состав и на теренот влезе во 77. минута од средбата. Во еден од следните напади на „сините“, Тимо Вернер му ја додаде топката на Ромелу Лукаку, кој го промаши противничкиот гол од два метри.

Навивачите на Челзи го критикуваа Лукаку поради слабата реализација, а еден навивач на социјалните мрежи го повика клубот да го продаде белгискиот напаѓач.


Барса во јуни ќе одлучува за иднината на Дани Алвес

Четири месеци по доаѓањето на Бразилецот Даниел Алвеш во Барселона, тимот е на второто место во поредокот во шпанската Ла Лига и значително го подобри својот настап.

Каталонскиот стручен штаб на чело со тренерот Чави Хернандез има намера да го задржи 38-годишниот Алвеш во своите редови, пишува шпанскиот весник „Диарио спорт“.

Чави ги цени квалитетите на Бразилецот и неговото искуство го смета за многу важно во работата со помладите играчи на Барселона.

Сепак, конечната одлука за иднината на Дани Алвеш во шпанскиот гигант ќе ја донесат членовите на управата на клубот, меѓу кои и Матео Алемани и Жорди Кројф. Се очекува тоа да се случи по завршувањето на сезоната во Ла Лига.


Анчелоти сака да го види Рис Џејмс во Реал Мадрид

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти е импресиониран од играчот на Челзи, Рис Џејмс и сака да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.

Скаутите на Реал ја анализирале играта на Џејмс при нивниот дуел од Лигата на шампионите и се на мислење дека тој ќе биде одлично засилување за тимот.

Анчелоти сака да види промени во составот, и да ја засили бековската линија, иако тимот има одлична сезона и оди кон титулата во Шпанија и ЛШ. Од Реал знаат дека евентуалниот трансфер би бил скап и тежок за реализација, но во предвид го земаат големиот потенцијал за развој на играчот. Оваа сезона Рис настапи на 31 натпревар за Челзи и има 6 гола и 7 асистенции.


Јувентус ќе биде новиот клуб на Сергеј Милинковиќ – Савиќ

Српскиот фудбалер во дресот на Лацио, Сергеј Милинковиќ – Савиќ, ќе го напушти клубот ова лето и најверојатно ќе се пресели во редовите на Јувентус, откриваат италијанските медиуми.

Договорот на фудбалерот со Лацио има важност до 2024 година, но се очекува челниците на клубот и претседателот Лотито, да се согласат со продажба на Србинот како би оствариле прилично висока добивка. Очекувањата се дека Јувентус за реализација на трансферот ќе одвои околу 70 милиони евра.

Сергеј Милинковиќ – Савиќ сезонава има скор од девет гола и десет асистенции.


Јирген Клоп ќе одмора дел од играчите за дуелот со Манчестер Јунајтед

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, најави дека ќе им даде одмор на дел од своите играчи за дербито во Премиер лигата против Манчестер Јунајтед кој се игра вечерва на „Енфилд“.

Натпреварот е од голема важност за двете екипи, во однос на остварувањето на своите цели за сезонава. Ливерпул продолжува да се бори за титулата во Англија, додека Јунајтед сеуште е во трка за место воТоп 4.

Екипата на Ливерпул има шанси и за освојување на ФА Купот и Лигата на шампионите.

„Се обидуваме да одлучиме која е најдобрата формација за дуелот со Манчестер Јунајтед. Мора да размислуваме за интензитетот во изминатите натпревари, и кои од играчите играа најчесто. Ќе мора дел од фудбалерите да добијат одмор и да искомбинираме состав со најподготвените од нив, изјави Клоп.


Халанд ги договорил личните услови со Манчестер Сити

Фудбалерот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд, е многу блиску до трансфер во Манчестер Сити, со кого наводно веќе ги договорил личните услови.

Оваа вест ја објавуваат најпознатите англиски медиуми, меѓу кои Дејли Мејл и Скај Спорт. Популарните „граѓани“, за младиот норвешки напаѓач подготвиле петгодишен договор според кој ќе заработува 31 милиони евра годишно, со што ќе стане најплатен играч во клубот, и ќе ја надмине заработката на Кевин де Брујне кој има плата од околу 24 милиони евра.

Како што е познато, Халанд во договорот со Борусија Дортмунд има откупна клаузула од 75 милиони евра, што секој клуб заинтересиран за доведување на фудбалерот ќе мора да ја плати.

Единствен проблем за Сити во врска со трансферот претставува високата провизија која ја побаруваат менаџерот Мино Раиола и таткото на фудбалерот, Алф-Инге Халанд.